Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА ХIII

Пак во Јени-маале

Седмицата, што ја поминавме по нашето враќање во Јени-маале, помина во подобро расположение на духот. Нашето ново живеалиште беше во подобро мебелирана соба, со два отворени прозореци, под густите лисја на дрвјата во куќната градина. Домаќинот беше не помала личност од претседателот на градскиот совет, една важна служба во Битола. Надвор од тоа одличие тој беше добросрдечен, полн, со розово лице; псевдонимот му беше „Мојсеј“. По занает тој беше дуќанџија. По вера презвитеријанец [48], прозелит на американските мисионери, но од разговорот јас открив дека како и сите Бугари, кои аспирираат за она состојба на интелигентност, пројавувана преку палто со европска кројка, тој е грешен безбожник.

Сенките на големите оклопни бродови зад коишто се кријат нашите мисионери во Турција, се згодно прибежиште за сите, коишто ги газат султанаските закони.

Тука имаше и друг член на месната организација, кој често доаѓаше на ручек кај нас; Георги беше човек подвижен, сув, русокос со едно сино око. Ми се допаѓаше дури и кога научив за неговите темни дела, поради неговата свирепа, варварска мажественост, поврзана со восхитувачка веселост, речиси толку симпатична колку веселоста на Мојсеј. Воопшто се држеше благоразумноста никој да не поздравува илегалец кога оди по улиците, но за време на моите прошетки, кога Георги ќе поминеше покрај мене, тој не пропушташе да ми намигне со неговото единствено око. Работата му беше токму според неговиот карактер. Тој беше главниот чувар на оружјето – едно поучтиво име за главен терорист, затоа што тој имено ја раководеше борбата против вооружените луѓе на грчкиот владика – една лута борба, којашто земаше по една жртва најмалку еднаш во неделата од некоја од страните, додека бев во Битола. Тој исто така бдееше да не се вмолкнат шпиони во организацијата.

Како Сандо, така и јас често се шетавме во градот и во дворот на градината, надвор по нивите, зад крајните маала. Обично одев во градот да си купувам пури, какви што имаше само во еден дуќан. Граѓаните пушеа цигари, кои сами си ги виткаа. Тој дуќан се држеше од еден стар Турчин, кој зборуваше неправилно бугарски, така што немаше за што да се плашам од него. Ние дури станавме поблиски, разменувајќи си прашања за нашето здравје и за материјалното наше добрување.

Еден ден Сандо беше попаднал во трагикомична положба. Седел во едно кафеанче и си порачал кафе. Двајца полициски чиновници влегле внатре и ја зафатиле соседната маса. Тој наскоро почувствувал дека тие го гледаат со необично внимание. Со лесно движење тој се наместил така што да може лесно да се измолкне низ вратата. Во тоа време доловил неколку зборови од нивниот разговор, а Сандо е родум од Варна и го знае добро турскиот јазик.

– Јас не сум го видел порано овој младич – рекол едниот од нив, – ми се чини дека моето паметење за лице не ме лаже.

– Вистина е – одговорил другиот, – тој е скоро пристигнат. Од пред неколку дена го имаме под око. Тој е селски даскал, дојден да се лекува, види го колку е блед. И така, со своето настојување секој да му направи впечаток на другиот со својата проникливост, Сандо успеал да избега од едно иследување, коешто некој од нив можеше да го направи.

Орелот нe посети неколку пати, доаѓајќи обично попладне еден или два часа. Јас бев презадоволен од сегашната моја положба и тој беше доста умен за да не го разбуди кај мене преѓешното лошо расположение. Гимназијата навистина била претресувана за комитетски архиви, ми рече тој, и како што научив подоцна, тоа навистина се случило. Во еден порив на доверба, тој ми раскажа за своите непријатности со социјалистичката партија во месната организација, којашто сакала да повлијае во идните избори, за да ја спроведе својата политика – безнадежно идеалистичка и непрактична.

Мечтатели ги нарече тој. Тоа беше првата алузија што ја слушнав за месната борба.

Јас имав многу работа: пишував многубројни статии за положбата и подготвував едно окружно писмо од името на Централниот комитет, кое што требаше да се испрати на странскиот печат и разни друштва. Тоа ги третираше проблемите со Грците. Централниот комитет ме натовари да ја уредам дирекција на печатот, во којашто јас го имав правото на инспектор-ревизор, со извонредната привилегија да публикувам сe што собирав, додека ми се забрануваше да соопштувам лица од организацијата. Комитетот ми даде доволно слобода, што беше најсигурната политика, бидејќи вистината немаше да й наштети на организацијата. И можеби ќе е добро тука да додадам дека мојата плата беше равна на онаа на секој друг член од организација, значи, равна на нула.

Орелот се зафати да ми помага, уредувајќи средби со странските жандармериски офицери и со англискиот конзул. Дијалогот со англискиот конзул се покажа доста забавен. Во текот на петнаесет минути Орелот му објаснувал кој сум јас и дека мојата желба била да се сретнам со конзулот за да си размениме инфориации, кои можат да бидат полезни за обајцата. Најпосле конзулот го прашал:

– Но како пристигнал тука? Со возот ли? Со пасош ли? Се разбира, дека ќе ми биде пријатно да се сретнам со секој патник Американец, кој собира податоци. Отишол ли е кај кајмакамот?

