VIII Конгрес

Осмиот општ конгрес на ВМРО се одржал од 11 до15 април 1932 година во с. Тросково, Горноџумајско.

За членови на новиот Централен комитет на ВМРО биле избрани: Иван Михајлов, Владимир Куртев и Георги Настев. За резервни членови се избираат: К. Дрангов, М. Монев и Ј. Чкатров.

На него е ислушан и одобрен рефератот за периодот од 1928 до 1932 г. Освен тоа хрватското и албанското националноослободително движење со ВМРО склучиле спогодба за заеднички дејствија против големосрбската освојувачка и асимилаторска политика.

На Конгресот со жалење е констатирано дека без резултат останале сите петиции испратени до Општеството на народите и до владите на големите сили испратени од страна на македонските легални организации, од протераното македонско свештенство и од специјалните делегати на поробеното македонско население.Од конгресот се отфрлени „балканските конференции“, чијашто цел беше да го зацврсти дотогашното статускво на Балканскиот полуостров. Обединувањето на балканските народи се смета за пожелно и полезно, но конгресот како услов за балканска федерација ја посочува независноста и целокупноста на Македонија. И тој конгрес го задолжува Централниот комитет на ВМРО да продолжи докрај со пронаоѓањето на оние кои имаат вина за убиството на Тодор Александров.

<<Назад