Make your own free website on Tripod.com
Окружно број 774 од 2 август 1924 година

ОКРУЖНО
№ 774

Македонија, 2 август 1924 год.

По познатите неуспеси и големи погроми веднаш настапувала реакција и депримираност во редовите на ВМРО. Тоа се случува по големите афери – Дединска (1896 г.), Виничка (1897 г.), Солунска (1902 г) и многу други слични; после востанијата – Горноџумајското (1902 г.) и Илинденското (1903 г.); по младотурскиот хуриет и преземеното обезоружување (1908-1910 г.) и после војните и нивните погроми (1913 и 1918 г.).

Најголемо разочарување и резигнација го обзеде боречкото население во Македонија и голем дел од неговите водачи после погромот во 1918 г. и особено по склучувањето на договорите за мир во Париз. Тогаш само најидеалистичко настроените синови на онеправдана, распарчена и поробена Македонија најдоја сили во себе си, да се зафатат со обновување на револуционерната борба по тукушто установениот режим на Србите и Грците.

Ние, затекнатите членови на Централниот Комитет на ВМРО од минатото, како и нашите добри другари и соработници, наидовме од разни страни на големи пречки во мачното дело, со коешто се сафативме – да ја реконструираме, преустроиме и засилиме В.М.Р.О.

За наша голема жал, пречките на кои наидувавме во нашата работа внатре во Македонија од тираните Срби и Грци, се покажаа мали – незначителни во споредба со оние коишто ни ги создадоа: 1) некои изродени синови на Македонија – наши бивши другари, 2) лажната земјоделско бугарска влада на Стамболиски, Александар Димитров, Рајко Даскалов и сличните на нив и 3) бугарската комунистичка партија – 3-та интернационала.

Еве накратко како се изразија тие пречки:

1. Група бивши војводи и четници, навикнати да живеат нашироко без да работат, по големата војна, кога границите слабо се обезбедуваа, се сместија во пограничните градови и села на Бугарија и почнаа да се занимаваат со шверц и разбојништво во Македонија. На мали групи од 5-7 души влегуваа тајно, фаќаа богати Бугари, Турци, Власи и други, и потоа откако ќе ги подложеа на големи измачувања, за да ги кажат нивните скриени пари и скапоцености, прибираа од нив што успеат да истргнат, и се враќаа во Бугарија со украдената пљачка да водат распуштен живот – необеспокојувани од никого. Населението на Македонија, кога гледаше, дека бивши дејци на организацијата се оддаваат на подобни грабежи и разбојништва, придружувани често пати со измачувања, убиства, обесчестувања и сл., почна да губи вера во вистинските борци-идеалисти. Откако ги исцрпи сите легални средства, за да ги поправи – во 1920 година им даде амнестија, - за да го отстрани тоа зло, В.М.Р.О. беше принудена да отпочне со решителна борба и наскоро успеа да отстрани многумина од тие непоправливи разбојници и на тој начин да го спаси македонското население од нивните опасни препади и конечно да го придобие во редовите на борбата.

2. Кога дофатените разбојници беа уплашени и обезоружени и некои од нив веќе молеа за милост, а други почнаа да се оддаваат на мирна работа за вадење на своето прехранување – на помош се јави лажно земјоделската влада на Стамболиски, Рајко Даскалов и сличните на нив. Таа, со поддршката на д-р Ф. Атанасов и архитектот Јуруков, ги оформи во „идејно“, „револуционерен“ правец под име Македонска „федеративна“ револуционерна организација. Ги снабди со пари, оружје, со јавни документи во Бугарија и со права неказнето да изнудуваат и грабаат и дури да убиваат бугарски граѓани. Првобитно лажно земјоделската влада во согласност со српската влада на Пашич прави обиди преку нив да ги убие водачите на Македонската организација и да ја уништи самата организација. Кога не успеа во тоа, ги искористи за внатрешни партизански цели – за заплашување и за убивање на свои политички противници. Многумина од нив зедоа учество во трновските настани, во заседата на министерот Томов по патот Софија-Банки и други. После последниот обид на лажно земјоделската влада на Стамболиски – Хр. Стојанов да ја уништи ВМРО во согласност и со поткрепа на Србите, по Нишката спогодба и по следниот неуспех кај с.Сатофча, Неврокопско, каде што испратените разбојници од Стамболиски-Хр. Стојанов – Паница, Стојан Мишев, Мито Суџукаро, Гр. Циклев и нивните другари, засилени од „портокаловите“ стражари на број 400 души, беа опколени од огорченото македонско население и едвај успеале да се спасат со бегство а дел од нив со Стојан Мишев, Суџукаро, Гр. Циклев и други, на број 15-20 души, им се предаваат на Грците. Од Солун по нивна молба ги праќаат во Штип каде што со согласност на великиот жупан Добрица Маткович тие македонски изроди ја отпочнуваат својата предавничка работа – стануваат платени српски орудија, прогонувачи и џелати на македонското население, а друг дел со Паница се враќаат во Софија, пак во услуга на владата на Стамболиски до неговото паѓање (9 јуни 1923 г.). Уште во 1920 год. Коста Тодоров, како полномошен министер на Бугарија во Белград, преку печатот таму објави, дека тој ќе и предаде план на српската влада за заедничко прогонување на четите во Македонија. Врз основа на тоа тогашниот српски министер за внатрешни работи Драшкович, ги создаде српските државни банди на Крсто Трговишки, Донче Црцориски и многу други, од кои пропишти македонското население.

3. Комунистичката партија во Бугарија, преку својот идеолог по македонските работи Димитар Х. Димов, објави безмилосна борба против македонското ослободително движење и против В.М.Р.О. и нејзините водачи Тодор Александров и Александар Протогеров, поттикнувајќи го со тоа расколот во редовите на организацијата. Од почетокот „Работнички весник“ – органот на комунистичката партија, се полнеше со најзолчни статии и закани против македонската организација и нејзините водачи. Покасно комунистите формираа емигрантски комунистички сојуз во Бугарија со свој орган весник „Ослободување“ – редактиран од истиот Х. Димов, пак со цел да ја цепат македонската емиграција и да го сопнуваат правилното развивање на македонското ослободително движење.

И покрај таа борба Македонската организација јакнеше и се засилуваше. Тоа не им даваше мир на комунистичките идеолози, кои проповедаа, дека Македонија ќе ја добие својата слобода само ако В.М.Р.О. стане комунистичка и откако ќе се болшевизираат балканските држави, Европа и светот преку болшевичка ртеволуција. За да ја уништат или ослабат „буржоаската“ национална македонска револуционерна организација, хаџидимовци се обидоа да заземат некои реони во Македонија, за која што цел ги насрчија разбојниците Ил. Пандурски, Чочков, Георги Воденски и други, да заминат со чети во Македонија.

Откако македонската организација го казни Дупничкиот кмет, комунистот д-р Петров – еден од идеолозите на таа политика и јатак на бандата на Пандурски, и откако беше разбиена таа разбојничка банда, а нејзините остатоци од Пандурски, Чочков, Воденски и Хр. Умленски им се предадоа на Србите, заедно со своето оружје и со својата болшевичка униформа – на нивните шапки беше извезен амблемот на комунистите, срп и чекан, и станаа српски прогонувачи, бугарските комунисти по заповед од Москва ја променија својата тактика кон В.М.Р.О. Тие побараа средба со претставници на организацијата, затоа што имале наредба од третата интернационала да им помагаат на сите национални организации, кои што се борат за својата слобода.

Пред да стане таа средба Централниот Комитет на организацијата испрати ултимативно писмо до Централниот Комитет на комунистичката организација во Бугарија, со коешто кога ги истакнуваше запленетите докази за соучесништво на комунистичките водачи од Џумаја, Дупница и Софија во обидот преку таа банда да заземат реони на организацијата, бараше во извесен рок: 1) да се отстранат од Џумаја и Дупница комунистичките јатаци на бандата на Пандурски и сличните на нив и 2) да се расформира емигрантскиот комунистички сојуз и да се запре весникот „Ослободување“. До август 1923 год. комунистите не ги исполнија тие барања на организацијата, туку ги одлагаа со разни молби.

На крајот на август на една средба меѓу двајца водачи на В.М.Р.О. и Хр. Кабакчиев и Ив. Илиев од страна на бугарската комунистичка партија тие изјавија, дека го расформирале комунистичкиот емигрантски сојуз и запреле весникот „Ослободување“ и побараа од В.М.Р.О. да ги остави слободно да ја водат борбата со владата на Цанков.

Правилно разбрана нивната мисла, им се одговори од името на В.М.Р.О. во смисла:

Македонската организација, согласно своите наредби и традиции не се меша во внатрешните работи на Царството Бугарија.

Меѓутоа, ако биде предизвикана, таа ќе се расправи со предизвикувачите, кои и да се и каде и да се наоѓаат тие.

Бидејќи Стамболиски и сличните на него се обидоа во содејство со Србите да ги убијат макед. водачи и да ја уништат ВМРО и бидејќи тие водеа антимакедонска политика, Организацијата води борба со нив и преку својата одделна борба ја олесни морално задачата на борците од 9 јуни. Организацијата не се интересираше кои лица ќе ја заменат владата на Стамболиски – ние можеби последни дознавме за составот на новиот кабинет.

Што се однесува до намерите на буг. комунисти, В.М.Р.О. не го одобрува нивното подготвување за крвави меѓусебни борби, затоа што со тоа се изложува на сигурен ризик суштествувањето на Бугарија. Дури и да се создаде работничко-селска влада во Бугарија, нејзините соседи Србија, Романија и Грција, па и големите сили, нема да трпат слична влада и ќе ја уништат и поделат Бугарија.А ние претпочитаме да суштествува независна Бугарија, дури управувана од авантуристи како Стамболиски, отколку да биде окупирана од Грците, Србите и Романците. Поради тоа, ако избувнат меѓусебни борби во Македонија под буг. власт, Организацијата безмилосно ќе ги уништи, а во стара Бугарија нејзините симпатизери сами си го определуваат поведението како слободни граѓани, согласно своите сфаќања, без В.М.Р.О. да одговара за нивните дела. Согласно чл. 3 од правилникот на Организацијата, тие не се сметаат за нејзини членови.

Слични декларации и предупредувања, Организацијата упати преку претставници до комунистичката партија уште два пати: на 12 јуни и во текот на јули 1923 година.

Иако комунистичките водачи декларираа дека немаат намера сега да водат нелегална борба, туку имаат благопријатни услови да ги приберат во своите редови растроените земјоделци, само после 2-3 седмици избувнаа септемвриските метежи.

После неуспехот да ја соборат владата на Цанков и да го заменат со со работничко-селска влада, за да ја оправдаат својата непредвидливост и своето безумие, забеганите комунистички водачи Коларов и Димитров, пред третата интернационала и пред светот, претставија дека В.М.Р.О. а не Цанковата влада, ги уништила септемвриските метежи. Поради тоа во Москва се зацврсти убедувањето, дека за да имаат успех за болшевизирањето на Бугарија, а покасно и на Балканот, ќе треба или да ја земат на своја страна Макед. Организација, или ако тоа не е можно, да ја расцепат, ослабат и дури да ја уништат.

И почнаа претставниците на третата интернационала да ги тераат со необична енергија тие две цели.

Во едно и исто време тие испраќаа свои претставници за средби со нас, настојувајќи и ние да пратиме кај нив исти такви на В.М.Р.О. за разговори и преговори, а зад нашиот грб прибираа престапници пред Организацијата, ги опсипуваа со злато и ги групираа во Виена за борба со В.М.Р.О. Така таму беа собрани познатите за другарите макед. борци и на општеството зад границата: Д-р Филип Атанасов, Славе Иванов, Т. Паница и др. слични. Ги снабдуваат со средства и под нивно раководство почнуваат да издаваат еден предавнички партал „Македонска свест“, кој си постави за цел да ги дискредитира водачите на В.М.Р.О. и да ја ослаби самата Организација. Разурнувачката дејност не запира тука. Претставниците на третата Интернационала, преку д-р Филип Атанасов и Сл. Иванов стапуваат во врска со разбојниците ренегати Стојан Мишев, Илија Пандурски, Мите Суџукаро и нивните другари, им даваат „идејна“ боја, ги признаваат за „револуционери“ и на тој начин ги поттикнуваат во предавничкото дело.

Вон од тоа нашиот другар Петар Чаулев, кој последните 4-5 години, кога сите вистински борци работатг во Македонија за обновување на Револ. Орг., се оддаде на безделништво и политиканство, и не само што не помагаше во работата, туку создаваше непријатности и пречки. На неколку пати потсетен да ја исполнува својата должност како член на Ц.К. на В.М.Р.О., тој ветува да влезе во Охридскиот крај, каде што има врски и може да биде најполезен, и тргнува божем за натаму, но само наоѓаше изговор да не замине, да симулира. Бидејќи отпочна на своја глава да влегува во разговори дури и од името на В.М.Р.О. со претставниците на странските држави, се издаде окружно бр. 535 од 30 септември 1923 година, коешто се посочи на времето само на некои средини во странство, коишто се молеа да го примат како приватно лице, а не како претставник на В.М.Р.О.

И тоа окружно и новите писмени остри забелешки и многу други напоменувања, не го уплашија и не го натераа да се освести.

Напротив, во почетокот на оваа година дознавме, дека тој зел пари од болшевиците, но не сакавме да веруваме во тоа.

Пред да го оформиме, согласно правилникот, неговото исфрлување од членство во Ц.К. и од редовите на Организацијата за извршените грешки и престапи од него, мислевме за добро да го сретнам лично и да го поканам за последен пат да влезе во Македонија и да се извлече од досегашниот погрешен пат.

Уште при првите средби, Чаулев си ги призна досегашните грешки. Усно, а покасно потврди и со писмо, дека никогаш нема да се цепи од Организацијата и дека неговото влегување да работи внатре во Македонија е веќе „прашање на живот или смрт“.

Верувајќи на декларацијата на Чаулев, решивме да направиме обид, во средбите со претставниците на болшевичка Русија, во согласност со нив, ако не им помагаат на македонското ослободително движење, бар да не му пречат, или ако не успееме во тоа, бар да ги дознаеме нивните вистински намери и замисли, па според тоа да преземеме поефикасни претпазливи мерки.

И така се отпочнаа разговори и преговори. Кога беа поднесени барањата на претставниците на третата интернационала кон В.М.Р.О., веќе можеа да се предвидат вистинските замисли. Пред да ги карактеризираме, веднаш да истакнеме тука некои од суштествените барања.

1. В.М.Р.О. спогоди со разбојниците „федералисти“, образувајќи еден заеднички Ц.К. Во него од страна на ВМРО влегуваат тројцата членови на Ц.К., Протогеров, Александров и Чаулев, а од страна на „федералистите“, изникнатиот во моментот, крајно неопходен на Москва „федеративниот“ Ц.К. во состав: д-р Филип Атанасов, Сл. Иванов, Т. Паница и еден четврти, на кого името не му го кажаа, се гледа, затоа што им беше срам да го споменат Ст. Мишев, а беше нужно да ги имаат тие четворица наспроти нас тројцата.

2. Претставникот на болшевиците настојуваше не само да не се прогонуваат од В.М.Р.О. разбојниците ренегати Ст. Мишев, Пандурски, Мите Суџукаро и нивните другари, затоа што тие биле во врска со нив преку д-р Атанасов и Сл. Иванов и сакале да ги натераат да ги прекинат прогонувањата на македонското население и пречките против В.М.Р.О., а кратко време да се објават против српската влада, преземајќи акции и атентати, по што ќе станат нелегални. Тој сакаше разбојниците да се остават слободно да работат во реоните, кадешто се сместиле (со помош на српските џандари и војници), да направат окол. и окружни конгреси и да учествуваат на општиот конгрес на В.М.Р.О.

3. Општиот конгрес на организацијата да се свика во странство и тоа со предност во Виена.

4. Ц.К. на В.М.Р.О. јавно да ги осудува сите, кои зеле учество во задушувањето на комунистичките метежи во Бугарија во септ. 1923 г.

5. В.М.Р.О. да се договори со комунистите во Бугарија и со преставниците од земјоделскиот сојуз – крило Грнчаров-Петрини, за соборување на владата на Цанков и замена со работничко-селска влада.

Забелешка. Последното барање, за споразум на В.М.Р.О. со земјоделското крило на Грнчаров-Петрини, е поднесено покасно пред двата наши претставници во присуство на П.Чаулев и Д.Влахов. Кога преставниците на Ц.К. огорчени протестирале против тоа понижување на В.М.Р.О. и изјавиле, дека тие на таа база не можат да разговараат со Советска Русија и ги прекинуваат разговорите, Чаулев и Влахов останале спокојни и рамнодушни.

6. В.М.Р.О. со „единствениот фронт на сите револуционерни сили на Балканот“ на чело со болшевичка Русија, вклучувајќи ги збирот на тие револуционерни сили и разбојниците ренегати: Ст. Мишев, Пандурски, Суџукаро и др., поведуваат борба против сите балкански држави и против целата буржоаска Европа и светот, а уште и за важната задача – да се запази неначната републиката во Грција.

(Забелешка: Последното барање го дознавме доцна по јавното читање на познатиот м,анифест.)

Дали има нужда да се анализираат тие барања, за да се разбере што се целеше со нив?

Дали не е јасно за секој, кој го познава карактерот на македонското движење, дека тие барања се страотни, навредливи и апсолутно неприфатливи за една независна национална револуционерна организација, каква што е В.М.Р.О., која што ги почитува решенијата на својот правилник и која не ги заборавила своите традиции и држи до својот морал?

За целите на третата интернационала може да е една голема корист, во составот на некој Ц.К. на В.М.Р.О. да влезат еден ништожник, двајца ренегати и еден авантурист, т.е. четири готови послушни орудија. Но за В.М.Р.О. тие четиримината си остануваат докажани престапници.

Многу удобно би било исто така за нив Општиот конгрес на В.М.Р.О. да се одржи во Виена, штом не може да биде во Москва. Но правилникот, независноста и интересите на В.М.Р.О. тоа не го дозволуваат.

Наместо да го осудуваат само учеството во задушувањето на септемвриските метежи, најсправедливо би било да се осудуваат прво поттикнувачите на тие метежи, сетне самите бунтовници и на крајот оние, кои биле принудени да ги задушат метежите.

Јасно е, дека е многу пожелно од болшевичка гледна точка В.М.Р.О. да се согласи да содејствува за соборувањето на една буржоаска бугарска влада и сменувањето со една работничко-селска влада, на пр. Коларов-Димитров-Грнчаров-Петрини, а може би и Коста Тодоров и Обов... В.М.Р.О., меѓутоа, е во неможност да го стори ниту едното, ниту другото, од проста причина, што таа не е политичка партија, а уште помалку, таа е една сталешка, класна или наемна организација.

Во тие средби со преставници на болшевиците, од лицата на Организацијата настојчиво, јасно и решително се истакнуваше, дека:

1. В.М.Р.О. е национална Организација, во која учество зема целото македонско население без разлика партиски убедувања, националност, религија, пол и возраст. Македонската Организација не може да стане партиска, класна или сталешка Организација; ако стане таква, таа ќе ослабне, а може и да се распадне.

2. В.М.Р.О. може да има извесен контакт со бугарската комунистичка партија, толку колку што има таков со другите политички партии таму, но во никој случај таа не може да качува и симнува влади во Бугарија или да е поткрепа на оваа или онаа партија.

3. В.М.Р.О. ги смета д-р Ф. Атанасов, Сл. Иванов, Паница и нивните другари, престапници спрема ослободителното македонско движење. Таа може само да не ги применува пресудите над нив и да им даде возможност со полезни дела за Македонија, да ги залечат своите досегашни престапи и откако ќе се рехабилитираат на тој начин, да им се довери раководна работа во Македонија. Ако ги примиме во редовите на Организацијата, ќе се појави незадоволство од најдобрите сили.

4.Што се однесува до разбојниците-ренегати Ст. Мишев, Мите Суџукаро, Илија Пандурски, Гр. Циклев и нивните другари, тие треба да извршат акции и атентати против српската власт и да станат нелегални. Дури после тоа тие ќе можат одноиво да се сметаат за револуционери и може да им се даде место во Орг. Ако Орг. Со тие разбојници-ренегати направи единствен фронт, ќе се разочара целото македонско население и ќе се одврати од Организацијата.

5. В.М.Р.О. не може да излегува со никакви комунистички прогласи, манифести и др., поради наброените причини во т. 1. Таа е национална организација и не може да ја руши темелот, на кој што стои.

Поаѓајќи пред сe од интересите на боречка Македонија, и десет пати да би потпишале слични штетни манифести и др. документи за интересите на македонското ослободително движење и понижувачки за В.М.Р.О., би извршиле страшен престап, ако не ги отфрлиме откако ги дознаеме вистинските замисли и намери на нивните автори. Тоа, кое што најстојчиво го сакаа болшевиците, покажува јасно, дека тие имаат дрска намера да внесат смут во нејзините редови, да го разнишаат единството меѓу нејзините раководителии на тој начин да ја ослабнат и расцепат.

Со жалење треба да се признае, дека во тие свои активности и цели болшевиците најдоа полна поткрепа и содејство на П. Чаулев и Д. Влахов, и двата го изневерија и злоупотребија мандатот и довербата на В.М.Р.О.

Првиот од нив, за кого нешто споменавме, по завршетокот на европската војна, 4-5 години, низ кои сите беа оддадени на засилена работа за обновување и преустројство на В.М.Р.О., буквално е неактивен и дури и создава пречки, а од друга страна, срамејќи се од себеси и од другарите, секогаш си давал изглед, дека не престанува да работи.

Во својот долг престој вон од Македонија, Чаулев се запознава и здружува со Митко Пенчев, познат авантурист и платен агент на болшевичката пропаганда, обвинет пред В.М.Р.О. злоупотреба на суми во организацијата. Чаулев брзо се спушта по наклоноста и добива пари од болшевиците. Впрочем и самиот Чаулев признава пред Т. Александров во Виена, дека секретарот на советската амбасада во Рим, покасно со повисока позиција преместен на друго место, за што тој многу жалел, му дал 500 долари. Ние двајцата – Александров и Протогеров, пред Влахов му предложивме да му ги дадеме тие пари од касата на Орг., за да им ги врати на болшевиците и на тој начин да го поправи изгубеното достоинство пред нив, но тој ја одби таа покана, од којшто факт дојдовме до заклучок, дека Чаулев зел поголема сума од горната и дека е обврзан со нив и не може да се откаже.

Тоа последното се потврди уште во два случаја. Штом ги дознавме неприфатливите предлози на болшевиците кон В.М.Р.О., на поканата да ги прекинеме или одложиме преговорите, тој одговори: „Јас веќе сум потпишал, не можам“. Покасно, ние двајцата членови на Ц.К. на Орг. решивме формално да се отфрлат понижувачките за В.М.Р.О. услови на болшевиците и за тоа со телеграми, писма и специјални пратеници го предупредивме Чаулев, но веќе ништо не помогна и тој не се потчини, согласно правилникот на решението на Ц.К., туку од свое име печати подготвени интервјуа, манифести и отворени писма, пиши заканувачки и расколнички писма, во кои отворено се декларира за болшевик.

Вториот – Влахов, кој, вешто ги замаскира своите партиски чувства, заради тоа ја злоупотреби довербата, која што му беше укажувана од В.М.Р.О. Така, на 9 април о. г. тој заедно со Чаулев, без да беа ополномоштени за тоа, им даваат на болшевиците писмо-декларација од името на В.М.Р.О.,со кое ја изложуваат организацијата и ја туркаат во еден опасен пат.

Истиот, користејќи се од создадената положба, на болшевиците им издал организациони и државни тајни, дозволувајќи си да отвара приватни доверливи писма.

Во својство на привремен касиер на организацијата тој раздавал големи организациони суми за ненародно дело, без формално разрешение и дури о откако тоа му се забранува од нас двата членови на Ц.К.

Три пати е викан на репорт и објаснување пред Ц.К. и трите пати откажува да се јави, додека најсетне како автор на познатиот „манифест“, тој отворено минува на спротивната страна, обидувајќи се во содејство со Чаулев и познатиот авантурист Харлаков, насила да ја турне Орг. на патот на партизанштината и од чисто идејна и револуционерна, да ја направат орган на пропагандата за болшевизирање на Балканот.

Но да изјавиме, дека опасноста, која што и се готвеше на В.М.Р.О. е избегната и поставената јамка отстранета. Ц.К. бдее и сите органи на В.М.Р.О. се на своите позиции.

Македонија веќе има долго револуционерно искуство, за да не се предава на младешки страсти, ниту да прави ризични и крајно опасни скокови. Таа е спремна за брзи дејствија, штом настапат поблагопријатни моменти за тоа и кога веројатноста за успех е 90-95 насто, но В.М.Р.О. се спрема исто така за долготрајна борба, за да нема потреба да ризикува.

За голем жал малкумина го познаваат целосно карактерот на македонското ослободително движење, цврстината и издржливоста на Македонецот, неговиот здрав разум, неговата силна воља и нескршливата енергија и поради тоа досега некои добија разочарување и скапи уроци во борбите за завладување или уништување на В.М.Р.О. И при нови слични - најмалку посакувани за нас – обиди за мешање во нејзините внатрешни работи, таа е наполно на својата позиција и нема никаков сомнеж, дека крајниот успех ќе биде на нејзина страна.

Денес ние сме многу поблиску до изгревот на македонската слобода, отколку кога и да било друг пат.

Чл. во Ц.К. на В.М.Р.О. :

Т. Александров
А. Протогеров

<<Назад | Почеток