Илинден и ВМРО - Иван Михајлов

Овој ден ни напоменува не самo за една епизода од нашите минати народни усилби, туку и за едно големо дело, кое што е живо; изискува не само почит кон паметта на загинатите борци, туку поткажува за системот од реални услови и од инспирациите, коишто го учат целиот народ и денес да гледа со презир на смртта. Затоа што Илинден поникна од желбите за слобода на сите националности во Македонија и најдобро братство меѓу нив; за помирување и културна соработка меѓу балканските држави. Победата на Илинден би била уште и крупна гаранција за спокојството на Европа и триумф на правдата во животот на човештвото.

ВМРО ја подготвуваше и раководеше борбата во цела Македонија до Илинден. На 20 јули 1903 год. таа не го подигна на бунт целото население, но никој не помисли, дека со идеите на Илинден не е согласно целото население. Светот установи, дека на 20 јули зборуваше цела Македонија. Денес ВМРО пак ја раководи вооружената борба на Македонците и ги гони истите цели. И сега никој не би можел да одрече, дека зад таа борба стојат мислите и чувствата на сите Македонци, каде и да се наоѓаат тие. Од овој факт треба да се поаѓа, кога се оценува смислата и на сегашните пројави на нашата борба. Од овој факт на прво место нека поаѓаат нашите непријатели, кога си прават сметка.

ВМРО и Илинден се неделиви. Не залудно противниците се мачат да го откраднат името на ВМРО, кога сакаат да ги прикријат своите намери и да се претстават пред македонското население како идеолози на Илинден. Зар и Србите не издадоа значки во спомен на првото "српско" востание во Македонија, избувнато на Илинден? Но нема да успеат и за понатаму, како и до денес, затоа што во Илинден и во ВМРО секој Македонец гледа само свое дело, исполнето од свеста за сопствените интереси. Илинден е плод на македонски побуди, израз на самостојноста на македонската борба за ослободување. Сите непријателски побуди Македонецот мајсторски ги насетува и на време жигосува.

Пред Илинден Македонија бараше политички правдини, но не й ги дадоа и таа го создаде Илинден. Денес нови непријатели веќе сакаат да и го одземат на Македонија нејзиниот национален облик и патот на Илинден се јавува многу пооправдан. За нејзина чест, таа го следи овој пат.

Вчерашните и денешните непријатели на македонското ослободително движење си личат.

На местото на Абдул-Хамидова Турција дојдоа Србија и Грција. Против нив ние можеме само да се бориме - нелегално или легално, како што е возможно. Најмалку ние сме тие, кои ќе признаеме, дека тие имаат право. Ако не сме сите со пушки во рака - тоа е наша работа, ама сите сме против нив. Тркалото на историјата се врти. Србите немаа и немаат ниту еден Србин во Македонија и се сместија во неа; колку повеќе ние можеме да верувавме и да работиме, за да станеме господари на земјата, којашто е наша од столетија наваму.

Имаме непријатели и од нашата средина. На нив не треба да се обраќа сериозно внимание. Шпиони имаше и во турско меѓу нас; тие беа казнувани со сенароден презир или со смрт. Шпиони секогаш имало и за нив секогаш еднакво се мислело. Разликата меѓу нашите стари и нови шпиони е таа, што некогашните се задоволуваа да отидат кај Турците и да издадат што мислат и работат нивните браќа, а денешните го прават истото пред Грците и Србите, но си поставуваат и некакво идејно име, за да можат поуспешно да ја играат својата ролја. Колку поголем е нивниот престап и толку е полоша нивната судбина, ако не се раскајат навреме и не се рехабилитираат, како што постапија некои нивни пријатели. Имаше Македонци, кои во турско време му направија многу лоша услуга на Турците. Постепено ќе разберат и овие, кои сега имаат за орудија Македонци, дали тие им довеле повеќе полза или штета.

Во турско бевме залажувани со падарски реформи, за да престанеме да се бориме, па да бидеме обезоружени без право за понатамошни барања. Денес исто така има залажачки, како фантазијата за Југославија, кога славјаните од најдалечниот југ - Македонците – не ја признаваат за оформена нација. Сегашна "Југославија" е за нас поопасна од бивша Турција. Кој е апостол на вистинска Југославија, нека дојде прво кај нас да се бори за симнувањето од власта на денешна тиранска Србија. Останатото се приказни, кои со ништо нема да повлијаат, за да ние ја измениме нашата максимална програма - полно признавање на народностите и полно политичко издвојување на Македонија.

Ова е македонското барање. Погрешни се толкувањата, дека од него е отстапено. Само е кажано, дека Македонците ќе го напуштат револуционерниот метод на борба, ако им се признаат правата на национално малцинство. Промената на методот не значи напуштање на основното барање.

Со ослободувањето на Македонија, значи, човештвото ќе измие еден свој срам; Европа ќе докаже, дека со умисла не поддржува огништа за пожари; балканските држави ќе станат засекогаш пријатели; народностите во Македонија ќе заживеат братски.

За да се оствари овој идеал продолжува македонската борба и ќе продолжи со сите возможни средства до крај.

В. Слобода или смрт. Револуционерен лист, год.II, 6р.39, 1 август 1926 г., с.1-2.

<<Назад | Почеток