Тодор Александров

Роден е на 4 март 1881 година во Ново Село, Штип. Завршил Педагошко училиште во Скопје (1897-98) и учителствувал во Кочани, Виница и Кратово, каде во исто време бил и еден од дејците на ТМОРО.

Во почетокот на 1903 година бил назначен за околиски раководител во Кочанскиот реон. Како резултат на предавство, на 3 март 1903 година е осуден на 5 год. затвор и казната ја издржува во скопскиот затвор Куршумли ан. По 13 месеци, во април 1904 година бил амнестиран. Истата година бил назначен за главен учител во Ново Село, Штипско. На 10 јануари 1905 година стапува во четата на Мише Развигоров како секретар на четата.

По убиството на Развигоров, станал секретар на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев Клинчарски. На Третиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ (ноември 1907), е избран за еден од окружните војводи на овој округ. За време на Хуриетот не го предал оружјето и се повлекол во илегала.

Во почетокот на 1911 год., заедно со Х.Чернопеев и П.Чаулев  бил избран за член на ЦК на обновената ВМРО.

Со своја чета учествувал во Првата балканска војна. По Првата светска војна, зел учество на страната на реакцијата во военофашисткиот преврат на 9 јуни 1923 г. и во задушувањето на Септемвриското антифашистичко востание од истата година.

Сакајќи да постигне единство во Организацијата и да ги помири левите и десните струења, во 1924 год. во Виена го потпишува Мајскиот манифест. После негативната реакцијата на целата јавност, Т.Александров го повлекува својот потпис. Напуштен од своите дотогашни пријатели и предаден, бил убиен на 31 август 1924 година кај с.Лопово (Мелничко), на пат да присуствува на Конгресот на Серскиот револуционерен округ.

<< Претходна | Следна>> | Именик