Букурешкиот мировен договор од 28 јули 1913 година

МЕЃУНАРОДНИ АКТИ И ДОГОВОРИ КОИ СЕ ОДНЕСУВААТ НА БУГАРИЈА

СО ОБЈАСНУВАЧКИ БЕЛЕШКИ И ЕДНА КАРТА НА БУГАРИЈА И СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ

Г. П. ПЕНОВ ( ПРОФЕСОР ПО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО НА СОФИСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ)

СОФИЈА, 1940

 

Букурешки договор за мир

Склучен помеѓу Бугарија, Грција, Црна Гора, Романија и Србија
Потпишан на 28 јули (10 август) 1913 год.

          Неговото Величество Царот на Бугарите од една страна и Нивните величества Царот на Елините, Царот на Романија и Царот на Србија, од друга страна, водени од желбата да се стави крај на воената состојба, која постои меѓу нивните почитувани држави, сакајќи да внесат ред и мир меѓу нивните народи, ставени на долготрајни проби, решија да склучат еден завршен договор за мир. За таа цел, нивните Величества ги назначија своите полномошници, имено:

          Неговото Величество, Царот на Бугарите:

                Неговото Превозходство, Господин Димитар Тончев, Негов министер за финансии; Генерал–мајорот Иван Фичев, началник на штабот на Неговата армија; Господин Сава Иванчев, доктор по право, бивш потпретседател на Народното Собрание; Господин Симеон Радев и Полковникот од Генералниот штаб Константин Станчев.

          Неговото Величество, Царот на Елините:

                Неговото Превозходство Елефтериос Венизелос, Негов Министер – Претседател, Министер на Војната; Неговото Превозходство Господин Димитар Панас, ополномоштен Министер; Господин Никола Политис, професор по меѓународно право на Парискиот универзитет; Капетан К. Пали и капетан А. Ексадактилос.

          Неговото Величество, Црно-горскиот Крал:

                Неговото Превозходство Генерал – Сердар Јанко Вукотиќ, Неговиот Министер Претседател и Министер на војната; Господин Иван Матановиќ, бивш Црногорски отправник на работите во Цариград.

          Неговото Величество Романскиот Крал:

                Неговото Превозходство Господин Титу Мајореску, Негов Министер Претседател и Министер за Внатрешни работи;        Неговото Превозходство Господин Александар Маргиломан, Негов Министер за финансии; Неговото Превозходство Господин Таке Јонеску, Негов Министер за Внатрешни работи; Неговото Превозходство Господин Константин Г. Дисеско, Негов Министер за Вероисповед и Народна Просвета; Генерал Аѓутант на дивизија К. Коанда, Главен Инспектор на артилеријата и Полковникот К. Христеско, Помошник Началник на Штабот на Неговата армија.

          Неговото Величество Српскиот Крал:

                Неговото Превозходство Господин Никола П. Пашиќ, Негов Министер Претседател и Министер за надворешни работи; Неговото Превозходство Господин Михаил Г. Ристиќ, Вонреден пратеник и Ополномоштен Министер во Букурешт; Неговото Превозходство Д-р Мирослав Спалаиковиќ, Вонреден Пратеник и Ополномоштен Министер; Полковник К. Смиљаниќ и Потполковник Д. Калафатовиќ, кои, согласно на предлогот на Кралската Влада на Романија, се собраа на конференцијата во Букурешт, снабдени со соодветни ополномоштувања. Бидејќи среќно е постигната согласност помеѓу нив, тие постигнаа согласност за следните уредби:

          Чл. 1. – Од денот на размената на ратификациите на овој договор, ќе има мир и пријателство меѓу Неговото Величество Царот на Бугарите, Неговото Величество Царот на Грците, Неговото Величество Црногорскиот Крал, Неговото Величество Романскиот Крал, Неговото Величество Српскиот Крал, како и меѓу Нивните наследници и следбеници, Нивните држави и почитувани поданици.

          Чл. 2. – Меѓу Царството Бугарија и Царството Романија, старата граница меѓу Дунав и Црно Море се коригира согласно на протоколот, составен од почитуваните воени делегати и приклучен кон протоколот број 5 од 22 јули (4 август) 1913 г. на Букурешката конференција, како што следи подолу:

          Новата граница тргнува од Дунав, погоре од Тутракан по течението на реката и стигнува до Црно Море, на југ од Екрене.

          Меѓу тие две крајни точки на пограничната линија се наоѓа трасата, означена на картата 1/100.000 и 1/200.000 на романскиот Генерален Штаб и согласно на описот приложен кон овој член.

          Изричито е договорено Бугарија да ги отстрани, најдоцна во рок од две години, постојната опрема во утврдувањата и нема да постројува нови во Русе, Шумен, во меѓупросторот и во зоната дваесет километри околу Балчик.

          Една мешовита комисија, составена од еднаков број претставници на двете високи договорни страни, ќе биде задолжена, пред истекот на петнаесет дена од потпишувањето на овој договор, да го спроведе трасирањето на новата граница на самото место, согласно на претходните уредби. Таа комисија ќе ја уреди поделбата на недвижните имоти и капиталите, кои досега им припаѓале на окрузите, општините или селата. Во случај на несогласувања во врска со трасата и мерките што се превземаат, двете високи договорни страни се согласуваат да се обратат до трета пријателска влада, со молба да назначи еден арбитер, чие решение за спорните точки ќе се смета за конечно.

Чл. 3. – Меѓу Царството Бугарија и Царството Србија, границата ќе врви, согласно на протоколот, составен од почитуваните воени делегати и приклучен кон протоколот бр. 9 од 25 јули (7 август) 1913 год. на Букурешката конференција, по следната траса:

Пограничната линија тргнува од старата граница, од врвот на Патарица, следува старата турско – бугарска граница и вододелницата меѓу реките Вардар и Струма, со исклучок на горното течение на Струмица, кое останува во српска територија; таа завршува кај планината Беласица, каде ќе се поврзе со бугарско – грчката граница.

Подетален опис на таа граница и нејзината траса на картата 1/200.000 на австрискиот генерален штаб се прилог кон овој член.

Една мешовита комисија, составена од претставници на двете договорни страни, ќе биде задолжена, пред истекот на петнаесет дена од потпишувањето на овој договор, да ја утврди на самото место трасата на новата граница, согласно на претходните уредби. Таа комисија ќе ја уреди поделбата на недвижните имоти и капиталите, кои досега им припаѓале на окрузите, општините или селата. Во случај на несогласувања во врска со трасата и мерките што се превземаат, двете високи договорни страни се согласуваат да се обратат до трета пријателска влада, со молба да назначи еден арбитар, чие решение за спорните точки ќе се смета за конечно.

Чл. 4. – Прашањата, кои се однесуваат за старата бугарско – српска граница, ќе се уредат според постигнатата согласност меѓу двете договорни страни, што е обележано во протоколот приклучен кон овој член.

Чл. 5. - Меѓу Царството Бугарија и Царството Грција ќе биде границата како што следи во протоколот, сосатавен од почитуваните воени делегати и приложен кон протоколот бр. 9 од 25 јули (7 август) 1913 год. на Букурешката конференција, и тоа следната траса:

Граничната линија тргнува од новата бугарско – српска граница по гребенот на планината Беласица и завршува кај вливот на реката Места во Егејското Море.

Меѓу тие две крајни точки на пограничната линија се наоѓа трасата, означена на картата 1/200.000 на Австрискиот Генерален Штаб и согласно на описот приложен кон овој член.

Една мешовита комисија, составена од претставници на двете договорни страни, ќе биде задолжена, пред истекот на петнаесет дена од потпишувањето на овој договор, да ја утврди на самото место трасата на новата граница, согласно на претходните уредби.

Таа комисија ќе ја уреди поделбата на недвижните имоти и капиталите, кои досега им припаѓале на окрузите, општините или селата. Во случај на несогласувања во врска со трасата и мерките што се превземаат, двете високи договорни страни се согласуваат да се обратат до трета пријателска влада, со молба да назначи еден арбитар, чие решение за спорните точки ќе се смета за конечно.

Изрично е договорено дека, отсега натаму Бугарија се откажува од секакви претензии од островот Крит.

Чл. 6. – Седиштата на главните штабови на почитуваните армии веднаш ќе бидат известени за потпишувањето на овој договор. Бугарската влада се задолжува да ја сведе, својата армија во мирновремен состав, уште на следниот ден по давањето на соопштението. Таа ќе ја испрати војската во гарнизоните, каде ќе се пристапи, во најкусо време, кон враќање на разните видови на резервисти во нивните огништа.

Војската, чии гарнизони се наоѓаат во зоната окупирана од армија на некоја од високите договорни држави, ќе се испрати на друг пункт од старата бугарска територија и може да се поврати во вообичаените свои гарнизони само после испразнувањето на гореспоменатаата окупациона зона.

Чл. 7. – Испразнувањето на бугарската територија, било стара или нова, треба да започне веднаш по демобилизацијата на бугарската армија и ќе се приврши најдоцна за 15 дена.

За тоа време демаркационата зона на активната романска војска ќе биде означена од линијата: Свиштов – Ловеч – Турски Извор – Гложене – Златица – Мирково – Араба Конак – Орхане – Мездра – Враца – Берковица – Лом – Дунав.

Чл. 8. – За време на окупацијата на бугарската територија, различните армии го задржуваат правото на реквизиција на она со кое се располага преку него во исплаќање.

Тие слободно ќе ги користат железничките пруги за превоз на војски и храна од секаков вид, без како и да е обештетување во корист на месната власт. Болните и ранетите ќе бидат под заштитата на споменатите војски.

Чл. 9. – Во што е можно покус рок по размената на ратификацијата на овој договор, сите воени заробеници ќе бидат меѓусебно разменети.

Владите на високите договорни страни ќе назначат специјални комесари, задолжени со приемот на заробениците.

Сите заробеници во рацете на една влада ќе се предадат на комесарот на владата на кого му припаѓаат, или на надлежниот од него ополномоштен претставник во местото кое ќе го определат заинтересираните страни.

Владите на високите договорни страни со взаемна почит и по можност веднаш по предавањето на сите заробеници, ќе си поднесат сметки за трошоците околу грижата и издршката за заробениците од денот на заробувањето до денот на смртта или враќањето. Прифаќање нема да се прави меѓу сумите кои ги должи Бугарија на една од другите договорни страни и оние кои ги должат другите високи договорни страни на Бугарија, така што разликата да се испрати на владата – кредитор што поскоро по размената на горе споменатите сметки.

Чл. 10. – Овој договор ќе се ратификува и ратификациите ќе се разменат во Букурешт во рок од 15 дена или порано, ако тоа биде можно.

Потврдено од почитуваните полномошници со нивни потпис и поткрепено со печат.

Потпишан во Букурешт на 28 ден од месец Јули (10 ден на месец август) 1913 год.

Потпишале:

За Бугарија:
Д. Тончев, Генерал Фичев, Д-р С. Иванчев, С. Радев и Потполковник Станчов.

За Грција:
Е. К. Венизелос, Д. Панас, Н. Политис, Капетан Ексадактилос, Капењтан Пали.

За Црна Гора:
Генерал Сердар Јован Вукотиќ, И. Матановиќ.

За Романија:
Т. Мајореско, Ал. Маргиломан, Такне Јонеску, С. Ж. Дисеску, Генерал – Аѓутант Коанда, Полковник С. Кристеску.

За Србија:
Никола П. Пашиќ, М. С. Ристиќ, М. Спалаиковиќ, Полковник Смиљаниќ, Потполковник Д. Калафатовиќ.

 

***
Со БУКУРЕШКИОТ ДОГОВОР од 28 јули (10 август) 1913 год. се заврши т.н. меѓусојузничка или втора Балканска војна. Таа претставува една од најтрагичните епизоди во животот на балканските народи. Со неа се наруши Балканскиот сојуз и поставеното начело за едно трајно разбирање и сојузништво меѓу христијанските народи на Балканот.

Територијата на запад од линијата Мидија – Енос, отстапена од Турција по Лондонскиот договор од 17/30 мај 1913 год., требаше да биде поделена меѓу Балканските сојузници: Бугарија, Србија, Грција и Црна Гора. Прашањето за поделбата на териториите, отстапени на сојузниците од Турција, беше уредено само во договорот за сојуз и пријателство меѓу Бугарија и Србија од 29 фебруари 1913 год. Се однесуваше за положбата на Македонија која беше разделена на две зони: спорна и неспорна. Неспорната зона беше определена како исклучителна припадност на Бугарија, додека судбината на спорната зона остануваше да се определи со согласност меѓу двете сојузни влади, а ако тоа се покажеше невозможно, спорот требаше да биде разрешен од арбитража на Рускиот Цар.

Со Грција, која подоцна се присоедини кон Балканскиот сојуз, не беше ништо договорено за поделбата на земјите кои при евентуална нивна победа би ги оставила во рацете на сојузниците. А уште од минатото беа познати грчките претензии кон Македонија и тоа врз делови од неспорната зона на таа област, а која зона беше препуштена на Бугарија. 

Природно, сето тоа ги усложни вонредно тешките односи меѓу сојузниците кога дојде прашањето за поделба на освоените земји.

Во почетокот на април 1913 год. српскиот владин претставник соопшти дека Србија има право да се откаже од склучените договори и да бара промена на нивните клаузули во своја корист. (3. IV. 1913 год.)

Српската влада го изнесе својот став по ова прашање во својата нота од 2 Мај истата година и во соопштението дадено на 15 истиот месец пред Собранието од страна на Српскиот министер претседател Никола Пашиќ се укажа дека српските интереси налагаат, сите договори и согласности склучени со Бугарија, да се ревидираат по правилото REBUS SIC STANTIBUS [1]. Во своето експозе, српскиот министер претседател, меѓу другото рече: „Ако со време, основата, врз која почива договорот, претрпи измени, со заедничкиот договор, ако се сака да биде поддржан, мора да биде ревидиран и да се приспособи кон новите состојби“.

Понатаму Пашиќ настојуваше, дека сите факти на кој почиваа договорот и воената конвенција, се промениле, поради што не може да остане непроменета и разгранувачката линија во Македонија. Според договорот целата освоена територија им припаѓа на двете сојузни држави, а по интервенцијата на Грција и Црна Гора таа им припаѓа заеднички на четирите сојузни држави. Пашиќ настојуваше исто така, дека Србија имала неспорно право на територијален пристап до брегот на Јандранското Море, право кое е скапо платено од неа, но по барањето на Австрија, големите сили ја лишиле од Јадранскиот брег и со тоа била обезвреднета онаа клаузула од договорот во која за Србија се предвидувало излез на Јадранскиот брег. Пашиќ открива - второ нарушување на договорите, во продолжувањето на војната после примирјето, затоа што новите воени дејствија биле наложени само за Одрин, посакуван од Бугарија. Трето нарушување – во незапазувањето на воените конвенции, бидејќи Бугарија не можела да ги даде од неа предвидените 100.000 луѓе за воените дејствија во Вардарската долина, туку напротив, ја присилила Србија да испрати 50.000 армија за Одрин, нешто кое не било договорено во воените конвенции.

Најпосле, српскиот министер – претседател го засегна прашањето за поделбата на завземените територии по етнички принцип. Според него не е возможно применување на тој принцип во овој случај бидејќи „Македонското население, вели тој, е многу мешовито и не создава етнографска единица“.

Одговорот на бугарската влада се наоѓа во опширната и аргументирана нота, која господин д-р Ст. Данев, шеф на кабинетот и министер за надворешни работи, ја упати на српската влада на 5 јуни 1913 год. По прашањето за исполнувањето на воените конвенции, нотата соопштува: „Како Бугарија, така и Србија, во дадениот случај не направиле ништо повеќе од тоа, што биле должни да го направат по силата на меѓу нив склучените спогодби“.

За излез на Србија на Јадранско Море не станува збор ниту во еден од договорните документи кој ги содржат заемните права и должности на сојузниците; во тие документи дури и не се споменува името на тоа море.

Што се однесува до најважното прашање, за толкувањето на бугарско – српскиот сојуизен договор од 29 фебруари 1912 гоид. бугарската влада го поддржува тоа дека српската влада влегува во јавна противречност не само со сојузниот договор, туку и со самата негова суштина, кога вели дека спорна зона била целата територија меѓу Шар планина, Родопите, Егејското Море и Охридсдкото Езеро, т.е., цела Македонија. Не е вистинито становиштето на белградската влада дека прашањето за поделбата на таа територија не било крајно разрешено од сојузниот договор, а исто така и нејзиното тврдење дека сојузниот договор е нарушен како со учеството на двата нови сојузници (Грција и Црна Гора), така и од решението на големите сили за Албанија.

Бугарската влада е согласна, според вистинската смисла на член 2 од тајниот прилог кон сојузниот договор, дека спорната зона меѓу двата сојузници не ја опфаќа цела Македонија, туку само оној нејзин дел, кој се наоѓа на запад и на север од подробно и картографски опишаната гранична линија во истиот член, преку која Србија се задолжи да не бара ништо. Ако спорот за таа спорна зона не може да бидер разрешен бна пријателски начин, останува арбитарот, Неговото Величество, рускиот Цар да го каже својот збор по него.

Понатаму, нотата на бугарската влада многу основано го потцртува ослободителниот, а не завојувачкиот карактер на балканската војна, околност која не треба да се заборави во никој случај, бидејќи тоа беше единствената причина за создавањето на сојузот и за водењето на војната. На таа единствена основа се водени и сите преговори меѓу Бугарија и Србија. Нотата го отфрла, најпосле, и српскиот аргумент за ревизија на меѓусојузничкиот договор: Зачувувањето на балканската рамнотежа, затоа што Бугарија претендира за земји, кои етнички и припаѓаат по силата на една претходно и доброволно склучена спогодба со самата Србија.

Бугарскиот одговор не помогна за изгладување на недоразбирањата. Српската влада откажа, наспроти настојувањата од Петерсбург, спорот да се довери на императорот, а истовремено да се пререши прашањето за цела Македонија.

Со оглед на настаните, меѓу Србија и Грција се склучува нов сојузен договор (во Солун, на 24 мај 1913 год.) веќе насочен против Бугарија. Грција беше незадоволна поради бугарските претензии за Солун, бидејќи тој град грчката влада не сакаше да го отстапи по никој начин. Венизелос, тогашниот грчки монистер – претседател, беше согласен да допушти идната бугарско – грчка граница да минува десетина колометри северно од Солун, но во никој случај не се согласуваше да го отстапи самиот град.

Тие настани предизвикаа голема возбуда во Бугарија, со што се објаснува и ненадејниот напад од бугарска страна, извршен на 16/29 јуни 1913 год., со што започна и меѓусојузничката војна.

Следува интервенцијата на Романија и Турција против Бугарија. Во Букурешт беа незадоволни од решенијата на Петерсбуршката конференција, која им ја отстапи само Силистра, а не и цела јужна Добруџа, како што сакаа романците. Во Цариград, природно, не беа задоволни од Лондонскиот договор, кој, покрај се друго, им ја одземаше источна Тракија со Одрин.

По нападот од 16/29 јуни 1913 год., кога Бугарија ги ангажираше сите свои сили за напад против србите и грците, немаше ништо полесно за Романија и Турција да извршат упад во незаштитените бугарски земји и да го завладеат тоа што го сакаат. Така и се случи. Без да наидат на било каков отпор, романската војска ја завзеде цела јужна Добруџа, а преку Дунав се доближи до Софија; во исто време турската војска ја мина граничната линија Мидија – Енос, определена со Лондонскиот договор од 17/30 мај 1913 год. и ги завзеде Источна Тракија и Одрин.

Бугарија, оневозможена да се брани од нападите што доаѓаа од четирите страни, беше присилена да склучи примирје (17/30 јули 1913 год.) а потоа и конечен мир, со Грција, Србија, Романија и Црна Гора во Букурешт (28 јули /10 август 1913 год.), а со Турција во Цариград (16/24 септември 1913 год.).

Според тие два договори, Бугарија ги изгуби не само сите плодови од своите многу блескави победи во Тракија, туку и дел од својата сопствена територија – јужна Добруџа, откината од Романија. Речиси цела Македонија беше поделена од Србија и Грција, со исклучок на областа околу Петрич, Струмица, Горна Џумаја и Разлог, кои и останаа на Бугарија, а според Цариградскиот договор таа ја изгуби источна Тракија со Одрин, за кој даде така скапи жртви. Сепак, Бугарската држава доби покус излез на Егејското Море, бидејќи западна Тракија, меѓу реките Марица и Места, остана во нејзините предели. На егејскиот брег таа располагаше со пристаништето Деде Агач, макар што железничката пруга, која ја поврзува Бугарија со тоа пристаниште, минуваше на некои места преку турска територија.

Меѓу сојузничката војна го разниша штотуку создадениот Балкански сојуз, кој беше создаден под заштита на согласноста, најмногу на Русија. Рускиот император беше посочен и за арбитар. Неговото крајно формално решение не може да се дознае, заради избувнувањето на конфликтот од 16/29 јуни 1913 год. меѓу сојузниците. Малку пред тоа, меѓутоа, во Софија беше добиена строго доверлива телеграма од Петерсбург, испратена од тогашниот руски ополномоштен министер Некљудов, потпишана од помошник министерот за надворешни работи на Русија, Нератов, со која се настојуваше Бугарската влада да превземе арбитража откако ќе се осознае дека министерот ќе и ја додели на Србија само спорната зона, а целата неспорна зона ќе и остане на Бугарија. Настаните го попречија донесувањето на било какви разумни решенија.

1. Начело во Меѓународното право – Договорот е задолжителен за странките (договорени се до моментот дури постојат условите какви што биле кога бил склучен Договорот (Букурешки) – Кога настапила измената на условите и околностите, договорот престанува да важи)

\<<Назад | Почеток