Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Ангел Андреев

IV.

Првите дејствија по ирогласувањето на востанието. Напад на Наколец и другите турски села. Чести судири со аскерот, првите човечки жртви

Мојата чета до востанието имаше 8 души: Петар Христов од Герман; Вангел Христов од Бесвиња; Васил Крапчето од Крапи; Даме Смиловче од Смилево; Пандо Наумов Башов од Ресен; Наке Миов од Нивици; Наум Геровски од Герман и јас. Кога наближи времето добивме писмо од Штабот - од Груев и Борис, со кое ни соопштува за востанието. Го добивие една недела пред востанието во љубојнска планина, во месноста Водици, кај што бевме заедно со Кокарев. По добивањето на писмата направивме распоред и план за напад. Секој четник се назначи за раководител на селските чети како селски војвода. Во писмо се бараше да се групираат силите во неколку чети, а првата вечер кај што има аскер да се нападне, а ако се наиде на Турчин по пат, да се убие. Полјаците по селата да се отепаат.

Решивме јас со 200 души првата вечер да го нападнам П`пле кај што имаше 150 души аскер и башибозук, а Кокарев да го нападне Наколец, кај што имаше 200 души аскер. Планот јас го направив. Кога отидов во Рудари, ги пуштив четниците по сите села, а останав само со Пандели Наум Башов. На 18 јули од П`пле го викнав мојот братучет Георги Чолаков, за да направиме план како да го нападнеме селото. Во тоа време Вангел го пратив во Бесвиња, а Дамета од Смилево во Лак, Оровник и Буковик да ги подготват селаните на 20 вечерта заедно да го нападнеме П`пле. Знакот беше една запалена свеќа да се дигне на ридот. Прво да се запали селото, а потоа да пукне пушка. За жал Коте, пред да стаса Вангел во селото, бил таму и разбрал дека ќе го дигаме востанието па дигнал голема врева. Им викал на селаните да не ми помагаат мене, туку нему. На тој начин тој ги спречи луѓето од Бесвиња, Оровник, Лак, Буковик и Дреново. Без тие 60 души што ги планиравме од овие села не можевме да го запалиме селото, па планот ми се растури. Таа вечер седевме без работа, јас бев очаен. Но, брзо ги слушнавме пушките од Наколец. Кокарев го опколил. Попладне на 21 добив писмо од Кокарев да му помогнам за да заврши со Наколец. Половина час пред да стигнам во Наколец, Кокарев се повлекол. Тоа го оневозможи палењето на Наколец. Го нападнале ноќе. Кокарев загубил 5 души, селани убиени во битката. По ова се вратив во својот реон.

Кога наближивме до Герман и соопштив на четата дека утре ќе го нападнеме П'пле. Моите другари Петар, Наум и Дине сметаа дека прво треба да се нападнат селата Шаовци (турско село со 30 куќи) и Бостанџиовци (исто, турско село со 20-30 куќи), Јас, пак, настојував тоа да биде П`пле, зашто беше поголемо и зашто имаше војска во него. Се согласивме. Но, и покрај тоа, вечерта другиот ден тие ми соопштија дека решиле да го нападнат Шаовци и јас требаше да ставам 20-30 души да внимаваат откај П'пле, за да им го штитат грбот. Отидов во Шаовци. Ги најдов нашите луѓе како го опколиле селото, но не знаеја како да го нападнат. Јас отворив оган, отворија и тие. Тоа беше на 22 вечерта. Луѓето од левата страна не можеа да го запалат селото, а едно време забележав дека почнаа да се повлекуваат. Минуваа покрај мене, велејќи дека веќе се разденувало и дека ќе продолжеле другата вечер. Јас се налутив дека на своја рака прават глупости и им реков дека ќе си одам во своето село, па да видам после што ќе прават. Тргнав, но им пишав писмо со кое им порачав дека ако не ја поправат грешката и дека ако не го нападнат веднаш, макар и дење Шаовци, да земат отров и да се отрујат. Писмото влијаеше и тие среде пладне го запалија селото. Турците се бранеа од две куќи во кои беа сите собрани. Цел ден се биеја. Јас внимавав откај П`пле. Вечерта Турците со семејствата успеале да избегаат во Бостанџиовци, кај што се собрале исто во 2-3 куќи. Шаовци изгоре. Во огнот изгореле три-четворица и 17 куќи. Утрото другиот ден, нашите го опколија Бостанџновци, на јуриш влегоа внатре да го запалат, при што четворица паднаа. По ова селаните дотрчаа кај мене да ме прашаат што да направат, како да постапат. Јас им реков да останат подалеку и да ги држат опколени додека не се предадат. Дојдоа други курири со молба јас да појдам и јас со 30 души отидов. Ги оддалечив на позиции. Другиот ден турскиот аскер го зема турското население и сите одат во П`пле. Нашите се држеа. Коте ми јави дека било добро тогаш да го нападнеме П'пле и дека и тој бил подготвен да ми помогне, зашто аскерот заминал од неговиот реон. Во меѓувреме нашите го запалија Бостанџиовцн, откако селото останало празно. Јас решив да ја прифатам помошта на Коте, зашто имав само 50 слободни луѓе, другите 150 требаше да внимаваат на месносга Горица, за не нe нападнат откај Наколец. Му пишав да Котета да дојде, дека со задоволство го чекам. И на 27 вечерта Коте дојде со 100 души од својот реон. Тој знаеше дека ќе има плен во П`пле. Тој од едната, јас од другата страна го опколивме и го нападнавме селото. Турците се исплашија, иако имаше 60 души аскер и башибозук. Бугарите од селото слободно излегоа и дојдоа во моето село Рудари, кое е блиску. Коте на Турците им предложи да се предадат. Рустем-ага, селскиот чорбаџија кој и наредуваше и на војската, одговори дека на христијани теслим не се прави. Тогаш ние со громогласно ура, со пукање и со газија почнавме да ги палиме куќите по ред. Турците се собраа во 10 куќи, а празните ги палевме. Така поминаа ноќта и другиот ден. Јас го зедов коњот од Рустем, а Коте коњот од влечкарот Сулејман-ефенди. Двајца наши загинаа и двајца беа ранети. Од Турците паднаа 12 души. Го држевме селото 12 дена. Коте со нас седеше седум дена, а осмиот си отиде, откако зеде со еебе 1050 овци и 600 говеда. Селото беше одвај половина изгорено. Откако не напушти Коте со 80-те души, случајно дојде Пенчо војвода со 10-тина души за да види што правиме. Котета случајно го пресретнала војската во Штрково, која доаѓала на помош во П`пле. Пенчо заедно со селаните од Рудари избега в планина, а јас со 30 души тргнав да му помогнам на Котета, кој беше опколен. Ние нападнавме силно така што Турците мораа да се повлечат. Од нашите тројца паднаа, а четворица беа ранети, а кај Турците 11 беа отепани. Тоа се случи на 6 август. Ги закопавме мртвите. Коте остана кај Штрково, а јас се вратив кај моите момчиња во П`пле, кои ги држеа пусиите. Коте се врати на пусијата кај П'пле, спиеше ноќта и утредента, без да ми се јави, си замина. Тој се налутил зошто четите од Герман кои тргнале да го сретнат во Штрково, не оставиле стражи за да му јават дека доаѓа турска војска. Коте всушност, низ Штрково тргнал за Герман, да се прошета и да побара патрони. Кога останав сам, ги повлеков позициите малку подалеку. Бев само со 60 души и, и покрај тоа, го држев селото опколено уште 4 дена. Дванаесеттиот ден дојдоа 800 души аскер, јас се повлеков, а војската влезе внатре. Го зедоа турското население, зедоа сe што можеше да се земе и ги однесоа во Наколец. Кога си заминаа, се вратив со четата во П`пле и го завршив започнатото - ги запалив речиси сите куќи. Тоа беше околу 10 август. Потоа се повлековме в планина.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина