Make your own free website on Tripod.com
IV Конгрес

По завршувањето на окружните конгреси, на кои биле заземени ставови за поважните прашања што биле од значење за целата Организација, биле создадени услови за одржување на Општ конгрес на ВМРО. Сите револуционерни окрузи имале единствен став дека треба да се одржи таков конгрес.

Кон крајот на септември 1905 година во Софија се одржало Советување на делегатите што биле избрани од окружните конгреси за Општиот конгрес, за да се договорат во кое време и на кое место истиот ќе биде одржан. Делегатите од Серскиот револуционерен округ со Јане Сандански на чело предлагале Општиот конгрес да се одржи во Македонија за на тој начин да се потенцира самостојноста и независноста на Организацијата. Сите останати настојуваа конгресот да се одржи зад границата, дотолку повеќе, што речиси сите делегати беа веќе во Софија и враќањето во внатрешноста беше непрактично и сврзано со губење на време. Ѓорче Петров, Борис Сарафов и други беа најрешително против барањето на серчани. Мнозинството на делегатите зазеле став Општиот конгрес на ВМРО да се одржи на безбедна територија, крај самата граница, во Рилскиот манастир, за да може истиот непречено да работи.

Согласно донесеното решение на Советувањето, Општиот конгрес на ВМРО започнал со работа во почетокот на октомври 1905 година и траел цел месец. На овој конгрес, одржан во Рилскиот манастир, учествувале 22 делегат и тие беа: Даме Груев, Мише Развигоров и д-р П.Кушев од Скопскиот округ, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Борис Сарафов, Георги П.Христов и Павел Христов од Битолскиот округ, Борис Мончев, Аргир Манасиев и Добри Даскалов од Солунскиот округ, Христо Чернопеев, Стојо Хаџиев, Иван Илиев и Мануш Георгиев од Струмичкиот округ, Јане Сандански, Лазар Томов и Илија Балтов од Серскиот округ, Лазар Маџаров, Стамо Икономов, Климент Шапкарев и П.Васков (не дошол) од Одринскиот. За претседател на Конгресот со тајно гласање бил избран Дамјан Груев, а за секретар Ар.Манасиев.

На дневен ред на Конгресот биле поставени следните прашања:

1. Извештај за дејноста на ВМРО по револуционерни окрузи и околии;

2. Натамошна дејност на Организацијата;

3. Организациона поставеност и уредување на Организацијата:

а) Административен дел,

б) Судски дел,

в) Финансиски дел,

г) Културно-економски дел.

4. Литература и печат;

5. Однос и поведение на Организацијата спрема разните групи и струи:

а) Спрема сите пропаганди,

б) Спрема бугарскиот државен национализам и Егзархијата,

в) Спрема врховистите, емиграцијата и општеството во Бугарија,

г) Спрема одделните организациони групи внатре и надвор.

6. Тактика на Организацијата;

7. Отчет за дејноста на Централниот Комитет и Задграничното претставништво.

На Рилскиот конгрес дошла до израз поларизацијата на силите во Организацијата, особено по основното прашање за организациона поставеност и воспоставување на организационо единство. Даме Груев се застапувал за обновување на централизираната организациона структура, а Пере Тошев за децентрализација и примена на принципот на изборност. Делегатите на Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ биле порадикални: барале федералистичко уредување на ВМРО и потполна автономност на револуционерните окрузи.

По повеќедневни полемички расправи, како средна линија било прифатено стојалиштето на Пере Тошев. Тоа било вградено во усвоената од Конгресот Програмска декларација и во основните акти: Уставот и Правилникот на ВМРО. Потоа, Конгресот избрал нов Централен комитет во кој, со изборот на Даме Груев, Пере Тошев и Тодор Поп Антов (од Серскиот револуционерен округ), биле застапени трите револуционерни струи, Задгранично претставништво – од Ѓорче Петров, Димитар Стефанов и Петар Поп Арсов. За редактор на официјалниот орган на ВМРО „Револуционерен лист“ бил избран Димо Хаџи Димов, со усвојување на Уставот и Правилникот и по изборот на Централен комитет, било обновено организационото единство на Организацијата.

По извршените измени, Конгресот донел решение Организацијата повеќе да не се именува со зборот тајна, туку да се вика Внатрешна Македонско – Одринска Револуционерна организација (ВМОРО).

Конгресот ги осудил експанзионистичките планови на балканските држави, кои со продолжително и систематско пропагандно дејствување, како и со засилени терористички акции на уфрлени вооружени пропагандни чети што го тероризирале македонското население и имале за цел да ја спречат автономијата на Македонија. Поради тоа ВМРО донела решение со сите сили и средства да се пресметува со пропагандите на балканските држави.

За одбрана на суверенитетот на организационата територија бил заземен став дека повеќе не можело и не смеело да се толерираат дејста на надворешните организации. Конгресот издал посебно соопштение со кое остро го предупредувал Врховниот комитет во Софија дека ВМРО нема да го толерира неговото дејствување во Македонија; неговите групи и активности ќе ги прогонува „по секоја цена“, а водачите ќе го казнува како „злосторници спрема Татковината“. Од Врховниот комитет се барало веднаш да ја прекине активноста и „доброволно да се растури“, за да може Организацијата „сето свое внимание и сите свои сили да ги сврти против непријателот на нашата Татковина и нашата кауза“.

Рилскиот конгрес извршил крупни измени во внатрешното уредување на Организацијата, засновани врз принципот на децентрализација. Окружните комитети имале право, под одредени услови, да ги отповикаат членовите на Централниот комитет и пред истекот на мандатот. Што значи, тежиштето на револуционерната дејност се пренесувало во револуционерни окрузи.

Решенијата и донесените акти на Општиот – Рилски конгрес на ВМРО (Уставот и Правилникот) ги одразувале погледите и стојалиштата на водечките личности на револуционерните струи во Организацијата. Притоа, не било реално согледана и проценета меѓународната позиција и не било преземено ништо за сообразување со новата реалност создадена со реформите на силите во Македонија. За тоа било потребна политичка зрелост и дипломатска мудрост, која, очигледно, недостасувала.

<<Назад | Почеток