Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА ХХIII

Султанскиот пратеник

Во опширната воена литература има една област, којашто, мислам дека била пренебрегнувана или слабо засегана. Луѓето, кои се собираат да војуваат, особено ако војуваат одбранбено, се силно разположени кон заемна љубов, речиси толку силна како половата љубов. Веројатно тоа е некој природен инстинкт, чијашто цел е да овозможи една добра организација, но во него има една силна сантиметална врска којашто, кога ќе се скине, се чуствуваат најостри маки.

Смртта на Лука беше го остарила Тодора, ако не по лик, тогаш духовно. Јас сум убеден дека таа смрт му причини повеќе страдања отколку ударите по нозете, што му ги беше нанесла солунската полиција. Навистина, тој уште не го беше изгубил својот хумор од попреѓешните времиња, но сега го мешаше со горчина. Тој секогаш го сметаше војувањето како глупава преживелица на дивјаштвото; но сега, убеден сум, тој ужасно го мразеше. Во текот на една или две седмици време во кое ние бевме заедно, станавме поинтимни, отколку при двомесечното наше блиско другарување во блатата. Во тоа време Воденско ми се гледаше темно и, колку што знам, тоа беше такво и за него. Неговата бескрајна опустошеност уште повеќе ја засилуваше нашата болка. Лука, откинат од нас во расцутот на својот живот, од една чета селани – наемници, при поблагопријатни околности можеше да биде моќен фактор при достигање на идеалите на суштинската цивилизација. И тука треба да забележам дека тоа беше само една типична епизида во огромните загуби на македонската интелегентна младина во целата земја, кој во овој случај понепосредно го осетивме поради блиските врски со една личност, или как што беше во мојот случај, со две, затоа што Тодор никогаш не беше особено близок со Сандо. Тодор сакаше да останам во Воденско и сакаше да се откаже од своето војводство во тој реон во моја полза, уверувајќи ме дека таа негова постапка ќе ја одобрат избирачите. Дури тогаш сфатив какво длабоко почитување чувствуваше Тодор кон мене. Да ми ја беше предложил круната на една империја, честа што ми ја правеше со тоа и неговото самоодречување немаше да бидат поголеми од предлогот да го заменам Лука. Но Сандовата смрт и ред други причини ме тераа да се воздржам од такво учество во борбата, затоа што верував дека во друга насока можев да бидам покорисен за делото. Кај мене се повеќе се зацврстуваше убедувањето дека вооружената сила престанала да биде фактор за човечкиот прогрес, дека човечките дела се раководат од поголеми сили. Навистина вооружената сила и справедливостта никогаш не изгледаат дека се една и иста страна. Јас го напуштив Воденско и да имаше еден способен водач, кој да го заземе местото на Лука, Тодор ќе дојдеше со мене.

Откако почнав да ја пишувам оваа книга), добив едно писмо, коешто го зголеми долгиот списомоите стари другари и со името на Тодора, паднат во таа бесконечна борба. Еден од неговите луѓе, еден селанец, фатен во ситни кражби, го убил и после заедно со неколкумина други станал ајдук од стариот тип. Братот на Лука, мирен трговец во Бугарија, собрал околу себеси дваесетина комитетски четници, ја пребродил Македонија и брзо се одмаздил за Тодоровата смрт. После, се вратил во Бугарија на својата трговија, токму кога бил објавен уставот [69].

Јас имав еден нејасен план да го земам Владо со себеси до Солун и оттаму, со некој параход, да го провлечам до црноморските пристаништа за да отиде во Софија да ги студира своите науки во универзитетот. Тој план ме одведе во блатата, каде што мојот стар пријател Апостол ги беше раширил своите поседи неколку километри на исток, заземајќи и еден друг остров. Во тоа време ние се разбравме дека редица апсења во Солун го разнебитиле Месниот комитет и со тоа нашиот план стануваше невозможен. При сето тоа мене ми беше [70] пријатно да поминам една седмица со Апостол и со неговите бележити борци и бегалци.

Во тоа време стана една случка, којашто јас ја сметам за една од најважните во моето престојување во Македонија.

Како што спомнав порано, Апостол сакаше да разкажува за своето минато и кога си легнувавме, тој ми раскажуваше по цели часови, што се случило со него. Јас го слушав, но да си кажам право, некако мрзливо. Но одеднаш моето интересирање се зголеми.

– Но што е тоа? – го прекинав јас. – Не можев да го сфатам. Те молам, повтори уште еднаш.

– Ти зборувам за еден важен големец од Стамбол, братучед на султанскиот престолонаследник... од султанска фамилија, вистинска крв. Добив неговото писмо преку еден од месните бегови. Еве ја неговата содржина: „Во името на Неговото Величество Падишахот, јас сакам да поразговарам со вас. Јас ќе ве сретнам, каде што сакате – во планините или во блатата.“ Помислете си! Европејците ме нарекуваат разбојник, но еден член од императорското семејство сака да се сретне со мене. Тој има доверба во мене и не се плаши за својот живот. Што мислиш за ова, а? Тој не ме смета за разбојник.

– И што му одговори? – го прашав јас станувајќи.

– Не сум му одговорил – и што да му одговорам? Тој сака да ме поткупи... како што се обидуваа еднаш да ме поткупат преку жена ми. Што ќе си помислат моите другари од другите реони? Еве Апостол си мисли дека е голем водач. Тоа ќе го повреди моето име.

– Апостоле! – реков јас свечено. – Ние треба да се видиме со тој султански човек. Моето присуство на средбата ќе го зачува твоето име. Треба да се сретнеме со него... нека дојде... тој ќе ни даде материјал за една кореспонденција, ако не излезе ништо друго. Помисли си за тоа, ако напишам дека еден делегат на Султанот ве среќава во вашата тврдина, со тоа ја ќе му го дадам најдоброто свидетелство на светот, кои сте вие и какви се четите во Македонија.

Ние го разбудивме Владо за да напише едно писмо; тој одлично го знасеше турскиот јазик. Писмото веднаш му се однесе на бегот, којшто беше како посредник. Чекавме два дена.

Еден курир пристигна со писмо; натписот на пликот беше на турски јазик. Ние го скинавме и Владо го преведе писмото:

„До војводата Апостол, главатар на четите, поздрави од Селјаник Л. Мектеб Хамидис Хусеинде Хусеин Конајнда Шеик Ахмед Кемал-бег. Јас ќе пристигнам на определеното место утре за да го имам преголемото задоволство да разговарам вечерта со вас и вашите другари.“

Колку од тој натпис е име и каков дел од него е титула, не знам, но мислам дека во него се вклучуваше и неговата адреса. Точно така е запишано во мојот дневник, напишано од Шеик Кемал и преведено од Владо.

Следната изутрина ние почуствувавме прикриена тревога. Испративме двајца четници со еден чун за да го пречекаат посетителот при слегувањето и потоа го чекавме знакот на далечниот стражар. Дури и Апостол беше заразен од моето расположение.

Рано попладнето го слушнавме извикот на стражарот. По десет минути чунот се покажа во езерото и се приближи до нашето пристаниште. Во предниот дел седеше еден човек во норфолски ловечки жакет, со англиска ловечка пушка на колената. Неговиот висок фес беше обвиткан со една муслинена покривка, којашто беше спуштена врз неговите раменици и му го заштитуваше вратот од сонцето. До него стоеше едно ирско ловечко куче.

Штом чунот се доближи, тој стана и стапи на брегот. Ја тргна својата покривка и пред нас се покажа едно младо лице, со црвеникаво брадиче од двете страни на неговата остра вилица, со светло констенлива коса, со високи, макар и неиспакнати јаболка на лицето и со светли констенливи очи, коишто се смееја заедно со слабите брчки од двете страни на неговите мала уста. Тој имаше пријатно лице, макар и силно турско. Необичното трепкање на неговите костенливи очи ми направи траен впечаток.

Сите ние останавме назад, а Апостол со достоинство, кое што не го подозирав досега, излезе напред и свечено се бакна со него, потоа Владо, помошникот на Апостол, и јас му бевме претставени и на истиот начин се поздравивме. Отидовме во големата колиба и четниците, по турски обичај, го поздравија посетителот. Наседнавме на церемонијалната черга. Еден четник веднаш му стави кафе на гостинот, а Шеикот ни даде на сите слатки.

Секој, што ја познава турската психологија, ќе знае дека Шеикот нема да ја каже целта на својата посета тој ден. Ние разговаравме за општи прашања, при сето тоа разговорот ни беше многу интересен. Шеикот не зборуваше бугарски, знаеше малку француски. Јас не зборувам ниту француски, ниту турски, но Владо и Апостол зборуваа турски. Разговорот се поведе на тој јазик, но јас малку пропуштив од него. Што се однесуваше до мене, Апостол настојуваше да ми се преведе секој изговорен збор. Тоа му направи впечаток на Шеикот, дека јас заземам важна положба во организацијата. Владо беше добар преведувач. Понекогаш Шеикот додаваше некој француски збор, што јас го разбирав, но не можев да составам одговор.

Ако се суди по неговите зборови, Кемал-бег не беше реакционер, макар што носеше султански полномоштија. Уште тогаш подозирав дека тој е младотурчин.

– Зошто сте грабнале оружје? - инсистираше тој. – Вооружените револуции се бесмислени, бескорисни. Одете по стапките на младотурците, Примете ги нештата такви, какви што се, но агитирајте. Придружете им се кон нив и направете го прогресивното движење една здрава сила... Мнозинството. Турци и христијани, се прогресивни луѓе, но тоа однесува за мирољубивите средства... Вие разурнувате, уништувате... Зошто не создавате?

Понекогаш тој се распалуваше, но не беше гневен. Апостол се држеше учтиво. Владо и јас бевме западњаци, дури Шеикот се разгорештуваше. Но токму во тие моменти, кога речта ќе му дојдеше до некое извикување, неговата хумористична насмевка се прошируваше, тој ќе пушташе некоја шега и ние сите се смеевме. Тој беше прекрасен собеседник.

Ми се чини дека тој уште во самиот почеток насети кој сум јас, но не ми зададе никакви лични прашања. Апостол ме претстави како другар. Најпосле Владо му кажа. Неговото интересирање беше очевидно, но тој не пројави никакво љубопитство во однос на моите причини поради кои сум се придружил на четата.

И така, ние поразговаравме до доцна таа ноќ. Му го покажавме чифликот, кошниците со пчели, пилињата, мисирките, блатото на пајките и трлото. Тој си го кажа своето мислење за практичното земјоделство.

Кон полноќ прекинавме; ние четворицата се оптегнавме на чергата пред огнот. Пред разденување Апостол ме разбуди. Беше доста студено. Шеикот спиеше спокојно до нас, свиткан како топка под една гуна, веројатно му беше студено.

– Тој не навикнал на такво легло – ми шепна Апостол. Апостол стана, ја фрли својата гуна врз младиот Турчин и се вовлече под мојата покривка.

Изутрината, по испивањето на кафето, ние излеговме да се прошетаме. Јас го посоветував Владо да ги оставиме Шеикот и Апостол да преговараат насамо, но тие настојуваа да присуствуваме и ние. Потоа Шеикот ја откри целта на својата посета.

Тој го покани Апостол да отиде во Цариград, како гостин на Султанот еден месец. Негово Величество го признава Апостол за човек со восхитувачка воена и административна способност и како водач на народот. Негово Величество сака да ги изучи подробно желбите на народот, но директно од неговиот водач. За време на посетата во Цариград, аскерот ќе биде повлечен од реонот на Апостол и тој ќе може да одржува врски со своите подвојводи секој ден преку специјални курири. Апостол ќе биде примен и нагостен во дворецот со царски почести.

Не верувам дека Шеикот беше многу изненаден, кога Апостол, откако молчаливо го ислуша целиот предлог, решително го отфрли. Јасно беше дека тој ја знаеше подобро положбата, отколку самиот Султан. Наспроти напишаните десет книги, секоја една од автор дипломат, јас сум убеден дека префаленото знаење на Абдул Хамид за својата империја не е точно. Најмалку барем, Султанот имал маглив поим за револуционерното движење, кога мислел дека Апостол е единствениот важен фактор во него.

Потоа Шеикот го замоли Апостол да го потврди своето одбивање писмено; во таа смисла се напиша писмо до Неговото Величество, со кое се призна од нас исплонувањето на мисијата од страна на Шеикот. Во тоа писмо беше додадено. „Ако сите чиновници се како Шеик Кемал, многу малку недоразбирања ќе има меѓу народот и неговиот Господар.“

Во тоа време јас му го покажав мојот „кодак“ на Шеикот. Тој се израдува и извика:

– Фотографирајте нме Апостол и мене заедно. Тоа ќе биде еден драг спомен за мојата посета.

Јас ги фотографирав двајцата заедно, седнати рамо до рамо. Потоа излезе дека немам доволно течност за развивање. Шеикот се натажи, но јас му реков:

– Јас ви го давам неразвиениот негатив, но под услов вие да ми испратите една снимка. Еве ви ја мојата адреса во Бугарија.

Тој вети. Тогаш јас го завиткав негативот во една црвена хартија и му го дадов.

Шеикот си отиде попладнето.

– Ако некогаш дојдете во Цариград – ми рече тој, – побарајте ме. Да, знам дека вие сте илегален... но јас не сум полициски чиновник. Не можам да ве претставам во дворецот, но би ве примил царски во мојот дом.

Кога тој исчезна зад трските со чунот, четниците го поздравија со: „Ура“. Тј стана, направи темане, а потоа неочекувано си го симна фесот и го размафта во воздухот.

Другата зима, кога пристигнав во Софија, најдов едно писмо адресирано до мене и облепено со турска поштенска марка. Внатре имаше една снимка од прочуениот негатив, не многу чиста, но јасна. Имаше и едно писмо, што завршуваше со зборовите: „Господ да ве чува во вашите авантури.“ На грбот на фотографијата беше напишано само „Кемал“.

Подоцна читав во весниците дека тој бил назначен за кајмакам во Ениџе-Вардарската каза. По успесите на младотурците, јас често ги отварав весниците и макар што неколку пати се повторуваа некои од неговите имиња, тие не беа подредени така, како што беа запишани во мојот дневник.


69. По Младотурската револуција од 1908 година, Бугарија прогласи независност од Турција. Тогаш е објавен и Уставот на Бугарија.
70. Во прашање е познатата Мацанова афера. Имено, во јули 1906 г., турската полиција во Солун дошла до дневникот на учителот Кочо Мацанов. Во него имало информации за дејците на Револуционерната организација. Биле затворени многу учители и обични граѓани. Меѓутоа Мацанов полудува во затворот и тоа ги олеснува обвиненијата. Од 24 души обвинети, во почетокот на март 1907 г. се осудени само 6 души, а останатите се ослободени. Самиот Мацанов е испратен на лечење и подоцна е осуден на три години затвор.

<<Назад | Напред>> | Почеток