Спомени - Пандо Кљашев

XVII.

Помирување меѓу егзархистите и Гркоманите. Борис Сарафов со четата доаѓа во Костурско

2 мај

Поради агитацијата која беше во тек и како последица на апсењата на многу костурчани во Грција, потоа поради прогоните на Бугарите, пречките при пренесувањето оружје, однесувањето на владиката итн, - сето тоа многу придонесе селата да се отцепат од патријаршијата. На 24 февруари се сретнавме со Кокарев, војвода од Ресенско и со него отидовме во Смрдеш, во моментот кога аскерот си одеше. Сакавме да го подигнеме духот на населението, прилично паднат поради долгиот престој на војската во селото. На собрание на 28 февруари се донесе одлука да се смират егзархистите и гркоманите, кои повеќе од 12 години меѓу себе беа непријатели. Егзархистите немаа цркви. Се молеа во школото; немаа камбана итн. Борбата беше жестока. Смирувањето значеше гркоманите да ја отворат црквата и за егзархистите и тие да можат да ги задоволуваат своите црковни лотреби, така исто и поповите да можат да им служат в црква, да ги пеат мртвите и сл. Двете страни се обврзаа да го исплатат селскиот долг кој беше поголем од 500-600 лири. Во спомен на денот на смирувањето, 28 февруари се празнува како значаен ден.

Две недели по воспоставувањето заедништво, целото село ја призна Егзархијата. По примерот на Смрдеш тргнаа и другите села. Повеќето од нив изјавија кај власта дека ја признаваат Егзархијата. Тоа се случуваше во март и тогаш егзархиски станаа Косинец, Смрдеш, В'мбел, Врбник, Жупаништа, Апоскеп, Габреш, Кономладн, Бапчор и др.

На 17 март дојде Сарафов со четата. Името на Сарафов беше доволно да ги одушеви селаните и да им ја врати надежта во востанието. И враќањето на печалбарите, што уследи по наша иницијатива (а по наредба од Битола) ги увери селаните дека подготовките за борба се сериозни. Треба да се каже дека во декември во Мокрени дојде Давидов. Му напиша на Чакаларов да дојде да се видат, но до средба не дојде поради познатите околности. Затоа Давидов, преку Арменско, отиде во Преспа и Ресенско.

Енергичниот тон и динамичноста на Сарафов многу влијаеше врз селаните, така што се зацврсти нивната верба во делото. Сарафов им зборуваше и на жените дека не треба да офкаат за своите мажи, дека не треба да ги спречуваат во работата и сл. Сите викаа „ура", восхитени до немајкаде. Само со тоа одушевување кое тогаш царуваше, може да се објасни помошта што околните села му ја пружија на Смрдеш во битката која се случи додека таму беше Сарафов, и која ви ја опишал Ив. Попов.

На 16 февруари во Апоскеп се одржа состанок на централните раководители на кого се обмислија подготовките за востанието и акциите што ќе се преземат првиот ден. Има зачуван и записник од состанокот. Духот се зацврсти по амнестијата, зашто се ослободија значајни луѓе како што беа Поп Трајков, Мих. Николов, затворен поради глупостите на Јанков. Поп Трајков штотуку стана постојан раководител, му облековме четничка облека, а другиот ден - на 28 февруари, се случи битката во Смрдеш.

Откако мина аферата и по делењето на четите, со Сарафов на 3 април отидовме во Смилево, на конгрес.

Раководителите на четите Поп Трајков и Манол Розов, кој се префрли во илегалност (до тогаш беше учител во родното село Бобишта) се нафатија сериозно да го подготват населението за борба. Ги обиколуваа селата, формираа селски чети, вежбаа со нив... Попов ја водеше својата чета.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина