Писмо [1] на Главниот штаб на Вториот македонско-одрински револуционерен округ до Бугарската влада во врска со положбата на востанатото население и барање на помош од страна на Бугарија - 9 септември в1903 година

До
Почитуваната Влада
на Кнежеството Бугарија

Со оглед на критичката и ужасна положба, во која се најде бугарското население од Битолскиот вилает по извршените опустошувања и ѕверства од турската војска и башибозук, со оглед на тоа, дека тие опустошувања и ѕверства на систематски начин продолжуваат и не може да се предвиди до каде ќе отидат; со оглед и на тоа, дека тука сe бугарско ризикува да изгине и се затре без спомен од насилства, глад и настапувачката мизерија. Главниот штаб смета за свој долг да му обрне внимание на Почитуваната Бугарска Влада на катастрофалните последици за бугарската нација, ако таа не си го исполни својот долг спрема своите еднородни браќа тука на еден впечатлив и активен начин, како што се налага од силата на околностите и опасноста, која што ја загрозува бугарската татковина денес.

Верувајќи, дека Почитуваната Влада е доволно запозната со конечното опустошување на вилаетот, ние сметаме за излишно тука да ги повторуваме фактите со нивните подробности, а ќе се ограничиме само да ја резимираме во неколку точки создадената положба на нашиот народ и грозните последици од него.

1. Како во изгорените или напуштените, така и во останатите бугарски села, со мали исклучоци неизгорениот дел од реколтата остана неприбрана, затоа што секоја жена или маж, кои би се појавиле пред очите на заталканиот аскер и башибозук, бидува убиен – храната се прибира постојано од од турското население под заштита на турската власт. Голем дел од неа, како и од грабнатиот добиток, се употребува за издршка на војската.

2. Сите материјали, орудија и рогат добиток, со кои се обработуваше земјата, изгореа во запалените села, а во останатите беа грабнати од војската и башибозукот.

3. Скоро целиот ситен добиток, со кој стопанисуваше поголемиот дел од планинското население, беше уништен или грабнат по заповед на власта.

4. Сите изгорени села беа ограбени пред нивното опожарување, а истата судбина ги снајде буквално уште сите неизгорени села, оставајќи ги нивните куќи само со голи ѕидови, а избеганите жители, мажи, жени и деца, само со кошулите на грбот.

5. Религиозните обреди се изоставени во изгорените села, и црквите се опожарени, а во неизгорените беа ограбени, оштетени или поругани. Турците на многу места ги употребија за време на нивното претстојување во селата за коњушници или нужници, како на пример во селата Таш-Моруништа, Смилево, Кривени, Круше и др.

6. Ниту едно бугарско училиште не е отворено, ниту ќе се отвори, бидејќи: а) населението е распрснато како резултат на турскиот терор, б) бидејќи сите учители, како и свештениците се со четите, следствено се невозможни пред турската власт, за звањето кое што го имале, в) никој не мисли за науката, кога е ставен вон од законите на државата, затоа што го носи името Бугарин и се бори со гладта.

7. На многу места турската власт му соопштила на неизбеганото население, дека ако сака да биде поштедено, треба да прејде под ресорот на Патријаршијата. Такви случаи има: во Охридско, Битолско, Леринско и Костурско, каде што војската, придружувана од грчкиот владика, го принудувале населението да го предава своето оружје и да ја признае Патријаршијата.

8. После нашите први напаѓачки дејствија ние бевме принудени да држиме пасивно поведение, бидејќи секогаш кога ќе отпочневме борба со мобилизираните турски табори, било од одбрамбени позиции, било од фронтални позиции, согласно со нашата тактика на дејствување, Турците по завршувањето на борбата, се нафрлаат врз околните невооружени мажи, врз жените и децата и убиваат кого што ќе сретнат, обесчестуваат жени и девици, ги палат ннезгорените села и го собираат добитокот, зачуван од нивните претходни наезди. Случај во селата: Арменско (Леринско), каде убија 114 старци, жени и деца, Круше, Леорка, Кривени, Златари, Болно, Подмочани, Ехла и др. (Ресенско), Плаке, Речица, Сирула, Куратица и др. (Охридско), Смилево, Ѓавато (Битолско) итн. итн.

Како резултат на сето гореизложеното му го обраќаме вниманието на Почитуваната Бугарска Влада за тешката и безпомошна положба, во која што се наоѓа сега нашиот народ, и во блиска иднина, загрозувачката, жестока и жална судбина, како во материјален и здравствен, така и во духовен и училишен однос. Како очевидци на оваа состојба, ние се осмелуваме со сигурност да Ви ја претставиме мрачната перспектива на иднината во следното:

1. Како резултат на гладот, мизеријата и зимата што се приближува, една третина од нашиот народ е осуден на гладка смрт.

2. Бидејќи добитокот и земјоделските орудија станаа плен на огнот и Турците, населението дури и да би било оставено на мира, немајќи со што да ја обработува земјата, ќе биде принудено да им ја отстапи на Турците и фанатиците гркомани и целосно ќе биде претворено во чифлигарство.

3. Останатиот дел од населението, западнат во духовен и лишен од најнужните средства за живеење, не ќе има возможност да се спротивстави на желбата на турската власт и на примамливите и заплашувачки агитации на разбеснетите грчки владици и нивните органи и сигурно ќе прејде под ресорот на грчката патријаршија, и ќе биде засекогаш изгубен за бугарската црква и нација.

4. Да не го пропуштиме и следното: Од некое време наваму тука почнаа да им се прават на бугарското население тајни предлози од католичките и протестантски мисионери за минување под ресорот на нивните цркви ако сака да биде заштитено од турските ѕверства. Нема да биде чудно, ако оној дел од населението, кој не би се препуштил на грчките подлажувања, да ја прифати унијата или протестанството.

После сето ова нам ни е чудно, како Почитуваната Влада, која што ги раководи интересите на бугарскиот народ, продолжува да гледа со ладнокрвност на систематското истребување на бугарското население и пропаѓањето на бугарското име и чест пред светот.

Поставени на чело на нашето народно движење тука, ние апелираме кон Вас од името на робот бугарин да му притекнете на помош на најефикасен начин — преку војна. Веруваме, дека одѕивот е истиот кај народот во Слободна Бугарија.

Чезнеејќи по Вашата патриотска интервенција, пријатно ни е да Ви соопштиме, дека ги држиме на располагање нашите вооружени сили, кои до сега сме ги штеделе.

Од Главниот штаб


1. На 9 септември Штабот е собран над с. Слоештица, Демир Хисарско, за да ја разгледа положбата, која веќе станала неиздржлива. Тројцата се запираат на проектот: еден да замине во Бугарија, за да го пораздвижи општеството и да им објасни на меродавните кругови, дека положбата уште не е изгиубена и може уште сe да се спаси, ако Бугарија се замеша. Но бидејќи Груев го предлага за таа мисија Сарафов, а Сарафов – Груев, планот сам по себе си се напушта и се усвојува идејаа да се направи писмено соопштение до Бугарската влада.

Писмото е препратено во Софија на 17 септември 1903 год.

<<Назад | Почеток