Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА IХ

За интригите на кнезот

Тука приказната ми прекинува и можеби е тоа во спротивност со литературните барања, но е неопходно, за да му се даде место на голи, историски факти, без кои сето ова преживеано може да се претвори во расказ за некаква бесмислена авантура. А и не се толку голи за некој кој ужива во вкусот на дворските интриги и човечките страсти и алчност, маскирани со кнежевски пурпур.

Кога револуционерната организација во Македонија, со своите безбројни членови и оддели стана влијателен фактор во внатрешните работи на европска Турција, нејзините раководители решија таа надвор да биде претставена од „задграничен комитет“, со двајца претставници [37]. Неговата задача беше да й ги изложуваат и разјаснуваат на европската општественост, вистинските цели на револуционерна Македонија, за да се разбие раширеното верување дека четите се разбојнички банди, а нивните водачи, само крадци излезени за плен. 3а таа цел комитетот требаше да издава свој неделен весник.

Во кнежеството Бугарија имаше 50.000 македонски емигранти, најголемиот дел политички бегалци, кои бараа засолниште преку границата меѓу своите роднини по крв, затоа што Македонците и Бугарите, што се однесува до потеклото се едно. Многу од овие емигранти просперира; некои беа исклучително богати, а други се искачија на високи позиции во владата. Ете зошто, беше сосем природно дека задграничниот комитет на претставниците треба да се формира во Бугарија, затоа што една од неговите функции беше да собира средства за каузата на револуцијата од имашливите Македонци во Бугарија.

Изборот на претседател на комитетот не беше лесен. Тој требаше целосно да се посвети на таа работа; останатите претставници можеа да бидат доброволни соработници, кои не беше неопходно да се откажат од својата работа. Меѓутоа, претседателот требаше да умее да преговара со министри, со претставници на печатот и дури да размени пријателски зборови со странските дипломатски претставници. Неопходно беше да биде тактичеи, енергичен и вешт во новинарството. Исто така требаше тој да биде прифатлив и за бугарските власти, затоа што преку Бугарија минуваше главниот канал по кој оружје и муниција, купувани во Австрија, беа префрлувани преку границата во Македонија. Така, изборот паднал на еден енергичен млад офицер од бугарската армија – Борис Сарафов, роден во Македонија, добро образован, со исклучителна интелигентност и прекрасна личност. Дури и непријателите на Сарафов не можеа да одречат дека за време на неговиот избор тој изгледаше како најсоодветен кандидат за тоа место.

На Бугарскиот престол седеше еден кнез, исто така бивш офицер, амбициозен, енергична личност и дипломат. Несомнено, на него му се допадна личност како Сарафов. Сосем природно, во еден толку мал град како Софија, тие се сретнаа и открија дека имаат заеднички интереси. Реков веќе дека кнезот Фердинанд беше амбициозна личност. Како и кај сите други кнезови, неговиот поглед следеше што се случува преку границите на неговата држава. Тој гледаше еден народ, разделен од своите блиски само со самоволно определена политичка граница. Овие двајца авантуристи се зближија, барајќи помош еден од друг. Но, за несреќа на Македонија, авантуристот од престолот беше полукавиот од двајцата.

Од самиот почеток Сарафов како да потврди дека комитетот го направил правиот избор. Но како новинар тој й го направи името на „Македонскиот комитет“ познат во цела Европа и дури во Америка. И бидејќи скромноста не беше дел од неговите квалитети, до денес многу редактори веруваат, дека Сарафов беше раководителот на револуционерна Македонија. Но особено добро тој се справи со нешто многу поважно: со собирањето на средства од македонските емигранти во Бугарија.

Во касата на револуционерите започнаа да се влеваат пари, а во Македонија – манлихерови пушки. Младите водачи на теренот беа полни со ентузијазам, поради што не пројавуваа особено љубопитство на каков начин Сарафов ги обезбедува средствата, а не беа ни доволно искусни во државничките вештини за да ја забележат важноста на фактот дека на берзата на пушки, во огромен број за да бидат украдени, тие и не помислија дека државите не даваат дарови од сентиментални мотиви. Луѓето ангажирани во активна битка веројатно нема да размислуваат за моралната природа на средствата со чија помош се снабдени со воени материјали за војување.

Сарафов собра огромна сума на пари. Оние кои порано даваа по еден франк од љубов кон татковината, сега даваа по два и повеќе, водени од други мотиви. Сарафов и неговите агенти беа брзи и категорични; тие не губеа време во убедување. Или ќе дадеш, или ќе умреш! Многумина го платија тој данок, импресионирајќи ги другите. Се разбира, имаше и протести, но каква полза од нив, кога полицијата е против тебе. Како што се гледа, разбирањето меѓу Сарафов и кнезот даваше материјални резултати. Природно е да се заклучи дека она што кнезот Фердинанд го очекуваше од тој договор лежи во иднината. Во меѓувреме, успесите на Сарафов му даваа уште поголема власт и тој стана единствениот претставник на револуционерна Македонија за светот надвор од турските граници.

Но младиот револуционер најпосле направи една непромисленост. Тој испрати еден од своите добро вооружени помошници надвор од територијата на неговиот пријател, кнезот Фердинанд. Еден романски новинар во Букурешт погоди право во целта, објавувајќи непријатни факти што се однесуваа на методите на Сарафов. Неговиот весник стигна до Македонија и беше прочитан од месните водачи. Сарафов нареди да го убијат [38].

Романската полиција имаше поинакви погледи за таквите работи од бугарската полиција. Таа посака убиецот да биде казнет и во поткрепа на нејзиното барање по бреговите на Дунав беше разместена романската војска. Тогаш Сарафов беше уапсен во Софија и обвинет за убиство. Подоцна, кога општественото негодување во Романија стивна, тој беше изведен пред суд и ослободен, но неговиот крунисан ортак сметаше дека е најдобро за интересите на ортачката фирма, ако Сарафов замине во странство. И така Сарафов помина извесно време во париските кафеани и булевари.

Во меѓувреме беше назначен негов заменик, но не од Македонскиот комитет. На местото на Сарафов беше поставен еден сталожен, возрасен бугарски генерал по име Цончев – уште едно жално име во македонската историја. Но тој не е директно засегнат од оваа приказна.

По паѓањето на Сарафов, македонските водачи спроведоа истрага за неговите методи на теренот во Македонија. Сарафов беше жестоко осуден. Водачите се обидоа да го реорганизираат софискиот комитет, но човекот на Фердинанд, генералот Цончев [39], одби да го напушти своето место. Во негови раце беше механизмот за собирање на средства, а исто така и официјалниот орган на револуционерите [40], и нивните обиди да го отстранат се покажаа како јалови. Причината беше во тоа што тој преку официјалниот македонски орган и преку бугарскиот печат, успеа да ги убеди Македонците во Бугарија да поверуваат дека тој е претставник на револуционерна Македонија. Поточно, тој зад својот грб ја имаше поддршката од полицијата.

За несреќа, токму во тоа време се случи познатата провала во Солун, за која пишував во една претходна глава [41].

Главните раководители се наоѓаа во затворите во Мала Азија и Цончев го имаше теренот за дејствување некое време само за себе. Во тоа време се случи уште еден важен настан, за кој ќе пишувам во последната глава на оваа книга [42].

Подоцна европските дипломати направија еден морален притисок, принудувајќи го султанот да објави општа амнестија. Раководителите беа ослободени и кога видоа дека имаат голема сума пари во рацете (како беа добиени тие пари пишувам во последната глава), тие прогласија востание во Битола, надевајќи се дека со тоа ќе предизвикаат интервенција од Европа.

Тоа беше згоден момент за Сарафов повторно да се појави и понизно да ги понуди своите услуги. Блескаво се бореше под командата на Груев и поради тоа му беа простени гревовите од минатото.

Сарафов тогаш ги искористи истите оние квалитети кои порано му ја обезбедија позицијата во Софија. И сега неговата харизматска личност му донесе слепо обожавање и лојална поткрепа од оние млади војводи, чиишто умови беа склони да се потчинуваат само на водството на личноста, и уште не беа доволно зрели, за да сфатат една апстрактна идеја, којашто ќе ги насочува нивните дејствија.

Востанието, се разбира, ја дезорганизира целата револуционерна организација. Сите сили од реонот беа сосредоточени во Битола и многумина од војводите беа убиени или извадени од стројот.

По востанието дојде до реорганизација; беа именувани нови војводи во различните реони. Во оваа работа, несомнените способности на Сарафов како воен организатор и сега му обезбедија значително влијание над останатите раководители. Кога комитетот согледа дека половината од војводите во внатрешноста беа хипнотизирани од Сарафов, веќе беше предоцна да се поправи грешката. Барем беше решителен напорот да се поправи грешката што ја расцепи организацијата на две противставени фракции.

Во случајот дефиницијата треба да биде многу точна. Кога една организација ќе стигне до бројка од два милиони членови, вклучувајќи цели градови и окрузи, таа престанува да биде нешто како клуб или комитет. Сега веќе е очигледно дека „Македонско – одринската внатрешна револуционерна организација“ го надрасна своето име, дека таа, всушност, стана привреме систем на владеење, воспоставен од страна на македонското селанство за да се замени турската анархија. Макар и несовршена во некои односи, поради силата од пречките на опозицијата, сепак беше добро артикулирана република во добра форма, којашто набабрува за да се распрсне низ вештачката површина на еден застарен систем. Што беше Централниот комитет по својата суштина, ако не јатката на едно народно собрание, што претставуваше федерација од области или држави? Како може чета подобро да се дефинира отколку како полициската сила на таа нелегална република? Во неизбежно тајната природа на оваа национална организација лежат нејзините опаснодсти, ќе се согледа дека административната власт им беше доверена на групи, а не на поединци, и дека контролата на четите, вооружените сили на системот, беше толку децентрализирана, колку што дозволуваше барањето за неговата ефективност. Стравот од таа контрола да биде во рацете на еден човек беше толку голем, што постојано доминираше тенденцијата кон децентрализација и слабеење на моќта на Централниот комитет.

Во тоа се криеше и шансата на авантуристите од типот на Сарафов. Колку што беше поголема децентрализацијата, толку беше послаба силата, што му се противставуваше; не можеа на брзина да се ослободат од него. Секаде каде што власта е лабава, постои шанса демагогот да стекне моќ со придобивање на чувствата иемоциите на народот. За да го зачува лојалното пријателство на војводите, требаше да ги контролира и нив, и четите, а за да ги контролира четите требаше да ја присобере моќта на сета подземна република во свои раце. Против него беа некои од најумните и најостроумни личности, но зад него беа неуките маси и сите оние, кои можеа да бидат купени со пари, а тој така вешто оперираше со поткупените, како некој њујоршки политичар. Оваа кампања на корупција ја финансираше кнезот Фердинанд. Не знам ниту еден од моите пријатели од организацијата, што имаше некакво влијание, кому порано или подоцна да не му пристапил Сарафов или некој негов агент.

За момент неговите изгледи за успех беа големи. Добивајќи ја власта над организацијата во Македонија, тој можеше да смета на надворешната поддршка на кнезот Фердинанд, кој имаше една од најдобро организираните армии во Европа. Така, тој можеше да ја одржува својата позиција на диктатор сe до денот кога, како резултат на природниот еволуционен процес, помогнат од човечки залагања, силата на турското владеење ќе опадне, оставајќи му ја нему грижата за судбината на Македонија. Затоа што тогаш никој не веруваше во силата на младотурското движење.

Но доволно зборував за Сарафов. Неговите начини на дејство беа бескрупулозни, но можеби во својот стремеж кон крајната цел тој не беше воден единствено од егоистички чувства. Возможно е во своите планови да го предвидувал возобновувањето на бугарската империја, управувана од германски кнез, омразен од сите Бугари, но сепак бугарски цар. Несомнено е дека тој себеси се гледаше најблиску до царскиот престол. За да се сфати горчината на отпорот против него, треба да се разбере дека Бугаринот, по својот темперамент, е склон кон демократија и го мрази империјализмот. Тоа е темперамент, кој природно се насочува кон социјализам. Повеќето од противниците на Сарафов беа всушност социјалисти, и во него гедаа само слуга на кнезот Фердинанд. Но нивната сила постојасно растеше, толку многу, што на последниот конгрес Сарафов падна на колена. Тој излезе со солзи во очите и уверување за неговите чесни намери кон едно кнежество Македонија за македонците, и сепак успеа со незначително мнозинство да ја зачува својата официјална позиција и своето влијание како еден од двајцата главни ревизори за уште една година. Другиот ревизор, во кого опозицијата имаше доверба, беше поставен повеќе да го контролира Сарафов [43]. Тоа беше неговата последна шанса. Најпосле, тој повторно ја изневери довербата, но ја плати со определената казна, како и неговиот партнер, кого што тој успеа да го поткупи. Но тоа се идни настани. Во времето, за кое што се однесува мојот расказ, тој се уште беше ревизор.


37. Авторот ги меша функциите на двете институции – Задграничното претставништво на ВМОРО, основано во Софија кон крајот на 1896 г., и Врховниот македонско-одрински комитет (ВМОК), создаден во 1895 год. и кој се избира периодично на конгреси од делегати на македонско-одринските друштва во Бугарија. Меѓутоа, од излагањето понатаму се гледа дека тука тој го има предвид Врховниот комитет, кога на чело на него застанува Борис Сарафов.
38. Во прашање е Стефан Михајљану, Влав од Македонија. Во Романија издавал свој весник „Балкански полуостров“ и издавал тајни на револуционерната организација. Убиен е на 22 јули 1900 г. од терорист, испратен од Врховниот комитет. По инсистирање на Романија и големите сили во фебруари 1901 г. Сарафов и неговите другари се затворени но по стишувањето тие се ослободени.
39. Цончев Иван (1858-1910), бугарски генерал. Станал претседател на Врховниот комитет во 1901 год. кога Сарафов бил уапсен. Со сите сили настојувал да ја стави ВМОРО под раководство на Врховниот комитет. Есента 1902 год., со уфрлањето на чети во северноисточниот дел на Македонија го предизвика т.н. Горноџумајско востание. Со своите антимакедонски активности му нанесе голема штета на македонското национално ослободително движење.
40. Орган на ВМОК е в. „Реформи“, кој излегува во Софија од 1899 г.
41. Солунската афера од 1901 година.
42. Се однесува за заробувањето на американската мисионерка мис Елена М. Стоун.
43. Станува збор за претставници на одделни револуционерни окрузи, избирани од соодветните окружни раководства. Другарот на Б. Сарафов, за кого што се споменува тука, е Иван Гарванов, убиен заедно со него на 28 ноември 1907 г. во Софија.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина