Спомени - Борис Сарафов

IX

Сарафов на Смилевскиот конгрес. - Последиците од солунските атентати. - Членовите на главниот штаб на востанието во обиколка.

31 јануари

Без да чекаме да дојдат сите делегати ја одржавме првата седница во една приватна куќа.

Конгресот започна на 17 април. На мој предлог, Груев, како најстар деец во вилаетот, и како човек кој штотуку стасал од Солун, па и како делегат на Централниот комитет, беше избран за претседател на конгресот. Во претседателството влегоа: Ѓорги поп Христов, секретар, и Параскев Цветков (род. Од Плевен, учит. во Битола), реонски комита од Ѓаватко (пак за секретар). Најпрвин се разгледуваше прашањето кога да се крене востанието. Крушевскиот претставник Карев и Петар Ацев од Прилепско изнесоа приговори дека не се готовни, дека ако не им бидат дадени пушки и друго, не можат да сторат ништо. Но прашањето за кревање востание се усвои како решено во принцип, па немаше веќе зошто да се зборува.

Јас изнесов дека сега востанието и се наложува на Организацијата поради авантурата што ја прави Цончев. Сега веќе се задржаа гурбетчиите и друго, па востанието веќе молчешкум е прогласено во Битолскиот вилает. Тоа претставува вистинско злосторство, да се крева неподготвено востание, но бидејќи се зголемени по бројност четите и се задржани луѓето, самите да се повлекуваме - не може, треба да се оди напред. Се искажуваа надежи дека Бугарија нема да остане настрана, ќе се смешала и слично. Јас изјавив дека не бива да се одгледуваат такви надежи, знаејќи ја добро положбата во Бугарија, никаква војна нема да се отвора заради нас, туку да пресметаме така што таа работа да ја започнеме и да ја изнесеме на своите плешки сами, пред да падне снегот. Нема сомневање дека ќе има некаква интервенција од страна на големите сили, но не верувам дека може да дојде до оружена интервенција од страна на големите сили, но не верувам дека може да дојде до оружена интервенција.

Се премина на прашањето како ќе се востанува; беа распределени моралните борбени сили и како ќе се води востанието. Дотогаш власта беше сосредочена во рацете на градските началства. Заповедите доаѓаа од градовите, а четите ги извршуваа. Сега беше решено власта да биде со средочена во рацете на горските начелства - илегалните сили. Во градовите остануваа само бироа, што да прават купувања, да даваат податоци и слично. Во Битола се остави едно окружно биро. Врховната команда над борбените сили беше предадена во рацете на еден главен штаб, што беше избран со јавно гласање: Груев, Сарафов и Лозанчев. Со тајно гласање беа избрани и заменици: наместо Груева - Ѓорги п. Христов, Петар Ацев наместо Сарафова и Лазар П. Трај ков наместо Лозанчева. Потем беа распоредени реонските раководители (ги има објавено). Истовремено јас, заедно со покојниот Д. Дечев работевме на изработката на востанички дисциплински правилник. Тој беше прочитан на конгресот, и со малу поправања беше одобрен. Во него беа дефинирани правата и должностите на востаниците, на реонските началници, на горските тела, на штабот. Беа предвидени и казни.

Воените сили беа распределени на: востаници, десетари, војводи, горски реонски началства и главен штаб.

Се постави прашањето за датата на востанието. По долги разгледувања беше решено Штабот да го одреди денот на востанието, откако ќе се здобие со согласност од ЦК и од другите револуционерни окрузи (солунскиот, скопскиот, одринскиот).

Се разгледа и начинот како да се води востанието. Како на најопитен во таа работа, мене ми се даде збор за тоа прашање, и сите мои предлози беа одобрени: беше решено востанието да се води исклучиво партизански; во секој реон да се распоредат силите на мали чети, од 30-50 мина. Кога горските началници ќе пристигнат во своите реони, да си го изберат потребниот број војводи, според количеството на живата сила, со која располагаат. Овие војводи треба да поминат курс по воена обука. За таа цел ги испративме: Дечев - да ги обучува демирхисарските, кичевските и битолските војводи; Стојков - охридските; потпор. Тодор Христов - крушевските, потпоруч. Панајотов - ресенските и преспанските; фелфебелот Попов - костурските; Папанчев, резервен потпоручник - леринските.

За ваквиот курс напишав мала инструкција, од која инструкторите добија по едно копие.

Беше решено секој војвода, откако ќе го помине курсот на обука, да си ја земе четата, да си избере десетари, да ги поучи, и потем да ја поувежба четата, да им биде прочитан и востаничкиот дисиплински правилник. Ги посоветував секогаш да вардиме ние да нападнеме први, да изненадуваме, а не нас да не изненадуваат. Откако ќе се изврши некој напад, веднаш да се растураат, за да можат полесно да се прехранат и да бидат избегнати катастрофи. Блиските чети да приоѓаат на помош, кога некоја чета ќе започне борба. Записниците се напишани без шифрување, и се наоѓаат тука кај Татарчев и Матов.

Во време на одржувањето на конгресот дојде до атентатот на банката во Солун. Јас воопшто не очекував вакво нешто. Јас знаев дека тие во спогодба со Гарванов и Делчев ќе чекаат на потребниот миг. После се узна дека причина за тоа била тоа што Турците посакале да копаат таму, за да вршат поправки на цевите за спроведување на гас, па можеле да бидат откриени. Од друга страна, раководителите на тој Комитет немале доверба во Гарванова и компанија, што ги сметале дури дека се во состојба да извршат предавство спрема нивниот потфат. Кога разбравме за атентатот, си помисливме дека работата е започната, и сме останале назад. Солун веќе се губеше како центар, и затоа преостануваше секој округ самиот да се грижи за себеси. Затоа и нашите решенија беа донесени сосем самостојно: на никого не му дојде на ум да каже нашите решенија да се испратат за одобрување на ЦК. Ами Груев немаше да смета со никаков ЦК, сиреч Гарванов. Се напиша писмо, се испрати човек од Битола во Солун, да јави за решенијата на конгресот, и тие беа соопштени. Д. Мирчев беше останат во Солун неуапсен, се крепеше. Им беше јавено и на градовите дека тие остануваат само бироа, и сл. Ѓаконот Тома го испративме во Софија со записниците со востаничкиот дисциплински правилник и друго, да им ги предаде на претставниците Матов и Татарчев.

Потоа ние (штабот) требаше да отидеме да ги посетиме реоните, па заедно, според условите во секој реон, заедно со реонското начелство, да направиме одреден план за востанието. Јас и Груев (Лозанчев беше отиден во Битола) ги обиколивме северните реони. Најпрвин право во Брежани, во Охридско (во половината на месец мај). Се сретнавме со Узунов и со други месни војводи: средивме некои спорови и нередности во четите. Имаше мислење Охридско да не се крева на востание, затоа што се близу до Арнаутите, па може да пострада.Туку самите тие во Охридско сакаа да востанат, па и ние си рековме дека и да не се кренат на востание, пак Турците нема да ги поштедат, и дека најпрвин ќе им го соберат оружјето. Потем го обиколивме Кичевско. Исто така го обмисливме текот на востанието. Направивме дури и една вежба: идните селски војводи од Охридско од една страна, командувани од Стојков, и Кичевската и Демирхисарските од друга страна, под команда на Дечев, оформени во две чети, водеа борба меѓу с. Јудово и с. Габрово, во месноста меѓу Горна и Долна Копачка.

Потем пак поминавме во Демирхисарско, и во с. Пространи за првпат се сретнавме со Петар (Пере) Тошев, што беше дојден од Бугарија. Нему му беше дадена амнестија, и тој тргнал со кираџии и пасош од Софија. Тој ни пошол во пресрет со Лозанчева. Нашата чета, „штабската чета“, во која имаше околу 20-мина од мојата чета и од четата на Давидов, беше под команда на Делчев, кога беше кај нас. Го задржавме кај нас Тошев. Беше дојден окуражен, беше на мислење само малу подоцна да се крене востанието. Пере Тошев ни рече дска Начевиќ се ангажирал да посредува меѓу нас и Портата, но дека од таа работа не излегло ништо. Ние четиримината честопати разговаравме како да се води востанието. Јас се придржував секогаш до мислењето, дека треба да се нападне Битола, па дури и со тие 500-600 мина, што ни се на располагање, Лозанчев и Груев беа против тоа, затоа што немало луѓе, што се во состојба да водат борба во град; П. Тошев се согласуваше само кога би имале на располагање 500 килограми динамит, што беше нешто невозможно. Потем отидовме во Крушевско и таму со Крушевското горко начелство - Карев, Тодор Христов, Ив.Наумов – го уточнивме планот за востанието. Се бевме собрале близу до селото Зашле. Средивме некои ситни спорови и слично.Се вративме пак во Демирхисарско, и над селото Брезово се сретнавме со Јордан Пиперката. Тука со Пасков го разгледавме планот на востанието.

Се вративме во Смилево. Зз датата на востанието за првпат заприкажавме над селото Бабино (Демирхисарско) со Лозанчева, Тошев и Груев на 1 јуни. Во тоа време загинаа множество комити, беше дојдено до прилично борби. Токму тогаш добивме вест за потепувањето на сето реонско раководно тело во Леринско, имено во с. Баница, каде беа убиени Папанчев и Вас. Попов. Во тоа време беше убиен Петар Танев, во с. Крапешница, поручникот Цветков беше убиен кај Могила, во Костурско. Го беа запалиле селото Смрдеш и др.. Под впечатокот од тие вести, н да не нe испреварат Турците - овде-онде веќе имаше предадено по некоја пушка, решивме да го прогласиме востанието на 6 јули. Пере Тошев се уште беше за тоа да се причека уште, затоа што бугарската влада сакала да се причека до крајот на август, дека порачала незнам какви некоиси материјали и сл..

Отидовме во Ресенско. Покојниот Славејко Арсов уште не беше сосем на јасно како ќе се води востанието. Тој си мнслел од 900 мина вооружени селани да изведе во планината само 150 мина. Му се кажа дека треба да ги крене сите. Му беше даден план, како да го нападне градот Ресен. Груев многу очекуваше од Арсова, но јас видов дека нема да биде кадарен. Против Арсов имаше многу оплакувања, поради женски работи и др. Сакаа да биде заменет од Кокарев. Јас им реков дека штом веќе сте го поднесувале досега, стрпете се, сега е доцна да се сменува пред самото востание. Незадоволните ги уапсивме, ги казнивме и сл.. Речиси насила го оставивме таму. Јас го сторив сето тоа. Тука, во с. Кривени преку Битола ми дојде писмо од Софија, во кое ми се јавуваше каков разговор имал Матов со генерал Савов во Софија. Савов му рекол дека Бугарија ќе била готова накај септември, штом веќе не е можно да се одложува востанието. Треба да споменам дека на одење од Софија, јас бев кај Паприков, и му реков дека одам во Македонија, дека таму ќе има движење. Паприков ми рече тоа да биде одложено, ако е можно, за мај. Јас го разбрав така, дека смислата на неговото искажување е во тоа, оти Бугарија може да војува. Под впечаток на писмото од Софија, во с. Кривени решив да се одложи востанието. Така и јавивме во Битола. Пере Тошев рече дека ќе си оди во Прилепско, и си замина. Тогаш отидовме во Преспа, каде се сретнавме со Кокарев и Ангел (Андреев) Преспански, што го бевме унапредиле во војвода инсанк`тл`нда. И тука истото. Не потера аскерот во с. Брајчино, каде не предаде еден Циган. Фрливме неколку чивтиња, и се извлековме. Во Преспа бевме само јас и Дамјан Гурев. Лозанчев го бевме оставиле во с. Смилево, да се грижи за кореспонденцијата. Оттаму заминавме накај Костурско, костурчани веќе беа готовни за востание, речиси штотуку да го започнат, бидејќи положбата таму беше неподнослива. Оттаму отидовме во Леринско. Во Леринско наместо Папанчев беше Ѓорги поп Христов. Тој беше далеку и не можеше да дојде, и јас му оставив писмени упатства за уривање на мостот кај Екшису, како да ги нападнат возовите и сл.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина