Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА II

Присоединување кон четите

Имаше уште еден час до стемнување, кога се вратив во хотелот. Kафеаната бешe преполна со луѓе. Eден млад полицаец ме покани да пиемe нешто. Tој зборуваше доволно германски, за да се разберемe, но зад случајните прашања jaj ja доловував желбата на месните власти да ги откријат моите намери за утрешниот ден. Тој предложи да играме домино; игравме два пати и јас изгубив. Станав и патем прашав кога ќе биде готова вечерата. Анџијата рече: – По половина час. – Погледнав на мојот часовник и потоа реков:

– Ќе имам време за една прошетка до железничката станица.

Се плашев полицаецот да не ми се придружи. Тој се задоволи само да ме предупреди, дека по стемнувањето хотелот се затворал, војници го опколувале градот и никој не смеел ниту да влезе, ниту да излезе од него.

Јас го напуштив хотелот и тргнав полека надолу по улицата кон пробиениот пат ниоз лозјата до железничката станица. Овде-онде се забележуваа луѓе, кои брзаа да се приберат по своите домови. Точно зад последните неколку куќи имаше мост. Двајца луѓе во грубо селско облекло стоеа таму, потпрени на оградата. Кога наближив, тие тргнаа бавно по патот, надвор од градот. Јас ги следев, не трудејќи се да ги стигнам. Наоколу не се гледаше никој друг.

На половината пат до железничката станица двајцата скршнаа од улицата и се втурнаа во едно лозје. Јас тргнав брзо по нив и меѓу лозовите прачки, кои беа американски и повисоки од мене, ги стигнав. Без да проговориме, ние врвевме по лепкавата, влажна почва. Беше врнело, дури прокапуваше и во тој момент.

Поминавме околу километар и пол низ лозјата и градините, прескокнувавме плетови, ги пресекувавме претпазливо патеките, најпосле излеговме во полето. Веќе се беше сосема стемнило. Запревме неколку минути, скриени зад некакви грмушки. Едниот од луѓето ми подаде револвер наган со ремен, што беше наколкан со куршуми.

– Внимавај сега – пошепна тој, – ќе ја поминеме железничката линија.

Тргнавме низ полето полека и претпазливо. Кога во темницата се наѕре насипот на железничката пруга, клекнавме наблизу на колена, а едниот од сопатниците ми проползи да го разгледа местото.

Како и границите, исто така и железничките линии во Турција внимателно се чуваа од војници. Човекот што отиде напред тивко свирна. Ние се втурнавме нагоре и ја поминавме пругата. Околу половина километар далеку од нас, една група стражари се беше собрала пред малечок оган. Ноќта беше станала толку темна, што јас со мака ги распознавав двете фигури пред мене.

Речиси веднаш навлеговме во планинската месност и започнавме да се искачуваме по нејзините подножни ридови. Цели два часа одевме постојано. Запиравме само за да потслушнеме. Воздухот стануваше сe поладен и сe почесто се гледаа овде-онде, зад некое дрво или карпа, дамки снег. Најпосле запревме и седнавме под врвот на еден рид. Едниот од водачите извика; одозгора одговори свиркање, а малку подоцна еден човек излезе пред нас. Тој водеше коњ.

– Качете се – ми предложија, – вие не сте навикнале на многу одење.

Му заблагодарив, затоа што моите слаби чевли и моето изнаводенето палто почнаа да го забавуваат мојот од.

По неколку минути одмор, тргнавме одново нагоре по една стрмна тесна патека; еден од селаните го водеше мојот коњ. Врвевме околу еден час и стигнавме на една полјана. Лаењето на кучињата ја откриваше близината на некое село. Наскоро се најдовме меѓу група колиби. Кучињата се нафрлија врз нас, но неколку гласа ги извикаа и тие постепено замолкнаа. Една по една, околу десетина фигури искокнаа од темницата и спокојно ме поздравија со стискање на раката. Тврди, загрубени раце, гледав дека тоа се селани.

Во мракот можев јасно да ги доловам црните контури на една обградена куќа. Од неа излегоа пет сенки; кога се доближив до нив, распознав дека се јавачи, загрнати со големи, бели, овчарски пелерини. Од десното рамо на секој од нив, му стрчеше по една црна прачка – цевката на пушката. Пред да се ракувам со нив, знаев дека се комити.

– Добро дошол, другар – ме поздрави еден младешки глас на чист литературен бугарски јазик. – Ние слеговме да ве поздравиме. Останатите се понагоре.

Јас се збогував со моите двајца водачи и сите се качивме на коњите. Нашиот пат беше уште темен, но пред и над нас белите снежни врвови сјаеја со бледи светлини. Одевме нагоре низ снегот и пропаѓавме во длабоките преспи, што ги беше навеал ветрот.

Хоризонтот надесно гореше. Полната месечина ненадејно се појави на очистеното небо и ја освети дивата, карпеста планинска месност. Далечните дрвја израснаа јасно пред моите очи, но фигурите со пелерините остануваа во едно нејасно спојување на светлината и сенката. Водачот се сврти, па ми даде цигара. Неговото младешко лице изгледаше речиси женствено под синкавата светлина на месечината.

Качувањето стануваше бавно и тешко меѓу карпите и стрмните ронливи падини. Чувствував како се надувуваа и движеа под моите колена мускулите од рамењата на мојот коњ. Понекогаш јававме по тесни патеки, кои се извиваа покрај надвиснатите карпи. По половина час поминувавме по истиот срт, само на неколку стотини метри повисоко.

Најпосле стигнавме до подножјето на голема надвисната карпа. Седнавме до основата на карпата, што беше така стрмна, што снегот се задржуваше само меѓу нејзините пукнатини. Кучињата лаеа како да беа во воздухот над нас. Оттаму стигна и еден повик на кој другарите одговорија. Го слушнав тресокот на камења, кои се истураа по надвиснатата карпа, после распознав човечки фигури, кои бавно слегуваа по тесната патека, и го видов блесокот на нивното оружје. Една редица од педесет души слегуваше надолу. Наближивме и ние. На чело на дојдените распознав еден висок човек со брада и шапка со широка периферија. Тој ми се обрати по име и јас ги позедов рацете на мојот стар познајник од Софија, Лука Иванов. Страшниот Лука, од кого што љубезните Грци ме чуваа! Повеќето од момчиња на неговата реонска чета [10] беа тука.

Кога тргнавме по стрмната подлога на карпата, ние постепено се искачивме до едно големо село. Четата се распрсна по куќите, оставајќи го само Лука, четворица негови другари и мене со селаните. По неколку минути во една од куќите се накладе оган. Моите алишта беа вкоравени од студот. Се започна жив разговор. Јас ги соблеков моите партали и облеков прво тешко волнено облекло за оддолу, после едни сиви гаќи, грубо исплетени чорапи, бели објала, опинци од волска кожа и една сива, добро пристегната блуза, каква што носеше и Лука.

– Гледај како го преобразуваат човекот алиштата – се насмеа младиот помошник на Лука. – Некој војник само да ја види таа боја, дури и низ далноглед, маузерката веднаш ќе му пукне.

Селаните се струпаа во собата, а една баба ми довесе нешто топло за пиење, некаква смеса со коњак. Сите беа возбудени, секој селанец настојуваше лично да позборува со странецот, што дошол од далечна Америка да прави комитлак. Стариот селски поп држеше до своето право тој да ги каже поздравните зборови, што побргу беа истрпени, отколку што слушани. Седнавме да вечераме – една вечера, којашто можеше да ја засрами кујната на првиот хотел во Софија. Имавме цело печено јагне, пилиња, пресно млеко, јајца, зачувано грозје, јаболка, ореви, печени костени и пиво во шишиња, донесени од Солун.

Почна да се зазорува, кога легнавме да спиеме. Во полусон осетив, дека некој полека ме покрива со дебела покривка од козина. Тоа беше Лука. Тој веруваше, дека само Бугаринот може да го поднесува суровиот живот. Потребна беше цела недела, за да го убедам дека сум спиел во своите алишта и порано и дека можам да спијам сосема удобно без ноќна шапка.


10. Четите како вооружена сила на ВМОРО се создаваат во 1899 година. Нивната првобитна функција била од организационен и агитационен карактер. Со јакнењето на ВМОРО се прошируваат и задачите на четите. Во селата сите вооружени членови на Организацијата создаваат т. нар. селска полиција. Освен тоа се создаваат и селски чети, во кои според правилникот влегуваат „најрешителните и најактивните работници од селото“. Рољата на селската полиција и селските чети се засилува по востанието, кога врз нив паѓа главната тежина за заштитата на селата од нападите на туѓите пропаганди. Се предвидува создавање и на градски чети, но во градовите борбата против непријателите и шпионите фактички се прифаќа од терористите на Организацијата.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина