Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Славејко Арсов

XVII.

Четите постепено се распуштаат. Дамјан Груев и Арсов се убедуваат дека помош од надвор нема да има. Турската војска ги гори и планините. Се одлучува да се собере оружјето и да се складира на скришни места. Преовладува очајот. Арсов со 24 четници заминува во Бугарија. Груев и Сугарев остануваат да го соберат оружјето

Во градот Турците со оние кои се предадоа се однесуваа меко, за да влијаат и врз другите четници и тие да се предадат. По примерот на перовци, се предадоа и четниците од Дрмени, но не во група, туку по 7-8, или 2-3. Мнозина ги скриле пушките и се јавиле без пушки, божем четата им ги зела, како божем и четата ги натерала да востанат. Кога видов што се случува, се вратив на Бигла да се сретнам со другите чети и да видам што понатаму. Тука духот уште беше добар. Ги поправивме опинците на момчињата - имавме готов ѓон, а имавме и 5-6 мајстори. Се погостивме. Повторно ги пуштив четите со совет да не се предаваат. Се разделивме. Дамјан Груев беше блиску, исто на Бигла, од смилевската страна, на 2 часа растојание. Со него често се сретнувавме, разговаравме и доаѓавме до убедување дека сшранска помош нема да има. Од секаде доаѓаа лоши известувања - дека овде се предале, таму се предале, дека паднал духот и сл. СРилното движење на војската, која почна дури и планините да ги гори, откако пред тоа цели дивизии запоседнуваа во нив, сето тоа ги забрзуваше одлуките. Се одлучи час поскоро да се собере оружјето, да се складира во добро подготвени сандаци, сместени во дупки, ископани од најверните луѓе на пристапни места во планината. Пушките се мачкаа со зејтин и маст-вазелин; чарковите се ставаа во газија. Тоа го направивме околу нас, на Бигла. Лозанчев отиде во Демир Хисар за истата работа, да собере оружје колку што може, а Сарафов со 10-15 души отиде во Преспанско и Леринско, со цел да направи нови атентати со помош на месните чети на линијата Солун -Битола и, минувајќи, го собира оружјето од момчињата. Малку направи, зашто повеќето оружје во Преспа, Ресенско и Костурско беше предадено. Ѓорѓи Сугарев и Груев останаа на Бигла да го соберат оружјето и да контактираат со Битола. Тука беше Ацо Дорев со кого се водеше кореспонденцијата. Ацо Дорев не беше сомнителен, тој беше книжар, ги добиваше писмата преку други луѓе. Тој е стар работник. Јас се вратив назад, го собрав оружјето од златарската чета, дел и од сопотската, го складирав (околу 18 септември). Истото го направив и во Кривени, Крушево и Лева Река. Многумина заплакаа кога го даваа оружјето - голем беше очајот. Им рековме дека привремено го запираме востанието поради потерите и за да ги прибереме храната, жените и сл. а на пролет, ако не ни дадат слобода, ќе се биеме до смрт.

Отидов во Болно, кај што во планината ја разоружав целата чета, 50-60 души. Дезертирањето зачести. Постојано се намалуваа четите, јавни беа непослушноста и деморализацијата. Во тоа време се слушна дека иде потера и ние тргнавме, а 10-тина како замаени, без пушки, не сакаа да дојдат со нас: „без пушки, без леб, без имот, каде да одиме?" -велеа. Тие останаа тука, а Турците другиот ден ги отепале до еден. Тоа беше на местото „Влашко Орниче", кај што ги собрав пушките, кои на коњи ги однесовме на Бигла. Ние ги чувме пушките кога пукнаа, кога ги отепаа луѓето. Потоа Турците ја запалија планината, патем фатиле неколкумина Избиштани и болничани, ги претепале до смрт и ги затвориле во Ресен.

Во исто време се разоружаа и четите од Дупени, Покрвеник и Царевдвор кои исто така дојдоа на Бигла. Многумина отидоа со оружјето кое подоцна им го предадоа на Турците. Потерите се движеа. Турците разбраа дека го собираме и го складираме оружјето и вложија многу напор да ги откријат складовите. Во неколку случаи тие ги најдоа. Турците ги открија сите наши слабости, почнаа да не пресретнуваат и со помали одделенија, почнаа да се пикаат и во шумичките. Грабежите и насилствата продолжуваа, особено врз селаните кои уште не го беа предале оружјето. Нам не ни остануваше ништо друго, освен да ги собереме последните сили, да ги одбереме подобрите момчиња и да заминеме некаде, зашто и населението ни викаше: „тргнете се некое време, а потоа, кога ќе се смири, дојдете пак". Од четата од Подмочани не можевме да го собереме оружјето, зашто таа се предаде. Исто и езеранската. Успеавме да складираме околу 270, а 100-тина пушки скрија самите селани. Од складираните еден склад предадоа -105 пушки. Требаше да се распушти четата и да останат само со 2-3 момчиња, но момчињата не сакаа да се одделат од мене - стари дејци, одеа со мене по 20-16-10 месеци. Решив да тргнам во Бугарија. Во тоа време и Сарафов тргнал, низ Леринско.

Одлуката за Бугарија ја донесов на Бигла. Се сретнав со Груев, му кажав. Секое момче го снабдив со 3-4 леба, месо, сирење и со 24 момчиња, тргнав на 28 септември. Сугарев реши да остане. Уште имаше оружје за собирање и тој продолжи со таа работа.

Се поздравив со Груев и Сугарев во Демир Хисар. Груев беше во манастирот св. Петар (Слимничкиот манастир). Таму се поздравивме. Патувавме низ: Слепченскиот манастир - па во Доленци-Брезово-Дивјаци - па низ Бушева Планина во Латовско - потоа низ Сланска Планина, во Крапа, па низ планината се префрливме во Велешко, во селото Папрадиште, потоа во селата Нежилово, Бистрица и Черешница, кај што не беа виделе чети, ниту знаеја за Организацијата. Стасавме до Крива Круша (Велешко), излеговме на Вардар, кај селото Слп. Спокојно го минавме Вардар, длабок до подмишка, а оттаму стасавме до планината Брезица (Скопско), потоа во Трстенишко - во едни карпи, кај Преход во селото Сопот и денски го минавме цело Овче Поле, заради една потера од 150 души. Во селото Неманци отепавме еден стражар. Оттука во селото Соколица, Кратовско, потоа над Кратово во село Куново-Којково, па под Егри Паланка*, и низ Китка ја минавме границата и дојдовме во селото Раненци, кај Ќустендил. Тука го оставивме оружјето. На 26 октомври, пред Митровден вечерта, ја минавме границата сите живи и здрави.

Почеток | <<Назад | Содржина