Make your own free website on Tripod.com
II Конгрес

Натамошното ширење и организационото изградување на ВМРО предизвикало потреба да се одржи нов конгрес на кој требало да се разрешуваат некои пројавени проблеми во дејствувањето на Организацијата. Конгресот се одржал во Солун, во летото 1896 година. На овој конгрес за прв пат зеле учество сите видни дејци на Огранизацијата: од Битола Пере Тошев, од Одрин Христо Поп Коцев, од Воден Кирил Прличев, од Скопје Христо Матов и од Солунските дејци во тоа време учествуваат Даме Груев (тогаш училишен инспектор во Солун), д-р Христо Татарчев, Ѓорче Петров, Иван Хаџи Николов, д-р Антон Димитров, Петар Поп Арсов, како и Гоце Делчев. Со работата на конгресот претседателствувал д-р Христо Татарчев, претседател на Централниот комитет.

Солунскиот конгрес од 1896 година донел одлука да се промени името на Организацијата во Тајна македонско – одринска револуционерна организација (ТМОРО), кое времено се користело. Со оваа одлука се санкционирала постојната состојба по вклучувањето и на Одринско како организациона територија и со неговото определување да биде составен дел на идната автономна држава. Ваквото проширување на револуционерната дејност наметнала потреба од нова организациона поделба. Така, со решение на овој конгрес биле формирани седум револуционерни окрузи: Солунски, Битолски, Скопски, Штипски, Струмички, Серски и Охридски. При тоа, посебен статус добиле Прилепскиот и Цариградскиот револуционерен комитет, со право директно да комуницираат со Централниот комитет.

Конгресот покрај другото, донел решение да се прекинат контактите со проегзархистичката група и истата да биде известена дека во Организацијата може да се влегува само индивидуално, дека таа е отворена за сите што сакаат да и пристапат и што ги прифаќаат нејзините програмски цели и ги почитуваат нејзините акти.

Многу посложено било прашањето за односот спрема Врховниот комитет (формиран во Софија 1895 година), кој дејствувал надвор од територијата на Македонија. Преземањето репресивни мерки против него неизбежно водело кон подолгорочно судрување. Со тоа Организацијата морала постојано да ангажира сили да се исцрпува, кое, секако, ќе го забавувало развитокот на македонското ослободително движење. Овој конгрес го определил Гоце Делчев на функцијата задграничен претставник на Организацијата и Ѓорче Петров како втор задграничен претставник со седиште во Софија.

Централниот комитет имал имал свој печат со амблем и знаме, познати само на окружните и на околиските комитети. Подредените комитети биле должни постојано да информираат за состојбите во организацијата и во ослободителното дело и да му доставуваат на Централниот комитет подробни месечни извештаи.

За одржување врски со соседните револуционерни комитети, секој окружен, околиски и месен комитет имал тајна пошта. Задачите од безбедносна природа (следење на активностите на надворешните и внатрешните непријатели, претпазливост од нив) ги вршела тајна полиција која му стоела на располагање на секој комитет.

Организацијата пристапила и кон создавање на постојани вооружени сили. Околиските комитети биле задолжени да имаат вооружени чети. Задачите на вооружените чети биле определени со посебен правилник.

Постоеле и казнени одредби предвидени за штети што му се нанесувале на револуционерното дело. Казнените одредби се однесувале за членови нза ВМРО и за нечленови. Надлежен орган за извршување на казните бил месниот комитет. Казната се извршувала откако ќе се добиела согласност од Централниот комитет.

Сите овие организациони одредби биле внесени во новиот Устав на Организацијата, кој по овластување на Конгресот, истата (1896) година го изработиле Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

Конгресот го одбележал почетокот на новата фаза во развитокот на ВМРО, т.е. нејзиното прераснување во масовна револуционерна организација со изградена организациона структура за целата територија на Македонија.

<<Назад | Почеток