Make your own free website on Tripod.com
I Конгрес

Се одржал на 27 август 1894 година во Ресен и се собрале 12 – 15 делегати претставници од месните комитети. Конгресот ја започнал својата работа на денот кога било извршено осветување на новоизградената црква „Св. Кирил и Методиј“ од страна на владиката Григориј (подоцна член на Организацијата), што послужило како можност за непречено доаѓање на делегатите и за одржување на Конгресот. Со работата на овој Конгрес претседателствувал д-р Христо Татарчев, инаку претседател на Централниот комитет, а учесници биле видни претставници на ВМРО како: Даме Груев – секретар на Централниот комитет, Пере Тошев, Атанас Лозанчев, Ѓорѓи Пешков, Григор Попев, Александар Чакаров, Александар Хаџи Панов, Тодор Станков, Атанас Мурџев, Трајко Доровски, Никола Наумов и др.

Конгресот ги разгледал извештаите на делегатите за развитокот и ширењето на Организацијата во реоните, како и за престојните задачи. Тука било уточнено однесувањето што требаше да се има спрема Егзархијата, општините и др. Било решено Организацијата да се труди за учители во сите училишта, општински и егзархиски, да протурка по можност свои луѓе. Исто така се донело решение на истиот начин да се преземат општините и училишните управи во свои раце. На секој му било дадено задолжение да дејствува за јакнење на месните комитети, а исто така и за снабдувањето со оружје. Паричните средства на Организацијата се состоеја само од членски влогови. Првиот Конгрес донел одлука организационо територијата на Македонија да се подели на три револуционерни окрузи: Солунски, Битолски и Серски.

Со Солунскиот револуционерен округ било предвидено да раководи непосредно Централниот комитет. За Битолскиот револуционерен округ бил избран окружен комитет во состав: Пере Тошев – претседател, Атанас Лозанчев – секретар, Григор Попев – благајник и Ѓорѓи Пешков – советник. Исто така, во оваа година за Скопскиот револуциуонерен комитет бил избран окружен комитет со седиште во Штип, бидејќи окружната организација таму беше најсилна. Таму во учебната 1894 - 1895 година дејствувале: Гоце Делчев, Дамјан Груев, Туше Делииванов, а подоцна и Петар Поп Арсов, Мише Развигоров, Христо Коцев, Емануел Чучков и др.

Во согласност со донесеното решение на овој Конгрес, истата година започнало издавањето на првите револуционерни весници: „На оружје“, „Бунтовник“ и др. Мрежата на Организацијата продолжила да се проширува во сите краеви на Македонија, како што истакнува Гоце Делчев во октомври 1895 година: „Во Македонија се развива систематска агитација која што има земено големи размери. Нема ниту едно катче во Македонија што не е опфатено“.

По конгресот Централниот комитет почувствувал потреба да биде изработен и еден внатрешен правилник, според кој ќе се раководат месните револуционерни комитети. Задачата да го состави тој правилник му беше поставена на Хаџи Николов, и овој правилник беше усвоен од Централниот комитет, се така во ист состав од шестмината, во дефинитивна форма, до крајот на истата година.

<<Назад | Почеток