Make your own free website on Tripod.com
Карактер и цели на ВМРО

Големата германска телеграфска агенција „Телеграфен Унион“ во еден од последните свои извештаи го објави следното:

„Еден специјален пратеник на „Телеграфен Унион“ имаше можност да разговара во една од најромантичните месности на Македонија со познатиот член на Централниот комитет на ВМРО - Ив.Михајлов. За карактерот и целите на ВМРО, како и за настаните внатре во организацијата, Михајлов се искажа како што следува:

„ВМРО по убиството на Тодор Александров во август 1924 г., стана арена на внатрешни спорови, кои се закануваа да го парализираат нејзиното функционирање и предизвикаа дури и бојазност, дека организацијата може да се распадне. Една голем дел од членовите беше убеден, дека главната причина за продолжувањето на таа состојба е генералот Протогеров, чиешто соучесништво во убиството на Тодор Александров е сигурно докажано. Можеби не би се прибегнало кон отстранувањето на стариот генерал, ако тој не беше стебло во центарот на една мала група, на којашто му служеше како засолниште со своето име. Самиот факт, што Протогеров насекаде беше познат под титулата „генерал Протогеров“ покажува, дека неговата популарност не се должеше на својата припадност кон ВМРО, туку на својата дејност како офицер во бугарската армија. Протогеров секогаш се чувствуваше, на прво место, како таков. Тој во тоа одеше до таму, што во македонските окрузи на Бугарија, ги помагаше филијалите на бугарските националистички организации, коишто имаа за цел враќањето на откинатите области од Бугарија и со тоа се поставуваа во реска противречност со македонските автономисти, коишто сакаа една независна држава од Бугарија.

Борбата на револуционерната организација продолжува. Нејзиното водење зависи од околностите. Но таа секогаш располага со неопходниот број на луѓе, слично на една ливада, којашто може да се коси одново. И во повеќето случаи се оправдува последниот дел од лозунгот на ВМРО „слобода или смрт“... Кога ВМРО работи тајно и минуваат месеци пред да пристапи кон една голема акција, тоа не значи, дека ВМРО се откажала од револуционерната борба. Напротив, постојаното зло, кое што ВМРО сака да претставува за противникот, се дава како лек, лажиче по лажиче, но може да дојде денот кога ќе биде дадено целото шише. Изборот на средствата не подлежи на никакво сомнение; нивното делување грижливо се проценува. Сосем погрешен е често пати искажаниот став, дека ВМРО можела да ги постигне своите цели со легални средства. Македонската ослободителна борба е борба, како на одделните личности така и на целиот народ - на живот и смрт и во таа самозаштита, народот и секоја одделна личност го сметаат секое средство, дури и најжестокото, за оправдување.

Нелегалната борба е сврзана со мошне големи непријатности и жртви. ВМРО има во мирни времиња по 500 души убиени годишно - и би било грешка да се смета, дека некој Македонец би ги прифатил тешкотиите на таа борба без неопходност.

ВМРО има односи спрема Бугарија, колку што Бугарија има став спрема суштествувањето на ВМРО. Меѓутоа, никогаш меѓу водачите на организацијата и раководните Бугари немало официјални или тајни врски. Организацијата, се разбира, не може да се откаже да се движи во Македонија под бугарска власт, исто така, како и во зафатените од Грција и Југославија области на Македонија. Впрочем, не е чудно, што Југославија се мачи да й ја припише вината за непречената работа на ВМРО на бугарската држава. Тоа го правеше и Турција уште пред десетина години. Но ако Бугарија би се обидела под туѓ притисок да ја потисне ВМРО, таа без колебање би ја прогласила и Софија за воена област, како што тоа го направи во времето на Стамболиски.

Односите меѓу ВМРО и Италија, за коишто најпосле често се расправа, се чиста измислица. Во 35-годишната историја на ВМРО, нема случај организацијата да й служела на туѓи интереси. Само фактот, што како Италија, така и Македонија, ја имаат за заеднички непријател Југославија, станал причина, италијанскиот печат најпосле да го земе при срце македонското дело. Ако Југославија би влегла во војна со некоја туѓа сила, тогаш ВМРО сама ќе знае, дека дошол нејзиниот час. Да се надеваме, заврши Михајлов, дека Македонија ќе ја добие својата сакана независност пред да дојде до едно крвопролевање. Кога таа цел ќе биде постигната и би се нашле комитаџии, коишто би сакале да продолжат да се борат, тогаш македонското население само ќе им го истргне оружјето од нивните раце, затоа што тоа го сака мирот, затоа што тоа беше принудено со столетија да ја поднесува војната.“

В. „Слобода или смрт“, Револуционерен лист, 5 ноември 1928 г.

<<Назад | Почеток