– Вие не ме разбирате – рекол Орелот. – Тој бил во планините со комитите. Тој им се придружил во Воденско. Веројатно сте чуле за неговото исчезнување?

– Ах, да, сакате да кажете за човекот, кој беше убиен од разбојниците? Па тој им се придружил, а? Но тогаш положбата се менува; тој е илегален.

– Да ја изразам работата на друг начин – додал Орелот. – Тој е дописник на весници од наша страна.

– Од ваша страна ли? Па може ли тоа да биде сериозно? Две страни нема. - Англиската влада не признавала никаква вооружена сила, насочена против Турската империја.

– Но јас сакам да се сретнете со него неофицијално, само како приватно лице, еден господин со друг господин. Тој нема да дојде како револуционерен претставник.

– Но тоа нема значење. Тука јас сум дипломатски агент на Неговото Величество, а тој господин е илегален.

Орелот се уплашил дека тој извонредно точен дипломат ќе го изложи на опасност, но тој најпосле истргнал од него ветување дека разговорот ќе остане тајна. Тој опак човек беше исклучок. Кај неколку од другите странски претставници јас немав такви тешкотии. Еден од нив дури ми даде потпишано писмо од него.

Еден ден попладне, кога седев во собата да пишувам, слушнав гласови во градината. Погледнав низ прозорецот и го видов Сандо, кој разговараше со еден младич во европско облекло. Подоцна кога Сандо дојде кај мене, го прашав за непознатиот. Тој рече:

– Еден четник живее во соседната куќа. Само тој останал од Сугаревата чета. Токму пред борбата, поради болест, останал во едно село. Дошол тука да расчисти со грчкиот владика. За тоа ќе биде подобро да не му кажуваш ништо на Орелот.

Тоа беше добродошло. Терористите на грчката црква беа станале многу активни. Тие пукаа на двапати на пазарот на еден член на месната организација, минатата недела. Комитетот уште не беше си отплатил, но јас знаев од еден испуштен збор на Георги дека се планира убиство на некој човек на висока положба, коешто да направи впечаток.

Неколку дена потоа, Сандо и јас се преместивме близу во ново живеалиште. Таму бевме попријатно настанети, затоа што имаше втор кат, во кој можевме да се шетаме, без да се доближуваме до прозорците. Семејството беше големо. Таткото беше шивач, а еден од неговите синови – учител.

Ние се бевме преместиле во недела. Ми се чини дека беше вторник вечерта, кога се собра семејството и ние седнавме да вечераме. Мојсеј и Георги се вмолкнаа кај нас на разговор. Попосле, кога си отидоа, вратите се заклучија. Во тоа време, два револверски истрели се слушнаа надвор на улицата, а веднаш потоа и извик.

Сите истрчавме на скалата и излеговме на балконот однадвор, пред предните прозорци. Долу на улицата некој извика три пати: „Девре, девре, девре!“[49] – и веднаш ноќната патрола се затрча кон местото, а еден од стражарите носеше фенер.

– Грците го ударили Георги или Мојсеј – рече растревожено учителот до нас.

Ние ги видовме стражарите кои кренаа едно паднато тело на улицата и го однесоа зад еден агол. Една жена се врати со трчање.

– Што се е случило? – праша учителот. Жената одговори неколку несврзани зборови, но ние можевме да го сфатиме само зборот „доктор“. Се вративме од балконот во собата, каде се беа собрале жените од целото домаќинство.

– Грчките терористи носат ли револвери „Наган“? – праша Сандо.

– Не, не носат такви револвери – одговори еден од мажите. – тие истрели од „Наган“ ли беа?

Пак се слушнаа брзи стапалки однадвор, учителот се наведна на прозорецот и извика:

– Кој е застрелан?

– Петар Лигушев – беше одговорот, така јасен, што го слушнавме сите.

Следната изутрина собравме поподробни податоци за пукањето. Лигушев врвел по нашата улица на пат за дома, кога некој непознат скокнал од една уличка и пукал во него. Еден од куршумите го пронижал во вратот и тој беше во критична состојба, макар што надежта за неговото оздравување не беше изгубена.

По тоа злосторство се очекуваа брзи репресии против Грците, но тоа не се случи. Сандо се обиде да го најде четникот Стојан, но се покажа дека тој заминал на друго место.

И покрај нашата релативно поголема слобода, во нашиот круг доаѓаа многу малку луѓе. Се надевав да го видам пак братот на Михаил Х-ев и еден ден го сретнав на улицата, но тој ме одмина без никаков знак дека ме познал. Тоа беше обичната претпазливост. Неколку пати ги сретнав Ташковите момчиња, но и тие се чуваа. Еден ден, кон крајот на нашето престојување во Битола, откривме една од причините за нашето осамостојување од младите луѓе со кои ние би сакале да комуницираме послободно.

Откако ќе си ја свршев работата, доцна попладнето, јас одев на балконот, легнував таму и ги набљудував минувачите по улицата, без опасност да бидам забележан од нив. Мојот постојан другар беше Спиро, едно десетгодишно момче од семејството во кое што живеев. Тоа ми ги покажуваше познатите лица и ми кажуваше што знае за нив.

Две девојчиња поминаа неколку пати и ми го привлекоа вниманието со нивното убаво облекло, коешто не соодветствуваше на културната средина во Битола. Едното од нив беше осумнаесеттодишно девојче, многу убаво, тенко, високо; тоа зачудуваше во една земја, каде што повеќето од луѓето се од селско потекло. Еднаш момата неочекувано погледна нагоре и нашите очи се сретнаа, нејзиното лице поцрвена, како да се почувствува виновна.

– Кое е ова девојче? – го прашав Спиро. – Она ли, што си ја чешла косата нагоре како Европејките?

– Да, во сивото облекло. – Тоа е Елена, сестра на Т-ев. – Тој го изговори името на еден истакнат водач во востанието, избеган во Бугарија. Сандо беше во собата и сврте глава да го види предметот на моето прашање. Девојчето беше ученичка во гимназијата и живееше погоре на истата улица со свои пријателки.

Неколку дена по таа случка, јас бев седнал на задниот балкон над градината. Долу стоеше еден од пратениците, кој ми донесе писма: тој беше од луѓето на Георги и беше останал да испие една сливовица и да размени некој збор со жените. Сандо беше накај задниот дел од градината и читаше книга под едно дрво.

На вратата некој потропа и една од жените отвори. Потоа слушнав женски глас, којшто праша за мене. Курирот, којшто беше отишол зад куќата, се врати и запраша;

– Зошто сакаш да го видиш?

– Твојот работа ли е тоа? – праша гневно гласот, кој идеше од една врата во долниот кат.

– Дали е моја работа? Да! – одговори курирот. – Јас сум еден од чуварите, кои го чуваат. Земи дозвола, ти знаеш од каде.

Истрчав кон вратата и се спуштив долу. Штом влегов во долната соба, преку еден прозорец ја видов Елена Т-ева, којашто стоеше пред вратата со лице пламнато од гнев.

– Подлизурко ниедин, ти наскоро ќе ги видиш новите господари – се подби таа со него и си излезе.

Тргнав кон вратата сакајќи да ја повикам. Додека слегував долу, Сандо скокна и го зграпчи курирот за вратот.

– Свињо! – извика тој, растресувајќи го. – Какво право имаш да ги враќаш нашите посетители?

Јас се стрчав одозгора, се фрлив меѓу нив и ги разделив. Курирот се залулеа и се потпре на ѕидот со рака вмолкната во наборите на појасот. Но не извади нож.

– Ова е подло, другар – извика тој. – Јас си ги исполнувам своите задолженија, така ми е заповедано, а ти ме удари, како да сум Грк. Но јас не можам да те удрам, тоа е подло.

– Зошто ја врати? – прашуваше Сандо разгневен. – Таа не е шпионка, ниту гркоманка. Не може ли да имаме доверба во сестрата на Т-ев?

И јас бев лут како Сандо, но се воздржав.

– Ти си прав, другар – се замешав јас, – никој не те осудува. Оди гледај си ја работата. Можеби е подобро што таа не влезе. Кој й кажал дека сме тука?

Дипломатијата не е секогаш најдоброто средство за една цел; моите зборови ги поизмазнија разбушавените перја на курирот, но жените ме слушнаа и моите зборови беа повторени од едно од девојчињата на домаќинското семејство, интимна другарка на Елена. Курирот замина со сите признаци дека случката е изгладена.

Таа вечер, по мое барање, дојде Орелот и со него расправавме како да замина во западните реони. Колку и да се мачев, јас не можев да ја надвијам раздразнетоста, создадена кај мене од случката попладнето. Не бев така интимен кон Орелот како порано, а Сандо се држеше со него речиси безобразно. На прашањата за мојето патување, откако ќе ја оставам Битола, јас одговарав со нескриена непрецизност. Се разделивме следната изутрина со заемно лошо расположение.

Требаше да ја напуштиме Битола в четврток. Комитетот требаше да ја извести најблиската чета да не пречека во едно село, пет часа далеку, во Лисолај, едно име кое што никогаш нема да го заборавам.

Четвртокот дојде, а нас сеуште не задржуваа; после се определи недела. Најпосле не забавија до идниот четврток.

Таа ноќ, пред да тргнеме, учителот дојде во куќата силно растревожен.

– Има уште едно убиство – ни кажа тој. – Стојан, еден од старите четници на Сугарев, кој беше во градот...

– Го убил владиката – го прекинав јас возбуден.

– Не, најден е убиен на полето со нож во грбот.

– Тоа е работа на Грците – реков јас.

– Сe Грците – протолкува Сандо. – Каква крвава банда се тие!


48. Презвитеријанец – протестант.
49. Деврие, тур. – ноќна стража.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина