Спомени - Иван Хаџи Николов

МЛАДИНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕРНИ КОПНЕЖИ

Имав околу 10 години, кога за прв пат почнав да учам бугарска историја од учебникот на Д.В. Манчов. При учењето од таа историја си велев: „Значи ние сме си имале царство ама ни го зеле Турците". Од истава историја дознав дека некогаш и Тесалија била населена со Бугари, кои Грците ги погрчиле. И тогаш пак си велев: „Значи и Грците се наши непријатели. Па, зошто нашите татковци не се дигнат да си го земат царството од Турците и да си ја вратат погрчената Тесалија? По средината на бугарските земји се протега Стара Планина. Тука можат да се соберат сите останали Бугари и од таму да тргнат кон Цариград, Солун и Тесалија". Од Библијата (Битиписанието) пак дознав, дека Мојсеј кога видел како еден Еегипќанин тепа еден Израелит, го оттргнал Израелитот и го убил Египќанинот. Тогаш си реков: „...ако видам некој од друг народ или друговерец да тепа Бугарин, ќе го одбранам последниот а првиот ќе го натепам“. И вистина, ми се случи тоа брзо да го применам. Еден ден во нашето маало видов како две Турчиња тепаат едно Бугарче, Се спуштив, го оттргнав Бугарчето и ги натепав Турчињата. Од тогаш тие Турчиња не ги напаѓаа Бугарчињата во нашето маало.

Во нашиот град го завршив класното училиште кое тогаш беше двокласно, и останав да му помагам на татко во фурната (татко ми беше фурнаџија). Пораснат како човек што се движи во чаршијата, можев да го сфатам лошото однесување на возрасните Турци, на административните и судски чиновници, како и на лошите Турци кон Бугарите, кои често без вина си страдаа. Сите тие впечатоци се натрупуваа во мојата памет и душа и на таков начин во мене зрееше идејата за бунт против Турците-потисници, така што кога во април 1875 г. прочитав во в. „Зорница" дека во Босна и Херцеговина букнало востание против Турците, возбуден си реков: „Е сега е време сите Бугари да се дигнеме и заедно со востанатите Бошњаци и Херцеговци да ги протераме Турците од Старопланинскиот Полуостров и повторно да го образуваат своето царство што ќе граничи со трите мориња: Црно, Бело и Јадранско". Заседната веќе таа мисла во мојата душа и свест, почнав да размислувам како ние од Кукуш можеме да востанеме. И така дојдов до јасно сознание за тоа што треба да правиме, а имено дека треба да се создаде една револуционерна организација што ќе го подготви народот за востание. Меѓутоа, како да се почне? Со кого најнапред да ја споделам мојата тајна? Најсетне по долги размислувања се решив својата тајна да му ја доверам на мојот бивш соученик Гоце Вангелов - Грбавиот, едно 3 до 4 години постар од мене. Септември 1875 г. беше кога се решив да отидам кај него со предлог да формираме револуционерен комитет, што ќе ги подготви Бугарите да востанат против Турците и да ја ослободат Бугарија. Тој се согласи со мене. Се договоривме со истава идеја да ги запознаеме нашите другари, бивши наши соученици Ичо Волчев, Вано Дупков, Кољо Тодоров и др. кои еден по еден беа посветени во куќата на Гоце Вангелов. До крајот на 1875 г. бројот на посветените веќе броеше 8 души. Во почетокот на 1876 г. започнавме да посветуваме наши другари и надвор од градот - во селата. До Велигден успеавме да зачлениме уште четворица, меѓу кои беше Дино Занков, братучед на Гоце Грбов, 2-3 години повозрасен од него. Бидејќи постар и поопитен тој често се мајтапеше со нашите смели планови и не поправаше, но секогаш се согласуваше со нас. Така еден ден по Велигден 1876 г. сите се бевме собрале во куќата на Гоце Грбов. Јас го предложив следниов смел план за организирање и востание: секој од нас да придобие по 2-3 свои роднини или познати од селото кои да бидат посветени така што од градот и селата да се соберат околу 3 илјади души, преоблечени и со сокриени пушки да се соберат во Солун и овде поделени во три групи, да ги заземат Топхането, Еди-куле и касарната. Кога ќе го завладееме градот, со турските топови нема да допуштиме да дојдат какви и да се бродови, додека пак со пушките на разоружаните турски војници ќе бидат вооружени сите Бугари од Солун. Тоа истово ќе се стори и со Евреите што ќе посакаат но во никој случај не и со Грците.

Од своја страна Дане Занков со неговото својствено опозиционерство ги постави прашањата: „Добро, а ако не се соберат три илјади души? А ако не успеат да го заземат Топхането и да ја разоружаат војската?...“ На крајот сите 12 заколнатовци што беа на собранието го прифатија мојот план. Тоа беше во септември 1875 год.

Во почетокот на 1876 г. бевме готови со списоците на нашите другари од селата, што требаше да бидат посветени во конспирацијата. Со посветување се започна по Велигден. Луѓето се повикуваа еден по еден во градот или се одеше во нивните села.

Истата 1876 г. на 24 април во Солун од фанатизираната турска толпа беа убиени францускиот и германскиот конзул. Тоа злосторство не охрабри. Мислевме дека французите и Германците ќе ги истераат Турците од Македонија и ќе не ослободат. И навистина скоро дознавме, дека во солунското пристаниште пристигнале повеќе бродови. Ние младите празнувавме меѓутоа по една недела настапи разочарување: откако турската власт обеси еден арап кој божем ги убил конзулите, воените бродови на големите сили го напуштија солунското пристаниште.

На 2 мај - летен Св. Атанас, заминав за с. Дурсанлиј, оддалечено час и половина од Кукуш. Таму живееше еден мој бивш соученик, Димитар Дурсанлијски, кому му помагав во решавањето на задачите по аритметика, за што тој и татко му ми беа многу благодарни. Имав намера да го посветам во нашата идеја, а потоа тој од истово село да опфати свои другари. Но но го најдов - беше на гости во соседното село, та си се вратив в град. Како на одење, така и на враќање по патот никого не сретнав. Кога си дојдов дома, родителите почнаа да ме караат за тоа што не сум бил дома. Им ја кажав вистината, а тие ми велат: „Овде нас Турците сакаат да не колат, а ти си тргнал да одиш по друмишта и села.Како не те заклале Турците по патот?“ Потоа тие ми кажаа дека во Бугарија имало востание, затоа Турците во градот биле многу наежени та сакале да ги истепаат сите Бугари. За таа цел првите Турци ги посетиле кадијата во неговата куќа, соседна до нашата, да бараат тој да се согласи со тоа. Меѓутоа, кадијата не се согласил. Се исплашив од оваа вест, но во својата душа бев радосен бидејќи Бугарите од Средногорието и Стара Планина се дигнале на востание. Подоцна дознавме, како било задушено востанието и какви жртви дале Бугарите. Во едно и исто време ме опфати чувство на апатија и одмазда.

Поради овие настани 12-мината решивме едно време да не одиме по селата, својата агитација да ја ограничиме само во градот. Тоа време јас водев сметка за касата во нашата фурна па ми се даде можност да ја прочитам историјата на С. Паисиј, второ издание, печатено 1842 год, во Будим. На крајот на книгата забележав нацртан лав и натпис: „Слобода или смрт". По примерот на тој цртеж решив ла се извезе знаме на нашата организација. Кога на Петровден се собравме во куќата на Гоце Грбев, го извадив знамето, го заковав на стап и долго марширавме во одајата и пеевме бунтовничка песна: „Ветер ечи балкан стенка“. Знамето остана на чување во куќата на Гоце.

По Петровден почна да се зборува, дека Србија и Црна Гора ќе и објават војна на Турција. Тие информации не зарадувуа и не осоколија надевајќи се дека ќе бидеме ослободени. Повиканите Турци доброволци во околијата се собраа во градот и започнаа да грабат по чаршијата и куќите. Во септемкри доброволците отидоа на Север. Кога подоцна разбравме дека Турците ги победиле Србите одново не опфати апатија. Почнавме да се лутиме на Русија, зашто не им помогна на своите сестри, доколку повеќе што по војната Турција е прилично ослабена.

Уште не беше свршена војната се пренесоа вести, дека во Цариград ќе се свика конференција на големите сили на која ќе се изработат реформи за Европска Турција и специјално за Бугарија. Весниците почнаа да пишуваат за нејзината работа. Ние тоа со интерес го следевме. Во исто време се пренесоа вести дека Русија се подготвува за војна со Турција. Си рековме: „Штом Русија ќе и објави војна наТурција, готово е со неа". Не лутеше состојбата зошто објавувањето на војната се бавеше. Најсетне, во април 1877 г. слушнавме дека Русија и објавила војна на Турција и осетивме олеснување. Потоа се слушна дека Русите стигнале до Балканот и настапиле во Тракиското поле. Сите им се радувавме на руските успеси, зашто бевме убедени, дека ќе се ослободиме од Турците. Меѓутоа, при неуспесите на руската војска не опфаќаше апатија и страв. Воопшто времето до поаѓањето на Плевен го минувавме со страв мешана со надежи. Дури по заробувањето на Осман-паша се созедовме, а по заробувањето на Вејсел-паша и паѓањето на Одрин без борба, и сосема се успокоивме.

Нашето ослободување го сметавме за сигурно. Почнавме да се подготвуваме и за пречек на руските војски кои требаше да дојдат во Македонија и да ја ослободат. Веста за потпишување на мирот во Сан Стефано не увери дека нашето ослободување е потполно сигурно. Меѓутоа, немир внесуваше тоа што руската окупациона војска уште ја немаше во Македонија.

Потоа почна да се зборува, дека големите сили барале ревизија на С. Стефанскиот мир! Негодувавме велејќи: „Што имаат тие големи сили со тоа прашање? Небаре тие се бореа и даваа жртви, па си го земаат тоа право". Не притисна сенка на сомнеж. Фактот што руските војски не доаѓаа да ја окупираат Македонија уште повеќе ни го зголемуваше сомнежот. Но откако се зазбори за Берлинскиот конгрес живеевме со мислата дека С. Стефанскиот мир треба да се потврди и од големите сили. Меѓутоа, кога ги дознавме резултатите на Берлинскиот конгрес гром не удри! Разочарувењето и очајот немаа крај. Безутешно плачев како дете. Немаше што да се прави. Требаше да се помириме со положбата. И што да се прави сега? Еден ден во училиштето ги повикав 12-мината другари. Им јавив за решението на Берлинскиот конгрес и потоа им кажав: „Какво и востание сега да правиме нема да ни помогнат. Промена на решенијата на Берлинскиот конгрес најрано може да се очекува по 20 годинн, кога ќе се променат односите помеѓу големите сили, та во едно наше востание, некои од тие сили да се најдат на наша страна. Но да знаете, додека Македонија не стане втор Батак, т.е. додека не востане, нема да се ослободи". Се разотидовме. Ставивме точка на нашата револуционерна организација.

Почеток | <<Назад | Напред>>