Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА ХII

Една самотна прошетка

Од верандите на куќите во маалото Бел Шишман градот Битола претставува една живописна глетка, затоа што оттаму се гледаат само покривите и минарињата. Туристите-писатели го величеле овој изглед на градот, но малку влегувале во тесните, извалкани, полни со кучиња улици и се замешувале со шарената навалица од Евреи, Турци, Грци и Бугари. Спроти своето население, шеесет до седумдесет илјади, градот се распослал во малечко пространство, многу малечко, ако се спореди со она на модерна Софија. Една модерна санитарна власт би била така разурнувачка тука, како и една освојувачка армија.

Но, за еден затвореник дури и живописната глетка е здодевна. Сандо и јас уште на вториот ден откривме дека сме затвореници во Бел Шишман. Кутриот Сандо страдаше повеќе од мене, затоа што јас имав повеќе работа во првата недела.

Најнапред не принудија да не се доближуваме до отворените прозорци. После човекот со кимоното ни ја донесе новината, дека Јени Маале била претресено од полицијата.Згора на тоа се пушти слух дека отец Мирабо е затворен.

Нашиот домаќин Ицо се враќаше доцна и излегуваше рано, но кај нас беше дружељубив. Јас го запршав за Груев, но тој одговори дека се населил во оваа куќа минатото лето и не знаеше кои живееле тука порано. Преку денот останувавме сами со жена му, којашто беше приказлива колку прагот на вратата.

Наспроти тоа ние си живеевме добро. Секој ден пратеникот донесуваше шишиња со пиво, сардини и други деликатеси, испраќани од Лигушев. Но во пакетите се најде една кратка белешка, којашто не предупредуваше да се држиме близу до нашето скривалиште. И ако уште некој друг, освен пратеникот, ни дојдеше да не посети, нашата положба немаше да биде така тешка, но дури и кога слушнавме дека „Орелот“ се вратил од Солун, во нашата осаменост не настапи промена.

Беше изминала околу една недела од нашата осаменост, кога една вечер Ицо дојде со необично добро расположение. Сандо и јас се бевме скарале по еден безначаен повод. Ицо ја забележа нашата смуртеност и побара да ја дознае причината. Сандо ги изрази нашите поплаки во неколку срдити зборови.

– Вие треба да се шетате на чист воздух – одговори Ицо. – Утре изутрина ќе ве водам на бања.

Се согласивме да појдеме во 7 часот на бања еден по еден. Изутрината се разбудив рано. Ицо ја отвори вратата, погледна вдолж по улицата и кога виде дека е чиста, тргнавме по неа еден до друг. Најпосле се смешавме со минувачите и стигнавме до еден мал плоштад, на кој имаше едно големо здание од тули, со купола на врвот. Низ неговите многубројни дупки излегуваше пареа.

Прислужниците во бањата беа Турци. На едната страна ја забележав собата за соблекување, полна со железни легла. На ѕидовите висеа црни војнички униформи. Но ние влеговме во другата соба, каде што имаше само четири легла.

– Тука доаѓаат воените лица – објасни Ицо, кога ние бевме сами и се соблекувавме. – Тука не е опасно, никој нема да ве задира и малку христијани доаѓаат во оваа бања. Турците не поставуваат никакви лични прашања.

Во базенот беше тешко да се набљудуваат луѓето, секој беше гол, опашан само околу бедрата, а топлата парна атмосфера беше така омаломоштувачка, што го отстрануваше секое љубопитство кон луѓето. Масерите сосема молчеа.

Ние се вративме во собата за облекување, се завиткавме во бањарки и крпи за бришење, и откога легнавме во леглата, испивме кафе. На леглото спроти мене лежеше еден стар, белобрад маж, завиткан со бањарка.

– Многу е жешко, – ми рече тој, откако тргна кон мене, – треба да отворат некоја од дупките.

Неговата правилна реч ме заблуди дека е Бугарин, затоа јас одговорив:

– Но оваа топлина добро ќе ве испоти.

Тој одговори и еден безволен разговор изгледаше неизбежен. Но Ицо се замеша и го одвлече интересирањето на непознатиот во друга насока. Тој, меѓутоа, наскоро стана и се облече. Јас одвај си ги здржав нервите, кога видов дека тој спокојно си ја облекува униформата на полициски чиновник. Најпосле тој си го стави фесот и излезе, откако упати едно темане накај нас. Ицо веројатно јас забележал мојата исплашеност, па се насмеа.

– Кој беше овој човек? – прошепотив јас.

– Помошникот-началник на полицијата.

Кога се вратив дома и Ицо излезе, јас му раскажав на Сандо што се случи со мене, додавајќи ги зборовите на полицискиот началник, којшто му беше кажал на Ицо дека тој ден оди на село. Ние се согласивме дека во тоа време не ќе има силно гонење во градот, штом вишите полициски чиновници ќе одат на отсуство.

Наокоро потоа Сандо си го зеде фесот, што беше зад рамките на една слика.

– Ќе одам во градот и ќе гледам да научам нешто – рече тој.

– Подобро ќе направиш да не одиш! – одвратив јас.

Пој помолчи и после праша:

– Зошто не?

– Може навистина да има опасност, – реков јас. – Апсењето не е толку лошо за мене, колку за тебе. Ете зошто ќе биде подобро да одам јас. Сакам да знам нешто повеќе за Орелот и Лигушов, пред да се разделиме, дури ако ќе е тоа само за неколку часа. Тие можат да ми кажат дека си затворен.

Сандо ме погледна замислен.

– Дозволуваш ли да се случи така? – проговори тој бавно.

Настана долга пауза. Нееднаш јас си го ставив фесот, пред да му дадам можност да се спротивстави, како што сакаше и излегов од кујната.

– Вратата – й реков на жената, – погледни!

Таа разбра и излезе надвор на дворот. Откако ја отвори вратата, таа погледна надвор, нагоре, надолу по улицата и откако влезе внатре, кимна со глава. Јас излегов.

По улицата имаше жени и деца, но сите беа Бугари. Врвев по истиот пат по кој Ицо ме одведе на бања и брзав како да имав работа.

На секој свиок и агол си поставував мислено знаци, следејќи ја внимателно општата насока според високите згради и минарињата, кои се извишуваа над покривите на куќите. Најпосле стигнав големиот пазар, претрупан со селски коли, коњи и продавачи. Од страните на плоштадот беа наредени ниски, откриени дуќани, чиишто сопственици повеќето беа Евреи. Тука скитав повеќе од половина час, заинтересиран од животот и движењето на пазарот.

Го преминав плоштадот и стигнав до главната улица, којашто ми беше позната. Сакав да одам во црквата, во којашто го најдов отец Мирабо. Отпрвин не успеав.

Влегов во една мала селска гостилница и таму испив топло овчко млеко. Момчето, кое што ме прислужуваше беше христијанин и почна да ме распрашува. Најпосле тоа ми ја покажа црквата.

Јас се приближував до далечните, сини куполи на црквата низ една тесна улица, кога се отвори една градинска врата и едно девојче изрипа и речиси се судри со мене. И двајцата запревме. Таа ме поздрави насмеана, макар што остана зачудена. Тоа беше најголемата ќерка на Ташко.

– Не стојте тука – рече таа, ме фати за раката и ме воведе внатре зад вратата. – Јас мислев дека сте отишле веќе во планините.

– Не, – одговорив јас. – Но се криеме. Сигурно знаете дека претресот во Јени-маале се направи заради нас. Ве вознемирија ли многу стражарите?

Нејзините очи се раширија од зачуденост.

– Претресување? – повтори таа. – Какво претресување?

– Не ги пребара ли полицијата куќите во Јени-маале еден или два дена откако го напуштивме маалото?

– Не.

Јас се преправив како рамнодушен и реков:

– О, да, можеби тоа биле измислици на старата жена. Но немало ли апсења последно време?

– Да, затворија само еден поп. Но докази против него немало. Го испратија во едно село. Но дали учителот не ви ги кажал тие нешта?

– Во последно време не сум го видел. Ми се чини дека вие не го сакате многу.

Мојата отвореност ја уплаши, но таа брзо дојде на себеси.

– Да – рече таа решително, – ние не го сакаме.

Понекогаш судбината зависи од такви безначајни зборови. Во тоа време сфатив дека еден слаб поттик би ја натерал да ми се довери. И следните настани можеа да земат друга насока. Но јас веќе ја бев придобил инстинктивната претпазливост, којашто одеше со останатото во едногодишниот курс по револуционерно држење, на што ме учеше Македонија. Така пропуштив еден добар случај. Ние се збогувавме и се разделивме.

Со брзање се вратив дома. Почнав да му се лутам на Орелот и на оние, кои мислеа дека е потребно да не гнетат со глупави лаги. Човекот за врска беше таму и го задржав, додека напишав едно остро писмо до Орелот. Рано изутрината го добив од Орелот следниот одговор:

„Драги мој другар,

Сигурно ти си многу несправедлив кон мене. Можеш ли да си го претставиш срамот за нас, ако ти се случи некоја несреќа под наша грижа? Ти си со бестрашен темперамент, па е потребно да ти се преувеличува опасноста, за да се ќуваш од неа. Врати се во Јени-маале уште веднаш, но јас сметам дека таму си изложен на ризик. Те молам да се држиш таму со онаа тајност, којашто е така неопходна за твоето сигурно престојување во нашиот град, полн со предавство. Чувај се, пријателе, од момчињата, кои зборуваат многу.“

Таа вечер ние се вративме во Јени-маале мошне многу задоволни, за да го помниме јасно нашето поранешно лутење.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина