Спомени - Борис Сарафов

Предговор

Помина година и половина од прогласувањето на Илинденското востание, во кое Борис Сарафов зеде активно учество, и во Македонија беа веќе дојдени „цивилните агенти“ на европските држави, што се беа натовариле со задачата да применат административни реформи за олеснување на тешката положба на бугарското македонско население. Настапи привремено затишје, и во македонските револуционерни средини, што сите беа во напрегнато исчекување, што ќе донесат ветените реформи. Во тоа време постојано немирниот и подвижен Борис Сарафов можеше да го исполни своето ветување да й ја раскаже својата „комитска историја“. И така на 23 јануари 1905 година дома кај мене започнаа нашите средби, што се повторија неколкупати, како што покажуваат датите на тие средби во понатаму објавените спомени. Сарафов ја сфати намената на моите записи, и ми даде збор дека ќе биде искрен и објективен, и со готовност ми раскажа за сe позначајно од неговата бурна дејност, сосем соодветна на неговиот вонредно жив темперамент и неговата не помалу жива творечка фантазија, извор на множество негови смели, - вратоломни подвизи. Кога го слушав како отворено се искажува за сe за што ми раскажуваше овај убав, стамен и јуначен маж, и кога притоа се загледував во изразот на неговото лице, во мене остануваше впечаток дека беше искрен. Честопати јас дури со наслада го слушав, но затоа пак имав малу време, затоа што Сарафов беше зборлест, па требаше да внимавам да не пропуштам некој негов збор. Сега, по толку години, кога ги читав неговите спомени, подготвувајќи ги за објавување, увидувам дека сум успеал добро да го следам: тој сиот е оцртан во овие свои спомени.

За Сарафов како човек може да има различни мислења, но токму поради тоа неговите спомени ќе помогнат да се избегнат можеби некои предрасуди за него, кои произлегуваат поскоро од неговиот навидум авантуристички карактер. Нема сомневање дека во некои негови постапки силно се пројавува таа црта на неговиот карактер, но треба да признаеме дека тие во својата основа претставуваат израз на силен поттик од морално-патриотски карактер. Кога е во некакво притеснување, во безизлез, Сарафов не останува долго време парализиран, во пасивност, бидејќи во такви моменти не го напушта фантазијата, и тој веднаш има подготвен нов, спасувачки план. Навистина понекогаш тој дејствува мошне бескрупулозно, придржувајќи се за принципот, дека целта ги оправдува средствата, и во тоа е неговата слаба страна. Но ако не ја испуштаме од предвид моралната атмосфера од турско време, сред која тој се воспитувал, патриотските средини, во кои се движел, и особено неговата несовладлива желба бездруго да постигне реални резултати за доброто на татковината, бездруго ќе го ублажиме својот суд за него. Дотолку повеќе што од неговите спомени тој истапува пред сe како патриот и потем суетен: очевидно тој се разликува од видот на оние суетни луѓе, кај кои во решителни моменти личното зема згорнина над општото. Секако Борис Сарафов е необична, силна личност, чија потполна карактеристика сега по објавувањето на овие негови спомени станува појасна. Туку тие и инаку се мошне интересни за историјата на македонското движење, бидејќи го поткреваат превезот и од некои настани во Кнежевството, што доведоа до жалниот судир меѓу Внатрешната организација и ткв. „Врховен комитет“.

И Борис Сарафов стана жртва на фаталниот расцеп меѓу внатрешните дејци. По несреќниот крај на Илинденското востание, во Серско се издели познатата група на санданистите кои во време на истото востание останаа настрана, не зедоа активно учество во него, а потем стасаа дотаму, што да им судат и да ги казнуваат противниците од другиот табор. На 11 декември 1907 год. Сарафов заедно со Ив. Гарванов загина од раката на убиец испратен од таа група.

Љ. М.

Почеток | <<Назад | Напред>>