Славејко Арсов (Славчо)

Роден е на 17 август 1878 година во Штип. Се школувал во Штип, Скопје (1895) и Софија (1897/98). Во редовите на ТМОРО стапува во 1899 година. Во 1900 година паднал во затвор. Лежел во Кичево а потоа во Битола. По 14 месеци со откуп успеал да се извлече од затворот.

Во почетокот бил обичен четник во четата на војводата Марко Лерински (есен 1901), а потоа бил избран за околиски војвода во Битолско, па во Ресенско. Зел активно учество на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание во борбите што се воделе во Ресенско. По задушувањето на востанието отишол на лекување во Бугарија. Уште недолечен тргнал да се враќа во Македонија заедно со чета. На пат за Ресенско, на 22 август 1904 година, близу до с. Ѓуѓанци (Светиниколско), заедно со четата на Стојан Донски, биле опколени од турски аскер. Цели 6 часа се водела тешка и крвава борба. Тешко ранет, С.Арсов извршил саможртва за да не падне жив во рацете на турскиот аскер. 

<< Претходна | Следна>> | Именик