Make your own free website on Tripod.com
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА III

Со четниците на Лука

Пријатели новинари ми припишаа желба да правам сензации со моето присоединување кон четата на Лука. Ние не мислевме за тоа: ниту јас, ниту Лука. Телеграми, што соопштуваа со сигурност за мојата смрт, биле објавувани во американските и европските весници и си останалe така недементирани. Софиските весници само што не беа ги дале портретите на моите убијци, а Грците имале документирани докази дека тоа убиство било извршено од Лука. Меѓутоа, ние не подозиравме ништо од тоа возбудување и бевме изненадени од енергичните мерки, што биле преземени во Воден.

Вечерта следниот ден селаните, што беа испратени во градот божем на пазар, се вратија со веста дека имало необично раздвижувања на војска. Еден курир донесе писмо од месниот комитет во кое се кажуваше дека полицијата ја претресла секоја куќа во сомнителните делови на градот. Секој што се беше сретнал со мене, бил фрлен во затвор. Неколку владини чиновници и полициски офицери од Солун пристигнале во градот заедно со американскиот конзул. [11]

Истата вечер рано ние тргнавме на пат. Еден час по нашето излегување од селото, војниците го опкружиле и почнале да ја претресуваат секоја куќа, макар што половината од жителите се муслимани. Да беше во летото, ќе избегавме од прогонувањето на војниците многу лесно, скривајќи се по шумите, но длабокиот снег не принудуваше да бараме покрив. Четата се раздели на три. Секој дел тргна во различни правци низ реонот. Правевме долги, усилени ноќни походи. По нас минуваа овчари со своите стада, за да ги бришат трагите. Немаше ден, во кој да не чуеме сигнали за приближување на аскерот. Еднаш ненадејно сретнавме кавалериски патрола, но штом тие забележаа дека сме колку нив на број, војниците скршнаа и исчезнаа од нашиот поглед. Но, тие нe беа виделе, а тоа значеше дека ние треба да се тргнеме од таа месност пред да дојде цел баталјон и целосно да ја преброди.

Таа ноќ слеговме во долината на Воден и поминавме толку близу до градот, што ги видовме неговите куќи и ја заобиколивме железничката пруга. Следниот ден го поминавме во едно полско село.

На зајдисонце, јавнати на коњи, тргнавме одново. Заврна. Пороен дожд се излеа врз нас, а полето се наводени. Одвреме навреме како да поминувавме низ безбрежни езера. Коњите длабоко пропаѓаа. Требаше да го креваме високо оружјето и нозете, некаде да пливаме, вкопчени за вратот на коњите. На разденување се поднакачивме на некаква височина, од каде се спуштивме во едно село од неколку колиби.

– Сега сме близу до нашата цел – рече Лука. – До ноќта ќе бидеме таму, каде што турски аскер не може да не тревожи.

По закуска и мала починка го продолживме патот пеш, откога ги оставивме коњите да бидат вратени таму од каде ги зедовме под наем.

Пред нас земјата и некои џуџести дрвја се стопуваа во пространата сина магла,нејасна празнотија, како дека секој момент пред нашите нозеќе се отвори бездна. Газевме по мека, мочурлива патека, којашто ненадејно заврши до брегот на бујна и темна река. Тука беа заврзани четири чуна.

– Ќе се префрламе ли? – прашав.

– Да, таму каде што ѓаволот рекол збогум – се јави Тодор, младиот заменик на Лука.

– Забележи ја на својата карта со црвен молив таа месност – рече Лука, – таа е наша по правото на окупацијата.

Влеговме во чунот четворица и пловевме по течението на сината магла. Не обзеде едно особено чувство на подем, како да се устремивме во пространството. Ништо не се гледаше, дури ни матната вода, по која се движевме. Над нашите глави брзо се залулуваа и исчезнуваа гранки како црни, таинствени предмети. Се движевме со голема брзина.

Маглата започна да проредува и неочекувано да се повлекува, откривајќи ја околната месност.

Чуновите брзо ни се лизгаа по широк канал, покрај нас се движеа шуми од полунаводенети, црни, безлисни. дрвја и ползечки растенија, легнати и треперливи над калната вода. Овде-онде се откриваа пространства со црна трска, меѓу која неподвижно седеа и гледаа чудовишни маслозелени жаби. Тие имаа големи очи со жолти кругови околу нив, како да носеа фантастични златни очила.

Се оддалечивме од широката река и почнавме да се провираме меѓу црните стебла на дрвјата и меѓу илјадниците раскивани и раскашлани жаби. Одвреме навреме ќе се наведневме за да поминеме под ниските, хоризонтални гранки. Пловевме бавно. Еден го туркаше чунот со стап, кој се опираше во дното на водата. Јато диви птици се виеја над нашите глави. Од едно гнездо излета сокол и разнесе силна миризба на мрша. Навлеговме во мали лагуни од кои се гледаа отворени пространства вода. Диви пајки и гуски се креваа со врева. Видов неподвижни и замислени жерави, кои се гледаа во тивката бистра вода како во совршено огледало, удвоени врз сопствената превртеност.

Дрвјата почнаа да се проредуваат. Пловевме по тесен воден пат, кој кривулкаше низ висока трска, којашто некаде ги преплетуваше своите стебла, и ние поминувавме под нивниот свод. Неочекувано за мене, излеговме во отворено езеро и спроти нас се оцрта малечок остров на чијшто брег имаше две колиби од шамак. Од едната чадеше. Се чу извик и околу дваесет души излегоа од колибите. Тоа беа луѓе со долги коси, некои со бради, но сите облечени со познатите сиви потури и бели објала. Тие се собраа кај пристаништето и едновремено нe поздравија со ура. Нашите луѓе од чунот им одговорија.

– Ова е нашиот постојан гарнизон – ми објасни Лука.


11. Околу исчезнувањето на Сониксен во прво време, што е вообичаено, циркулиорале разни претпоставки. Меѓутоа, турската полиција брзо констатирала дека тој се наоѓа во четите на Лука Иванов, во реонот на Воден.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина