Протокол на историскиот конгрес, за големо македонско востание

Централниот македонско-одрински комитет, земајќи предвид особената состојба на земјата, исклучителните услови, во коишто се постави Организацијата по прогласувањето на Џумајско-Петричкото востание од Врховниот македонски комитет, кога процени, дека организацијата ја загрозува опасност од нови обиди за востание и опустошување и деморализирање на нови реони; кога ја зеде предвид пројавената желба од некои реони за едно заедничко советување, и најпосле кога го зеде предвид и расположението и интересот на европската дипломатија кон нашето народно дело, реши да свика конгрес од претставници на окружните и поважни околиски реони, за разгледување на сето тоа. На конгресот присуствуваа: членовете на Централниот комитет Иван Гарванов, Спас Мартинов и Димитар Мирчев; двајца скоро ослободени и заслужни дејци на народното дело — Христо Коцев и Тодор Лазаров, и претставници од дванаесет реони; од цариградскиот Никола Петров, од одринскиот Велко Думев, од серскиот Лазар Димитров, од кукушкиот Влахов, од солунскиот Иван Сапунаров, од гевгелискиот Хрлев, од воденскиот Димитар Занешев, од велешкиот Пејков, од скопскиот Ганчев, од струмичкиот Ингилизов, од битолскиот Лозанчев и од радовишкиот Георги Варналиев. Отсуствуваа поканетите претставници од Штип и Тиквеш, првиот, затоа што власта му попречила при неговото доаѓање, а вториот, затоа што бил уапсен. При сета голема важност и значење на конгресот, Централниот комитет не можеше да повика претставници и од други реони, поради големата будност на полицијата и возможната опасност од нивното откривање.

Конгресот во горенаведениот состав, заседанието го почна на втори јануари 1903 година, во девет и половина часот претпладне, отворен од господинот Иван Гарванов, кој се избра за председател, а за секретар се определи Димитар Мирчев.

Поради тесната поврзаност и зависност на сите претстојни прашања за решавање од конгресот, со прашањето за едно скоро востание, по заедничка желба на членовите, претседателот побара, секој претставник да ја изложи состојбата на секој реон, од каде што ќе се суди понатаму за прашањето за востанието.

Потоа претседателот го постави за дискутирање прашањето: дали напролет треба да има востание? Започнаа сериозни и долги дискусии од страна на сите членови и се отворија и разгледаа сите страни на прашањето. Дискусиите продолжија и другиот ден, на 3 јануари. Откако прашањето беше наполно исцрпено, најпосле се пристапи кон гласање, и сите еднодушно гласаа во позитивна смисла. Тоа се случи на 3 јануари, во единаесет часот и дваесет минути претпладне, свет и судбоносен момент за еден петвековен роб. Да се надеваме дека тој момент, произлезен од мрачното минато, ќе ја осветли иднината со среќа на страдалничкиот народ! Тоа беше заеднички срдечен клик на членовите, кои ја решаваа судбината на народот. Дискутирано е и прашањето, какво треба да биде востанието, делимично или општо-стратегиско, се реши да биди општо-стратегиско. Се направи уште еден преглед на војводите кои во овај момент се активни и колку такви се уште потребни за денот на востанието, за да Централниот комите отпочне постапка за понатамошно распоредување. Се постави на дискутирање и прашањето за начинот на дејствување во големите градови.

Заседанието продолжува до четири и пол часот и продолжи другиот ден, на 4 јануари, од четири часот попладне до пет и половина, кога со срдечни поздрави се прогласи за затворено.

(Потпишале): Иван Гарванов, претседател на конгресот, Спас Мартинов и Димитар Мирчев, членови на Ц. комитет, и членови претставници: Лазар Димитров, Тодор Пејков, Иван Сапунаров, Велко Думев, Никола Петров, Влахов, Хрлев, Д. Занешев, Лозанчев, Димитар Ганчев, Иван Ингилизов, Георги Варналиев, Тодор Лазаров, Христо Поп Коцев.

Солун, четврти јануари, илјада деветстотини и трета година.

<<Назад | Почеток