Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Ангел Андреев

III.

Движењето на ревизионата чета по смртта на Давидов. По Смилевскиот конгрес, Андреев е назначен за војвода на 15 села во Преспанско, а Кокарев за началник на Долна Преспа. Вооружување на селата

По убиството на Давидов, се собраа жените од селата и околу 200 востаници, вкопани во позициите над селото Слатино, во „Градиште". Дојдоа 60-тина души аскер, но откако видоа дека не можат да направат ништо, се вратија, а потоа дојде известување секој да се врати во селото. Тогаш ревизионата чета под водство на секретарот Настев се врати во Смилево. Таму не најде Стојков Димитар, поручник, братучед на Б. Сарафов, кој беше испратен да го замени Давидов. Тука беше и Цветков, учител, кој подоцна загина кај Могила. По два дена, ревизионата чета под раководство на Стојков Димитар се врати во Охридско, за да ја заврши ревизијата. Четата мина низ Демирхисарско. Меѓу Злести и Лешани, во реонот на Никола Митрев, пред да стигне неговата чета, не стигна еден аскер. Четата зазеде позиција, но аскерот помина без да нападне. Потоа се упативме во Скребатно и Опеница, реон на Митрев, а оттаму во Велгошти -точно на втор ден Велигден. Во Велгошти охридскиот аскер ни ја откри трагата, па моравме да избегаме в планина, а оттаму назад, во Скребатно. Точно тогаш еден аскер го бркаше Сарафов, кој тогаш се наоѓал во Герман. Мислејќл дека доаѓа зад нас, ние се повлековме во една клисура, кај што гладни останавме цел ден, а потоа повторно назад во Брежани, па во Кичевско, преку Караорман. Дојдовме во селото Поповец и Јованчишта, блиску до Галичник (Дебарско). Таму не придружуваше Наке војвода.

Тогаш стаса известување дека ќе има конгрес во Смилево. Тргнавме назад. Во селото Вирово не оставија војводите Наке, Стојков и Настев. Останавме само четници. Другиот ден се вратија војводите, рекоа дека конгресот завршил, дека било решено тоа што било решено и донесоа писмо дека сум назначен за војвода за Преспанско, во моето родно место. Имаа испратено двајца курири за да ме однесат во Смилево. Таму ги најдов Сарафов и Груев, со кои се договорив за сe. Ми дадоа патрони за манлихерка, за мојата пушка, а ми дадоа и една чанта. По 2-3 дена, со неколку другари, отидов во Преспа. На истиот конгрес Кокарев беше определен за началник на Долна Преспа. - од Подмочани до Љубојно и Герман. Јас него требаше да го признавам за началник, сметките да му ги предавам нему, а тој пак на Штабот.

Пенчо беше војвода и негов помошник од Дупени до Подмочани, додека јас бев војвода на вториот реон на Кокарев. Имав 15 села - Герман, Раби, Медово, Штрково, Рудари, Опаја, П`лпи (турско, со 20 рисјански куќи), Оровник, Лак, Дреново, Буковик, Бесвиња, Трново (отаде Езерото) Граждено, Орево, Нивици, Дробитишта (5-6 куќи) и Ахил.

Во Брајчино се сретнав со Кокарев. Тој тргна со мене и ги посетивме сите мои села во кои тој ме препорачуваше за војвода. Држевме говори. По селата имаше оружје. Коте пред мене дошол во овие села и им наметнал да купат пушки. Имал интерес - ги купувал по една, а ги продавал по две лири. Арсов до Љубојно и Герман беше дошол само еднаш. Дух за востание меѓу народот уште немаше. За Организацијата имаа слушнато, но малку и нејасно. Требаше одново и многу да се работи за да се подготват за востание. Коте два-три пати беше покануван да дојде на конгресот во Смилево, но не дојде, не сакал да им се покори на „централистите" во Софија. Поради тоа Коте беше осуден на конгресот. Тој не знаеше кога ќе биде востанието. Сакаше да купи нешто од нас, но ние криевме од него. Кога првпат со Кокарев минав во селата, имаше околу 300, а потоа се докупија уште 100-тина пушки, па пред восганието во Герман имаше 100, во Рудари 32, во Штрково 12, во Медово 15, во Раби 20, во Опаја 2, во Оровник 10, во Лак 30, во Дреново 6, во Буковик 15, во Бесвиња 45, во Трново 14, во Граждено 35, во Орево 26, во Нивици 55, во Дробитишта 42 и во Ахил 9 - вкупно 420 пушки.

Пушките повеќето беа грчки и турски мартинки. Имаше малку патрони, но до пред востанието успеавме да направиме до 55 патрони на пушка.

Кога Кокарев се врати назад, јас по вторпат ги обиколив селата - за обука, за патрони, за гуни, торби, пушки, кај што немаше. Во црквите или во некоја голема куќа ги собирав ноќно време, при што ги покрстувавме сите. Пред востанието собравме и малку пари: од Герман 30 лири, од Рудари 20, од Штрково 3, исто толку од Медово, од Нивици 5, од Граждено 4.5 и 5 бели миџидии од Оровник за помош за затворените во Битола од селото Буковик. Овие пари им ги предадов на Кокарев и Пенчо. Кокарев ми даде 10 наполеони да ги трошам за четата. Другите пари останаа кај него и кога ги отепаа заедно со Пенча на 16 август, ги зедоа Турците.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина