Македонија Швајцарија на Балканот

ШЕСТА ГЛАВА

ШВАЈЦАРИЈА НА БАЛКАНОТ

Како би изгледала по своето внатрешно уредување независна Македонија? Таа, по секоја цена, мора да има барем толку самостојност, колку што имаат нејзините соседи.

По своето општествено уредување таа брзо ќе ги настигне добро уредените мали држави во Европа, коишто немаат намера да водат војни, ниту да фрлаат око на туѓи земји и богатства. За да ги настигне, пак, и во областа на материјалната култура, потребни се засилени творечки активности, посебно во првите дваесет-триесет години.

И покрај повеќевековниот пример на тоталитарно владеење, засведочен од страна на Турците, словенската бугарска маса останува верна и, ако може така да се каже, органски поврзана со светиот принцип на демократијата при водењето на општествените и на државните работи. Овој вроден демократски дух претставува поволен услов за уредувањето на земјата врз добри основи.

Кога народната енергија и мисла ќе се насочи кон изградба, а не кон борба, а соработката ќе им го заземе местото на антагонизмите, веднаш ќе се почувствува гаранцијата за конституирањето на Македонија како угледна мала држава. Таа гаранција ќе се покаже првенствено во волјата на народот за зачувување на рамноправноста и единството, и во неговиот стремеж кон налредок.

Демократското уредување се потпомага од околноста што во Македонија нема трага од привилегии, титули и крупни сопственици. Кратко време по своето навлегување во земјата, турската власт ги ликвидирала болјарите и сите други привилегирани христијани. Акцијата, пак, на ВМРО го потпомогна исчезнувањето иа крупното земјопоседништво и поминувањето на земјата во рацете на оние што ја обработуваат.

Дали Македонија ќе сака да ја организира својата демокрагска управа по француски или по американски образец или, пак, целосно ќе може да се приложи швајцарскиот начин на уредување - по тие прашања ќе се изјасни идниот македонски парламент. Обрасци за општествено уредување на држави има повеќе. Поделикатно, за многу народи, не било прашањето за барањето и пронаоѓањето на туѓи теориски примери, туку прашањето за усогласување со автохтоните карактеристики и желби на народот. Во тоа се состои демократијата: во приспособување кон она што го сака и што може да го постигие народот во определена епоха.

Ако се обезбеди целосна слобода на националностите, може да се помине и без кантонален систем. Меѓутоа, ако во негова корист се појават барања, тој може да биде воведен, независно од тоа што за него не постои никаква опора и традиција, ниту пак економски потреби. Во таков случај ќе има кантони со мнозинско население од една или од друга месна народност - бугарска, грчка, влашка, албанска итн.

Идниот парламент на Македонија ќе донесува одлуки за се што се однесува до компетенциите на евентуалната кантонална самоуправа. Овде не би можеле да ги разгледаме детално односите меѓу кантоните и централната власт. Ако судиме според туѓите примери, мораме да истакнеме дека во поново време се појавува стремеж кон централизација, паралелно со загарантираните во секој поглед права на граѓанинот. Во Швајцарија во компетенциите на централната власт се војската, надворешната политика, поштите, телеграфот; има заеднички даночен и паричен систем, а заедничко е и судството. Идната независна Македонија ќе успее да ги усогласи потребата од единство и почитувањето на слободата, коишто еднакво го наложуваат самото нејзино создавање како одделна држава. Во секој случај, независна Македонија ќе има потеба од се поголемо внатрешно единство, а не од делби. Може да се претпостави дека во неа, во никој поглед, нема да се претера со кантоналната самостојност. Мошне веројатно е, уставите за самоуправа на евентуалните кантони да бидат потполно исти, затоа што и населението на кантоните би имало исти потреби, а и не станува збор за одделни територијални единици, коишто имале и досега свој посебен историски развој.

Специфични причини ќе наложат, барем за извесно време, правото на влегување во Македонија да се резервира само за лица што се родени таму или, пак, потекнуваат од родители Македонци. Ова нема да му наштети на слободољубјето на земјата. Истото го прават и најслободните, а и моќки земји како Соединетите Американски Држави. Ваквото ограничување се наложува не толку како мерка против пренаселеност колку заради внатрешна стабилност на младата држава. Македонските емигранти треба да ги добијат сите законски олеснувања и подолг временски рок за да се вратат во својата татковина со права што ги имаат сите други граѓани. Враќањето на емиграцијата е неопходно и заради издигнување на земјата во културно-економски поглед. Но тоа ќе претставува, истовремено, и голем практички придонес кон целосното разрешување на македонското прашање.

Националната слобода мора, по секоја цена, да биде загарантирана од уставот на државата. Како официјални јазици би можеле да бидат признаени петте јазика: бугарски, грчки, турски, албански и влашки. Во училиштата, секако, ќе се предвиди изучувањето барем на уште еден до два од останатите јазици, покрај мајчиниот. И по овие прашања може да биде поучна практиката во Швајцарија.

Секоја од националностите ќе може непречено да одржува културни и духовни врски со своите сонародници во соседните држави и во другите делови на светот. Народностите би можеле барем симболично да ја зачуваат својата припадност кон матичната национална црква. Може да се претпостави дека во Македонија црквата ќе биде одделна од државата.

Неколку децении наред црквата, во границите на бугарската држава, го признаваше за свој духовен глава егзархот, чиешто седиште беше во Цариград - престолнина на Турција. Сите католички верски заедници, иако во различни држави, ја признаваат врховната власт на папата, чиешто седиште е во Рим. Ист е случајот и со католиците во Швајцарија, без тоа да се одразило негативно врз внатрешниот развој и надворешните контакти на земјата. Откако ќе се средат добро меѓунационалните односи во Македонија, сами по себе ќе се средат и црковните работи.

На националностите ќе мора безусловно да им се вратат училиштата и граѓанските здруженија, коишто им беа одземени насила во 1912 година. Во уставот ќе се признаваат нациите што се признаени од историјата, и коишто постоеја со свое национално име во текот на повеќевековното турско ропство. За да и се обезбеди спокојна иднина на земјата, со закон треба да се забранат какви и да било спорења и судрувања на нацинална основа.

Рамноправното учество на народностите во изградбата на новата македонска држава и нејзиниот иден развој, треба, исто така, да биде загарантирано во уставот, како и со законите на државата. Никоја народност нема да доминира над другите со надменост, со итрина или со сила.

Збратимувањето меѓу народностите ќе биде потпомогнато и од еднаквоста на законите во културната, стопанската, просветната, судската и во сите други области. Од 1912 година досега не постоела еднаквост на законите за целата земја ниту пак законодавството на господарите се одушевувало од љубов кон сите месни националности.

Сите граѓани на земјата, независно од нивната националност, треба рамноправно да имаат пристап до судската власт и до службите на јавното обвинителство. Таа ќе бдее врз непреченото користење на уставните права и задолженија, како и за почитувањето на законите. Посебно треба да се внимава управувањето на која и да било власт да не се користи за давање предност на една или друга националност за сметка на останатите. Еден апсолутно независен и неменлив судски и обвинителски кадар уште повеќе ќе придонесе за остварувањето на овие замисли.

***

Кога ќе исчезнат националните страсти, самостојна Македонија нема да биде арена на остри партиски спротивставувања на друга основа. Општествениот живот ќе ги има сите потребни услови да се развива хармонично, како кооперативмо здружение со неговите доброволни членови. Мошне веројатно е, во овој почетен период, да бидат формирани партии со програми за економски просперитет, а не партии засновани врз идеолошки недоразбирања.

Бидејќи не постои класа на побогати луѓе, лесно ќе се воведат закони коишто ќе ја оневозможат економската и социјалната експлоатација. Може да се каже дека во Македонија сите се сиромашни, а земјата не е искористена во доволна мера. Ќе има доволен простор за работа, поради што сосем е оправдана секоја индивидуална и народна надеж за поголема материјална благосостојба. Без особени напори ќе се осигури праведна распределба на земјата - вековната мечта на сиромашните луѓе низ целиот свет. Постојат шанси да се исправат големите неправди што окупаторите ги направија во времето на нивното владеење. Проблем со евентуална безработица, најверојатно, нема да се појави долги години, затоа што скоро целото население ќе биде ангажирано во стопански активности, коишто нема да бидат во зависност од странски економски проблеми. Освен тоа, земјата долго време нема да биде и пренаселена. Огромно мнозинство поседува своја земја и се занимава со земјоделство. Не располагаме со податоци за сите делови на распарчената Македонија. Меѓутоа, ангажираните со земјоделска дејност жители којзнае дали се помалку од 80%. Останатате се занаетчии и трговци, еден дел од коишто, исто така, имаат по некое парче земја. Работништво, онакво какво што има во западниот свет, индистриски пролетаријат - во земјата нема.

***

По кажаното во втората глава, потполно е непотребно да нагласуваме дека Македонија одлично може да се исхранува и самостојно да егзистира. Најмалку поради економски причини би можело да се очекува дека таа ќе посака да се присоедини кон некоја од соседните држави, како што, на пример, во 1918 година побараа германските пратеници од австрискиот парламент, во својство на привремено национално собрание. Тие побараа присоединување на Австрија кон Германија. Очигледно е, дека економската иднина на Македонија засега се оцртува во три основни насоки: а) Земјоделство, на кое му претстои модернизација и од коешто можат да се очекуваат поголеми доходи; б) Развиена трговија од модерен тип; в) Пронаоѓање и искористување на рудните богатства. Паралелно со тоа ќе се развие и индустрија, но не особено голена. Слободна Македонија ќе биде подготвена да создаде благосостојба, којашто ќе биде еден вид гаранција за сиот странски и домашен капитал, кој ќе биде инвестиран за нејзиниот сестран развој. Во овој случај не така мала улога ќе има и традиционалната чесност, со којашто е познат во комерцијалните средини македонскиот трговец и воопшто граѓанин.

Кога народот ќе почувствува дека има гаранција за сигурна иднина, тогаш ќе бидат инвестирани во корисни потфати и заштедите, што тој векови наред ги криел, доколку, се разбира тој ги има. Со нив ќе се потпомогне индустријализацијата и целосната економска преобразба на земјата.

***

Своите односи со соседите Македонија ќе ги гради врз толерантни основи. Меѓутоа, одлучно ќе му се спротивстави на секој вид иредентизан. Таа би ги обезбедила сите разумни економски олеснувања, без да робува на никого во тој поглед. Редно е крајморските земји да им прават услуги на оние земји што се наоѓаат зад нив, врз основа на реципроцитет. Бидејќи од пристаништето во Солун, во поголема или помала мера, имаат потреба сите балкански, како и некои подалечни европски земји, секако, дека ќе бидат предвидени соодветни олеснувања за нивниот увоз и извоз.

Спорови околу границата со Бугарија и Србија нема причина да се подигаат; таа совпаѓа со географската граница на Македонија. Границата со Албанија, исто така, е определена со високиот масив на Шар Планина, Кораб и други планини. Ако на југ со Грција се појават мали гранични спорови, нивното разрешување нема да биде тешко.

Уште пред да се заговори за македонска независност, веќе била истакнувана ползата од една балканска федерација. Како среќно решение за Балканот, таа е прифаќана и од македонските борци; откако ќе престане да биде јаболко на раздорот, Македонија ќе се претвори во обединувачка алка. Со тоа тие му покажале на светот дека во идејата за осамостојување на нивната татковина не се содржи никаква амбиција за самовластие, никакво самољубие врз националистички основи, ниту пак некакао непријателство кон кого и да е од соседите. Покажано е само подалековидно разбирање за заедничките интереси, претчувство за потребата од балканска хармонија и загриженост за мирот воопшто. Потребите на балканските народи можат да бидат целосно задоволени преку меѓусебно зближување. Тоа не може да се постигне со војни, ниту пак со чести меѓусебни договори, коишто уште почесто ќе бидат нарушувани и игнорирани. Проникнати од идејата за солидарност, македонските борци секогаш биле подготвени голем дел од суверенитетот на идната македонска држава, и тоа во еден од најчувствителните сегменти, како што е надворешната политика, да и се отстапи на централната балканска федерална влада, се разбира, ако со такво решение се согласат, секоја за себеси, и останатите балкански држави.

Но ако еден балкански сојуз - федерација или конфедерација, не би му служел на мирот, слободата и справедливоста, туку би бил со агресивни тенденции, тогаш слободна Македонија нема да биде воодушевена од него. Се разбира, никој од водачите на македонското движење не размислувал за претходно отстапување на дел од македонскиот суверенитет на друг посредник. Како што, на пример, во Соединетите Американски Држави никоја од одделните слободни држави не го префрлила својот суверенитет врз друга федерална држава или врз група од држави, туку секоја од нив директно влегува во заедничката федерација. Балканската федерација, се разбира, само тогаш ќе биде оправдана, ако балканските земји доброволно ја прифатат, претходно ослободени од туторството и притисоците, коишто насила им се наложени и против коишто се бореле. Балканската федерација, односно конфедерација, е проблем што ги засега сите балкански држави. Македонија, притоа, има и друга непосредна задача: да ја извојува сопствената слобода и независност и да добие меѓународна гаранција на нејзиното неотуѓиво право на постоење како одделна држава.

Општо земено, независна Македонија нема да има причини за несогласувања со своите соседи. Ако ја добие потребната меѓународна гаранција, хармонијата околу неа сама по себе ќе се доофроми. Македонија ќе личи на Швајцарија како по своето општествено уредување така и по својата меѓународна положба.

Идејата за независиост стои повисоко од сите други становишта во врска со Македонија, затоа што таа не е егоцентрична. Таа води сметка како за Македонија така и за нејзините соседи, вклучувајќи ги тука и оние што ја угнетувале. Македонските борци прибегнале до една творечка идеја, којашто му дава воздух и отвора перспективи за болниот и тревожен Балкан. Средстаата за остварување на оваа идеја се тука; аргументите во нејзина одбрана се толку јасни и убедливи; минатото и сегашноста ги нудат во изобилство, иднината ги предочува на секого. Потребна е само добрата волја на соседите и на подалечните фактори.

Со независноста на Македонија не се нарушува ниту рамнотежата меѓу трите сопернички нации - бугарската, српската и грчката, коишто, без Македонија, имаат приближно еднаков број население. Со меѓусебните војни во минатото бројноста на населението не се изменила во ничија корист, туку секогаш тоа резултирало на штета на сите. Во ново време нивните меѓусебни конфликти се првенствено во врска со Македонија. Тие нема да престанат и во иднина, се додека една или друга балканска држава држи под окупација делови од Македонија. Се` понови и понови причини од политички, економски или воен карактер ќе се истакнуваат за оправдување на меѓусебните демнења и судрувања. И секогаш ќе се заборава колку крв била пролеана меѓу нив во минатото, колку народни средства се потрошени, колку разурнувања се предизвикани, без, притоа, да се стигнело до нешто друго, освен до поголеми омрази и исцрпеност. Мегу Бугарија и Византија, во период од приближно 750 години, се водени околу 80 војни; се паѓа по една војна на секои десеттина години. Се разбира, не сите војни биле од пообемен карактер; понекогаш тоа биле само одделни походи или воени демонстрации. Но и во таквите случаи се трошени народни средства за меѓусебни непријателства со што омразата пораснала. Помеѓу нив немало војна кога и Византија, и Бугарија паднаа под турско ропство. Помеѓу Србија и Бугарија, во текот на еден краток период на слободно српско постоење во средниот век, беа водени од десет до петнаесет војни. И меѓу нив настана мир откако беа покорени од Турците. Штом Србија и Византија станаа соседи, судири започнаа и меѓу нив. Откако се ослободија од турското ропство во XIX век, трите држави одново се фаќаат гуша за гуша; во период од седумдесетина години меѓу Грција и Бугарија се водеа три војни, а меѓу Србија и Бугарија - четири, независно од тоа што последната војна (Втората светска војна) помина без особени воени дејства меѓу нив, туку само во еден вид воена политика што ја водеа еден против друг. Очигледно е, притоа, дека сите сили на овие народи, материјални и духовни, во кратките мирни периоди, биле насочувани кон подготовка на нова војна. Во текот на целата нивна историја тие се во психолошка војна еден против друг. Во текот на Багканските војни, по петвековно заедничко страдање под турскиот режим, само два-три месеца беа во сојуз, а потоа одново, со оружје в рака, се нафрлија еден против друг.

Оваа ситуација, несомнено, може да трае барем уште илјада години, ако не се пронајде расковничето за нови - прифатливи и среќни одиоси помеѓу нив. А тоа расковниче е независна Македонија. Таа ќе ги раздели и просторно еден од друг. Општо правило е да има кавги и војни меѓу соседите. Такво е однесувањето на балканските народи и во други насоки, а не само меѓу нив. За пример можеме да ги земеме Бугарите и Унгарците, коишто денес одржуваат пријателски односи, бидејќи не се соседи. Но во Средновековјето, кога бугарската и унгарската држава станале соседи, тие војувале меѓу себе скоро дваесет војни. Поводи за воен конфликт секогаш се наоѓаат. Унгарија и Бугарија, исто така, војуваа за надмоќ, но главно за владеење над областите околу Белград.

Денес главна причина за немирниот Балкан е стремежот кон освојување на македонската земја. Поради ова сите меѓутебно се демнат, дури и кога формално се наоѓаат во пријателски и сојузнички односи, каков што, во најново време, е случајот со Грција и Србија. Еве зошто треба да се отстрани причината, а тоа значи Македонија да стане самостојна држава. Решението, меѓутоа, ќе биде ефикасно само ако зад него стои една меѓународна гаранција во една или во друга форма.

***

Што се однесува до бугарската нација, таа го прифаќа ова решение, свесна, дека треба да направи жртва во името на балканскиот мир и хармонија. Во овој случај Бугарија би постапила според мудриот Соломонов совет при спорот за детето меѓу вистинската и лажната мајка.

Некои, пак, сметаат дека приврзаноста кон сопствената нација ќе се покажела за Грците и Бугарите посилна од приврзаноста кои независна Македонија. Тоа може да биде така, ако македонската држава допушти национално угнетуаање. Меѓутоа, откако тоа ќе биде одбегнато, токму љубовта кон сопствената нација ќе го диктира поддржувањето на независна Македрнија. Во спротавен спучај ќе се повторува тажното минато на раздори, војни и вечно несигурната иднина за сите на балканот. Во самостојна Македонија ќе постои среќна хармонија меѓу двете чувства - кон сопствената нација и кон родниот македонски крај. Бугарското население во Македонија преку своето учество во ВМРО докажало дека од се срце ја прифаќа идејата за независна Македонија. Граѓанските борби што се одиграа во Јужна Македонија во текот на Втората светска војна и по неа, покажаа дека расположението и интересите на месното грчко население сосем не се правилно толкувани од страна на националистичките кругови и влади во Атина. Среде ова население се појавија и автономистички тенденции, како и подготвеност и за други политички комбинации, различни од оние на големогрчките средини. Ако уште во 1912 година, по победата над Турција, беше создадена независна македонска држава или барем загарантирана автономија во границите на турската империја, македонското население би живеело многу посреќно во изминатите досега четириесет години; така, како што, на пример, многу посреќно живеат швајцарските граѓани во споредба со нивните сонародници во соседните на Швајцарија држави. Познато е какви жртви, разурнувања и страдања преживеа грчкото население во Македонија поради судирите на балканските држави околу нејзиното владеење; какви што, впрочем, доживеаја и турското, и влашкото и албанското население, а да не зборуваме за бугарското. И грчкото население е сведок на омразите, а секогаш чувствува застрашувачки перспективи. Кога би можело слободно да одлучува, без притисоци од страна на Атина и на некои далечни центри, ова население нема апсолутно никакви причини да и се спротивставува на идејата за независна Македонија.

Што се однесува, пак, до влашкото население, тоа е целосно на страната на независна Македонија. Против ваквото решение не би биле ниту Албанците, Турците и другите малцинства.

Додека Бугарија и Грција, а делумно и Албанија, мораат да прават жртви во Соломонов дух, има други балкански држави, коишто за независна Македонија не би можеле да прават други жртви , освен да се откажат од лакомењето за туѓото. Станува збор за Србија.

***

Сите пријатели на Македонија, меѓу европските земји и во Америка, го препорачувале токму таквото разрешување на македонското прашање. Истакнатиот англиски државник и бивш претседател на влада, Вилијам Гпадстон, прв ја истакна паролата "Македонија на Македонците“. Големиот руски историчар и општественик, бивш министер за надворешни работи, проф. П.Милјуков, повеќепати ја искажувал мислата дека Македонија треба да биде автономна, како еден вид етапа кон балкамската федерација, додека поделбата на Македонија ќе доведе до постојани незадоволства и војни[26]. Добро познатиот и долгогодишен кореспондент на лондонски "Тајмс" за Балканот, Џејмс Баучер, одличен познавач на тамошната политичка ситуација, не случајно му беше препорачал на претседателот Вилсон да се застапи за самостојна Македонија, ако е возможно дури и како мандат на Америка за првите години. Овде нема, меѓутоа, можност да ги наведеме имињата на сите учени луѓе од странство што го барале тоа.

Независноста на Македонија би била во потполна согласност и со сите големи принципи, така често истакнувани по Првата светска војна.

***

Со создавањето на независна Македонија ќе се оконча ослободувањето на Балканот, започнато во почетокот на XIX век. Потоа ќе може да отпочне вистинското зближување на слободните балкански народи. Потоа тие самите ќе мораат да прифатат обврска да не прибегнуваат до војната, како средство за национална или државна политика. Ако сите тоа го сакаат, можат да формираат и балканска федерација. Еднаш средено балканското прашање, тоа практично и симболично ќе значи и среден Балкан. Ако, пак, во врска со Македонија не се помират балканските држави, што за нив е пробен камен, тогаш секое друго помирување ќе стои на нресигурни основи.

Некогаш, пред пет векови, балканските држави беа уништеки една по друга и поради немањето на единство меѓу нив. Ако продолжат да бидат разединети и да прават неправди една на друга, лесно можат да пропаднат и во иднина. Врската меѓу нив за сигурност, мир и единство може да биде само меѓусебната доверба. Таа ќе настапи кога ќе ја симнат правдата од крстот, на којшто ја распнале. Балканците не треба да допуштат помеѓу нив да има нации, понижени и ограбени од самите нив. Ако големите нации чувствуваат потреба да се потпрат на други сили, што им се блиски по интерес, менталитет и простор, уште повеќе малите балкански држави треба да се потпираат здружено една на друга, затоа што, и по интерес, и по менталитет, и по оддалеченост, тае всушност претставуваат вдна целина, создадена од природата.

Политичката мудрост е, пред сe, гледање во иднината. Ако се прави нов свет, треба да се видат грешките во старите кројки и да се исправат. Сите извори на неправди треба да бидат ликвидирани, затоа што тие предизвикуваат судири. Спорните области во Европа, а тие се неколку, треба да се остават самостојни, наместо сосила да бидат под власта на други. Класичен пример за таква област е Македонија. Потполно неосновани се тврдењата, пак ќе кажеме, дека тие области не би можеле сами да опстанат. Никој досега не ги хранел; народот со труд и пот успевал да живее. Всушност, таквите земји ги хранеле и своите поробувачи, коишто ги претворале во крава молзница.

Македонија со полно право треба да расчита на политичка помош однадвор. Ниту една од балканските држави не се создала без помош на Големите сили, или барем на некоја од нив. Во минатато, кога Србија се бореше за ослободување од турското ропство, таа беше поддржувана од Русија и Австро-Унгарија. Во времето на своето востание грчката нација се најде пред пропаст; беше спасена од Големите сили. Најблагородната помош за Балканот е онаа, што би ја добила Македонија. Поддршката на македонците не би била незаслужен подарок; со својата борба тие докажаа дека ја заслужуваат својата слобода.

Денес меѓународните организации, како ОН, се занимаваат со закрепнувањето на Палелстина како одделна држава. Веќе двапати Големите сили ја наложуваат независноста на Австрија. И на други места во светот воспоставија специјални режими за да изнајдат компромисни решенија по спорни прашања. А Македонија половина век се бори за својата слобода и независност. Нека таа и биде обезбедена и ќе се види дали таа е "немирна" земја; имено тогаш ќе се сфати дека други ги посакувале и ги предизвикувале судирите.

Потполно е јасно зошто македонците порано зборуваа за автономија. Во тоа време цела Македонија се наоѓаше под турска власт; таа можеше, според тоа, да егзистира цела во граииците на турската држава, при автономен режим. Меѓутоа, по 1912 година, можеше да се бара само независност. Ставена беше под власта на три различни режими, во три одделни држави, распарчена како еден вид мала Полонија (Полска). При таквата нејзина положба, таа не би располагала ниту со целата своја територија, ниту со својот морски брег, ниту со своите трговски патишта. Не би го носела ниту своето име во трите нејзини делови - на едно место би била Северна Грција, на друго - Јужна Србија итн.

Меѓународната гаранција, слична на онаа што беше определена за Швајцарија, е неопходна и заради тоа што ретко кога се водело сметка за преземените ангажмани по однос на Македонија. Турција не ги почитуваше; Грција и Србија уште помалку. Меѓународната гаранција одамна е посакувана од страна на македонските Бугари. Така, револуционерните конгреси на Битолскиот и на Одринскиот округ, одржани во мај и во јули 1903 година, по донесеното во Солун решение за дигање востание во Македонија решаваат, Централниот комитет на ВМРО, од името на народот, да достави до Големите сили барање за:

1. Гувернер, независен од Портата во вршењето на своите должности;
2. Воспоставување на меѓународна контрола, општа, постојана и со најшироки овластувања за санкции.

Еве еден категоричен доказ против интригите, според кои, божем, македонскиот комитет имал за цел да ја припои земјата кон Бугарија. Токму спротивното - комитетот бара Македонија да биде ставена под меѓународен надзор и во меѓународни раце. Барајќи го таа, македонските дејци очекувале и за Македонија загарантирана неутралност, слична на швајцарската. Во меѓународниот живот таквите случаи се појавуваат главно поради две причини. Прво, за да се избегнат судири меѓу некои држави. Државата што е под гаранција претставува еден вид тампон-зона за државите што имаат меѓусебни недоразбирања. Познато е колку недоразбирања постојат околу Македоиија. Второ, слабата држава да биде заштитена од опасност од анексија. Потипичен пример од Македонија нема за желба на соседите да го анектираат својот сосед.

Ако географските и економските услови создаваат од Македонија една целина, тоа политиката едноставно го наложува нејзиното осамостојување. Тоа го бараат и сите недоразбирања, судири и војни меѓу балканците, како и противречностите меѓу Големите сили. Преку остварувањето на таа самостојност ќе се измени балканската психолошка и политичка атмосфера. За Швајцарија Наполеон рекол дека ако таа не постоеше - би требало да се измисли. Истото важи и за Македонија.

Кон посочените тука идеи македонското движење се придржува повеќе од половина век. Тие се поддржуваат од сите ослободителни кругови во странство. Мислиме дека идејата за независна Македонија и за балканско помирување треба да биде уште поприфатлива денес, кога така упорно се разгледува потребата од мир и единство во цела Европа.

Овде не се занимаваме со апстрактна научна тема, туку со насушна потреба на Балканот, на Европа и на светот.

Македонија страда од истата болест, од којашто страдаа и швајцарските области, пред да биде признаена независноста и загарантирана неутралноста на Швајцарија. Против иста болест потребно е исто лекарство.

Македонија треба да стане Швајцарија на Балканот!


26. Проф. П. Милјуков неколкупати ја искажувал истата мисла. Уште во 1899 година тој пишува во рускиот весник "Руское богатство", дека разгледувањето на стариот проект за балканска федерација секогаш запирал пред нерешеното македонско прашање. Тој истакнува (види стр. 291 од весникот "Руское богатство"), дека српската желба за поделба на Максдонија може да се оствари само со војна и притоа мора да и биде наложена со сила не само на Бугари]а, туку и на мнозинството од македонското население. Желбата за автономија. според Милјуков, е во хармонија со дипломатските навики и традиции, како и со расположението на македонците. Во 1913 година, во рускиот парламеит, Милјуков одржа значаен говор, во којшто одново истакна, дека Македонија треба да биде автономна и дека тоа е кајприродното разрешување на македонскиот проблем.

Почеток | <<Назад | Содржина