Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Пандо Кљашев

XVI.

Нови предавнички афери. Војската ги претресува селата. Положбата станува неподнослива. Кураж од Битола. Жените помагаат во сe - и со стражарска служба и дење и ноќе. Духот заживува. Однесувањето на рускиот и на австрискиот конзул

29 април

Откако ги поделивме нашите чети во Корешта, му пишавме на Никола Андреев, кој се беше загнездил во своето село Мокрени и таму ја мина речиси целата зима, истото да го направи и тој со својата чета која се состоеше од 9 души. Бидејќи зимата дојде, наврна многу снег, и бидејќи аскерот заседна во селата и правеше чести претреси, селаните беа во многу тешка положба. На 8 ноември, во селото Бобишта ноќеваше четата на Јанковиот војвода, Петар Гајков со 6 души. Гајков се подготвуваше со своите луѓе преку Грција да си оди во Бугарија и затоа барал од селскиот коџабашија пари за нивните пушки што сакал да ги остави. Коџабашијата којзнае од кои причини му ветил на Гајков дека ќе му ја исполни желбата и дека за да се заврши работата ќе треба да остане уште еден ден во селото. Ноќта коџабашијата му јавил на аскерот во Загоричани (на 40-тина минути од Бобишта) и утрото четниците биле опколени. Пред да станат, аскерот предводен од коџабашијата и од селскиот аза се упатил кон куќата и дури успеал да влезе внатре со цел живи да ги фати. Но, вревата го разбудила Коста Чаушот, наш поранешен добар четиик, подоцна проврбуван од Јанков. Кога видел дека коџабашијата влегува во куќата пукнал и го отепал со што ги разбудил другарите кои го зеле оружјето и почнала борба која траела до пладнето. Кога виделе дека Турците ја испрскале куќата со газија и дека ја запалиле, Гајков со 4-ца излегол и почнал борба гради в гради. Го минал првиот ред, но веќе во вториот паднал заедно со тројцата другари: Демир Кономладски {тој беше од првата чета, водена најнапред од Коте, потоа од Марко), Кузо Погончев (брат на Петар Погончев) и Георги, момче од Загоричани. Коста Чаушот се качил на покривот од кај што пукал, но брзо бил погоден и паднал во огнот. Четникот Фани (Теофан), родум од Бобишта, поранешен пренесувач на пушки, бидејќи го знаел своето село, одејќи од куќа во куќа успеал да се извлече. Тогаш изгореа 4 куќи и беа затворени две жени. Аскерот имаше 14 мртви.

По овој случај Јанков и компанија го обвинија учителот Манол Розов, кој од затвор беше излезен само пред 7 дена, дека тој го поттикнал коџабашијата да ги предаде, иако беше повеќе од сигурно дека Розов воопшто не беше замешан во целата работа.

Истиот ден војската ги опколи селата Дреновени, Рула, Корчишта, Косинец и Д'мбени. Во Косинец бевме и јас и Чакаларов со четворица четници, но бевме скриени во една скривница и нe не најдоа. Не предал Дине Куцото од истото село, кој подоцна самиот призна. Подоцна, во текот на востанието, беше убиен од аскерот. Не предал бидејќи Турците му ветиле 200 лири за Чакаларов, а 100 за мене.

Честите претреси, како и последиците од агитацијатата и расцепот што го предизвика Јанков, ја разнишаа вербата кај селаните за скоро востание. Честите претреси придонесоа народот да го опфати апатија кон делото и раководителите, така што нe прифаќаа и поддржуваа само нашите најдобри пријатели и роднини и тоа само во Д'мбени, а подоцна и во Косинец.

Ние увидовме дека може сe да пропадне ако така продолжи, дека може случајно да загинеме, па решивме да се разделиме со Чакаларов. Тој остана во Д'мбени, а јас отидов во Смрдеш, кај што мислев дека ќе биде побезбедно, иако имаше аскер. Попов во тоа време со 4-ца четници беше во Жупаништа, а Митре Влашето со петмина беше останал во планините, „меѓу мечките". Живееле под една плоча, во шуплина од карпа. Околу нив спиеле мечки, а храна не им носел никој. Затоа Митре отиде во Долна Преспа, кај што беше и Коте, и во тамошните села Трново, Граждано, Орово и во други, во кои дотогаш ништо не беше направено, Организацијата ја постави на здрава основа. Таму Митре остана до крајот на јануари. Во текот на востанието овие села беа целосно изгорени. За да ја докаже својата доследност, Митре со својата чета наумил да го ликвидира злогласниот Селфо-бег, кој имаше чифлици во Долна Преспа (Буковик, Оровник и др.). Го пресретнале меѓу Буковик и Лак и по едночасовна битка, четниците отепале двајца сејмени, бегот и другар му, исто бег, тешко ги раниле. Бегот остана жив. Со тоа Митре се покажа како народен деец.

Пред да се разделиме јас и Чакаларов испративме писмо во Битола во кое напишавме дека состојбата станува многу тешка и баравме да ни објаснат дали ќе има некакво движење напролет и воопшто што да се прави натаму. Ни одговорија да ги испратиме четите во Леринско и Воденско, а ние да заминеме преку Грција и да оставиме само неколкумина легални кои ќе контактираат со Битола и ќе им јавуваат за вкупната состојба. Ние со тоа не се согласивме. Им одговоривме дека ние сме тука родени, дека тука ќе умреме и дека претпочитаме и да станеме жртва на мачната состојба. Тогаш од Битола стаса едно циркуларно писмо упатено до сите села со кое на селаните им се влеваше верба и надеж, дека треба да имаат трпение, дека часот на борбата наближил и сл. Писмото дојде пред Божик, а пред тоа, во текот на ноември ни јавија да определиме човек за окружниот конгрес, кој бил планиран за коледарските празници. Им одговоривме дека делегати можеме да бидеме само јас и Чакаларов. По ова долго не ни се јавија, а кога ние повторно се заинтересиравме ни одговорија дека конгресот се одржал без нас. Конгресот навистина се одржал во Солун, но тој не бил окружен, ниту општ македонско-одрински, како што било планирано, туку конгрес на неколкумина градски раководители и учители, кои малку ја знаеја вистинската состојба на теренот. Од Кукуш имало само еден претставник, а Битолско го претставувал Лозанчев, исто градски раководител. Пред Божик од Битола ни испратија шифрирано пмсмо со препорака да заминеме само ние и со ветување дека пролетта нема да помине без настан. Во придружба со луѓе од окружниот комитет, бидејќи сами не можевме да се движиме по селата, им објаснивме на луѓето дека тешката положба нема долго да трае и дека набрзо ќе дојдеме до крајната цел. Во текот на ноември војската во Статица го фати Коле Славчето, бивш четник на Коте, кој им кажа за пушките, имаше вкупно 30. Аскерот ѕверски измачуваше 12 души кои подоцна лежеа в затвор во Костур, сe до амнестијата, во февруари. Пушките беа скриени в планина, за да не дојдат во рацете на Турците. Но, Геле Трсјански, другар на Коте, една ноќ, по Трсјанската афера (19 мај 1902) влегол во селото, ги фатил нашите луѓе кои беа задолжени за пушките и со сила ги зел и ги оставил пушките кај Коле Славчето. Потоа Коле ги предаде на Турците. Геле околу 25 март 1903 годива беше убиен од луѓе испратени од Сарафов, зашто селото Арменско проплакало од истиот тој Геле.

Селаните малку се окуражија. Аскерот се замори од претресувањата и малку се повлече. Во тоа време се рашири глас дека во текот на февруари ќе има некакви реформи. Турците сами зборуваа дека султанот ќе дели правда и сл. Се слушна дека Австрија и Русија се заложувале за реформите, дека рускиот цар пратил парична помош за бегалцитње. Сето тоа ги заживеа надежите.

Во овој период особено се активираа женските друштва, раководени од селските учителки, особено во Д'мбени и Косинец. Жените не само што не им пречеа на мажите, туку во текот на претресите ги криеја пушките и четниците. Бидејќи мажите не можеа да стражарат, зашто аскерот без двоумење ноќе ги убиваше ако ги сретнеше на пат, стражареа жените и тоа по 2-3 жени на крајот од селото од каде се очекуваше да дојдат Турците и веднаш јавуваа во селото. Стража се чуваше и дење - мажи и жени мешано.

Околу средината на јануари времето се поправи. Ние повторно се собравме, 12 души и продолживме да ги обиколуваме селата. Тогаш јас со четата на Митре првпат во Врбник формирав раководно тело, членови, десетници. Селаните за еден месец купија 30 пушки - толку беа и членовите. Правевме собранија, на кои говоревме и објаснувавме, а на крајот се пееја песни и се извикуваше „ура". Дотогаш нзвикот „ура" не беше познат и тоа правеше впечаток. Ги заменивме и песните кои дотогаш се пееја, кои имаа арнаутски припев, со бугарски воени и училишни песни. Луѓето ги прифатија. Тоа се случуваше до мај.

На 23 февруари, аскерот замина од Смрдеш во Д'мбени, кај што имаше еден таен предавник. Поради неговите информации Турците правеа чести претреси. Заморен од честото одење во Д'мбени за проверки и претреси, аскерот одлучи да се смести во ова село. Д'мбенци поучени од нас не им ги давале на војската подобрите куќи, но таа се обидела на сила да влезе во нив. Поради тоа на 24 февруари се случија нереди: жените се степаа со аскерот во обидот да ги избркаат од една куќа. Имено, кога војниците сакале да влезат во куќата тие ги собрале жените од целото село. Сакале да му јават на јузбашијата дека не сакаат војниците да бидат сместени сред село, зашто нема да можеле слободно да одат по вода, по работа и сл. Затоа би било подобро војниците да бидат на крајот од селото. Војниците не ги пуштале кај јузбашијата и почнале да ги туркаат. Жените се спротиставиле. а една викнала: „Што ги гледате тие кучиња, земајте камења и удрете!" Почнале жените да фрлаат со камења. Тогаш на војниците им било наредено да пукаат. На жените им се придружиле и некои мажи и тие почнале да фрлаат со камења. Кога жените виделе дека Мисовица Влаинката (Бугарка, жена на Мико Влашето) е тешко ранета, дека Јумбруковата жена исто така, иако полесно, дека и едно момче било рането - се повлекле. Другиот ден околу 300 души од селото отишле во Битола да се жалат. Рускиот конзул ги искарал, велејќи им, дека нема милост за нив сe додека ги кријат четите. - „Нашиот цар ќе го остави турскиот цар да ве заколе", им рекол. На тоа учителот Кирјак Трповски му одговорил: „Ние никогаш нема да ги предадеме четите, зашто сите ние сме комити". Потоа отишле кај австрискиот конзул, кој ги пречекал пољубезно, ги посоветувал да не ги предаваат пушките зашто само со нив ќе можат да се ослободат и на крајот им дал два наполеона за пат.

Аскерот остана во Д'мбени. Дојде комисија, обвини некои војници затоа што пукале, а потоа испратија лекар за да ги излечи ранетите. Селаните за инает не колеа никаков добиток, ништо не даваа и затоа аскерот беше принуден сe да набавува од Костур.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина