Make your own free website on Tripod.com
Окружно број 416 од 4 април 1923 година

„Слобода или смрт“
В.М.Р.О.
№ 416
Македонија
4 април 1923 г.

Окружно. Тајно
До водачот на округот, околиските војводи и нелегалните групи на организацијата за поддршка на ВМРО
ВО МАКЕДОНИЈА под бугарска власт.

По повод настанатиот немир во населението таму по Нишките српско-бугарски преговори; поради заканите српски воени единици да влезат на бугарска територија, со цел да прогонуваат чети; или разбојници „федералисти“, заедно со „портокаловите гардисти“, предводени од изроди како Паница, П. Ангелов и др. слични да навлезат во границите на Македонија, со цел да уништуваат, заедно со Србите, поддржувачката ВМРО, и при заплашувањето на земјоделската влада да објави воена состојба во Пиринска Македонија и да ги одложи изборите за пратеници таму, - за да се успокои населението и запази престижот и угледот на ВМРО, се потсетувате да ги преземете веднаш следните најсериозни мерки:

1. Ако во Македонија под бугарска власт се појават омразените српски капи – синоним на ропство и крџалиски зулуми – да се уништуваат од нелегалните групи на организацијата, штом преминат повнатре од бугарската граница.

2. Ако тргнат за таму познатите разбојници „федералисти“, безмилосно да се уништуваат, без да им се дозволи да ја сквернават боречка Македонија со своето присуство.

3. Ако бидат пратени од безумната бугарска влада „портокалови гардисти“, коишто се „одликуваа“ досега со своите грабежи, сквернавења и „храброст“ кон незаштитеното население, за прв пат да се предупредат да се вратат назад, или да се обезоружат и пратат во нивните родни места, а после првото – едно за сите – предупредување, да се удрат и уништат до нога од нелегалните групи, поткрепени од четници на отсуство и др. нелегални таму, внимавајќи да не се спасат на некој начин ни еден од неверните водачи.

4. Ако навистина „демократската“ земјоделска власт се реши да објави воена состојба во Петричкиот округ и ги одложи изборите таму, да се прифати мислењето на населението: дали треба да се плаќаат даноци и да се исполнуваат наредбите на сегашната „бугарска“ влада, која ги лишува од изборното право – тоа, што не осмелија да го сторат дури ни тираните Срби и Грци во деловите на Македонија под српско и грчко ропство.

Бугарската влада е навремено предупредена да не допушта српски единици да минуваат таму, ниту да праќа „портокалови гардисти“. Ако при сето ова се дрзне да не предизвика, бидете беспоштедни во мерките, затоа што останува врз неа целата одговорност за сите лоши последици од тоа.

Тие, кои поради малодушност, небрежност или од други причини не ги исполнат горните наредби, ќе бидат казнети со смрт.

Со многу срдечни поздрави,
Чл. во Ц. К. на ВМРО
(п) Т. Александров

<<Назад | Почеток