Статистика на ѕверствата и опустошувањата во Македонија и Одринско за време на востанието - 1903 година

Битолски вилает: востанието ги опфаќа: Битолската, Костурската, Леринската Охридската и Кичевската околија.

Битолската каза, најголемата во вилаетот, се состои од четири нахии (подоколии) – Битолска, Демир Хисарска, Ресенска (Горно Преспанска) и Долно Преспанска – и брои: 3 града и 265 села со 25.252 куќи и 154.910 жители. Од селата 198 се христијански, 21 муслимански и 46 мешовити. Од куќите 18.286 се христијански, 6.399 муслимански и 567 од други вери. Од жителите 116.615 се христијани, 35.315 муслимани и 2.980 други.

Од 198 христијански села 33 беа потполно опожарени, 5 – делумно и околу 20 ограбени. Од 18.286 христијански куќи опожарени беа 2.424 (13,70%) и останаа без покрив 14.096 души. Бројот на искланите жители се искачува на 513 души, а на обесчестените моми и жени на 1.092.

- Ресенска нахија: од 21 христијанско село 16 беа опожарени. Жителите на 711 куќи (од вкупно 3.691) – 4.182 души (од вкупно 19.765 христијански жители) – останаа без покрив, без покуќнина, без добиток, само со една глава на голите рамена. Обесчестени се 610 – повеќе од половината во целата околија! Има села, како Крушје, опожарувани, ограбувани и обесчестувани по два три пати. Во с.Петрино, мало село од 13 куќи, беше обесчестена целата женска челад – 25 жени и моми. При нападот на логорот, каде што беа сместени семејствата од Дупени и Ехла, аскерот одвлече 200 жени и моми и откако ги обесчести преку ноќтта, гин одведе во Ресен.

- Битолска нахија: опожарени се само 3 села – Ѓавато, Метимир и Смилево, со масовни измачувања и обесчестувања. Најмногу настрадаа смилевци при нападот на нивниот логор. Неколку смилевски и ѓаватски бебиња беа фрлени од аскерот во огнот. Во Метимир, село од 25 куќи, беа обесчестени 60 жени и моми – скоро целата женска челад.

- Демир Хисарска нахија: од 2.099 христијански куќи изгореа 555. При нападот на Слепчанскиот манастир „Св. Иван Претеча“ војската искла, освен калуѓерите, селските слуги и работниците, уште и десетина луѓе, слепи и болни, засолнети во манастирот.

- Долна Преспа: од 32 христијански села беа опожарени, целосно или делумно 8, од 1.649 христијански куќи – 291

Битолската околија го држи второто место по бројот на опожарени христијански куќи, прво по бројот на искланите жители и прво по бројот на обесчестените моми и жени.

Костурската каза, брои 128 села (заедно со Костур) со 13.223 куќи и 74.272 жители. Од селата 98 се христијански, 12 муслимански и 18 мешовити. Од куќите 10.554 се христијански и 2669 муслимански. Од жителите 62.338 се христијани и 11.884 муслимани.

Од 98 христијански села, 18 беа опожарени целосно и 6 делумно. Од 10.554 христијански куќи 2.750 беа опожарени (26.20%) и и останаа без покрив 15.650 души. Исклани и отепани жители 413, обесчестени моми и жени 396, запленети жени и моми 30.

Костурската околија го зазема првото место по бројот на опожарени куќи (26.20%), трето по бројот на искланите и испотепани жители, прво по бројот на запленетите жени и моми и второ по бројот на обесчестените.

Леринската каза, брои 78 села со 10.391 куќи и 60.025 жители. Од селата 40 се христијански, 20 муслимански и 18 мешовити. Од куќите 6.458 се христијански и 3933 муслимански. Од жителите 37.505 се христијани и 22.520 муслимани.

Од 40 христијански села, 12 беа опожарени целосно или делумно. Од 6.458 христијански куќи изгореа 902. Без покрив останаа 5.096 души. Убиени и исклани 229 души, обесчестени моми и жени 227.

Леринската околија по бројот и процентот на опожарени куќи (13.90%) и исклани жители, како и по бројот на обесчестени моми и жени, го држи претпоследното место во вилаетот.

Охридската каза, брои 101 село со 8.893 куќи и 60.305 жители. Од селата 75 се христијански, 14 муслимански и 12 мешовити. Од куќите 6.112 се христијански и 2.781 муслимански. Од жителите 43.368 се христијани и 16.937 муслимани.

Од 75 христијански села, 32 беа целосно опожарени, а 10 делумно. Од 6.112 христијански куќи изгореа 2.064. Од 16.937 христијански жители 13144 останаа без покрив. Бројот на искланите и отепани жители се искачува на 419, а на обесчестените моми и жени 362.

Охридската околија го држи процентно првото место во вилаетот и по бројот на опожарени куќи (38.80%) и по бројот на обездомените жители (30-40%) и по бројот на испотепаните и искланите (1%). По бројот на обесчестени жени и моми (362), е на трето место: после Битолската (1894) и Костурската (396); меѓутоа процентно, и во тој однос е на прво место.

Кичевската каза, брои 118 села со 5.880 куќи и 39.590 жители. Од селата 81 се христијански, 21 муслимански и 16 мешовити. Од куќите 3.248 се христијански и 3.632 муслимански. Од жителите 21.800 се христијани и 17.790 муслимани.

Од 81 христијански села, 10 се целосно или делумно опожарени. Од 3.248 христијански куќи 506 се опожарени. Од 21.800 христиојански жители 3.620 останаа без покрив. Исклани и отепани христијани 204, обесчестени моми и жени 73.

Кичевската околија го држи последното место во вилаетот по бројот на опожарените куќи и обездомените жители, по бројот на испотепаните и искланите, како и на обесчестените моми и жени. Меѓутоа процентно, таа е на трето место (по Охридската и Костурската) по бројот на опожарените куќи (15-50%) и на второ (по Охридската) по бројот на искланите жители.

Вкупно, во востанатата област на Битолскиот вилает од 21 јули до 20 септември, беа:

Опожарени целосно или делумно 122 села со 8.646 куќи и останати без покрив 51.606 жители; убиени и исклани 1.779 души; обесчестени 2.152 жени и моми и запленети 37.

Одрински вилает: востанието опфаќа делови од Лозенградскиот санџак: целата Малко Трновска каза, дел од Лозенградската, неколку села од Василикоската и 3 од Визенската.

Од 24 христијански и 14 мешовити села во Лозенградската каза, опожарени беа целосно или делумно 16. Од 9.000 христијански куќи изгореа 1.090. Испоклани и испотепани беа 1.025 (13,30%!). Обесчестени жени и моми 241, запленети 91. Без покрив останаа 5.213 души. Две третини од населението во настраданите села побегна во Бугарија.

Од 3.590 христијански куќи во М. Трновската каза изгореа 1.020 (28,40%!). Бројот на испокланите и испотепани 950, го достига невероватниот процент 5% од целото христијанско население. 611 жени и моми беа обесчестени и 36 запленети. 5.239 души (27.40% - повеќе од ?) избега во Бугарија.

Василикоската околија брои само 10 христијански села. Од нив изгореа 5. Тука се случија најмалку обесчестувања, но пак најмногу клања. Само во месноста „Узун буџак“, беа стигнати од аскерот и отепани 130 души од семејствата на с.Пиргопуло, кои бегаа кон Бугарија. Процентот на испотепаните во Василикоско го надминува и тој во М. Трновско: 5.70%! (Во Охридско, најокрвавената околија во Битолскиот вилает е 1%). Воопшто, М. Трновско и Василикоско го држат првото место по жртви во текот на востанието од 1903 година.

Вкупно, во Одринскиот вилает, или поточно во четирите кази, беа:

Од 92 христијански села 66 беа целосно или делумно опожарени. Од 17.754 христијански куќи изгореа 2.610. Испоклани и испотепани – 2.565 души (во Битолскиот вилает – 1.779). Обесчестени жени и моми 920, запленети 135. Обездомени 12.880 души. Избегани во Бугарија 20.000 души.

Во Солунскиот вилает, најмногу пострада Серскиот санџак, каде се случија и повеќе четнички напади и борби со аскерот. Разлошката околија, каде што се крена и вооруженото население, понесе страдања и даде жртви, кои се равни со некои околии од Битолскиот вилает. Опожарувања и клања се случија во Мехомија, Бачево и Белица. Други села беа ограбени. Стотици селани беа подложени на измачувања. Од 3.580 христијански куќи во таа околија изгореа 612 (12.50%), беа обездомени 2.500 души, 207 испотепани и испоклани (1%), 35 жени и моми обесчестени и 4 запленети.

Во Неврокопската околија, најмногу пострадаа селата Обидим и Кремен, а во Мелничката – Пирин.

Во целиот Серски санџак, беа опожарени во 10 села – 1.090 куќи, испоклани 290 души, обесчестени 50 жени и 4 запленети. Без покрив останаа 5.772 души.

Во Солунскиот санџак на систематски терор беа подложени Тиквешката околија, а од селата во другите околии се случија палежи и убиства во Балинци (Дојранско), Под (Воденско), Смоквица (Гевгелиско) и др.

Во Скопскиот санџак, главно после борбите со четите, беа опожарени и подложени на поголеми или помали клања селата: Долно Трогерци (Штипско), Ново Село, Витоша, Вранинци, Просек (Кочанско), Луково (Штипско) и др. Вкупно во санџакот беа опожарени 94 куќи и испоклани 60 души.

Рекапитулација:

Во четирите вилаети пострадаа повеќе или помалку 16 околии, во кои:

201 село беа целосно или делумно опожарени, 12.440 куќи во тие села опожарени, 4.694 души беа испотепани, испоклани и живи изгорени. 3.122 жени и моми беа обесчестени, 176 жени и моми беа запленети, 70.835 души беа обездомени, 30.000 души избегаа во Бугарија.

<<Назад | Почеток