Спомени - Пандо Кљашев

X.

Организациска работа. По заминувањето на Гоце Делчев. Набавка на оружје од Грција

25 април

Нашата улога беше да ги упатуваме четите, да им даваме работа. Нашите наредби тие мораа да ги извршат. Во првата чета беше одлучено наредбите да ги дава Москов, а во негово отсуство Чакаларов. Исто беше и во нашата чета - Кузо, а во негово отсуство, јас. Во однос на решенијата за уредување на реонот во административна смисла, се договаравме заедно, четворицата бевме рамноправни. Заедно одлучувавме и при испитувањата. Поп Трајков, како постар револуционер, остана легален претставник на своето село Д'мбени. Тоа го направивме за да има таму човек кому селаните ќе можат да му се обратат или да се пожалат тогаш кога од која и да е причина не можеа нам да ни кажат. Трајков сам го обиколуваше реонот, правеше собранија, формираше раководни тела, разрешуваше разни спорови итн. Во истата состојба беше и Михаил Николов, кој продолжи да учителствува во Костур, но тој не покажа речиси никаква дејност.

Силјанов дојде во Загоричани и ни кажа дека работата во Грција не му одела. Чакаларов му возврати дека тоа се должи на неговата неопитност. Беше одлучено Чакаларов четата да му ја остави на Москов и да замине во Грција. Тој пред да дојде имаше купено и скриено 80-тина пушки. Тие и другите што планираше да ги купи, ќе требаше ние да ги прифатиме преку канал што допрва ќе го организиравме

По овие одлуки, Делчев со Марко отиде во Зелениче, а оттаму во Екшису, кај што беше предаден од еден Бугарин и неколку чорбаџии. Делчев се спаси, а предавникот летото беше убиен. Од Леринско, Делчев отиде во Воденско.

Ние тргнавме да ги организираме селата Загоричани, Апоскеп и Жупаништа. Требаше да се оди во Костенарија, но некои четници се бунеа, не сакаа да се оддалечат од реонот и се вративме назад. Чакаларов и Москов отидоа кон Кономладска Река, а потоа Чакаларов од Смрдеш зеде неколку Власи - овчари со добиток за да оди во Грција, по оружје. Оценивме дека е добро да формираме групи за да се олесни купувањето. Тие дружини имаа по 12 души. Нивната задача беше да одат во Грција на комитетски трошок и да ги земат пушките купени со комитетски пари. Секој можеше да земе колку што може, а само една од нив со 50 патрони подоцна ќе беше комитетска, додека другите остануваа на нивна сметка по откупната цена во Грција (таму една пушка тогаш чинеше 80 до 100 гроша, додека во Костурско достигна до 240 гроша). Печалбата се состоеше во тоа што луѓето се снабдуваа со ефтини пушки, а можеа да спечалат тие што можеа да пренесат повеќе парчиња. Одењето и враќањето траеше 10 дена, така што еден човек можеше да заработи 100 гроша. Но поради непредвидливи пречки од Грците, се случуваше некои да мора да останат во Грција и по 20, па дури и 30 дена. Групите до граница ги носеа курири, платени од комитетот. Куририте беа Бугари или Власи. Кога луѓето видоа дека е лесно ваквото снабдување со оружје, се растрчаа сите и од сите села се јавија работници да пренесуваат пушки. Особено се истакнаа селаните од Трсје, кои, како биџкиџии во Грција, ги знаеја патиштата. Тие одеа со свои работи, со нив и други позафатени селани и така продаваа оружје низ Костурско и Леринско. Селаните во Трсје, до 20 мај 1902 година, во селото веќе имаа 120 пушки.

Како станица при пренесувањето на сето оружје беше селото Жупаништа кое во тој поглед многу му помогна ва делото.

Чакаларов за Грција тргна во почетокот на февруари. Отиде во Трикала. Уште пред формирањето на групите, жителите од Трсје на своја глава почнале да купуваат пушки во Трикала и тоа прилично јавно, така што грчката полиција се досетила и почна да прави проблеми. Само што дошол во Трикала, Чакаларов бил уапсен со неговите луѓе и затворен 24 часа. Тој се претставил како гркоман кој дошол да ги снабдува гркоманите со пушки за да се заштитат, зашто Бугарите имале оружје. Тие не му поверувале зашто немал полномошно од грчкиот владика и го избркале од градот, забранувајќи му да купува пушки. Чакаларов имаше со себе комитетски пари за купување оружје, кое групите требаше да го пренесат.

Во Лариса тој, сепак, успеа да купи пушки и да ги предаде на првата група. Ги извади и пушките скриени пролетта и натоварени на добиток со големи тешкотии успеа да ги испрати во Смрдеш. Чакаларов во Грција остана до 23 април, а потоа преку Солун и Суровичево се врати во Костурско. Грците кога сфатија дека се пренесуваат пушки, презедоа строги мерки: фатија неколкумина што пренесуваа пушки, им ги зедоа парите, ги затворија, ги тепаа, се обидоа да ги предаваат на турските стражи, правеа разни пречки, така што многу кои тргнаа со свои пари, се вратија и без пари и претепани. Огорченоста против Грците беше голема поради нечовечкото однесување. Повеќемина рекоа дека во Турција е сто пати подобро.

И турските власти, откако од турскиот конзул во Лариса и од грчкиот владика во Костур дознаа за пренесувањето, почнаа да патролираат по патиштата за да ги откријат препродавачите. На 3 март, тројца - Наум, брат на Митре Влашето, Васил Митров и Гаќо Василев, двајцата Власи од Смрдеш, без опитен водач тргнале од Грција во Костурско со пушки. Кај Гревенскиот мост, под Гревена (6 часа од границата) ги пресретнала турската потера и им викнала да се предадат (ги предал еден воденичар кај кого отишле да бараат леб). Почнала битка, во која и тројцата загинале. Случката брзо се рашири. Пушките им беа земени. Нова афера потоа немаше.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина