Спомени - Ѓорче Петров

VII.

Организаторската дејност на Делчев по границата. — Прв таен конгрес во Солун. — Прво, расподелба на Македонија на револуционерни окрузи. — Првите шифри, првиот печат на организацијата. — Ѓорче Петров заедно со Делчев го изработува и напечатува првиот поподробен Устав на организацијата. — Ѓорче Петров доаѓа во Софија како задграничен претставител на организацијата. — Друштвото „Странџа“ и Одринско. — Се устројува сопствена леарница за бомби.

4 јуни

Јас бев во Солун, кога дојде Делчев во Софија; тоа беше есента.

Во Софија Делчев беше сврзал прво редовни општествувања со Штип и Виница, каде што испраќаше и материјали. Исто така беше уредил и соопштенија со Џумаја, Разлог и Сер. Уредена беше по пошта и кореспонденција со Солун. Работата му беше определена.

Со В.К. речиси не беше во односи, макар официелно да не беа прекинати врските. Дружеше повеќе со офицерите-комитаџии на приватна другарска нога, но си ја водеше работата совршено самостојно. Во нив сретнува доста радосно другарско помагање. Во Ќустендил и Дупница беше нашол луѓе, до кои што се обраќал на приватна нога: во Ќостендил Димитар поп Георгиев, малешевец, малешевски војвода, и во Дупница Малешевски Никола, добар и верен на внатр. организација н сега, идеалист, несебичен (не прима организациони нари). Овие беа доверените луѓе на Делчев, Со нивно содејство си уреди пунктови по границата и канали за Штипско — Кочанско, за Малешевско — Сгрумица, Џумајско — Сер и за Разлог. Нуждата за средства беше ја почуствувал. Делум му се испраќаа пари од Солун, а тука беше уредил преку офицерите тајно, со месечни вноски да му се доставуваат средства од блиски пријајели од Софија и провинцијата во многу ограничен размер. Праќаше мали пратки — револвери, некои бомби од Туфекчиев, ситна работа.

По време на распустот 1896 г. направивме еден вид конгрес во Солун, 15-16 души: Бевме од Солун (6-8 д., од Битола Пере Тошев, од Воден Кирил Прличев. Од солунските бевме јас, Татарчев, Даме, Анд. Димитров, Николов. Тогаш прв пат се видовме со Матов, Делчев, Поп Арсов; прв пат се запознавме тогаш помеѓу себе. Работата зеде пошироки размери и сите ја бевме почуствувале нуждата појако да се организира работата. Тоа собрание, така да се речи, беше оснивачко. И од тогаш датира солунската организација, тогаш веќе Ц.К. се призна. До тогаш уште не се знаеја членовите на Ц.К., се до тогаш одеше на другарски начела и секој работеше во својата средина главно по свое сваќање и само другарски се советуваше. Во разговори - како во друштво (ни биро, ни претседател, ни записници) стана размена на мисли, секој се запозна со лоложбата во другите реони.

Паметвам само тоа, дека таму го утврдиле распоредот на окрузи. Доколку ми иде на ум окрузите беа прв Солунскиот, втор Битолскиот, но со право така што град Прилеп да може и направо да општи со Ц.К.; Скопскиот друг округ; после имаше округ Штипски, окр. Струмица и Џумаја (а не Сер). Во Џумаја беше Тане Мурџев. Еден округ Велес и Тиквеш со право да општува со Ц.К. направо. Одрин го примивме за округ. Во Одрин беше Поп Коцев, во Цариград беше Димитар Љапов, кој што претендираше на Цариград, ако не да биде центар, тогаш барем самостоен и да врши посредничка улога меѓу Бугарија и Македонија. Се реши Цариград со Одрин да составуваат еден округ. Даме Груев не го поднесуваше Љапов и настоеше да не му се дава значење, оти ќе си имаме главоболија.

Тогаш се направи прв пат обид за административно уредување на организацијата и се предвиде ред, соопштенијата со Ц.К. во внатрешноста да стануват само преку окрузите и тоа преку едно лице, примено за главно во округот, без назначување и избор. Секој сам со работата се беше наложил и просто се признаваше.

Тогаш се предвиде шифра за Ц.К. со окрузите и шифра за окрузите, исто така и шифра меѓу Ц.К. и Софија. Прашањето за печатите (да има печати) беше покренато. За прво време остана, така што само Ц.К. да има печат и со него да се потпечатуваат расписките за целата организација. Даме беше за тоа, а Пере беше против оваа централизација; тој сакаше да си има печат за Битола одделно. Таму се истакна нуждата за устав и правилник. До тогаш беше во сила еден краток правилник од неколку члена, изработен од Дамега (клетвата и др.). Тоа правилниче беше несистематско, литографирано. Се реши да се изработи еден полн правилник, устав. Кога дојдов во Софија тука во Софија го изработив (со Делчев) го напечатив и го испратив. Го поканив Ризов и Љапчев да ми поможат. Љапчев напиша само еден члек, првиот, кој што горе-долу гласеше: „Се оснива во Македонија револуционерна организација како гранка од општата македонска револуционерна организација“. Тоа нему му беше во главата да ние бидеме клон. Потоа јас сам го изработив уставот. На конгресот Пере Тошев го поднови обидот да стане зближение со егзархиските луѓе — со Самарџиев и др., и на конгресот Пере рефериса, дека не може да се дојде до измирување, и гогаш се реши да се прекинат секакви преговори, но да им се каже, дека им се отворени вратите на организацијата и за нив, да влезе кој што посака, на општа основа. Принципот на автономијата беше веќе истакнат во Софија, и ние зборувавме по ова прашање воопшто. Се отвори прашање да примаме жени членки во организацијата, бидејќи веќе имавме жени членки. Јас бев против, но не се сетвам какво решение се зеде. Ситни прашања се дотакнуваа, но ништо посериозно не решававме.

Делчев во неколку писма ја искажуваше нуждата, друг човек да дојде во Бугарија на неговото место. Повеќе сакаше човек тука да ги води официелните работи, а тој беше посклонет да стои повеќе по границата. Нуждата да се рашират нашите врски со Бугарија бевме ја почуствувале и ние. Освен тоа се постави прашањето за пушки, бидејќи гогаш владата ги продала пушките кримки на браќа Иванови. Даме уште понапред, кога беше поминал низ Софија, беше се сретнал (преку Бориса и Бозуков) со Рачо Петров, и Рачо, военен министер, на своја лична одговорност беше ветил 2000 мартинки за внатрешната организација. Браќата Иванови покренале прашање пред Делчев тука оти тие, прибидејќи ги зедоа пушките, се готови да поклонат неколку илјади за Македонија. Делчев знаел, оти ова станува со знаење на владата и оти има надеж да се добие оружје и направо од владата.

За сите овие работи најдовме за добро да одам и јас во Софија. Тоа беше уште во зимата 1896 година. Јас отидов дури во март 1897 год.

Поминав низ Цариград. Со егзархот не се видов. Се криев од турската полиција; со бугарски параход излегов на Варна. Во Цариград уредив комитети. Ги изгладив неразбирателствата со нас и со одринци. Во Царнгрлд немаше определен комитет. Таму беше Љапов, Симето (тогаш ученик) и други неколку души. Ги беа веќе посветиле некои од Бугарите. Најден беше еден млад початар, словослагач интелегентно собудено момче.

Во Варна се зафатив да ги уредам основите со друштвото „Странџа“, Одринско друштво со Петре Драгулев на чело. Кога бев во Цариград, ми ја опишаа дејноста на друштвото „Странџа“, опасноста за Одринско од претензиите на ова друштво и ми ја истакнаа потребата да се уредат овие прашања така што да не им се мешаат во Одринско, ами да им праќаат само помош и материјали. Во Варна се сретнав со Драгулев, говоревме долго, ми го прими предлогот за да не се мешаат внатрењ во работите, а желбите свои за таму исто и помошта да ја испрак'аат преку нас во Софија или преку наши непосредни луѓе на границата - за каков што ми беше јавен тогаш Петре Мишев во Хабибчево (учител). Претензиите на „Странџа“ за Одринско беа истите како што на В.К. за Македонија. Капитан Петко, како стар војвода, бил во Чепеларско за да го протурка наваму влијанисто на „Странџа“ во запад, половина на Одринскиот вилает, а преку Бургас, Ајтос, Јамбол се обидоа да влијаат во источната половина.

Павел Генадиев прв ја популаризира идејата на организацијата во Одринско, имено во Мустафа паша, а поп Коцев — во Одрин.

Драгулев не достоа на своите ветувања, продолжуваше по старо да крева шум сколу „Странџа“, но не пројави некоја нарочна дејност ни тука, ни внатре.

За истата цел отидов во Бургас и се запознав со Георги Минков (родом од Мало Трново), кој што таму стана наш пријател. После во Ајтос отидов при еден Стојан... книжар, социјалист; во Јамбол - при Јордана Џамбазов обајцата претседатели на друштвата „Странџа“, да ги убедам да дејствуваат согласно со нашите принципи, да помагаат без да се мешаат во работите на Одринско. Во Хибибчево на Петрета Митов (тамошен жител и учител), кој што беше во врска со Мустафапашенско, му дадов сведенија и напатствија, и тој остана како наш посредник меѓу Софија и цело Одринско. На границата од Хибибчево се сретнавме со Јанакија... од Мустафа паша, кондураџија и раководител кај Мустафа паша каде што беше најјаката организација. Павел Генадиев веќе беше го напуштил Мустафа паша. И со Јанакија ги уредив идните односи спрема „Странџа“ и спрема Бугарија, имено да се разбираат само преку нас, со мене и Делчев, а внатре - преку Одрин со Лазара Димитров.

Во Пловдив Павел Генадиев и Апостол Димитров (службеник по источните железници) остануваа како познати да се служиме со нив поединечно. Тоа ми беше едниот маршрут. Од Варна отидов во Разград да се сретнам со Бозуков и Венедиков за взаемно осветлување. Од нив за прв пат слушнав дека биле разочарени не само од В.К., туку и од дејноста на нивниот комитет со браќа Иванови — разочарувања повеќе од личен карактер.

Во Варна најдов неочекувана возможност да ја задоволам најсаканата наша желба, да ја дофатиме вештината на бомбите. Се запознав по време на еден распуст во Цариград со еден од видните ерменски револуционери со псевдоним Леон. Се укажа, оти тој бил хемичарот и построителот на нивните атентати. Во Софија Туфекчиев ме запозна со еден ерменски пратеник и се укажа истиот, со кој што се запознав во Цариград. Му го заборавив името. Во Варна ми кажаа, оти имало некои ерменци револуционери и ми се нафатија за да ме запознаат и зближат со нив. Ја уредуваме по скришен начин сретбата, се укажа пак истиот ерменец. Имаше и двајца други, од кои што еден беше претседател на нивниот комитет во Женева, а дошол во Бугарија да уредува и да дава напатствија по ерменските комитетски работи. Без секакви договарања, на другарски начела, но сигурно со надеж на идни врски со нас, тие ми дадоа на располагање еден свој мајстор, кој што фибрикуваше бомби, некој си Киркор, кого што го зедов со себе во Софија. Се` стануваше мистериозно-излишни претпазувања. Ерменците се плашеа од шпиуни. Нека споменам дека во едно поранешно доаѓање во Софија, офицерите ме запознаа со еден Чех, кој што имаше на булевард Патријарх Ефтимија железарска работилница. Тогаш уредивме да му дам пари (150-300 лири) да се приготви со калапи и леарницата со услов да го изучи некое наше момче да лее бомби. Бевме недоволни од Туфекчиев, кој што со голема мистериозност ни ги продаваше бомбите, не сакаше да ни каже како се леат, а истиот Чех му ги леал. Го изучивме тогаш Димитар Зографов, телеграфист (прилепчанец) и го испративме после во Радовишкото село Дедино за да лее на тоа место бомби (во 1896 год. за време на распустот). Во врска со бомбите имаше еден Кочо, во Броди, каде што има железарски работилници, кого го видов во Варна со ерменецот Киркор. Со овој Кочо уредивме работилница во Софија скришум да прави бомби. Не можевме да направиме многу бомби, ниту можевме да изучиме некое момче, а целта ни беше и него да го испратиме лво Броди да лее бомби како онај во село Дедино. И В.К. имаше исто вакво настроение против Туфекчиев, да се ослободат од неговата опека бидејќи бевме забележале сите дека многу шмек`арува со бомбите што ни ги продава: само за гладење на една бомба земаше 2 лева, додека едно момче со турпија можеше на ден да изглади до 20 бомби!

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина