Спомени - Христо Татарчев

Предговор

При основањето на внатрешната македонска револуционерна организација многу значна ролја му попадна на д-р Христо Татарчев, претседател на првиот Централен револуц. комитет, што заседаваше во Солун. Додека се трудев да ги забележам спомените на други истакнати македонски дејци, водејќи грижа особено да не пропуштам некого од нив, поминаа години, и настапија војните, па мојата работа стана тешка и сама од себеси се прекина. Сметав дека е од особено значење празнината во моите записи поради немањето на спомени од д-р Хр. Татарчев, во времето кога се поставувала основата на ВО под негово претседателство. Затоа постојано имав на ум да искористам можност да го распрашам г. Татарчев за некои подробности, барем од тој почетен и мошне интересен период за историјата на ВО. Најпосле тоа ми појде од рака во јануари 1917 година, кога на две среќавања можев да ги запишам неговите спомени, заклучно со 1894 год. Постоеше согласност подоцна да продолжиме со започнатата работа, што по неопходност мораше да биде прекината, поради официјалните задолженија на докторот, што тогаш управуваше со една болница на фронтот. Туку, за жалење, после веќе не се укажа погоден момент за тоа. Се надевам дека самиот г. Татарчев, што сега живее во туѓина, еден ден ќе може да ги продолжи и доврши своите сеќавања.

Иако недовршени, спомените на г. Татарчев, што ги објавуваме тука, содржат интересни податоци, кои се скапоцено дополнување на материјалите што се однесуваат за почетниот период на револуционерното движење во Македонија. И во спомените од детството и од ученичките години читателот ќе најде успешна карактеристика на тогашната потисната состојба на духот на бугарското население во југозападна Македонија, како и на силното влијание што тогаш врз младежта го вршел слободниот живот во Бугарија и во светот, како жив контраст на ропскиот живот отаде турската граница, исполнет со паничен страв. Последиците од тој контраст, што ги бранувал душите на младинците, не можеле да бидат поинакви освен безграничен стремеж за ослбодување по секоја цена. Веќе ништо не можело да го попречи патот на ослободителното движење, и наспроти ризикот сите жртви да бидат залудни.

ЉМ

Почеток | <<Назад | Напред>>