Спомени - Ѓорче Петров

II

Ѓ. Петров како учител во Скопје почнува да збира географски и етнографски материјали за целиот округ. Преместен во Битола, Петров продолжува и овде да збира подобни материјали и да дејствува против србската и грчката пропаганда. — Движење во младината против искључителното влијание на егзархијата во црковно-училишните работи. Борба со намесникот на владиката во Битола. — Петров преместен во Солун.

Веднаш по свршување на србско-бугарската војна. веќе отпочна србската пропаганда во Македонија, србите веќе имаа конзули во Скопје, Битола и Солун и развија дејност. Ние, учителите доста се занимававме со прашањето да се противудејствува на пропагандите. Но немаше ништо организирано. Стоев во Скопје три години се' учител и исцело се бев вдал да го нзучувам Скопскиот округ во секој поглед-географија, фолклор (песни, гатачки и т.н.), и збирав материјал преку ученици, учители, познаници, а лнчно го изодив целиот округ. Ова е изложено во обнародуваните од мене "Материјали по географијата на Македонија". Пере Тошев ми беше пишал во тоа време во Солун да се оставиме и да фатиме да работиме веќе за организацијата за ослободување. Јас, нафрлен во своите изучувања, му одговорив, оти не верувам да излези нешто од таква работа. Ова после ми го рече Пере Тошев.

Скопскиог владика Теодоси и егзархот беа во конфликт и се бореа, а причината беше, што си немаа верба: егзархот по калуѓерски такт сакал да бидат владиците покорни раби, а пак Теодоси, горд и итар се противи да исполнува се'. По подозрение, оти ќе ја држам страната на Теодоси во оваа борба, егзархот ме премести во Битола, во четворокласното училиште учебната 1891/2 година. Директор во Скопје ни беше Наследников, тогаш свестен човек, што се држеше добро. Во Битола беше директор пак Наследников, преместен пред година од Теодоси, бидејќи Наследников ја држеше повеќе страната на егзархот. Во Бигола учителствував пет години — до 1895/6 учебна година. Овде ги преработив материјалите свои од скопско н продолжував во истиот правец да збирам материјали и од битолско. Се под влијанието на истиов директор Наследников сето внимание ми го голтаа обштинските работи, црковно-училишните рлботи во градот и српско-грчката пропаганда во Битола и околијата. Бев многу живо заинтересуван во овие работи и, покрај директорот, бев излегол најмногу на глас, играв веќе видна улога во овие борби. Во последната година на моето учителство бев назначен за училишен инспектор и во оваа своја нова положба требаше веќе да ја водам самостојно борбава, толку повеќе, што го мавнаа и Наследников. Србскиот конзул Боди беше ја пружил многу скраја својата пропагандска мрежа, но го надушивме тоа со Наследников и успеавме да му попречиме. Бев доста ревносен во оваа своја работа и пишав на егзархијата еден долг рапорт од 16 табаци во кој изложив по кој пат би можело најлесно да се спечелат гркоманските села, но велев, оти сам не се ангажирувам да ја извршам оваа работа.

Околу 1890 година неосетно се јави во сите по живи бугарски центрови настроение во младината против владиците, обштините, егзархиските учители и службеници, и една струја против посегнуањата на егзархијата безконтролно да господарува во црковните и училишните работи во земјата. Еснафите, што во македонските градови сочинуваат мошен сталеж, готово минаа во оваа борба на страната на младинците. Движењето беше, речиси, стихијно со не многу определени барања: недоволство изобшто од стројот на егзархиските установи. Определеното, до кое што посегаа младинците, беше тоа што обштините да минат во рацете не на старците и духовниците, како што беше до тогаш, ами во рацете на младинците. Од директорите што беа егзархиски чиновници, се бараше да се подчинат на месните училишни управи. Младинците сакаа но обштините да влезат младинци, обштините да бидат вистински обштини, а не претседателите да си вршат се на своја глава, како што беше по егзархискиот устав, спроти кој што обштинските членови беа само советници на претседателите. Владиците, обштинските претседатели и класните егзархиски учители, се противупоставија на оваа струја, и младината и еснафите насекаде поведоа борба против нив. Немаше владика и повиден егзархиски учител, што да не беше подложен на навреди и преследувања од страна на населението. Ова движење се паѓа паралелно со пројавата на така наречениот од некои македонски „сепаратизам“, изразен преку списанието „Лоза“ во Софија, раководено од Аргов, Паласчев, Хаджи Николов и др. Кружокот „Лоза“ претендира и денес, оти ова движење во Македонија се должело на нивна агитација. Во Солун се пројави меѓу учителите во гимназијата исто ова ,,сепаратистично“, движење. Реченово раздвижување што траја неколку годинн, го толкувам просто како реакција против долгогодишниот стремеж на егзархијата да го сосредоточи во свои раце диригирањето на обштествениот живот, а осем тоа го сметам прв чекор кон самодејност во земјата. Така не може ни најмалу да се каже, оти онај кружок околу „Лоза“ го подигнал тоа движење. Тоа неосетно се прероди во револуционерно движење. Отпрвин во револуционерното дело неусетно прво и главно учество зедоа истите луѓе, што ја водеа борбата против егзархијата.

30 мај

Со намесникот на владиката во Битола, како инспектор, бев во борба, бидејќи бев и јас соучесник во реченото движење против егзархијата, и второ, бидејќи си сметав оти намесникот на владикава не вршеше што треба, не си беше на место, пречеше. Тој беше архимандритот Неофит, сега владика во Цариград. Напр. во околијата битолска има две србомански села Свиништа и Метимир (близу до Смилево) — од долги години овие села станале гркомански, после тоа станале србомански. Никој не можел да ги одврати. Јас успеав да се зближам со нив, им влегов под кожа и тие дури ги изгорија србските книги (две вреќи), се согласија изопшто да прејдат од кај егзархијата. Триумфирав со овој успех. Тие дојдоа во Битола да дадат молба. На Неофита му реков да ги пречека селаните љубезно, да ја земи молбата и да ја даде на владата. Го немаше деда Глигорија таму, беше отишол во Цариград. Неофит откажал да ја земе молбава, не сакал да се меша во села од туѓа епархија. (Охридска епархија) и т.н. и т.н. Стана тоа и без него. Но после на велигден пак протежирав да им се даде свештеник, и пак Неофит беше против тоа. И Глигорија после се разлути, оти сум му се мешал во епархијата и др. дивотии. Јас бев предложил начин, како да се подржаваат сообштинските приходи училиштата во секое село, а архимандритот откажа да се зафати со ова прашање. Реферисав во егзархијата но одавде ми се одговори да сум се не мешал во таа работа. Во дејствителност немаше никакви селски училишта, но егзархијата ја предпочиташе оваа состојба отколку да се погрижи да ги уреди училиштата како треба на посамостојна нога. Тогаш учителите примаа годишно по 6-8 лири во село колку да се речи, оти има училишта: владееше полна несистемност. Јас и' станав непријател на егзархијата, оти ја подканував кон реформи. По овие спорови јас напротив со помошта на еснафите го направив архимандритот невозможен во Битола. Го оволнија, но ме преместија и мене во Солун, учител. Тоа беше во март месец 18995 година. Бидејќи немаше уроци во машката гимназија, преподавав географија во женската гимназија. Директор на обете гимназии беше М. Сарафов.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина