Спомени - Иван Хаџи Николов

ЗА НАШИТЕ СОЛУНСКИ КНИЖАРНИЦИ

Сега да се вратам малу назад за мојата книжарница.

Отворањето на мојата книжарница се покажа како задоволување на неопходна потреба. Од множество учители добив писма, во кои пишуваше: „Многу добро направивте што отворивте книжарница, за да се спасиме од неподнесливиот монопол на Самарџиев. Тој човек праќа учебници и други ученички и канцелариски потреби кога сака и колку што сака и по цена каква сака тој. Многупати ни ги испраќа стоките во јануари и февруари, иако ги добил парите уште во септември.“

Иако доцна ги добив учебниците од Д. В. Манчов, сепак во ноември и декември 2-3 училишта купија од мене учебници, бидејќи им беше здодеало да ги чекаат таквите од К. Г. Самарџиев, па испрати кај мене човек, да ми каже дека ако ја затворам книжарницата, тој, (К. Г. Самарџиев), ќе ја навел Егзархијата да ме назначи за учител пак во Солун, и тоа не со платата од 110 турски лири, колку што добивав порано, туку со плата од 150 турски лири. Се разбира, јас одбив. Доаѓаа пак други луѓе да ме убедуваат да отидам некаде во провинцијата, и таму да бидам книжар, затоа што во Солун, при постоењето на една книжарница на Самарџиев, која владее со целиот пазар во Македонија, нема да можам да успеам и ќе банкротирам. Јас им велев дека ако не можам да успеам во Солун, како интернационален и трговски град, во провинцијата ни најмалу нема да успеам.

Во текот на распустот во 1894 г. ги отпечатив веќе подготвените учебници за основните училишта. Речиси сите мои бивши ученици од Солунската гимазија, распрснати сега низ цела Македонија како учители и директори, ми станаа мои муштерии, бидејќи моите учебници беа поевтини. Така читанката за второ одделение на Самарџиев чинеше 7 гроша, а мојата 3 гр.; неговата читанка за 3 одд. чинеше 8 гр., а мојата 5 гр. итн. Споредувајќи ги цените на моите учебници со оние на Самарџиев, луѓето ја здогледаа големата експлоатација што ја правел Самарџиев во текот на толку долги години, кога тој бил единствениот книжар - издавач. Сето тоа ги озлоби К. Г. Самарџиев и неговиот автор Анастас Наумов, и тие почнаа во мене да гледаат свој смртен непријател. Та започнаа безгранични и без запирање прогони и клевети против мене и против Организацијата.

Успехот на мојата книжарница, заземањето од нас на управата во солунската општина и пробивањето на револуционерната идеја меѓу интелигенцијата во Македонија, ја наштрекнало не само опозицијата во Солун на чело со К. Г. Самарџиев, туку и самата Егзархија. Па Егзархијата му наложила на К. Г. Самарџиев во пролетта 1895 г. да тргне низ Македонија за да агитира против рев.организација. К. Г. Самарџиев обиколил поголем дел од Македонија и насекаде говорел против Организацијата, а најмногу против мене, велејќи дека јас сум бил учител што бил избркан од Егзархијата, дека сум никаквец, и дека сум си создал партија во Македонија па сум ја фрлил земјата во оган. Кога во време на распустот ми доаѓаа учителите, пред кои ова го зборувал Самарџиев, ми ги соопштуваа тие негови искажувања, јас им одговарав: „Тој зборува така против мене затоа што му е мака што и јас сум книжар; ако не бев книжар немаше да зборува така против мене.“

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина