Прилепски конгрес во 1904 година

Во еден идеен вриеж, кога после востанието во Македонија останаа тројцата највидни револуционерни водачи: - Даме Груев, Ѓорче Петров и Пере Тошев – кои мошне многу се разликуваа по карактер и имаа различни сфаќања за напредувањето на организацијата, а и востанието ги оддалечи еден од друг, во почетокот на пролетта беше донесено решение и во првите денови на мај се собраа на окружен конгрес во прилепско следните раководни лица од битолскиот округ: Д. Груев, П. Тошев, Ѓ. Петров, Хр. Узунов, Ѓ. Сугарев, Г. П. Христов, Ник. Каранџулов, П. Ацев, Георги Пешков, Јордан Тренков. Од соседните реони беа претставени уште Стефан Димитров, велешки војвода, Добри Даскалов и Пешо Самарџиев од тиквешко. За претседател беше избран Д. Груев и секретар Хр. Узунов. Конгресот беше подвижен. Една чета од околу 30 души, делегати и четници, се движеше од село во село. Заседанијата започнаа во с. Беловодица, продолжија во Дрен, Смолјани, Царевско, Топлица, Тројаци, Плетвар, Ораховец, Крстец, и завршија кон крајот на мај во Никодимската планина, на врвот Козјак.

По најважното прашање — за уредувањето на организацијата, П. Тошев и Ѓ. Петров се бореа против Груев. Пере беше изработил еден проект-статут, Груев — друг. „Мистериозната централизација се отфрлаше, — кажува Ѓ. Петров за првиот проект [1]), — кога ќе се почне од Ц.К. та до селата, а наместо неа — широка децентрализација. Сложен механизам во вишите раководни установи се предвиде, за да можат сите повидни сили на организацијата да земат учество во делата на организацијата.“ Груевиот проект застапуваше централистички систем. Беа разгледани и отфрлени како крајни и двата проекта. „И покрај силната мотивација на Пере Тошев, кој меѓу другото се потпираше на расположението и желбата на самото македонско население, неговиот проект-статут, како крајно децентралистички и кој што не одговараше на една револуционерна организација, не беше прифатен во неговата целост.“ „Истата судбина го снајде и Дамевиот, кој многу слабо го застапуваше изборното начело за раководните тела“, — пишува Георги П. Христов. На самиот Д. Груев му беше возложено да комбинира од двата проекти еден. Груев тоа го направи со соработка на Ѓ. Петров и на други децентралисти, очигледно воден од желбата да се подготви нешто што би било прифатливо од конгресот и во исто време и применливо.

Конгресот реши третиот проект-статут (комбинираниот) да се употреби како експеримент во округот, двата (основни) проекти да се испратат за проучување во другите окрузи, а изработувањето на заедничкиот статут да му се препушти на идниот општ конгрес . Изработен беше исто така и правилник за четите.

Второ по важност прашање, кое стана предмет на долготрајни и страсни дискусии, беше: становиштето на организацијата кон двете вооружени пропаганди — грчката и српската. Тука, како главни противници, се исправија еден против друг Пере Тошев и Ѓорче Петров. На крајот беше решено да се преземат строги мерки против двете вооружени пропаганди, што беше и ставот на П.Тошев. Се изработија и посебни директиви за водење на борбата против нив.

Трета важна работа на конгресот беше да ги распредели по реони постоечките раководни сили, и да ги определи нивните должности . Новоизработениот правилник за четите предвидуваше и должност на инструктори-ревизори на четите во округот. Такви се назначија: П. Ацев и Н. Каранџулов во прилепско и мориовско, Хр. Узунов — за охридско, струшко и кичевско, Ѓ. Сугарев — битолско, демирхисарско и ресенско, Г. П. Христов — за леринско и костурско. На Груев му се довери да замине за Порече, за да се справи, според условите на самото место со српската вооружена пропаганда, а на П. Тошев и Јор. Тренков — да ја отстранат истата опасност во Азот — непосредно до Прилепскиот реон.

1. Спомени – Ѓорче Петров

Почеток