Make your own free website on Tripod.com
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА Х

Градот Битола

Јас и Сандо се најдовме во една мала соба, слична на ќелија. Во неа имаше едно подвижно легло, два стола, една маса, поставена под прозорецот со решетка и една етажерка, врз која лежеа црковни книги. Попот, кој не доведе, седна покрај масата. Тој беше стар, благороден човек. Долгите сребрени коси му се спуштаа врз широките плеќи, а белата брада спокојно му се постилаше врз црното, светнато расо. По усните му играше весела насмевка.

– Каков костум за еден американски граѓанин! – забележа тој и се ракуваше со мене.

– А вие, оче, навистина сте... Тукушто разбрав...

– Да, една видна личност во историјата – Мирабо [44] – одговори тој шеговито.

Јас знаев дека тој е претседател на окружниот комитет и еден од првите луѓе на Груев. Беше еден од малцината ветерани на организацијата, уште неоткриени и непрогласени за илегалци. Додека разговаравме, во собата влезе друго лице, тенко младо конте, облечено во убав европски костум, со елегантен бастун и фес, кокетно накривен над увото.

– Здраво-живо, другари – не поздрави тој небрежно. Потоа се загледа по собата. Попот се смееше.

– Ѓавол да го земе! – извика неочекувано господинот на чист англиски јазик. – Не сте ли вие Американецот?

И тој срдечно ми ја стисна раката.

Леринскиот учител беше зборлест, затоа јас лесно го познав „Орелот“, делегат од Леринско во окружниот комитет и негов секретар.

„Орелот“ отиде да ни подготви еден посигурна стан, свирејќи една француска мелодија додека слегуваше по скалите. По половина час заеднички разговор со попот, Сандо и јас излеговме на улицата. Одевме бавно меѓу празничната навалица, но следејќи ја една млада жена, облечена во еден особен зелен фустан. Поминавме крај потокот, што се спушта по главната улица и стигнавме во Јени-маале, што се наоѓа во крајниот дел на градот. Откога издемнавме 0благопријатен момент, незабележано влеговме во убавиот двор на една голема куќа. По малку време, ние бевме веќе сместени во една широка и удобно наредена соба. Дојдоа кај нас неколку млади девојки, едно момче на шеснаесет години и домаќинката. Наскоро дојде и таткото. Тој беше возрасен и крупен Бугарин. Смеењето му беше кротко и благо. Неговото присуство ги поттикна девојчината, и се започна такво обожавање на геројот, што беше истовремено и збунувачко, а сепак подносливо. Домаќинката ни предложи да се избањаме. Слегов долу и се искапив во едно корито, полно со вода. Ми се стори дека измив не само дебелиот кир од леринските прашини, туку и целиот блесок од комитлакот, што го имав, затоа што не може човек да се чувствува живописен во чисти алишта од простата обична кројка, какви што ни дадоа да ги облечеме.

Кога се качив одново горе, во собата влегоа уште девојки, темно руси, со костенливи очи, словенски девојки, убаво, но не живописно облечени, така што изгледаше како да учествуваме во најобично семејно собирање. Тоа беше како кога воинот се враќа дома, овенчан со слава, а всушност, иако е тешко да се сфати тоа во еден таков миг, ние повеќе од кога и да било бевме во полето на битката.

Дојде време за ручек. Сe уште зафатени од таа атмлосфера на домашен живот, толку идеализиран во западните земји, тој пријатен, прозаичен неделен ручек, така седејќи околу софрата наеднаш ми запшрилега на неумесна шега. Наседнавме околу софрата со скрстени нозе, – еден обичај, што е туѓ на Европеецот, но покривката од дамаст, салфетките, ножовите и виљушките и одделниот прибор за секој од нас – сето тоа беше пријатно конвенционално, а покрај нас седнаа девојчињата и момчињата, помладите членови на фамилијата, како жреци во храмот, што ги толкуваат зборовите на боговите и го регулираат обожавањето.

По ручекот со Сандо се истегнавме врз перниците, ставени во едно од катчињата на собата. Под влијанието на сето тоа Сандо се растопи дотаму што раскажа за една борба, нешто, што никогаш не сум чул да го прави порано. Одвај сега, за прв пат откако го бев напуштил Воден, можев да се почувствувам ослободен од онаа нервна напнатост, што му е присушта на секој еден кој скита по нелегалните патеки на Македонија.

Вечерта наближуваше и разговорите стануваа сe поживи и повесели. Неочекувано вратата се отвори и влезе „Орелот“, насмевнат и весел.

– Здраво-живо, драги – извика тој, фрлајќи си го фесот настрана. – изгледа дека сте добро тука.

Во собата како да стана пусто. Сите замолкнаа. По малку време момчињата и девојчината станаа и си отидоа. Домаќинот се приближи до „Орелот“ и му подаде чаша вино, чиешто лице беше селско по својата тапа рамнодушност.

Моето раздразнување од тој студен туш наскоро помина; најпосле, природно е еден член на окружниот комитет да вдахне таков трепет, особено меѓу младите. После, Орелот беше полн со новини, зашто тукушто се беше вратил од велигденскиот распуст, поминат во Бугарија. Затоа јас заборавив сe друго во оживеаниот разговор, што го поведовме со него, макар што подоцна забележав случајно дека Сандо беше заспал. А малку беше егоистично од моја страна, но беа поминале месеци, откако не бев слушал англиски.

Никој не би можтел да одрече дека Орелот беше навистина шармантен човек, особено меѓу жените, претполагам. Завршил високо училиште во Франција, потоа заминал за Англија, каде што поминал неколку години, тој ја имал таа можност да добие голема европска култура. Зборуваше англиски извонредно. Роден во Бугарија, по негово барање тој беше назначен за учител по математика во Битолската гимназија. Како бугарски поданик тој имаше блиски врски со бугарскиот дипломатски агент и други странски претставници, а серто тоа му помагаше да има една посигурна положба. За да можеше полицијата да посегне врз него, требаше да има неопходни докази за неговата вина. На таа прва вечер, тој зборуваше многу малку за нашите работи, затоа што требаше да го задоволува моето тримесечно незнаење за тековните настани.

Вечеравме заедно. Орелот им потфрли неколку шеги на девојчињата, кои прислужуваа. Тоа го развесели нашиот домаќин Ташко. Разговорите се водеа на бугарски јазик. Сандо и Орелот си спомнија дека некогаш се запознале во Бугарија.

Бидејќи бевме многу изморени, јас и Сандо се повлековме да спиеме. Поради строгоста на законот за ноќното одење по улиците, Орелот остана да спие кај нас во соседната соба.

Немаше значење што душеците беа поставени директно на блескавиот под. Чудесно беше да ги вовлечеме затоплените тела во хладните бели чаршафи и да оставиме свеста да ни избледнее и да отплови во сон без соништа.


44. Псевдоним. Се однесува на поп Трпо Поповски од с.Смрдеш, Костурско, претседател на окружниот револуционерен комитет во Битола.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина