Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Михаил Герџиков

Спомени на Михаил Герџиков за неговата дејност во Одринско, Цариград 1925 год.

До 1902 г. во разни кази на Одринско имаше организации создадени од некои војводи. Меѓутоа, во нивното работење немаше единство, си пречеа едни на други бидејќи секој работеше на своја глава. Се случуваше некој војвода да забранува да се пренесува нешто за друг низ неговиот реон. Природно, во таква состојба и не само работата не одеше туку и создаденото се доведуваше во опасност. Народот остануваше под впечаток на несогласувањата и расправиите помеѓу војводите и агитаторите отколку под влијанието на Организачијата, на нејзиното дело. Сето тоа влијаеше дејците во Одринско да ја согледаат потребата од средба. До средба дојде по Велигден 1902 г. во Пловдив.

По нивно барање ЦК испрати свои делегати: Гоце Делчев и мене. Туше Делииванов беше присутен како задграничен претставник.

На конгресот на одринци особено се истакна Л. Маџаров. Тој вешто и аргументирано му се спротивстави на сарафизмот. Откако ја изнесовме положбата на Револуционерната организација во Македонија, како таа работи, одринци ја сфатија потребата од единство та побараа ЦК да им испрати свој полномошник. Тие дури го поканија Делчев. Се разбира тој не ја прифати поканата, бидејќи беше многу зафатен во Македонија. Тогаш се донесе решение ЦК самиот да го определи својот полномошник. Мене ме определи. И Делчев беше на истото мислење. Тој беше мојот идол. Поради неговиот авторитет есента 1902 г. ја напуштив Македонија и како полномошен на ЦК својата дејност ја пренесов во Одринско.

По Странџа Планина најдов добро подготвена почва за организациона работа. Требаше сето тоа да се уреди по примерот на македонското ослободително дело. Две причинн придонесоа тоа брзо и лесно да се сврши: прво војводите ја сфатија суштината на револуционерното дело и, второ, Бугарите во Одринско се покажаа поподатливи за организирање отколку македонските Бугари, бидејќи по природа беа покултурни.

Големата свест на војводите во Одринско за заедничка работа во многу ми помогна на мојата задача. Сe се уредуваше без притисок и амбиции, на другарски основи, кои секојпат се штетни за едно револуционерно дело.

Главните внатрешни дејци се делеа на два дела: подвижни и неподвижни. Првите работеа меѓу народот, тие знаеја колку тој е подготвен за борба, затоа и беа против да се подигнува сенародно востание. Вторите главно беа во Централниот комитет. Тие однапред беа убедени дека востанието нема да успее, но мислеа да се направи буна, за Европа да се заинтересира и да се замеша во интерес на потиснатиот народ. Тоа беше и стојалиштето на бугарската влада - да се компромитира Хамидовата власт. Затоа нне подвижните, за ЦК велевме царски.

Овие спротивставени мислења на подвижни и неподвижни дејци создаваа триења, кои не прекинаа ниту по смртта на Гоце Делчев. Тие беа причина за востанието во Македонија и Одринско да не се подигне во исто време.

Од своја страна, сарафистите и врховистите работеа против подвижните и неподвижните дејци на Внатрешната револуционерна организација. Секој настојуваше да го наметне своето. Така се дојде до различни ставови и до немањето на единство помеѓу првите луѓе на револуционерното дело. За среќа не позволив тоа неединство да се пренесе во Одринско кога тоа во Македонија доби карактер на самоистребување што ги јаде децата на револуцијата.

Јас и Делчев бевме за терористичкиот начин на делување, а не за општонародно востание. Со него се договоривме да направиме обиди - атентати по пругата: тој во Ангиста, а јас во Синеклиј. И двата пункта беа во средината на турско и грчко население, во Македонија и Одринско. Со тоа сакавме да го сочуваме бугарското население од пустошење а Организацијата - од растројство. Таквата тактика ги доведува во опасност четниците, додека пак востанието го изложува народот. Во тоа е суштинската разлика помеѓу терористичкиот метод и методот на ЦК за општонародно востание.

*

Во време на моето одење низ Одринско, кон крајот на 1902 г. додека беа во Каракоч (до Лозенград) добив писмо од ЦК. Ме викаа на конгрес во Солун за разгледување на прашањето за востание. Во писмото се велеше, дека доколку не сум можел да отидам, некого да овластам да ме заменува. Маџаров не прифати да оди наведувајќи дека не сака да се расправа со даскали, како се изразуваше, а и се чувствувал подобро меѓу народот. Тогаш од истово село му напишав на Велко Думев, гимназијален професор во Одрин и претседател на Окружниот револуционерен комитет, дека го овластувам да оди во Солун, и го запознав со моето мислење по прашањето за востанието како и по прашињето за терористичките акцни и тактнка. Меѓутоа, во Солун гласал за востание. ЦК го искористи неговото држање, и му напиша на Гоце Делчев, со цел да го придобие на своја страна овој голем деец на револуционерното дело, дека и Одринско се приклучило кон мислењето за востание. Делчев бил изненаден од тоа писмо на ЦК та му напишал на Д. Стефанов, сега адвокат во Бургас, а при средба со П.К. Јаворов и нему му рекол, како и на Хаџидимов кој беше со Делчев се до неговата смрт следниве зборови: „Небаре и Мишел ме остави да се борам со овие луѓе што сакаат востание"?

Во Одринско и поради неговата специфична положба, не беше добро да се подига востание. За револуционерното движење во него се уште не се зборуваше. Од своја страна политичките прилики во овој крај не беа погодни. Русија не сакаше да допушти едно такво движење пред Цариград, бидејќи овој праг го држеше слободен за себе. Прашање беше дали Европа беше спремна како во 1876 г. да им помогне на потиснатите. Ете затоа јас и по решението во Солун бев против востаннето и никако не можев да се помирам со држањето на Велко Думев. Побарав со писмо да ми објасни зошто не се застапил за она што му го бев напишал во писмото од с. Каракоч. Тој ми се извини дека на Конгресот гласал за востание како Воденчанец а не како застапник на одринци. Јас патем протестирав кај ЦК дека Думев не го изнесол мислењето на Одринско. Кога скоро потоа го сретнав во Бугарија лично го искарав, затоа што си ги зголемил правата. Некои врховисти се обидоа да се протнат и во Одринско но таму не ја допуштив партизанштината со револуционерното дело. Бозуков дури побара да оди во Малкотрновско. Му се заканив со смрт.Делчев ме задржа да не одам во крајност, но и Бозуков не дојде по агитација.

На 22 април 1903 год, Делчев беше убиен. Судбината отстрани една голема пречка во борбата да се спроведат решенијата на Солунскиот конгрес. Освен тоа ЦК го придоби на своја страна тајниот противник на подвижните, Сарафов, а исто така и Дамета Груев. Последниот самиот попадна под влијание на првиот. Тој му допушти на Сарафов слободно да заседне во неговиот реон - во Битолско, што го сметам за голема грешка на Даме. Неговото зближување со орудието на кнезот Фердинанд доведе до конгресот во с. Смилево, кој донесе решение востанието во Западна Македонија да се подигне на 1 јули 1903 год.[1]

Од големите подвижни дејци само Сандански не се приклони кон решението на Солунскиот конгрес. Меѓутоа, за неговото мислење многу не се водеше сметка, затоа што неговиот реон беше на границата, та можело лесно да го вовлече во востанието, со тоа што ќе му испратат неколку чети преку граница, ќе ја предизвикаат реакцијата на турската власт и со тоа ќе го принудат да реагира против неа. Според тоа остануваше ЦК да го придобие Одринско, што беше невозможно само затоа што не земавме пари за ослободителното дело од него (ЦК), а сe сами правевме и си набавуваме со месни средства од народот. За да не доаѓа до злоупотреби парите не ги собираа четите туку раководителите на пунктовите.

Во мај ја добив одлуката на Смилевскиот конгрес за востание во Западна Македонија. Бев изненаден. Бидејќи немав смелост сам да изградам став по прашањево, организирав конгрес што се одржа на Петрова нива на кој присуствуваа сите војводи, четници, раководителите на окружните и околиските пунктови. Конгресот започна на Петровден и траеше четири дена едноподруго. Главно беше прашањето за обновување на востанието и за спремноста на нашата Организација за тоа. Катерински беше против, бидејќи секој сличен настан е катастрофален за народот. Јас му одговорив во смисла на тоа дека ние Одринци сме пред дилемата дали сега да дигнеме востание или воопшто да не го правиме тоа. Бидејќи Македонците се дигаат сега, дали ние Одринци по две-три години ќе можеме сами да востанеме? Сите се согласивме дека стравувањата на Катерински се оправдани, но пред дилемата дали сега или никогаш да не востанеме, претпочитавме, од братска солидарност и во помош на Македонците, сега да востанеме.

Бидејќи Катерински во својата реч рече дека ако конгресот реши да се дига востание Свиленград нема да земе учество во него, тој беше изолиран во една колиба.

Во тесен круг јас се искажав протпв востанието. Меѓутоа, пред дилемата се определив за, за да може заедно со македонското да се подигне и прашањето за Одринско,. Меѓутоа, бев убеден дека востанието нема долго да трае.

Според мене Одринско морално беше спремно за востание но не и материјално. Веќе реков дека тракискиот Бугарин е покултурен, природно поинтелигентен. Затоа Одринско во поглед на Македонија, каде одамна се работеше, морално во кратко време подобро беше организирано. Поради овој недостаток му предложив на Конгресот востанието да почне подоцна, да му се даде право на Бојното тело тоа да го одреди денот. Освен тоа се реши востанието да ја опфати само Странџа Планина, воопшто Лозенградскиот санџак, а во Одрин, Свиленград и во Западна Тракија да се применат терористички акцни, со тоа што за таа работа да се влезе во контакт со Ерменскиот револуционерен комитет. Во Бојното тело ме избраа мене, Маџаров и капетанот Икономов. Последниов беше скоро дојден во движењето, но беше избран како офицер. Ние тројцата за ден на востанието ја определивме средината на август, а потоа заминав за Бугарија со цел ЦК да го информирам и да купам оружје.

Добив телеграфски одговор од ЦК, дека штом Одринско уште не е готово и востанието во Западна Македонија се одлага за 20 јули по стар стил - Илинден. Им одговорив дека сум за средината на авгусг. Со тоа го доведов ЦК во неизвесност во однос на Одринско. За секој случај македонското востание се одложи заради нас, одринци, а потоа тоа пак го забрза востанието во Странџа Планина, кое наместо во средината на месецот се подигна на 5 спроти 6 август.

Од браќата Иванови купив кримки по 10 лева едната. Истиве пушки тие им ги продаваа на Турците по 40 лева едната, а ги беа купиле по 1 лев од бугарската влада. Од своја страна пак од Туфекџиев купив динамит, пеколни машини и други материјали 5-10 пати поскапо од цената на чинењето.

Знаев кога почна Илинденското востание. Но од тактички причини не брзав да дигнеме и ние востание: чекавме турската војска да замине за Македонија и патем да востанеме. Меѓутоа Карајовов и Наумов, кои во Софија го издаваа весникот„Македонија" и беа трубачи на македонското ослободително дело, околу 24 јули објавија дека и во Одринско имало востание и дека во М. Трново гарнизонот бил разбиен, и другн слични невистини. Кога го прочитав тоа, за власта да не почне со претреси и да ја растрои Организацијата спроти востанието, го повикав Бојното тело и тоа реши да востанеме на блискиот празник Преображение Господово, на 5 спроти 6 август.

На 4 август како демонстрација поради убиството на рускиот конзул во Битола, Ростовски, во Енијада беше дошла руска морнарица. Кога ноќта на 5 август се дигнавме в. „Автономија" напиша дека руската морнарица ни помага и дека ние, востаниците сме ја поздравиле. И тоа беше измислување. Вистината беше дека руските офицери се симнале на брегот за лов. Војводата Петар Ангелов ги фатил со својата чета. Тие му рекле дека се на турска територија, а тој им оговорил, дека се во револуционерна зона и ги повикал да се вратат на бродот.

Знаев дека со кримки многу работа не може да се направи, но верував дека ќе ги промениме со турски маузери, што и се случи. Востаннкот дедо Ѓорѓи (од Паскалово) не сакаше да си ја смени пушката. „Не ја давам, вели тој, својата кримка, бидејќи таа ми е како топче; штом ќе пукнам станувам да видам каде ќе падне куршумот". Сите се смеевме. Со такви пушки не може успешно да се води борба, со војска до крај вооружена со модерно оружје.

Во Одринско дојде до поголеми пустошења, се дадоа повеќе жртви отколку во Македонија. Причината за тоа беше во тоа што зоната на востанието во Македонија беше поширока и подалеку од Цариград, додека Одринско беше вратата на турската престолнина кон Балканот. Имено таа околност објаснува зошто Турците со поголема жестина се нафрлија врз Бугарите во Лозенградскиот санџак, жестоко се пресметуваа со нив, пустошејќи многу села, зедоа многу жртви, и маса народ протераа во Бугарија.

Сите нелегални дејци во Одринско беа луѓе предани на делото. Маџаров и Кондилов беа чудни војводи, со голем авторитет меѓу своите четници и меѓу народот.

*

За Синеклиј заминав со 25 четници преку Странџа. Беше февруари. Освен храна и наоружување секој носеше и експлозив, та товарот приближно тежеше 40 кила. По патот не врнеше голем дожд. На 18 февруари 1903 год. дочекав да помине возот, за точно да го видиме времето на поминувањето и да го подготвиме експлозивот. Не нападнаа овчарски кучиња. За да не нe издадат им го фрливме половината од пексимитот. Кон полноќ, до еден мост на кривина го поставивме експлозивот и се повлековме околу 300 крачки од пругата, да го чекаме резултатот. Во еден часот се појави возот. Се слушна слабо пукање. Локомотивата се поврати назад и потоа со голема брзина појде напред. Не дојде до запалување на експлозивот. Не зафати разочарување - фитилот бил влажен. Се каевме зошто не го урнавме мовчето, тоа се предлагаше но јас не го прифатив предлогот, убеден дека 40 кгр. експлозив ќе ја сврши работата.

Кога најпосле навлеговме во Странџа на една височинка забележав бачило. Наредив Хр. Арнаудов (од Свиленград), кој знаеше турски јазик, со другите четници, облечени во турска војничка униформа да влезат во бачилото, и сите други останавме надвор. Арнаудов ги исплаши: почна да ги тепа, за да кажат дали виделе комити, им го зеде лебот и сите продолживме. Два часа потоа во истото бачило дошла потера. Грците и` рекле дека пред неа овде веќе била потера, па дури и им кажале каде тргнала, та оваа отишла во спротивен правец. Така сретно стигнавме во Апортес, првото најјугоисточно село од реонот на нашата организација во Одринско. Лапавицата и мандраџиите не спасија од прогонување.

Вечерта во Апортес се најадовме со млеко. Имавме само лажици. Сад немаа ниту колибарите. Еден четник најде свинска копана, ја исчисти и стави во неа млеко. По тридневен глад сите слатко засркавме. Тоа е четничкиот живот! Маки и неволи на секој чекор.

*

Убивањето на Анегности Дјаков имаше епохално значење за револуционерното дело во Одринско. По принцип секогаш бев против смртните пресуди. Меѓутоа, во случајот со Анегности отстапив од овој принцип бидејќи пред мене се поставуваше дилемата: дали да постои или не Организацијата во овој крај.

Анегности беше голем богаташ и прекупувач на даноците во Малкотрновско. За нашиот народ во Странџа Планина тој се ползуваше со име на добродетел. Штом власта ќе побараше берии ол Бугарите, тој се појавуваше како заштитник со тоа што берните веднаш ги плаќаше, за по некоја година да ги собере од народот во каков што си сакаше размер и тоа со помошта на власта. На тие што немаа пари им го земаше имотот и стоката. На тој начин многу села економски ги беше завладеал.

Кога прв пат почнав да агитирам во Странџа, населението по селата не го криеше своето незадоволство од големиот чорбаџија во М. Трново. Селаните ми велеа дека тие ќе си ги продадат кравата, телето и сe друго што имаат за да си купат оружје, но не им е јасно зошто чорбаџиите се држат настрана од ослободителното дело. Од тие причини во М. Трново ги собрав и средните чорбаџии, кои исто така влегоа во Организацијата, но тие ми рекоа дека Организацијата треба да ги опфати и поголемите од нив. Пред сe се грижев да ги придобијам масата и еснафот, та на таков начин да стигнам до врвовите, за да имам врз кого да се потпрам, во колку последниве ме ритнат.

Заедно со чорбаџиите кај мене дојдоа и браќа му на Анегности. Настојував да се сретнам и со него. Тие најпосле се согласија да му зборуваат за средба. В. М. Трново бев сам бидејќи својата чета ја бев оставил во с. Мокрушево. Постојано го менував своето место на боравење. Ми рекоа дека Анегности не сака да се сретне со мене. Му пратив покана по други луѓе, а тој одговори: „Кажете му на тој неранимајко да си оди, оти тесен ќе му биде градот". Другиот ден пак испратив за средба. Ми одговори со друга навреда: „Зарем за него нема корка леб во Бугарија, та е дојден овде да го јаде нашиот леб"? Поради авторитетот на Организацијата не сакав да правам отстапка, та му јавив, дека во колку тој не сака да дојде, јас самиот ќе отидам кај него дома. Таа вечер дома кај него на гости дошол кајмакамот. И покрај тоа јас отидов. Едно негово момче ме виде, се врати но ништо не кажало. Потоа излезе ќерка му. Од страв таа се онесвести, па јас се вратив назад. Идниот ден пак го повикав само да се сретнеме, без да го условувам да работи во Организацијата. Тој одговорил: „Овој неранимајко да си оди, инаку ќе му ја скршам главата". Вечерта истиот ден беше убиен. Веднаш го напуштив М. Трново и отидов кај мојата чета во с. Мокрушево. Идниот ден наутро стопанката влезе кај нас весела и радосно рече, дека Анегности бил убиен и дека не можеле да му ги убијат и браќата туку само него. Ја запрашав кој го убил. „Не знам, одговори, но којшто го убил, бог да го поживи"! Кога излезе од одајата ја информирав четата дека убиството е извршено по моја наредба.

Роднините на Анегности барале од Егзархијата и таа ја известила бугарската влада дека Револуционерната организација го убнла најголемиот Бугарин во Одринско, „таткото на сиромасите". Владата го поставила прашањето пред ЦК, а последниот ме опомена. Меѓутоа, за мене беше важно тоа што ќе кажеше Делчев. Со него се сретнав и од неговата уста слушнав по тоа прашање да не му обрнувам внимание на Централниот комитет. За мене Делчев беше голем авторитет и кога тој ја одобри мојата постапка се смирив.

Друга пресуда не сум издавал. Таа беше прва и последна, но умесна и целесообразна. Прашањето беше да не се сфати дека Организацијата не е способна да ги надмине капризите на еден чорбаџија. Неговото убиство го подигна авторитетот на Организацијата, тоа го респектираа сите чорбаџии и противници на ослободителното дело, тоа ги впрегна во колата на револуцијата.

Принос кон историјата на востаничкото движење во Одринско (1895-1093) кн. III, Револуционерното движење во Мало-Трновскиот реон. С. ст. Ив. Орманџиев. С. 1933, с. 140-151

1. Очигледно печатна грешка, Востанието е подигнато на 20 јули, стар стил (Б. На р.)

Почеток | <<Назад | Содржина