Спомени - Христо Татарчев

Спомени од минатото

Револуционерното дело, замислено уште есента 1892 у год. во Солун конечно се оформи на 23 октомври 1893 година. Изникнато, како секоја конспиративна организација во тесен круг - таа беше основана од Даме Груев од с. Смилево, Иван Хаџи Николов од Кукуш, Христо Баранџиев од Гуменџе, Андон Димитров од с. Ајватово (Солунско), Петар Поп Арсов од с. Богомила (Велешко) и д-р Хр. Татарчев од Ресен. Тоа револуционерно дело уште во својот почеток требало да се справува со многу големи пречки и мачнотии, од политичко-социјалниот режим од една страна и од друга од расниот антагонизам, како и со доминантни тогаш сфаќања на одделните народности во врска со иднината на татковината, бидејќи секоја одделна нација под влијание на своите религиозно-духовни фактори и на соодветните соседни племиња, и културни врски и политика се стремела самата за себе да ги сочува претензиите врз оваа земја. Освен тоа требаше да се разбива скептицизмот на интелигенцијата, која напумпана од сфаќањата на своите духовно-религиозни претставници, револуционерното дело го пречека со непријателство, иако големиот дел од неа беше убеден во неговото брзо пропаѓање како работа на неколку запалени младинци. Впрочем, оваа интелигенција се обиде уште во зародиш на делово да го задуши и на таков начин да го спаси црковно-школското дело од неуспех. Од своја страна широките маси, кои до тогаш живееле само за задоволување на своите биолошки потреби - чијашто инертност и апатија беа вознемирувани од слабите зраци на школата и борбите за завладување на цркви и училишта од патријаршистите или егзархистите - лесно не се повлекуваа по новото струење, бидејќи уште веруваа во силата на турската моќ, иако во проповеданиот од овие егзалтирани младинци низ социјален строј го гледаа својот спас од политичко и социјалното ропство. Затоа и интелигенција и народ, бидејќи и немаа можност да ја трошат својата енергија во политичкиот живот на земјава, обично своето учество и појави ги ограничуваа во црковно-училишното дело.

Од своја страна иницијаторите, занесени од идејата за слобода, делумно ја сфаќаа сериозноста на делото, ширината на последиците од него, како и средства потребни за тој толку сложен македонски проблем. И ете така, тие се запреа на принципот на автономијата како негово најрационално решение.

И покрај сe, овие промотори со редок ентузијазам и нечуено самочувство се втурнаа сред народот, со ретка упорност и самоодрекнување да го проповедуваат новото учење. Потфатот навистина им беше еден од најдраматичните и можеби тоа е единствен случај во историјата на поробените народи. Првите работници беа регрутирани меѓу најдолните слоеви на нашето општество, а имено: Алекси Келеш - часовничар во солунскиот „Мирчев ан“ од гр. Прилеп, Васил Панчев, служител во бирото на трговецот С. Ризов, Атанас Мурџев, сметководител на Мурџев и Кусетасе, и некои од учениците на солунската гимназија, како Александар Хаџи Панов од гр. Прилеп, Славејко Стрезов од гр. Ресен и др.

Таа положба фактички го оправдуваше песимизмот на идејните противници, кои покрај конспиративниот карактер на делото мирно од близу можеа да го следат неговиот развој; меѓутоа, ова ни малку не ги разочара авторите на делото. Воодушевувањето и вербата во триумфот на идејата толку го беа отапиле нивното расудување та тие не беа во состојба да ја сфатат грубата реалност, иако потполно беа свесни за опасноста што им се заканува, впрочем тоа е својствено на секое револуционерно дело.

Нема сомневање, во почетокот повикот против овие авантуристи беше доста оправдан, но тоа не ги поколеба последниве, туку уште повеќе ги поттикнуваше безогледно и бестрашно да се втурнат сред народот, зашто секој од нив си беше поставил за задача, во склад со донесените решенија на основачкото собрание од 23 октомври 1893 год. да се обрати кон своите лично познати, за на таков начин да врбуваат луѓе за Организацијата, патувајќи со сопствени средства по градови и села.

Така Даме Груев талкаше по анови и хотели, за да впрегнува учители и трговци во револуционерната мрежа; Иван Хаџи Николов, како книжар покрај своите книжиња ги информираше младите учители и ученици со новото учење; Христо Батанџиев, како секретар на Солунската општина приклучуваше адапти помеѓу посетителите во општината -учители и попови; Петар Попарсов со својата упорност отстојуваше во борбата со нашите идејни противници; Андон Димитров многу придонесуваше со својата опитност во познавањата на месните услови во избегнувањето на грешките во револуционерните потфати и мерки, а д-р Хр. Татарчев кој през летото 1893 год. ги беше обиколил градовите Гевгелија, Дојран, Струмица, Радовиш, Штип, Кочани, Кратово, Скопје и Велес, и кој користејќи се од положбата на лекар секоја седмица през 1895-1896 год. го посетуваше Кукуш, создаваше врски со луѓето од тие краишта.

За кратко време оваа трескава активност даде поразувачки резултати, ја скрши тврдоста на интелигенцијата да се заслушува во религиозно-духовните претставници на земјата - и од коренот ги растресе широките маси, разбудувајќи го во нив сознанието за една поубава - во зависност од трудот и жртвите, човешка судбина.

Воопшто новото учење со жар се голташе, а образот на слободна Македонија до егзалтација ги раскрилуваше. Во Солун и соседните села бројот на борците брзо се зголеми, особено со доаѓањето на поп Стамат од с. Бугариево во вардарската црква, во лицето на кого, со неговата оданост кон делото, со неговата срдечност и решителност кон најопасните револуцнионерни акции, со својата снаодливост и умешност во решавањето на најзаплетканите работи, Организацијата доби една ретко влијателна личност. На тој начин, од една страна, вардарската црква, која од храм на богомолци се претвори во сврталиште на револуционери а, од друга - книжарницата на Иван Хаџи Николов - еден од најскромните и непретенциозни дејци - место на средби каде комотно се добивала и продавала револуционерна кореспонденција, беа најважните пунктови на револуционерната мрежа.

За кратко време земјата беше прошарана со мали револуционерни гнезда - огништа на идната моќна организација, - а Солун - срцето на ослободителното дело, од каде сјаеја зраците на идната слобода и се покренуваше сложниот механизам на оваа страшна сила. Во овој Витлеем, каде цело време престојуваше Централниот комитет од сите краеви на татковината се слеваа учители, попови, трговци и др. за инструкции.

Брзиот развој на револуционерното дело ги изненади и неговите основачи. Потребата од една планирана дејност се осеќаше од сите, и пред сe од првите раководители, пред кои дневно се поставуваа за решавање сe понови и потешки задачи.

Таа положба ја налагаше потребата од средба на раководните сили од земјата - за да се размисли за идниот развој на делото.

Згоден момент за таа цел беше осветувањето на 15 август 1894 год. нова црква „Св. Кирил и Методиј“ во Ресен. Раководителите што присуствуваа беа; Даме Груев, Ат. Лозанчев, Гл. П-ов, Георги Петков, Алекса Хаџи Панов и пишувачот на овие редови. Сите тие по завршувањето на церемонијата околу осветувањето на црквата од владиката Методи (подоцна член на Организацијата) отидоа во куќата на татко му на докторот, за да разменат мисли и да ја разгледаат тогашната состојба на револуционерното дело, и да донесат решенија за мерките и средсгвата потребни за неговото зајакнување и зацврстување Тоа можеше да се смета како прв конгрес на Внатрешната организација. На прв поглед прашањата што се подигнаа на него, навистина беа сосема обични, меѓутоа, во суштина тие беа од судбинско значење за успехот на делото. Секој од присутните ги изнесуваше впечатоците од досегашната своја дејност и препорачуваше потребни мерки што во случајот треба да се преземат.

Бидејќи не се водеше сметка за мислењето на одделните лица, записници не се водеа, ниту пак на некого му паѓало на ум за некои идни полемики - кој што рекол. Главно се водело сметка работата да биде платформа а донесените решенија во случајот беа со полно единство и доверба. По тридневна работа се реши:

1. Земјата да се подели на револуционерни реони, а на чело на реонот да се постави соодветен човек со потребниот авторитет;
2. Материјалните средства да се соберат и меѓу оние што не се членови на Организацијата - од оние што го симпатизираат делото;
3. Во црковно-школските институции колку што е можно да се постават повеќе луѓе симпатизери на делото;
4. Да се зајакне пропагандата со месни весници и револуционерна литература.

Охрабрени од оваа првична револуционерна средба, се разделивме со искрени желби, со тоа што секој од нас се обврза уште поактивно да заработи во горниот дух. Д. Груев, Гл. П-ов и Ал. Хаџи Панов заминаа за Охрид, а другите назад во своите места.

Не многу потоа настапи силно раздвижување на силите по градовите и селата. Во тој поглед најизразит подем се забележуваше во гр. Кукуш. Ова мало градче, кое секогаш се наоѓало во првите редови на секое културно и патриотско дело, стана јатка на целиот солунски крај. Овде во лицето на Туше Делииванов, Кољо Бучков, Христо Влахов, Туше Петков и Туше Гугушов делото најде најоддадени борци, кои го поставија на здрави основи. Кон нив овде подоцна се приклучија и учителите Хрлев, Христо Стојанов и Христо Динков, како и многу граѓани. Кукуш имаше изглед на непристапна тврдина на Организацијата. Граѓаните без оглед на својата социјална положба доброволно ги отвораа своите кесиња со кои Централниот комитет ги задоволуваше своите потреби во прв ред со средствата од Кукуш. Првата сума е на пример, што беше внесена во касата на Комитетот, околу 314 лири, беа донесени во август 1895 г. од видниот кукушки трговец Иван Јанев, а до тогаш потребите на Организацијата се задоволуваа лично од нејзините основачи. Овде му е местото да се нагласи, дека Кукушани никогаш ниту пак побараа, собраните од нив парични средства да се употребат за локални потреби, како што тоа во последно време чинеа некои други реони. Кукуш живееше за цела Македонија и своите жртви ги правеше за доброто на целата земја. Кај него не беше познат локалниот патриотизам: за него идејата за слобода беше живот или смрт. Револуционерот овде, во Кукуш, беше најсигурен и се радуваше на вистинско гостопримство.

Во овој центар најрељефно се согледа користа од четничкиот ииститут и одовде потоа потекна решението во целата земја да се воведе.

Воопште подемот на делото одеше незапирливо та песимизмот што го имаше македонската интелигенција доживеа разгром, отстапи пред виорот и притисокот на новиот идеал.

Во октомври 1894 г. во Организацијата се зачлени и Пере Тошев, кој до тогаш се држеше далеку од револуционерното дело, иако често покануван да влезе во него, но тој секогаш откажуваше, без за тоа да ги каже причините. Од неговото однесување, можеше да се насети дека тој не верувал во сериозноста на ослободителното дело. Како соработник на Захари Стојанов и Дим. Ризов при прокламирање на присоединувањето на Источна Румелија со Кнежевство Бугарија тој имаше поинакви разбирања за конспиративните организации.

Како раководител подоцна, со авторитетот од минатото, со својот тивок, молчалив и некомуникативен карактер, со своето кусо зборување, но со прецизно изјаснување по прашањата, тој на своите соговорници делуваше мистериозно и можеше да се пројави само во тесен круг на другари.

Под раководството на Пере Тошев, Атанас Лозанчев, Гл. П-ов, Г. Пешков и др. битолскиот крај се развиваше бавно, меѓутоа планомерно, и затоа достигна до онаа морална и материјална подготвеност, која со својата издржливост и самопожртвуваност го задиви светот во историскиот момент. Илинден 1903 год. со што создаде славна епопеја како Македонецот-востаник знае да умира за слободата на својата родина. Не малку таа епопеја е последица на јуначките костурчани кои на чело со своите бесмртни војводи Чакаларов, Лазар П. Трајков, Пандо Кљашев, Иван Попов бестрашно одеа кон смртта пред турските полчишта. Патриотизмот и безграничната љубов кон својата земја многу помогна на првите организатори, како што се Апостол Дим. Грежов од с. Куманичево, Михаил Гегов од Костур, Дамјан Марков, Курјак Трповски од с. Дмбени, Иван Шишков од с. Зрелца, Григор П. Димитров од Шестеово и Григор Бакрачев, а подоцна Павел Христов, во овој далечен јужен крај да се создаде моќна опора против Грци и Турци. Исто така брзо се револуционизира и штипскиот крај, којшто од левата страна на Вардар стана душа на Внатрешната револуционерна организација. Тоа е последица на поставувањето на Туше Делииванов во Штип како главен учител, кој поминувајќи 1894 год. низ Софија за своето назначување со себе го повлекол и Гоце Делчев за учител во истиот град. Последниот го напушти Кнежевството Бугарија со модните тогаш социјалдемократски идеи со намера да ги насади во Македонија, не сакајќи дури ниту да слушне за револуционерното дело. Меѓутоа, по првиот контакт со масите во Ново Село, се разубедил, бидејќи неговите социјалистички идеи се развивале во малку подруги услови од оние во родната земја. Ги отфрлува како непотребни во ропскиот крај, исцело го прифаќа револуционерното дело и станува најизразитиот и незаменлив негов боен апостол. За таа гранитна карпа на револуционерното дело во штипскиот крај немалку помогна престојувањето на Даме Груев во 1894-1895 год. како и активноста на некои поистакнати граѓани: Тодор Лазаров, Арсо Лазаров а подоцна и учителот Петар Попарсов, Мише Развигоров и Христо Попкоцев. На тој начин создадено од првите раководни сили револуционерното дело во овој крај ја сочува својата сила во времето на сите перипетии низ кои помина.

Во 1894 год. Христо Матов беше поставен за директор на педагошкото училиште во Серез. При неговото заминување од Солун за Серез упорно му се предлагаше да земе учество во Организацијата, но тој како сфинга остануваше непоколебан кон нашиот апел.

За него црковно-школското дело имаше најголемо значење. Одвај дури во 1895 год. кога беше преместен во Скопје, на 25 август таа година Дамјан Груев и Ив. Хаџи Николов во куќата на последниот, - еден ден пред заминување за Скопје го покрстија во револуционерното дело. Меѓутоа уште долго потоа тој не можеше да се ослободи од поранешните погледи поради што страдаше делото. Тоа го принуди Даме Груев да постапи не толку колегијално кон него. Во Скопскиот реон го испрати Ив. Кандиларов таму да работи во нашиот дух. Меѓутоа кога Матов беше затворен (во Куршумли-ан) тој потполно го промени својот однос и своите поранешни сфаќања и стана не само теоретичар туку и смел решителен деец дури кон најекстремните потфати, доволно да можеше да се убеди во нивната потреба.

Како раководни сили тогаш во серскиот крај биле: Лука Теофилов, од почеток во Неврокоп, а потоа во Серез, и Лазар Бенин исто во Неврокоп; книжарите Атанас Ников во Серез подоцна учителите Велко Думев и Калејчев, Лука Теофилов и Ников - тоа беа едни од првите и најпостојани верни работници во овој реон.

Кон крајот на 1896 год. на ослободителното дело му се приклучи и Ѓорче Петров, кој до тоа време беше голем противник на Организацијата иако бил во пријателска врска со нејзините промотори, и ништо не можело да помине не видено од неговото остро око. На прашањето за неговото учество во делото, тој поминуваше со спокојна и молчелива насмевка во која меѓутоа се откриваше неговата готовност да земе учество во ослободителното дело, но во исто време и да ја сочува својата слобода во натамошните активности. Штом зеде место во Организацијата Ѓорче Петров со сета своја ерудиција и конспиративност й се стави на услуга на ослободителната кауза.

Воопшто еволуцијата во редовите на македонската интелигенција се оствари многу побрзо од секое предвидување. Градовите веќе регрутираа млади, интелигентни раководни сили: така на пример во Солун - Лазар Димитров и Ив. Васков; во Воден - Дим. Хлебаров и Хр. Шагаманов; во Ениџе Вардар - Јордан Свеќаров, Захари Ѓорев и граѓанинот Андон Граматиков; Минго Тодев во Банско, Иван Каназирев во Мехомија, Илија Калиманцалијата во Мелник, Костадин Илиев и попот Саев во Горна Џумаја, во Дојран - Андон Костов; во Негован - Зарово - Ат. Мацаров; во Гевгелија - Аргир Манасиев, Христо Стојанов; во Кавадарци - Иван Влков, а подоцна Пане Иванов; во Струмица - Стојан Георгиев; во Велес - Михов; во Прилеп - Неделко Дамјанов и граѓаните Јордан Гавазов, Панто Карамбулев и др., во Охрид Чакаров и Л. Огненов; во Кичево - трговецот Насте Бунчаров, архимандрит Софрониј, игумен во манастирот „Пречиста“, учителот Лука Џеров и учителката Донка Чешмеџиева; во Дебар - ѓакон Тома, учителите Филип Чочков и Трифун Ушанков; во Кратово - Даскалов; во Паланка - Миразчиев; во Куманово - Симидчиев, во Одринско - Петар Васков, Лазар Маџаров и др.

Оваа прелудија, што ги опфаќа поглавните раководни сили на земјата до пред Виничката афера од 1897 год. веќе ја навестуваше идната моќ на Организацијата, што и се оствари. И навистина оваа организација подоцна се претвори како држава во држава. Таа пред општествената свест и пред дипломатскиот ареопаг ја изнесе македонската ослободнтелна кауза, нејзиното морално и политичко значење, ја создаде и историјата и традицијата на македонскиот народ и можеби епското Илинденско востание од 1903 г. на овој поробен народ пак со голема сила ќе воскресне зашто духот на паднатите борци уште живее во овој заборавен крај.

Почеток | <<Назад | Содржина