Make your own free website on Tripod.com
Белешки на Тодор Александров за состојбите во Дебарско во текот на Првата светска војна, 16 април 1917 година

ГЛАДОТ И НЕРЕШЕНИТЕ ИМОТНИ ПРАВА ГИ РАДИКАЛИЗИРААТ АЛБАНЦИТЕ

I. Однесувањето на Албанците, особено на оние од гр. Дебар станува застрашувачко. Поранешните симпатии кон нас не само што исчезнаа, туку им го отстапија местото на нескриените негодувања и закани. Фразите, како што се „ги надминавте Србите“, „ќе се одмаздиме“ и слични на нив, се слушаат на секој чекор.

Главните причини што го создадоа тој пресврт во симпатиите на Албанците се:

1. Лошата администрација

2. Австриската пропаганда. Изгледа дека нашите сојузници се стремат на еден таен и лукав начин да ги дискредитираат нашите власти и нашата држава пред нашето албанско население. Секој Албанец кој ја одбегнал воената обврска е сигурен дека на австриска територија ќе наиде на добар прием, дури и ќе биде назначен на полициска или некоја друга должност. Најопасните разбојници, како Каљуш од Зајас, непречено живеат и зимуваат во Долни Дебар. За самиот град Дебар, Албанците се сигурни дека со австриска помош, тој ќе биде присоединет кон нивната идна држава. Дури и повеќе, тие сметаат и на Подградец, Охрид, дури и на Битола. Познат е стремежот на повеќето австриски воени началници да ја земат во свои раце администрацијата на Подградец и да ги организираат албанските доброволци.

3. Воена обврска. Навикнати со векови наназад да бидат слободни како птици во нивните непристапни планини, Албанците се посебно огорчени дека им се бара крвавиот данок и тоа за една кауза, која тие ја сметаат за туѓа.

4. Гладот. И не толку гладот, колку нерамномерното распределување на храната меѓу христијаните и муслиманите.

5. Одземањето на нивните имоти - најважната од сите причини.
Во согласност со една општа наредба од Финансовото министерство, оние кои се вратиле на своите имоти, по окупацијата на нашите војски, се воведуваат во владение на недвижните имоти само ако достават официјален превод на тапиите и актите за поседување на тие имоти. Близу 90 отсто од дебарските Албанци не можат да ги достават бараните документи (преводи), поради две причини. Како што е познато, повеќето од половината сопственици на недвижни имоти во Турција, како и кај нас ги владеат своите имоти не врз основа на официјални документи, туку по основ на стекнати права. Од друга страна, дебарските Албанци, кон крајот на 1913 г. масовно го прифатија востанието против Србите, кое пак, беше жестоко задушено. Голем дел од Албанците беа исклани, повеќето села беа запалени, а особено албанските маала во Дебар. Исплашеното население одвај се спаси во новосоздадената албанска држава и нивните тапии беа или изгорени или ограбени заедно со покуќнината. По ослободувањето на Дебарско, албанските бегалци веднаш се вратија, со сознанието дека и тие придонеле кон заедничката слобода. И какво беше нивното изненадување, кога им се одзедоа имотите неоспорувани од никого, додека пак на вратените бегалци Бугари не им се правеа никакви пречки во преземањето на нивните имоти. Со овој проблем е запознато Финансовото министерство.

6. Прашањето за новата бања во Дебар. Таа бања е џамиски вакаф, од кој тамошното муфтиство ги добивало главните приходи. По востанието, Србите ставија рака на бањата и ја дадоа на градската општина, која и сега ја експлоатира. Проблемот бил доставен до Финансовото министерство и од таму одговориле дека вакафот ќе биде вратен ако се достави превод на тапијата од него. Таква тапија постои, но според муслиманските религиозни закони таа се чува во Цариград, во Министерството на вероисповедите, од каде што нашето Финансово министерство може да ја побара.

АЛБАНЦИТЕ ИМААТ ТАЈНА ОРГАНИЗАЦИЈА ОД ДВЕТЕ СТРАНИ НА ГРАНИЦАТА

7. Посегања врз семејната чест. Во тој однос особено е виновен началникот на телеграфско-поштенската станица. Против него има доставено акт за блудни дејанија во муслиманска куќа, а Тасун Сефедин од Дебар поднел тужба против него и Мерџан Георгиев, дека ја задевале и гонеле неговата жена. Последниот е затечен во блуд со жената на дебарскиот граѓанин Ќамил Ќор Мехмед. Тој (Мерџан) е познат подведувач, дезертер од македонските резервни војски во 1912 г., српско орудие, посредник за рушвети (оваа година тој е фатен кога земал 54 меџидии, заради што е казнет и ги вратил парите), а сега е управник на поштенската линија Дебар-Струга, што му овозможува да прави шверц.

Посоченото негодување на Албанците се пројавува низ една тајна организација, за чие постоење има сериозни навестувања. Таа организација има пошироки размери и врски со албанското население во Австрија. Имајќи го предвид националниот темперамент на Албанецот кој лесно се наведува на вооружена пресметка, тогаш нема ништо чудно ако еден ден осамнеме со бунтови во тој крај. Неопходни се брзи и ефикасни мерки, дотолку повеќе што нашите сили и внимание, речиси целосно, ни се ангажирани во борбата со непријателот. Причините кои ги предизвикале вознемирувањата, јасно ни ги посочуваат и мерките што треба да се преземат.

II. Разбојништво

Иако шумите се уште наполно не зазеленеле, албанските разбојнички чети ги започнаа своите грабежи. Факти има многу. Неопходно е на лице место добро да се проучат мерките, неопходни за борба против тоа хронично зло. Најважни мерки ќе бидат следниве:

1. Соработка со австриските власти за заедничко гонење на разбојниците, дотолку повеќе што овие имаат свои гнезда во Дарда (при Елез Јусуф), Лурија, Реч, и воопшто во планините на Долни Дебар, од каде што навлегуваат кај нас низ премините на Кораб.

2. Да се формира постојан гарнизон, каков што порано имале Србите, составен барем од две чети стационирани на премините.

3. Да се воспостави широка телефонска мрежа од Маврови анови, каде што имаме една чета, преку "Волковија" кон премините на Кораб.

4. Пожелно е да се почне радикална поправка на толку неопходниот пат Гостивар-Дебар по Радика, со што разбојниците ќе се принудат да го напуштат тој крај, како што ќе го напуштат и Кичевско со завршувањето на теснолинејната железничка линија.

КОЈ Е КОЈ ВО ДЕБАРСКИОТ "ОКТОПОД" ОД 1917

III. Корупцијата

А. Царинскиот управник Димитар Митишев од секој сандак шеќер како царина зема по 1-2 оки шеќер, божем за проба, а за пишување на декларацијата зема по 10 лева како такса. Исто така, тој зема повеќе пари од декларациите. Таков е случајот со Блаже Симеонов од Дебар. Случајот станал познат во градот и уплашениот управник, за да си го прикрие престапот, разликата во цената меѓу земените и декларирани пари, ја налепил како таксени марки врз декларацијата. Преку посредници, управникот на царината тргува со стоките што ги зема како за мустра и сл. За тоа, пред надлежните органи, треба да биде распрашан Трпе Костов Крчешки, а исто така и царинските стражари.

Б. Околискиот полициски началник Дончо Христов од сите чиновници е несомнено најкомпромитираниот и вовлечен во разни мрачни зделки.

Еве некои од нив:

1. Синот на Сали Цам од Вичишта бил уапсен од судскиот иследник. По завршувањето на истрагата, иследникот дал наредба за ослободување од притвор; и покрај наредбата, Д. Христов го задржал уапсениот, а веднаш пратил порака до татко му преку Тробишкиот секретар-бирник, дека ќе го ослободи син му, ако таткото исплати 10 наполеони. Сали Цам не знаејќи дека син му и без тоа е веќе ослободен од иследникот, се согласил и ја исплатил сумата. За случајот ќе сведочи Хамид Цам од Дебар.

2. Тробишкиот претседател Стефан Стојчев, секоја седмица, по курирот Фидан Георгиев, редовно испраќал кокошки, путер, јајца, тутун и др. за потребите на целата полиција и за полицискиот началник. Еднаш, по истиот курир, за полицискиот началник испратил коверт со пари. Фидан Георгиев сето тоа го признал лично.

3. Како војник тој служи без плата, меѓутоа, тоа не му пречело на почетокот од оваа година да даде аванс од 1.500 лева, на околиската управа. Тој факт ќе го потврдат секретарот на управата и Мило Зафиров.

4. Како заменик на околискиот началник, тој (Стојчев) направил претрес во домот на Ќамил Ќор Мехмед од Дебар, каде што нашол една пушка. За да ја прикрие работата му зел 100 лири. За ова знае муфтијата.

5. Од Малик Шаќир Бегов од Дебар побарал 100 лири за да го спогоди со неговиот кредитор.

В. Бившиот градски полициски началник Димитров често менувал ситни банкноти за крупни. Според мислењето на банкарскиот чиновник тој сменил околу 4.000 лири за само 2-3 месеци.

Г. Сегашниот градски полициски началник, иако е нов, успеал да изврши повеќе криминални афери. Една од нив е направена со гореспоменатиот Ќамил Ќор Мехмед од Дебар. Еднаш тој ја фатил жена си во блуд со Мерџан Георгиев и ја избркал од дома. Таа се пожалила на полицијата; началникот го уапсил Ќамила и го пуштил по еден ден со наредба секој месец да му исплаќа по 100 лири, божем за издржување на жена му. Првата уплата од 100 лири била дадена. Ќамил лично го признал тоа. И друга случка. На 8 овој месец Бајрам Али Ески од Дебар, плачејќи раскажал дека градскиот полициски началник, иако бил неработен ден, го повикал во полицијата и под принуда го натерал наместо 216 лири да прифати само 120, што овој имал да ги зема од некој си Јунуз Туркеш, а потоа да ја скине меницата. Овој изјавил дека си ја бара целата сума, или ќе чека да се востанови судска власт.

Д. Зделки на разни општински чиновници. Поголем дел од претседателите, градоначалниците и секретарите на Дебарската околија се мршојадци и рушветчии, сигурно здружени со полицијата. Поплаките од селата се масовни, но секогаш остануваат без резултат. За ова особено се виновни Тробишкиот и Коџаџишкиот претседател. Првиот, Стефан Стојчев, е бивш српски шпион, презрен од сите селани. Тој секоја седмица праќа потпкупи на полицијата, а воедно организирал и редовна врска со Албанија за шверц, а можеби и за шпионажа. За ова, да се приведе и распраша Серафим Танасков од Дренок. Во прилог доставувам и една молба од соселаните на општината до г. полковник (сега генерал) Протогеров, како илустрација на јавното мислење против него. За разрешувањето на тој претседател се согласи и окружната управа, но околискиот началник уште го држи, зашто како што се говори, за неговото назначување примил поткуп од 500 лири. Вториот претседател Јусуф Таир, иако со заслуги кон нашето револуционерно дело, станал насилник. Изнудувал пари од десетици селани, за што има поднесено и тужби до обвинителот. Тој е една од главните причини за да се исели половината село Коџаџик.

ЕДИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ - ДА СИ ЗАМИНАТ ЛОКАЛНИТЕ МОЌНИЦИ!

Е. Разни афери.
1. Во Дебарско е организирана специјална служба за ослободување на Албанците кои подлежат на воена обврска. Случаи: Рауф Нурединов од Дебар ја одбегнал воената обврска, полицијата го фатила и по 24 часа затвор го ослободиле со поткуп. За ова знае Гани Алмазов од с. Аме, наш долгогодишен телохранител, награден со два наши ордени за заслуги. Амир Цам, Абдула Ерец, Фикри беј, Рамадан Сефедин Пустина, Мехмед ефенди Хаџи Јашаров, Лиме Рушидов, Мерту беј и ред други Албанци од Дебар, слободно се шетаат низ градот, иако треба да се војници.

2. Преку поткупи отпуштени се старите општински чиновници и на нивно место се назначени млади луѓе, со цел овие вториве да бидат ослободени од воена обврска. Случаи: Трпе Ванев, помлад од 30 години, поставен е за градоначалник на с. Аме, наместо заслужниот Гани Елмазов, принуден да поднесе оставка. Малче Т. Бојаџиев, 24 год., секретар-бирник во с. Аме, син на најбогатиот граѓанин на Дебар. Иван Петров, 29 г., градоначалник на Рајчица, Коста Крстев, 26 г., во реквизиционата комисија, Стојче... градоначалник на Гари, 28 г.

3. Преку големи поткупи пуштени се од затвор најопасните престапници чии имиња ги знае Силко Цветков.

4. Била организирана специјална мрежа за шверц, главно извозна, преку два правци - преку Аме и преку селото Куки. Гани Алмазов видел како во м. март преку с. Аме биле изнесени 20 товари пченка со поткуп по еден наполеон на товар. Околискиот полициски началник му дал наредба на стражарот на градот да појде во договореното време на друга работа и тогаш е извршен шверцот. Градоначалникот на Аме е под сомневање дека и тој се занимава со шверц. Втората мрежа преку селото Куки била организирана за време на бившиот полициски началник, Делирадев и некој си Шабан Реџов од истото село, сега интерниран. Градоначалникот на селото Селим Хасан, Дестан Јусеин и Осман Ајдар од истото село, целосно ја признале оваа работа.

Како заклучок, се посочуваат следниве мерки за смирување на вознемирените духови - наши и албански:

1. Да се укине наредбата за тапиите, за секој имот што не е спорен.

2. Да се предаде на муфтиството новата бања.

3. Да се препорача праведна распределба на прехранбените артикли меѓу христијаните и муслиманите. Количеството на храната да се зголеми, бидејќи населението умира од глад.

4. Да се преместат: началникот на телеграфско-поштенската станица, управникот на царината, околискиот полициски началник, без чие што знаење и согласност не би можеле да се вршат сите тие скандалозни афери, двајцата полицајци, Стрезо Јовчев и околискиот управник. Безусловно неопходно е исто така и преместувањето на воениот командант, еден полуписмен бивш фелдфебел без никаква иницијатива, а сигурно упатен во криминалните афери на полицијата.

Ако се направи анкета, толку неопходна во тој крај, да се има предвид дека населението избегнува да води судски спорови пред воениот суд, бидејќи до Прилеп, само за одење и враќање се потребни осум дена. Мнозина од оштетените ќе се откажат и од барањата и од тужбите ако некој ги повика на суд во Прилеп. Добро би било еден состав на судот периодично да заседава во Дебар, или барем во Кичево. Најточни изјави за состојбите ќе дадат: Христо Атанасов, секретар на Митрополијата, Петков, чиновник во банката, Мило Зафиров и Силко Цветков. Упатен во оваа работа е и д-р Николов.

Т. Александров

<<Назад | Почеток