Спомени - Пандо Кљашев

II.

Зародишот на Организацијата во Костурско. Дејствувањето на Апостол Димитров, Лазар Поп Трајков, Павел Христов и Кузо Стефов. Поп Трајков в затвор

Во текот на распустот, по завршувањето на гимназијата, во родното село Смрдеш почнав самостојно да агитирам. Открив комитетски членови на чело со Фоти Мерџов, обичен селанец од бугарската партија. Основите на Внатрешната македонска револуционерна организација веќе беа ставени. Имаше и устав. Во Костурско, во овој период, Организацијата во повеќе места имаше фатено корен.

Но, корени и тоа длабоки, во Костурско имаше пуштено и гркоманството. Егзархистите беа силни само во две села - Д'мбени и Бобишта. Подоцна егзархиски станаа и селата Поздивишта и Рула. Тоа се случило пред создавањето на Организацнјата. Во почетокот гркоманските села не беа добра почва за Организацијата. Борбата меѓу гркоманите и Бугарите беше жестока, а во Костенаријата селата и сега се гркомански, под патријаршијата. Првите никулци на Организацијата ги донесе Апостол Димитров, родум од Д'мбени, учел во Солун (исклучен во шестиот клас). Кога се разгоруваше борбата меѓу гркоманите и Бугарите, Димитров како учител во Смрдеш не можеше многу да направи. Тој беше учител уште јас кога бев прво одделение - околу 1890-1891 година. Со пропагирање почна во октомври 1895; во почетокот привлекол неколкумина, 2-3 од Смрдеш и Д'мбени и ги вклучил во делото. До 1895 година Димитров работеше само за бугаршината, против Грците. Од Смрдеш беа: Ламбро и Крсто Поповски и Лазо Поповски, сите егзархисти. На гркоманите тогаш сe уште не можеше да им се зборува за делото. Од Д'мбени бил опфатен поп Филип и уште 1-2. Од селото Тиолишта го вклучил учителот Кузо Темелков; од Блаца - учителот Динко Дамјанов; од Загоричани - Никола Цицов, исто учител. Сите овие Димитров ги организирал во текот на 1895 година. И учителот во Брезница, Христо Георгиев, му беше другар на Апостол Димитров. Георгиев, родум од истото село, успеал да придобие само еден работник - Пенчо Балков. Тие се првите протагонисти на револуцијата во Костурско. На тој начин во Смрдеш и Д'мбени по 5 години се засејува првото семе на револуцијата. Апостол Димитров отиде од Смрдеш за главен учител во Костур. Таму тој повеќе настојуваше да ги групира Бугарите, да привлече некои селани кон егзархијата, а многу малку се ангажираше за делото на Организацијата. Со парите добиени од Битола (од Груев) купуваше грчки пушки за Организацијата и им ги даваше на костурските села - на Д'мбени и на другите. Пушките беа наменети за Битолско, но поради некои тешкотии создадени при пренесувањето, тие останаа во Костурско, поточно во Д'мбени (имаше 18 пушки, купени за 40 лири), а некои и во Загоричани (купувани во 1894 година). Тие се, можеби, првите пушки што ги купила Организацијата. Во 1896 година, Апостол Димитров од Костур отиде во Пловдив, кај што стана чиновник на источните железници. Тој и тука работи во друштвото, па и сега е многу активен. Сега е чиновник во софиската железничка станица. По Димитров, за главен учител во Костур дојде Нелчинов - Македонец (не е од Костурско); тој учителствуваше во текот на 1896-97 година. Беше вклучен и важеше за раководител. Лазар Поп Трајков (родум од Д'мбени) и Кузо Поп Стефов (родум од Загоричани), како ученици во Солун беа вклучени во делото, ми се чини од Груев. Во текот на распустот тие двајцата дејствуваа во своите села заедно со Нелчинов. Последниов не забележа поголем успех, додека Поп Трајков, освен своето село, ги обиколи сите села во Корешта и Пополе. Неговиот другар Кузо Стефов, агитираше по селата околу Загоричани. Во овој период, 1896-97 година, како резултат на агитацијата на Поп Трајков и Стефов, како и на Нелчинов, речиси во сите села имаше по неколкумина во делото. Заедно со Поп Трајков по селата одеше и неговиот другар Лазар Москов (родум од Д'мбени), ученик во Битола.

Главните учители во Костур - Апостол Димитров и Нелчинов, не можеа да направат ништо посебно. Непријателствата меѓу Бугарите и гркоманите се смирија по обиколките на учениците. Ученичките посети на селата извршија пресврт во духот на селаните. Учениците пееја патриотски песни, раскажуваа и сл. Песните особено влијаеја по другарските средби. Сето тоа го подигнуваше националното сознание кај селаните гркомани и егзархисти. Како резултат на тоа, непријателствата се гасеа и почвата стануваше попријатна.

Поп Трајков и Москов низ селата делуваа многу енергично. Уште како ученик во Солун, Поп Трајков беше детално упатен во тајните на Организацијата. Кога ги обиколуваше селата, во делото ги вклучуваше само најдобрите. Тој беше авторитет за нив и со нивна помош ја наложуваше својата волја кога беше потребно. Поп Трајков беше храбар и, ако беше нужно, тој се фаќаше и за оружјето. По негова иницијатива селаните во Д'мбени почнаа борба против спахијата Јумер-ага. Селаните десетината, всушност осмиот дел, сакаа спахијата да си го зема во натура, додека спахијата сакал да си тера по старо: да ја остава кај селаните, а подоцна да им зема двојно, да ги стегне за пари околу Велигден. Во оваа борба Поп Трајков ја покажа својата одлучност, Тој ги натера селаните сами да го измерат житото и сите заедно да го остават пред вратата на селскиот ан. Човекот поставен од агата не сакал да го прими житото, но тие го истуриле пред луѓе. Најпосле агата бил принуден да си го прибере житото, но ги викнал селаните да се кара со нив. Тие го ополномоштиле Поп Трајков; агата не го сакал човекот „кој ќе ја растури царштината". Поп Трајков се спротиставил и рекол дека ќе зборува, зашто е ополномоштен; селаните го потврдиле истото. Скокнале Турците да го убијат, но скокнале и вооружените селани и - агата се повлекол. Оттогаш Поп Трајков се издигна во очите на селаните. Турците бараа начин дз го отепаат, но тој се чуваше.

Григор Бејдов, егзархиски свештеник, беше претседател на општината во Костур и пред доаѓањето на Димитров во овој крај, прилично помогна за закрепнувањето на бугарштината. Но, поради „недобро" поведение егзархијата го распопи, а од Цариград го однесоа во еден манастир, тука во Бугарија. Распопен, тој пребегна кон Србите, а тие го натоварија со мисија да отвора српски училишта во костурските села, кога го назначија повторно за свештеник во Костурско. Поп Трајков се зафати да го дебне по цели ноќи по патиштата за да го отепа, но не успеа. Затоа пак, и Бејдов ништо не направи. Дозна дека го дебнат и избега назад во Битола, а оттаму во Србија. Сега е потурчен, а кажуваат и дека е убиен од Турците. По ова Поп Трајков и Кузо продолжија по распустот да учат во Солун. Со Организацијата, консолидирана по распустот, раководеа - учителот Христо Георгиев во Смрдеш, главниот учител во Костур, Нелчинов и други учители по селата. Така мина зимата во текот на 1897 година.

Поради ученичкиот бунт во Солун во текот на 1897 учебна година, Поп Трајков е исклучен од шестиот клас. Бунтот беше организиран од Комитетот. Учениците дигнаа врева главно против учителот Наумов. Наумов и припаѓаше на групата Гарванов-Колушев. Учениците на чело со Поп Трајков, Анацинов, Бошнаков и др., најверојатно по препорака на Комитетот од другата група, станаа против Наумов и компанија главно за да ги натераат да си одат од Солун. Наумов беше ставен за директор наместо Сарафов. Благој Димитров {сега учител во Софија) доби отказ; учениците не го сакаа Наумов, незадоволни што Димитров е отпуштен. Егзархискиот училишен инспектор Лазаров дојде да нe смирува. По тој повод Поп Трајков беше исклучен, дојде во Софија, гладуваше и напиша долго излагање до Егзархијата за работата на учителите во Солун. Како резултат на тоа, Егзархијата му дозволи да се врати во Солун и да го заврши седмиот клас. Учителскиот совет, сметајќи дека е опасен, не го прими во интернатот, туку му дадоа 12 лири за да живее приватно. Поп Трајков беше и поет. Тој е посебен тип, со тврда волја, молчелив. Ја заврши гимназијата и се врати во Костурско. Повторно целиот распуст ги обиколуваше селата, а учебната 1898/9 година ја помина како учител во селото Д'мбени. Но, во селото тој малку остануваше, одеше да агитира секаде, дури до Леринско. Имаше една учителка која му помагаше. Отиде дури во Пателе да купи пушки за 20-тина лири, земени од д'мбенци. Минувајќи од рака в рака, пушките биле менувани со постари. Треба да се забележи дека во Костурско, на пр.: во Д'мбени, Смрдеш, Загоричани, Вишени и др. пушки се наоѓаа, останати од „фариите" - вооружени христијани кон одеа по селата за да ги бранат своите. Тие пушки пред неколку години на христијаните им ги дал, ми се чини, Рифат - паша, за да се заштитуваат. Набрзо по ослободувањето на Бугарија, 1-2 години, дошле оттука разочарани некои македонски војводи да дигаат востание затоа што Македонија останала во ропство. Тоа биле Павел од село Желево и спомиатиот Мерџов; од Грција војводите Далипо, Стефо. Ова движење го викаат „андарсијата" („андарти"-ајдуци). Од ова време во Костурско се роди бунтовничкиот дух.* Затоа Организацијата најде подобра почва во Костурско: луѓето се храбри - таму има ајдучки војводи, кои издржале големи судири со Турците, на пр.: Наум Орлин, кој во неговиот конак во Лерин го фатил кајмакамот; имало еден арамија кој се викал Лаки, познат јунак и др. Местото е планинско, луѓето се принудени да одат на гурбет.

Во времето кога Поп Трајков одеше низ селата, за учител во Костур беше назначен Павел Христов, родум од село Цапари (преселен во Битола). Павел Христов беше ополномоштен од Битола за раководител на реонот. Кога дојде таму се договорија со Поп Трајков, така што последниот остана подвижен агитатор, а Павел постојан, во Костур. И двајцата вклучуваа нови селани кои доаѓаа в град. За да имаат подобар успех одлучија во делото да ги вклучуваат и гркоманите, кои се мнозинство и без кои не може да се направи ништо сушинско. На тој начин се удираше нога и на црковната борба, зашто таа се пренесуваше на друг терен. И навистина, црковната борба престана. Павел Христов обиколуваше и некои села блиску до градот и пропагираше. Веќе во секое село имаше по 20-тина вклучени, а не само по 2-3-ца. Центар на Организацијата стана градот Костур, поточно учителот Павел Христов, кој успеа да направи уште поголемо име од Поп Трајков. Училиштето беше претворено во управа. Секој пазарен ден во него доаѓаа многу луѓе -и гркомани и Власи - за да ги вклучува во делото.

Поп Трајков во текот на распустот 1898 година имаше викнато двајца, да му помагаат во својство на терористи. Тоа беа Дедо Ицко, од село Воштарени (Леринско) и Иван Кафеџијата, од Битола. Дедо Ицко - 50-годишен, подгрбавен, многу скромен човек - беше душата на целиот реон во Леринско. Терористичките дејства главно се состоеја во капади на Турци, на турски големци. Но, помошниците на Поп Трајков не направија ништо посебно и се вратија назад. Во истата 1898 година Кузо Стефов беше назначен во селото Хрупишта (Бугари и Власи) при што тој вклучуваше и Власи. Кузо почна да ја пробива организациската мрежа и во селата од Нестрам-кол (Хрупишта).

