Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА ХI

Една подземна република

Разбудувањето во таа прва изутрина во Битола беше редица од измешани илузии. Најнапред како да бев пак во блатото, после во Бугарија и најпосле во затворот. Последното чувство ме разбуди сосема и јас потскокнав. Сандо седеше пред мене, тукушто разбуден, со лице подуено од сон.

– Тој си е отишол – реков јас, кога видов, дека леглото на Орелот е празно.

– Да – одговори Сандо, – орлите рано летаат.

Потоа додаде:

– Сум слушал магарето да го прават да прилега на лав, но никогаш не на орел.

– Тоа е предавство – протестирав јас, – тој со еден весел другар.

– Јас ќе кажам нешто повеќе за него, – додаде Сандо. – Сакам да кажам дека никогаш не сум видел јастреб со перја на орел.

– Изгледа дека не го сакаш?

– Не го сакам.

Токму во тоа време на вратата некој потропа и мајката ни поднесе кафе. Потоа најдовме во една бовча две рала добро сошиени алишта и по еден чифт чевли за секого од нас – сe ново. Во нив ние требаше да се преоблечеме. Сандо изгледаше чудно во неговото ново облекло. Му недостигаше само корава, црна шапка за да можеше да помине по Бродвеј, каде што би направил впечаток на добро облечен. И тој исто така се зачуди на мојата ненадејна представителност. Си ставивме на главите по еден црвен фес.

Во бовчата беше оставена белешка од Орелот. Тој не советуваше да не излегуваме уште по улиците и да го чекаме до вечерта. Тогаш сакал да дојде, за да вечераме заедно. За Сандо денот треба да беше здодевен, затоа што девојчињата беа на училиште и дојдоа доцна попладнето и дури тогаш тие, изгледаше, дека се стеснуваат од нас. Ташко дојде кај нас на појадок со сета своја оригинална добродушност. Тој беше мајстор-ѕидар и многу зафатен во тоа време од годината, затоа не остави рано попладнето. Ми требаше доста време за да ја прегледам кореспонденцијата од Бугарија, којашто ја добив преку „Орелот“ заедно со алиштата. Јас почнав да одговарам, но тоа беше тешка работа, затоа што повеќето од писмата беа со шифра. Дури ни австриската пошта не беше сигурна.

Доцна попладнето „Орелот“ дојде со еден врзоп од странски весници. Тие содржеа описи за разурнувањето на мојот роден град Сан Франциско како резултат на силниот земјотрес. Тоа ме растрои преку целата вечер.

– Ние ќе вечераме во друга куќа – рече „Орелот“, – таму ќе не пресретне благајникот на комитетот.

И така, ние требаше да ги напуштиме нашите добри пријатели: Ташко и неговото семејство. Излеговме низ задниот дел на градината, поминавме низ една вратичка на задниот ѕид, влеговме во втората градина и оттаму во друга куќа на друга улица. Таму нe пречека и воведе домаќинката – стара, пргава жена, којашто потоа, во текот на цела вечер, не се појави.

– Со утрешниот воз заминувам за Солун, – рече „Орелот“, кога седнавме врз меките перници. – Возможно е да отсуствувам една недела, а може и повеќе, затоа решивме да ве преместиме во посигурен стан. Овој дел на градот е секогаш предмет на сомневање. Вие ќе бидете близу до ридовите, во маалото Бел Шишман, во куќата, којашто Груев ја направи свое седиште на главниот штаб.

Бидејќи не го познавав градот, не се спротивставив на таа работа, и покрај тоа што Јени-маале многу повеќе ми се допаѓаше. Јас се развеселив под влијанието на прекрасната реч на „Орелот“, но Сандо остана замислен и нерасположен, како неговиот град да беше разурнат од земјотрес, а немојот.

Почуствував како Орелот ја потенцира мојата партиска наклонетост, но јас се правев неутрален, макар што не можев можев да го скријам фактот, дека мојата главна преопусница беше потпишана од Задграничниот комитетот во Софија [45], сега веќе силно антисарафовистички, бидејќи во тоа време генералот Цончев беше елиминиран од македонските работи. Сe уште се надмудрувавме околу тоа прашање, кога стигна благајникот. Тој беше млад, со грубо лице и личеше на селски даскал. Како сите и тој имаше псевдоним. Него го заборавив, но неговото име уште го помна: Петар Лигушев [46]. Му го запомнив, затоа што имаше доста причини за тоа. Вечеравме веднаш. Разговорот продолжи меѓу Орелот и мене. Лигушев беше расеан.

За време на јадењето забележав еден ученик од гимназијата во униформа, којшто помина низ собата и се заврте пред влезот за горното одделение. Тој ме погледна остро неколку пати и потоа одново излезе надвор.

– Пази се – рече Лигушев. – Да не дознаат кој си. Не кажувај никому дека си Американец, затоа што ако дознаат од полицијата дека си во градот, ќе ги претресат сите наши куќи. Да немаш работа со учениците – тие се добри момчиња, но брбливи, особено девојчињата.

Тој совет ми се гледаше умен. Нивната работа беше да ни зачуваат од сите опасности, кои можеа да се случат во тие места.

Наскоро по вечерата Лигушев излезе.

– Да бев на ваше место, немаше да си одам – му рече Орелот на Лигушев, кога тој го запали својот фенер [47].

– Не сакам да спијам во оваа куќа – мрмореше тој, – а и патот не ми е долг.

„Орелот“ требаше да си легне порано таа ноќ. Изутрината, кога се разбудивме, тој беше пак излегол. Старата жена ни поднесе кафе. Сега таа беше поразговорлива, но нејзиниот дијалект беше толку посебен и забите толку лоши, што дури и Сандо одвај ја разбираше нешто, освен што често спомнуваше за некојси, со име Михаил.

На пладне дојде младиот ученик и ние ручавме заедно. Тој беше син на старата жена. Срамежливо, но сепак настојчиво, тој се обидуваше да ме распрашува.

– Вие зборувате бугарски со туѓ акцент – забележа тој.

– Да, сум одел по туѓина.

Тој разбра дека го лажам. Кога си отиде, Сандо ми рече:

– Зошто се подби со момчето?

– Не слушна ли што рече Лигушев сношти?

Тој размисли една минута о после одговори:

– Интересно нешто; вчера сите девојки можеа да знаат кој сте, а денес учениците, кои се најактивните членови на месниот комитет, не треба да знаат.

– Грешката е нивна, но си ја поправија – забележав јас. – Но, зошто девојчињата не дојдоа кај нас? Одовде до Ташковата куќа нема повеќе од дваесет чекори!

– Градинарската врата од оваа страна е заклучена – одговори Сандо. – Тука треба да живеело некое турско семејство.

Потоа ги прочитав странските весници, ја повикав бабата и ја замолив да ги изгори, затоа што речиси сите беа илегални.

– Јас никогаш не горам печатени книги или весници – рече таа и продолжи – Михаил секогаш зборуваше: „Мамо, нашиот народ ќе се ослободи само тогаш, кога ќе дознае што има во книгите“. – Така што јас никогаш не ги горам. Такви нешта се свети.

Таа отиде до една полица и ја покажа етажерката, исполнета со подврзани книги и брошури. Јас зедов неколку и ги прегледав. „Сила и материја“ од Бихнер и Карл Маркс, преведена од некој непознат бугарски писател. Имаше брошури од Кауцки, Вандервелд, Мил, Бернштајн и еден роман на руски јазик од Леонид Андреев. Отворив една од книгите и прочитав: Михаил Х-в.

– Да не сте мајка на Михаил Х-в?

– Да, јас сум му мајка – одговори гордо таа. Сандо се приближи кон неа со видливо интересирање.

Името беше познато низ цела Македонија. Тоа беше еден од најумните водачи.

– Но, ако овие книги ги најдат при некој претрес? – прашав строго.

– Што би можеле да й сторат на една стара жена? – одврати мајката.

– И што можат да разберат Турците од овие наслови? – се замеша Сандо. – Друге е прашањето, ако се младотурци, но тие се наши пријатели!

Јас сакав сега да го видам одново помладиот син на бабата, ако не за друго, барем да му се извинам за мојата грубост. Но, пред да дојде тој, се појави еден човек со облека како кимоно, којшто требаше да не одведе во новиот стан.

Ние тргнавме. По долго лутање стигнавме до онаа маала на градот, којашто започнува да се искачува по самата планина Пелистер – близу до зеленчуковите градини. Тука, ние влеговме во мала селска куќа, којашто потсетуваше на колиба. Внатре најдовме еден селанец – домаќинот, жена му и неколку извалкани деца. Во куќата немаше речиси никаков мебел.

– Што правел Груев тука во тие шест месеци? – го запршав Сандо, кога легнавме врз сламената рогозина.

– Бавчанџиство – одврати тој.


45. Се однесува на задграничните претставници на ВМОРО во Софија.
46. Петар Котев Лигушев – еден од членовите на Окружниот комитет во Битола. Подоцна станал предавник и издава многу тајни на Организацијата.
47. Движењето ноќе по улиците со запален фенер било задолжително.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина