Основањето на ВМРО

Широкото ослободително движење што ја зафатило Македонија во 90-тите години од XIX век довело до формирање на тајна револуционерна организација. Иници.јативата за тоа й припаднала на интелегенцијата. Македонските студенти во странство започнале да создаваат разни друштва во чија основа влегле револуционерните цели.

Од своја страна, тешките социјално-политички услови во земјата исто така придонесувале за спонтано создавање на групи, чија основна задача била самоодбрана од разните  злосторници.

Во 90-тите години од XIX век скоро во сите делови на Македонија егзистирале организирани групи од селани за самоодбрана. Само во непосредната околина на Битолско имало неколку такви групи.

Постоењето на разните групи и кружоци и разните концепции за тоа каков облик и цел треба да й се даде на идната револуционерна организација поттикнувале кон иницијативата за поставување основите на организација што ќе ги собере, ќе ги обедини расфрлените, распокинати сили, ќе ги потчини на една определена цел – ослободувањето на Македонија. Останувало само да се направи последниот чекор – обединувањето на националната сила на македонскиот народ во една општа револуционерна организација.

Во есента на 1893 година бил направен и тој чекор. На 23 октомври 1893 година (стар стил) во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собраа шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, кое што ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – професор, родум од с. Смилево - Битолско, Петар Поп Aрсов – професор, родум од с. Богомила - Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово - Солунско и Христо Батанџиев – професор, родум од с.Гуменџе, Ениџе Вардарско, основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет.

Основната тема на состанокот била идната политичка работа во Македонија и неопходноста од организирана општествена дејност во неа. По долгата дискусија, групата се конституирала како друштво со задача сите присутни да работат за неговото ширење меѓу своите познати. Ползувајќи се од условите што ги давал Солун како централно место во Македонија, во кој се собирале учители, еснафи, трговци, свештеници, за кратко време бил привлечен голем број на луѓе во новото друштво. И што е уште поважно, се дошло до сознанието дека во Македонија постојат услови за развивање на усилена револуционерна дејност. Охрабрени од тоа, во почетокот на 1894 година, пред Богојавление, организаторите по вторпат се сретнале во Солун за да ги определат целта, името и статутот на Организацијата.

По обемната дискусија во која дошле до израз погледите на секој поединец, најпосле, според тврдењето на И.Х.Николов, се поставиле следниве цели пред новата организација: да биде тајна и револуционерна; нејзината територија да ја сочинува Македонија во географските и етнографските граници, поради што ќе се вика внатрешна; во неа да членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност. Политичката цел на организираните Македонци била: автономија на Македонија, да се чува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните слободни држави.

На состанокот се решило еден од присутните, Петар Поп Арсов, да изработи проект на устав. Подоцна, кога овој Устав бил прифатен, се извршило и конституирање на новата организација. За претседател бил избран Христо Татарчев, а за секретар-касиер Даме Груев.

....Иван Хаџи Николов
Во договореното време на 23 октомври 1893 година, во петокот навечер, сите шестмина се собравме во живеалиштето на Христо Батанџиев. Јас ја објаснив целта на нашата средба дали не е време да се основа револуционерна организација, каква треба да биде нејзината тактика и нејзиното политичко верују, кои ќе има право да членуваат во неа, и какви треба да бидат нејзините односи со македонската емиграција што се наоѓа надвор од територијата на Македонија и сл.

Поставените прашања беа предмет на разгледување од нас шестмината, но најподробно и најопширно се искажа д-р Христо Татарчев. На крај дојдовме до следнава согласност: 1. Организацијата треба да биде тајна и револуционерна, 2. Нејзината територија ја сочинува само Македонија, во нејзинитре географски и етнографски граници, поради што ќе се наречува и внатрешна, 3. Во неа ќе членуваат лица родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност, 4. Политичкото верују на организираните Македонци е: автономија на Македонија и 5. Да се запазува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните словни држави....

За проширувањето на кружокот и за привлекување на сомисленици, на крај решивме секој еден од нас да ги посветува во ре волуционерната идеја своите  најблиски луѓе во Солун и провинцијата....

На втората седница во јануари 1894 година предложив да ја прошириме Револуционерната организација меѓу интелегенцијата во цела Македонија, и за да го узнаеме нејзиниот менталитет и нејзиното расположение спрема ослободителното дело, при сеќавања да се изнесува прашањето за политиката на Егзархијата, како што постапив и јас при изборот на своите први другари, па оние што ќе се изнесат позитивно за егзархиската централистичка политика да се сметаат за ненадежни, а пак оние што ќе бидат за децентрализација на нашето црковно – училишно дело во Македонија – за надежни и да бидат посветувани во револуционерната идеја, при што да им се постави за задача секој во својот реон да формира кружок од испитани и борбени другари. Предлогот ми беше прифатен и на П. Арсов му се постави задача да напише брошура под наслов „Стамболовштината во Македонија“....

На една од наредните седници решивме во Солун да основаме неделно училиште, божем за неписмени и недостатно писмени, во кое ќе имаме можност да узнаеме за духот и гледањата на членовите, и потем тие да бидат посветувани во делото, та на таков начин да се прошири солунскиот кружок. За учители – раководители на неделното училиште ги одредивме Дамјан Груев и Лазар Димитров. Овој последниов и Тане Мурџев беа првите наши последователи во Солун. Програмата во неделното училиште се состоеше во: малку читање и сметање, а повеќе читање и раскажување за Француската револуција, за италијанското обединување, за Гарибалди и слично – воопшто прикажување за востанија и револуции.....По двомесечно функционирање, го затворивме неделното училиште.

На истата седница за претседател на Централниот комитет го избравме д-р Х ристо Татарчев, за благајник – Дамјан Груев....За постојан президиум ги избравме: д-р  Христо Татарчев, Дамјан Груев и мене....Главната работа на нас двајцата (И.Х.Николов и Д.Груев з.м.) се состоеше во тоа да водиме шифрирана кореспонденција со провинцијата, и да организираме средби со нашите луѓе што доаѓаа од провинцијата во Солун.....

....Дамјан Груев
Во Солун ја поминав следната година, на работа во печатницата на Самарџиев. Тука се сретнав со свои стари другари: Поп Арсов, Андон Димитров (родум од солунското с. Ајватово, сега член на битолскиот суд); д-р Христо Татарчев, Хаџи Николов (од Кукуш), Христо Батанџиев (од Гуменџе, секретар на солунската општина?). Со нив ја обновивме старата идеја. Се згрупиравме, и сложно изработивме статут-правилник. Во неговата основа ги поставивме истите начела: барање да се примени Берлинскиот договор. Така тој статут беше  оформен според образецот на статутот на Револуционерната организација во Бугарија пред нејзиното ослободување. Девизата беше: примена на решенијата од Берлинскиот договор. Основавме тајна организација со „Централен комитет“, со разграноци, со членски вноски. Се предвидуваше полагање заклетва и сл. Во правилникот не се предвидуваше ништо за српската пропаганда,но имавме на ум, кога ќе се освести народот, да се оневозможат нејзините последици....

...Христо Татарчев
....На 23 октомври 1893 година дојде до првата средба на овој проширен круг луѓе, во одајата на книжарот Иван Хаџи Николов, во улицата  Челеби – бакал. Присуствувавме јас, Груев, Поп Арсов, Хаџи Николов, Андон Димитров (учител по турски јазик во гимназијата, ми се чини родум од с. Ајватово), Христо Батанџиев, (од Гуменџе), тогаш учител во основното училиште, потем секретар во митрополијата; тој загина заедно со архимандритот Евлогиј во 1913 година (фрлен од Грците во морето). Само овие  шестмина се  бевме собрале. Тука веќе разменивме мисли за идната политичка активност, така да секој еден од нас ќе се труди да влијае врз други лица, и да ги привлекува за истата идеја, да се подготви организирана општествена дејност. Г рупата се конституира врз тие начела како друштво, без записник, и без да се избираат раководители сиреч претседател и сл.

На оваа средба не беше утврдена никаква формалност – заклетва или нешто слично, за да се сметаат членовите лично задолжени да дејствуваат за ослободителното дело. Меѓутоа, се разделивме со увереност дека ни претстои сериозна и тешка задача. Презедовме задолжување заедно да дејствуваме меѓу наши познати и секој еден од нас гледаше при погоден повод да го искористи престојувањето на учители, еснафи, свештеници и трговци во Солун, дојдени од провинцијата, за да агитира меѓу нив за идејата. Така помина до крајот на 1893 година. Во почетокот на 1894 година во време на празниците, пак споменатите шестмина се собравме пред Водици во живеалиштето на Андон Димитров (спроти куќата сега на браќата Дамјанови, бившиот бугарски пансион), за да го поставиме темелот на една револуционерна организација. Долго расправавме за целта на таа организација, и најпосле се задржавме врз автономија на Македонија со предимство на бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно присоединување на Македонија кон Бугарија“, затоа што увидовме дека тоа ќе сретне големи тешкотии, поради спротиставувањето на големите сили и аспирациите на соседните мали држави и на Турција. Ни поминуваше низ мислата дека една автономна Македонија потем би можела полесно да се обедини со Бугарија, а во краен случај, ако не се постигне тоа, дека ќе може да послужи како обединувачка алка на една федерација на балканските народи. Одринско, колку што се сеќавам, отпрвин не влегуваше во нашата програма, и мислам дека после беше дојдено до замислата и таа област да се вклучи кон автономна Македонија. Откако се согласивме за целта на нашата организација – на истата средба се зафативме да изработиме статут на Организацијата. Прирака ми беше еден том од „Записките“ на Захариј Стојанов, и од нив го зедовме за урнек статутот на „Бугарскиот револуционерен комитет“. Го задолживме Поп Арсов, врз основа на тој статут, да изработи нацрт на нашиот статут. На истата седница долго се разгледуваше прашањето какво име да носи Револуционерната организација и Комитетот. Ова прашање ни одзеде прилично време, и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се наречат: „Македонска револуционерна организација“, а Комитетот – „Централен македонски револуционерен комитет“, а скратено „Ц.М.Р.К.“. На други средби статутот беше дефинитивно примен, сe така од истиот тој состав на шестмината. Тогаш веќе, во согласност со усвоениот статут, беше конституиран првиот Централен комитет, при што мене ме избраа за претседател, а Дамјана Груев за секретар и благајник. Потем веќе започна практичното организирање на револуцијата, што тргна многу позабрзано....

Почеток