Спомени - Михаил Герџиков

IV

Положбата на Организацијата во Одринско. - Недостнг од оружје. - Г. во Софија. - Терористичката теорија на Б. -Советување по допрашување од ЦК дали да има општо востание. - Се прифаќа мислењето за одделни атентати. - Герџиков врши неуспешен обид за атентат на пругата кај с. Черкезќој и Сенекли. – Мачно враќање на четата до с. Велика. - Г. тешко болен.

април

Се задржав таму, ги прегледав сметките на околискиот комитет, како обично. Имаше спорови меѓу дејците, требаше да ги разгледам.

Ајдучко разбојништво со чети беше мошне развиено во Малко Трново, и јас обрнав внимание дека треба да се уништи тоа разбојништво, што ни пречеше. Разбојниците беа сe месни Бугари, па некои од нив влегоа во четите во време на востанието. А во Мустафа Паша беше повеќе развиеи шверцот, главно од градот. Дури и дејци на Организацијата во градот се занимаваа со шверц. Мустафа Паша ми остави впечаток како центар со најмногу интелигенција во сиот Одрински вилает, - имаше многу интелигенти. Кај нив како агитатор-војвода порано дејствуваше Александар Кипров. Од една страна тој беше орган на ЦК и земаше од него средства за издржување на својата чета во мустафапашкиот реон, а истовремено земал тајно средства и од Сарафов. Тој е ученик на Павел Генадиев, што бил учител во Мусгафа Паша пред 15 години. Кипров е родум од Мустафа Паша. Вистинското име му е Александар Димитров, а потем, откако стана поет, се преименува во Кипров. Меѓу луѓето во реонот на Кипров имаше шверцери, како од селата така и од градот и од Хибибчево (Љубимец). Како началник на реонот Кипров имаше назначено за курири луѓе кои истовремено сн ја бркаа својата шверцерска работа - им добавувале на пловдивските трговци шеќер, зејтин, жито и сл.. Тоа претставуваше вистинска деморализација. Катерински и неговите другари узнаа за сето тоа; револтирани ми раскажаа за сe и ми изјавија дека не сакаат никаква чета во реонот, и се нафаќаат самите да вршат обиколки низ селата, заради агитација, откако ќе се распределат низ реонот, без да има чета што ќе ја злоупотребува положбата и би го подложувала на опасност населението. Веќе предвидувале можности од настанување на афери. Јас го одобрив нивниот предлог, и заклучив дека штом имаат толку интелигенција, нема потреба од чета, па беше решено во тој крај да нема никакви чети, и самото околиско раководно тело да ја врши агитацијата. За Кипрова тие ми ги поднесоа неговите сметки - за трошоците за издржување и вооружување на неговата чета. Заклучив дека прикажаните расходи се многу големи, направив препис од тие сметки.

Заминав во Хибибчево - во Бугарија. Тука се наоѓаше пограничниот револуционерен пункгг за тој крај. Таму го побарав Кипров, но тој беше заминал за Софија. Во тоа време Делчев се имаше вратено во Софија (тоа беше веќе накај Божиќ 1902 година). Требаше да дојдам во Софија, затоа што во Одрин имавме решено ништо да не внесуваме од парите собрани во Одринско (околу 400 лири) во касата на ЦК, туку со тие пари да си купиме оружје, бидејќи дотогаш во Одринско не е внесувано никакво оружје. Само за приватни лица за нивни пари се купувани пушки, а заедничко оружје не беше внесувано. Според тоа решение еден од окружниот комитет требаше да го купи оружјето, а јас требаше само да му препорачам. Бев испратил едно две окружни упатства, со кои строго им заповедав на војводите самите да не собираат никакви пари, а она што го има да се внесува, да биде внесувано во околиските комитетски каси. Затоа и окр. комитет требаше да делегира човек во Софија за купување на оружје.

Пристигнав во Софија, се најдов со Делчев. Со него зборувавме за положбата во Одринско. Во однос на окружното упатство од Солун, Делчев ми рече дека тоа бездруго станало по настојување на битолчани, но тој самиот рече, дека и тој бил повикан, но не сакал да оди во Солун. Уште тогаш тој признаваше дека по востанието кренато од цончевистите, положбата е затегната во целата земја - во Македонија, дека ние не можеме веќе да ја тераме онака како дотогаш, но дека не бива ни да се прибегнува кон некакво масовно движење, туку треба да се размисли за некаков нов начин на дејствување. Јас бев приврзаник на една теорија за терор, терор над административните власти во Турција. Делчев го знаеше ова мое гледиште; на вакво мислење јас бев уште во Женева, пред да влезам во редовите иа внатрешната организација. Делчев си спомни за ова мое гледиште, и ме замоли да напишам една брошура за тоа прашање. Јас немав време за такво нешто, но имав еден превод на една брошура, - речта на Emil Henri (тој фрлаше бомби во Париз во една кафеана). Делчев со средства на Организацијата го овозможи печатењето на таа брошура. Атанас Раздолов го стави своето име како издавач. Целта беше да се подготват одделни терористички кружоци, кои на своја лична иницијатива, ќе преземаат терористички акции. Делчев настојуваше јас самиот да заминам во Македонија, и по градовите да основам такви кружоци, кои од друга страна да бидат во врска со ЦК, да дејствуваат во согласност со него, и да го известуваат за сe. Јас сметав дека такви терористички кружоци можат да постојат врз звтономни начела, и поради тоа не прифатив, а освен тоа бев мошне ангажиран во Одринско. И така тоа прашање остана нерешено, туку само разменивме мислења.

Помина прилично време, дојде месец јануари, и тука пристигнаа Гарванов и Думев, како делегати на солунскиот конгрес, да поднесат извештаи за решенијата што биле прифатени таму, и да го сондираат мислењето на нелегалните дејци, што тука беа собрани случајно во голем број.

Тие известија за решеннјата, прифатени на солунскиот конгрес, на низа собранија. Јас и Делчев останавме мошне изненадени од смелите решенија, што тие ги прифатиле, дури без да ги консултираат и повеќето истакнати дејци од битолските. Наспроти доводите што тие ни ги наведуваа, ние не можевме да се согласиме со нив, дека е настапен часот за кревање на општо, масовно востание. Ние им изјавивме дека оној што сака да крева востание, нека го крева, но ние во тоа нема да земеме учество. Силно настојуваа за кревање на востание Гарванов, Матов, Татарчев, Мартинов. Пере Тошев, запрашан за своето мислење, премолче. Тоа беше чудно. Решителни против востанието категорички бевме јас, Делчев, Ѓорче и Стефанов. Откако толку силно се спротивставивме, не запрашаа што можеме ние од своја страна да предложиме наместо тоа решение. Тогаш ние, како што порано зборувавме со Делчев, предложивме да се прифати принципот на одделни терористички акции. Јас подробно ја изнесов таа своја мисла, на собранието. Ѓорче ми даде поддршка, и таа беше прифатена во смисла да не се крева кикакво востание, туку да се преземаат одделни терористички организациони акции, со знаење и во согласност со Месниот окружен комитет, и, се разбира, на ЦК. Рековме дека треба да се подложат на испитание интересите на европските капитали во Турција. Противниците не прашаа дали ние сме во состојба да сториме нешто од тој вид, колку за почеток и пример. Им одговорив дека јас лично сум готов веднаш да заминам за Турција, и да извршам атентат на турските железници, врз експресен воз, или на обичен воз, или на некој военен воз. Делчев исто така изјави дека и тој е готовен уште веднаш да замине да изврши исто таква акција врз пруга. Ние таму не кажувавме дека ќе ги извршиме тие атентати, затоа што не сакавме да се знае од никој, а во предвид ги имавме пругите Одрин - Цариград и Одрин - Солун. Собранието даде одобрување за вакво нешто, и ние се разотидовме, откако ги ангажиравме солунските делегати да ја средат работата во Солун, во смисла да се одложи земеното решение за кревање востание. Кога влегов во собранието кога известуваа за земеното решение во Солун, го запрашав Думев, какво држење имал на конгресот, затоа што во Одрин зборував со Думев за тоа прашање. Тој ми одговори дека во Солун како делегат од Одринско бил против, но како воденчанец гласал за.

Откако се разделивме, јас и Делчев почнавме да се подготвуваме за атентатите што требаше да ги извршиме. Меѓу материјалите што требаше да ги земеме, требаше да имаме и по една електрична машина (суви батерии). Туфекчиев имаше само една, тешка седум килограми (потем беа добиени полесни, од 3 килограми). Бидејќи и на Делчев му беше потребна таква машина, јас му ја отстапив нему, а самиот зедов петарди. Делчев замина пред мене, затоа што имаше работа на границата, и требаше да среди со каналот за префрлување. Јас останав тука да ја подготвам својата чета и да се погрижам за оружје. По десетина дена, во крајот на јануари 1903 год., и јас заминав за Турција, со 25 мина другари, добри другари: Иван Варналиев, Крсто Б'лгаријата, Цено Куртев (од Пирдоп, беше постар подофицер; потем го убија во Македонија), Пенчо Шиваров (од Чирпан, и тој беше постар подофицер во Бургас), Петар Ангелов (од Хасково, подофицер), Мих. Даев (од Балчик), Димитар Општински (од Пловдив), Јордан Бошков (од Велес; тој се врати уште патем). Другите беа сите одринчани, комити, сите познати на мене од порано, избрани луѓе. Заминав првин за Бургас, и оттаму преку Аланкаирјак, преку с. Велика, потем преку с. Пенека, каде има бугарски колиби, за Апортес. Оттаму ја напуштивме територијата на Организацијата. Беше договорено терористичките акции да бидат извршувани надвор од територијата на Организацијата, за да не создаваме афери на Организацијата. Тргиавме накај с. Странџа, потем на југ, и скршнавме од планината па осум часа патувавме низ поле, меѓу грчки и турски села, до Черкезќој и Сенекли (турски села). Таму везден прележавме мешечки во едни ниски грмушки, високи до метро и половина. На 17 февруари стасавме меѓу тие две села. Маршот беше многу забрзан, многу се изнамачивме. На 17 и 18 ја прегледавме пругата, избравме место и според возниот ред гледавме дали возот минува точно според возниот ред. Го избравме патничкиот воз, затоа што тој минува ноќе, а експресот дење, а дење не можевме да стапиме во акција. Чекавме три дена. Во грмушките поминавме две и пол ноќи. Паѓаше снег, беше студено. Видовме дека возот поминува во 1 ч. и 15 минути ноќе. На 19 вечерта отидовме до самото место. Поставив стражи од двете страни, за да не дојде некој од надгледниците на пругата. Ја поткопавме пругата, и јас за поголема сигурност поставив два експлозива (од 25 килограми и во обата) и две петарди. Кога со Делчев правевме испитувања со една машина, петардите, што ги поставувавме, не експлодираа веднаш, и ние затоа досипувавме барут од Лебелов револверски куршум, и на тој начин петардата експлодираше убаво и добро го запалуваше фитилот. Така постапивме тука, досипавме и барут, и кога сe беше подготвено, на едно четвртина час пред да стаса возот, се повлековме на растојание од 200-300 чекори, и залегнавме од страна, да го чекаме возот што доаѓаше од Цариград. По малку се покажа возот, и ние напрегнато исчекувавме. Мнозина се беа исправиле простум. Најпосле возот стаса, и ние чувме само два истрела, како кога ќе испука пушка. Машинистот ја запре локомотивата. Ние не можевме да се стрпиме, јас скокнав, се стрчав, другарите по мене, машиновозачот не виде, пушти полна пареа, и избега со возот. Останавме како збигоросани. Јас бев очаен, сакав да се самоубијам, но другарите не ме оставија, и затоа оставивме сe - и динамитот и фитилот, и тргнавме назад, растурена команда, измачени, жедни. Стасавме до еден ѓол, во кој се капат биволи, и повеќето од момчињата се нафрлија да пијат од водата. Завеа виулица, мраз, ние водени три дена бевме натопувани, а требаше да брзаме, да ја фатиме планината, бидејќи во Черкезќој имаше коњица и знаевме дека штом ќе стаса возот до Черкезќој по нас ќе пратат коњица. Неколку ноќи не бевме спале, момчињата одеа спиејќи, паѓаа во млаките. Пушките ни беа извалкани со кал. Да беа не нападнале, можеа со камења да не потепаат. Не раздени уште во полето. Падна една мошне густа магла. Се движеше само со помош на компас. Курирот, што некогаш бил таму овчар, од премореност изгуби свест. Неколку од момчнњата, што беа напред, ги наоѓам паднати во едно млачиште како спијат. Ги разбудувам и ги повикувам да одат напред, а тие не сакаат, не можат. „Па и нека не убијат ако сакаат" - ми одговараа. Половината од момчињата беа облечени во турска војничка облека, тие знаеја и турски. Имавме еден комита, Хр. Арнаудов (од Мустафа Паша), тој бил чауш, знаеше убаво турски. По долги талкања едвај се довлечкавме до шумата, до селото Сарај, но не смеевме да се задржуваме тука, и го продолживме патот до оние бугарски колиби Апортес, каде отпочинавме трошка. Како што врвевме ние, патувавме два дена - една ноќ до шумата и една ноќ низ шумата. Од Апортес до возот и назад до Апортес, поминаа 10 дена. Оние од иителигенцијата за чудо мошне повеќе ги издржуваа и гладот и изморката, а попростите, штом не јадат, поскоро капнуваат. Најпосле се довлечкавме до с. Велика, што беше едно од најбезбедните села во Одринско. По пат сретнавме некои Турци - дрвари. Другарите сакаа да ги убиеме, но јас не оставив. Им велев дека можеме да ги убиеме, но бидејќи претпоставувам оти имаат деца и сл., им објаснив какви луѓе сме ние и сл., та најпосле ги пуштивме. И тие нe предадоа. Влеговме во една грчка колиба, ризикувајќи со тоа да бидеме предадени. Имаше брашно, направивме питулки, каснавме. Потем поминала коњицата, но Грците не нe предале. Во Велика се задржавме цела недела. Потоа селаните од Велика ни се оплакаа на едиа разбојничка чета, што прилично им пакостела. Јас требаше да заминам пак во обиколка во другите реони, па го оставив Крсто Б'лгаријата да ја испита работата, и ако може да ја фати четата и да ми јави. Го зедов со себеси Ив. Варналиев и само со него заминав во лозенградскиот реон, за да се сретнам со Лазар Маџаров, да му раскажам за сe што сме решиле во Софија, и да видиме дали и тој може да преземе некоја терористичка акција, бидејќи јас не смеев да се обидувам по вторпат. Со Маџарова се сретнав пак во с. Иниџе. Разменивме мислења, и се определивме на еден план за атентат, пак на пругата накај Бабаески. Определивме и како да го извршиме атентатот, бидејќи е многу далеку. Јас и другите, 4-5 мина, преоблечени во униформи на суварии, на коњи да отидеме накај Бабаески, и таму на некоја точка да го извршиме атентатот. Маџаров осгана во оние села да врши агитација. Јас заминав во Каракоч, близу до Лозенград, за да си оправам пат за да влезам во Лозенград, каде да ја закрепнам Организацијата, и да нарачам да ми сошијат сувариски облеки, што ми беа потребни. Но по пат меѓу Иниџе и Каракоч заврна мошне силен дожд (бев само со Варналиев). Својата пелерина му ја бев дал на еден другар, настинат порано во една експедиција, та бев ненаметнат, а дождот врнеше 6-7часа. Во Каракоч побаравме кошули и гаќи од црквата (таму даваат дар на црквите, гаќи и кошули). Меѓутоа излезе дека немаше, и јас, натопен, заспав, па настинав и се разболев од пневмонија. Петнаесет дена сум лежел речиси во несвест. За среќа еден лекарски помошник, наш активист, ми даде лекови за исфрлање на балгамот, па се оправив. Потоа многу бев заслабнат, едвај можев да зборувам. Како болен не лежев во Каракоч, туку во едно друго село, му го заборавив името. Во времето додека лежев болен, лекарскиот помошник ми даваше лекови, испраќав курири во Лозенград, и аптекарот, Грк, се посомневал дека тука во некое село лежи некој болен, за кого многу се грижат. Рецептите не беа потпишани од лекар, па тој не сакал да дава лекови, а другарите го заплашувале и др. Гркот ме поткажал, но другарите благовремено ме качија на еден коњ, и заминав за Гергебунар, а оттаму - во Пловдив, кај своите, каде уште се лекував и отпочинував.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина