Писмо од ЦК во Солун до Врховниот македонски комитет во Софија за настанатиот расцеп на II конгрес на Врховниот комитет [1]

20.01.1896 год.


Вашето писмо, со коешто не информирате за резултатите на II-от мак. Конгрес, го добивме навреме и да се исповедаме, дека Вашиот расцеп таму произведе врз нас најгрозен впечаток. Ние го искажуваме своето горчливо сожалување за настанатиот Ваш расцеп и се плашиме тоа да не влијае погубно, деморализирачки и на целото наше дело воопшто.

Во таква положба на работите – право да си кажеме – ние не гледаме никаква сериозна помош за делото, дотолку повеќе, што Вашето разединување се случува токму во моментот кога се чувствува најголема потреба од хармонија и целост на сите што дејствуваат во негова насока. Ве гледаме разединети токму сега, кога ни остануваат одвај уште неколку седмици, за да бидеме внатре материјално потпомогнати. Дали се растопија снеговите по планините, и нам патиштата ни се веќе зафатени, а со тоа и нашите работници до другата зима ослабени.

Независно од тоа, ние продолжуваме да го подготвуваме народот во духот на нашата зацртана програма и остануваме согласни со сите, кои ја споделуваат нашата девиза.

Нашиот народ негодува за оружје и ние сигурно веруваме во готовноста на ангажираните да се жртвуваат- треба да побрзате со испраќање на помош!

Со братски поздрав.

Претседател: (п) А.Светомиров [Д-р Христо Татарчев]
Секретар: (п) Брајан Митрев [Даме Груев]


1. Во текот на март 1895 год. на Првиот конгрес на македонските друштва во Софија бил создаден Македонскиот комитет на чело со Т. Китанчев. На II конгрес (3-16 декември 1895 год.) комитетот се рсасцепил. Стариот комитет на чело со ген. Данаил Николаев го продолжил своето опстојување под името Врховен македонски комитет, а новиот на чело со А. Бозуков и Н. Туфекчиев продолжил со старото име Македонски комитет. Писмото било испратено за информација и до Македонскиот комитет.

<<Назад | Почеток