Со овие дејци Организацијата забрзано се развиваше и во 1899 година. Во тоа време на сцената излегоа и неколку нови дејци - терористи: Коте од Рула, Кољо Вишенски (од с. Вишени), Стасо Кономладски и др. Коте Христов од Рула е човек кој и пред тоа се занимавал со ајдучки кражби. Имал дружина (тајфа), ќе ја свикал, ќе нападнел некоја куќа или карван и пак ќе се повлечел в село. Во една куќа во Псодери го фатиле, го однесле во Лерин, го тепале и го осудиле на затвор. Бил затворен и во Корча. Како човек кој ракувал со оружје, Поп Трајков го користел ту како курир, ту заедно со него одел. Му плаќал по нешто за да се издржува и да не мисли на кражби. Тој беше во состојба да им служи на терористите.

Спасо Кономладски и Кољо Вишенски, поранешни падари, беа искусни и одлучни во ракувањето со оружје. И тие исто му користеа на Трајков било како курири било како терористи.

20 април

Во текот на 1898/99 учебна година, Поп Трајков е назначен за учител во родното село Д'мбени. Тој во училиштето не остануваше многу време, туку отсуствуваше по цели месеци одејќи по селата да го организира народот. Во училиштето го заменуваше неговата другарка која исто беше учителка. Поп Трајков во Петеле отиде за да организира канал за купување и пренесување пушки од Кајларско и тоа преку Дине0, наречен Абдураман. Во Пополе-кол (Загоричани како центар со околните села се вика Пополе) Поп Трајков ја закрепнуваше Организацијата. Цела година ту се враќаше во Д'мбени ту ги обиколуваше Корешта и Пополе-кол. И Павел Христов често одеше по селата, правеше собранија, мобилизираше. Тој имаше контакти со комитетот во Битола. Сето тоа беа подготовки и зголемување на бројот на работниците во текот на 1898/99 учебна година. Ширењето на Организацијата беше спречувано од многу продадени души во реонот, и Бугари и гркомани, што резултираше со предавства кои ја заплашуваа Организацијата во нејзиниот зародиш. Имаше и такви елементи кои се дружеа со Турците и го скубеа народот заедно со спахиите и државните чиновници (даночници и сл.}. На таквите ни случајно не можеше да им се довери тајната на Организацијата, а од друга страна тие беа непроодна пречка за нејзин развој. Требаше на секој начин да се истребат. Поп Трајков и Спасо Кономладски уште во јули 1899 година поставија заседа на патот од Лерин, преку Прекопани до Загоричани, за да начекаат двајца чорбаџии од ова село - еден коџабашија и неговиот помошник, по име Цуцуљо и Кљанчето (прекари). Не успеаја. По неколку дена, 8-10 дена, Поп Трајков на друго место повторно ги чекаше нив, овојпат со Манол Розов (тогаш Розов се уште беше ученик во Солун) кои се враќале од Битола. Повеќето од селаните мислеа дека ги убиле Турци. Тогаш ги ликвидираа. Само некои од Организацијата наслутува дека тоа го направи Поп Трајков, а тоа нему му донесе големо име, едноставно вдахна респект и страв. Тоа се првите жртви на Организацијата во Костурско. По ова Поп Трајков се врати во родното село. Од Битола му испратија еден другар-терорист, по име Вељо, родум од Демирхисарско (Битолско). Со него Поп Трајков ноќе шеташе наоколу и ги заплашуваше несовесните работници. Во октомври истата година Поп Трајков, Вељо, Спасо, Новачко (од Кономлади) и Демир (од Кономлади) застанаа на патот меѓу Кономлади и Брезница, во месноста Црна Гора. Го чекаа спахијата Демир, од село Грлени, помошник на спахијата Јумер-ага, родум од св. Недела. Сакаа да го ликвидираат зашто тој имаше отепано двајца Бугари, од кои едниот го претепал со ќотек. Беше вистински ѕвер. Мислеа дека ќе помине оттука. Наместо тој, поминало друго Турче, другар на Демир, заедно со Динко Хаџиев од село Црновишта, кој подоцна стана еден од најдобрите работници во нашиот крај. Мислејќи дека е Демир, нашите пукале и го отепале Турчето, а Динка, исплашен, почнал да бега. Го стигнале откако пред тоа го раниле во раката, а му го погодиле и коњот. Му се заканиле велејќи му да молчи, да не кажува никому ништо. Подоцна тајно го излекуваа во Костур. Работата ја заврши Павел Христов. Потоа го вклучија во Организацијата и тој, како што реков, стана нејзин верен работник. Турците не ни помислија дека тоа можеле да го направат Бугари.

Поп Трајков и во текот на 1899/1900 година повторно учителствуваше во Д'мбени. Во ноември го обиколуваше Пополе и кога свратил во селото Черешница, во еден дуќан имало околу 10 заптии. Поп Трајков со другар му Бељо оделе во искинати алишта и не ги поздравиле Турците. Тие скокнале, ги фатиле и се зачудиле кога нашле кај нив револвери. Ги донесле во Клисура. Патем многу ги тепале. Во Клисура ги претресле и кај Поп Трајков го нашле печатот од Комитетот, расписки и список од членовите по селата. Павел преку свои пуѓе успеал да го поткупи полицискиот началник и да земат сe што им било земено. Револверите останале кај заптиите, без да се бараат објаснувања кај кого се најдени. Ги носат во Костур без никакви докази. По тримесечен затвор ги префрлиле во Корча. Јумер-ага и спахиите од Св. Недела настојувале да се осуди Поп Трајков заш0то беа насетиле дека е опасен.

За да се зацврсти Организацијата во село Шестеово, според Комитетот, требаше да се ликвидира учителот Танас, Бугарин, но фанатизиран гркоман. На една свадба во селото Тиолишта, Кољо Вишенски пукаше во него од прозорецот на една соседна куќа. Никој не се посомнева дека го отепа Бугарин, дури напротив, беше фатен еден бег од Косгур кој беше осомничен за убиството. Кајмакамот не го сакаше бегот. Не толку одамна тој го беше затворил кајмакамот во конакот. Сега тој сакаше да му се одмазди и со задоволство го прифати обвинението од роднините на убиениот учител против бегот, дотолку повеќе што тој во Тиолишта дури бил и скаран со учителот. Во Битола бегот не беше осуден, но не беше ни ослободен, туку го испратија во Солун, таму да продолжат да му судат. Од мака умре во затворот. Беа фатени уште тројца сомнителни селани од Шестеово (егзархисти), како и свештеникот поп Димитар, но брзо беа ослободени.

Кога ги зеле списоците и печатот од Поп Трајков во Клисура, Турците ги викнале учителот Златко Каратанасов од село Бобина да им прочита што е напишано и да им каже. Тој мајсторски се извлекол - рекол дека не ги разбира тие знаци, дека биле специјални букви и ништо не кажал. И за печатот ништо не рекол. Сега истиот Златко е свештеник во Бугарија, во селата околу Варна.

Во Корча Поп Трајков е осуден на две години, а неговиот другар Вељо ослободен. Адвокат му бил еден Грк од Корча. Поп Трајков ја прифатил пресудата и одлежа две години. Во затворот имал можност да чита и да пишува; свирел на цигулка; го привлекувал вниманието на затворениците; научил арнаутски и запознал еден Арнаутин - Абдул од село Менкулец. Абдул му ветил на Поп Трајков дека ќе набавува пушки за Организацијата кога ќе излезе од затвор, а за возврат Организацијата да му помогне како и тие, арнаутите, да ја зацврстат својата арнаутска револуционерна организација која не напредуваше многу, зашто немаа интелигенција.

Додека Поп Трајков лежеше в затвор, движењето во селата малку замре. Павел Христов се зафати поенергично со работа и место Поп Трајков, десна рака му стана Кузо Стефов од Загоричани. Работата повторно тргна.

* Во движењето „андарсијата", меѓу комитите имало и Руси, дојдени од Бугарија. Ова востание треба да се проучи. Значи андарсијата, фариите - од реформите на битолскиот паша (кого Турците го сменија) - и сe друго се објаснува успехот на Организацијата. Во тоа време се појави и еден страшен крсердар, по име Абдил.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина