Тодор Златков

Роден е во с.Поешево, Битолско во 1876 година. Син е на родољубиво семејство кое зело активно учество во откажувањето на селото од Патријаршијата. Во 1892/3 година завршил четврти клас во Битолската гимназија. Потоа станал учител во селата Пуста Река и Горно Дивјаци, Крушевско. Таму учитествувал 4 години. По наредба и препорака на Организацијата бил преместен за учител во родното село, каде што останал неколку години. Добил задача да го организира селото како пункт и склад при доставување на оружје. По предавствата извршени од таканаречената „Јосифова провала“ Т.Златков станал нелегален и на 22.02.1902 година се приклучил во четата на Ѓ.Сугарев. Пролетта 1903 г. се одделува како самостоен војвода за Мало Мариово.

За време на востанието зема учество во низа борби заедно со Н.П.Русински кој тогаш беше горски началник за Мариовскиот реон.

Во 1904 год. е назначен за учител во с.Неред, Леринско. Во 1905 г. повторно е нелегален и влегува како советник во Ревизиската чета на Ѓ.П.Христов во Леринско и Костурско. Во зимата 1908 г. се префрла во Бугарија. По Хуриетот, јули 1908 г., се враќа во Битола каде бил назначен за учител во основните оделенија. Во акцијата за безоружување, тој не го дава оружјето и е осуден на 15 години затвор. Летото 1911 г. е амнестиран и останува во Битола како учител до Балканските војни.

Прогонeт од Србите тој повторно доаѓа во Бугарија каде работи и го прибира семејството од Битола. Учествува во Првата светска војна.

Умира во Софија во 1919 година.

<< Претходна | Следна>> | Именик