Разговор со Христо Матов по отвореното писмо на Сандански

Од писмото[1] јасно се гледа, дека серчани истакнуваат три битни точки како идејни разлики меѓу нив и нас.

1. Ние сме биле пионери на една брза „револуционерна" ликвидација со движењето, додека тие се бавната „еволуциона" дејност.

„Еволуционата дејност во Македонија - тоа е еден вистински апсурд. Има ли потреба да ви нагласувам, дека во таа несреќна земја недостасуваат најелементарните слободи - основа на секоја еволуциска активност? Имено, за таа основа, за политичката слобода, ние ратуваме, и откако таа ќе се извојува, организацијата веќе го губи своето право на суштествување”.

2. Ние сме биле националисти, додека тие ратувале за општата солидарна борба меѓу сите поробени нации.

„Соучеството на другите христијански нации во делото на револуцијата ние никогаш не сме го исклучувале. Напротив, ние бевме првите, коишто го прокламиравме и применивме бар по однос на куцовлашкиот елемент - уште тогаш, кога серските револуционери не беа дури во редовите на организацијата. За жал ние ја констатираме практичната невозможност за применувањето на тој иначе одличен принцип по однос на Грците и србоманите и поради тоа ние не го поставуваме како неопходен предуслов на нашата непосредна револуционерната дејност”.

3. Серчани ни фрлаат укор, дека не сме друго, освен бугарска пропаганда.

„Сличен укор е повеќе од смешен. Ние навистина не можеме да й го одземеме правото на Бугарија да се грижи за своите сопствени собраќа зад Рила, но ние ја сакаме хармонијата на нејзината политика со нашата. Особено, по таа точка не можат да се изнесат никакви конкретни обвинувања, освен земањето или неземањето на средства од официјални извори, кое што не ја условува самостојноста. Тука серчани јавно ги фалсификуваат фактите. Во циркуларите по однос на средствата нема никакви клаузули, како што тврди писмото. Впрочем, фалсификувањето на фактите во ова лошо крпено писмо се пројавува и во други случаи. Не е точно, на пример, дека Гарванов присуствувал на првиот конгрес по востанието, како што не е точно, дека нашиот компромис со Сарафов се направи пред вториот конгрес; не е точно и тоа, дека последниот е растурен од мнозинството. Гарванов на првиот конгрес не беше делегат; нашиот компромис се случи приближно два месеци по вториот конгрес (во фебруари м.г.), а последниот се растури поради демонстративното напуштање на заседанието од страна на серчани и на некои нивни другари.

Интересно е, што оние, кои обвинуваат, тоа истото го правеле. Нам ни е неудобно да говориме отворено по прашањето за средствата, но пред едно ограничено собрание ние би биле во состојба да изнесеме факти и документи.

За жал, а можеби и за среќа на организацијата истовремено, истакнатите разлики не се повеќе од една етикета. Практиката кај Пелистер и на Пирин е еднаква. Ако сакате, примената на револуционизмот и интернационализмот во границите на можноста ќе ја сретнете секаде на друго место, но не и на Пирин. Таму владее еден грозен терор од цели 5 години и таму организацијата се крепи предимно на играта на мечот. Да се убиваат секоја година со десетици невини селани и истовремено да се врши мирна куртурна работа, - тоа е противречно. Сандански вешто ги крие под маската на тие идеи своите амбиции да ја игра рољата на Делчев и Груев, но за несреќа, тој е мошне малечок и по ум, и по срце за слична улога. Посебно за неговите другари. Тие можеби се вдахновуваат од поискрени намери, но голем дел од нив се робови не на реалноста, туку на своите доктринерски апстракции. Тие прават обиди на грбот на македонското население.

Имено, убиството е акт на амбицијата на Сандански да ја завземе организацијата. Покојните му беа пречка на неговиот пат и тој требаше да ја отстрани. Сандански залудно се обиде да се наложи по легален начин. На вториот конгрес Сарафов дејствуваше самостојно и Сандански откако се виде во незначително малцинство, го осуети конгресот. Оттогаш датира неговото фактичко отцепување и неговото завршно решение да ги убие своите противници."

По „Заговорот"

„- По принцип, ние го бевме усвоиле гледиштето да не објавуваме некаква борба до општиот конгрес, како единствено компетентен по тоа прашање. Водени од тоа наше гледиште, ние откажавме да му ја исполниме желбата на дедо Илија, на неврокопчани и на други, коишто ни бараа оружје, за да навлезат во Серско, му откажавме исто така да му дадеме оружје за формирање голема чета и на Даев, кој, плашејќи се од гонењето на Сандански, сакаше да го држи во респект со својата сила. Впрочем, ако ние го сакавме убивањето на Сандански, тој беше не еднаш тука во нашите раце и ние можевме и без голем скроен заговор да завршиме со него."

(Од писмото на Г. Занков и др.)

„Гарванов ни соопшти, дека нивното решение е да го остават Серскиот округ слободен до општиот конгрес. Таму да се направи последен обид за разбирање, а во спротивен случај да се постапи како што ќе реши мнозинството.

Секоја година само во Мелничко се убиваат по 50-60 души невини селани, се разбира, сите како шпиони. Цели села како Џене, Сугарево, Капина се останати речиси без мажи, ретко е село во реонот, кое што не му дало бар по 10 жртви на овој крволак. Така всушност тој уби 8 души одеднаш божем како предавници на неговиот непријатен полк. Јанков.

Сите комитети се против Сандански - дури и окружниот, кого што сам го избира. Така покојниот Трендафилов негодуваше. Негодуваа и другите окружни членови Алабак Венко и К... На последниот конгрес, за да се спаси од таа пречка, тој го спроведе решението да нема легални во комитетот. И сега округот се управува само од него.“

В. „Ден", с., 21 фебруари 1908 г., бр. 1473.


1. Интервјуто е по повод отвореното писмо на Серскиот револуционерен округ од декември 1907 г. за причините за убиството на задграничните претставници на ВМОРО во Софија – Борис Сарафов и Иван Гарванов и драмскиот војвода Михаил Даев. Во мај 1908 г. серчани излегуваат со второ отворено писмо.

<<Назад | Почеток