Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Борис Сарафов

I

Куси биографски податоци. - Првиот македонски комитет во Софија. - Сарафов со голема чета го напаѓа град Мелник По враќањето Сарафов заминува во Петербург и таму стапува во Генералштабната воена академија.

.22 јануари 1905 год

Роден сум во 1872 год., на 12 Јуни во с. Либјахово, Неврокопско. Татко ми, Петар Сарафов е родум од с. Гајтаниново, а мајка ми Сирма - од Либјахово. Татко ми беше учмтел, во прво време и инспектор на училиштата, кога пок. Методија Кусевич бил секретар во Егзархијата. Првите ученици на солунската гимназија од источна Македонија ги беше собрал татко ми. Основно училиште учев во своето село, а потем продолжив во Солун да учам од II до IV одделение, а потем во гимназијата до VI клас заклучно. Потоа поминав во Софија во военото училиште. Физички бев слабичок, па татко ми сакаше да зајакнам. Уште во гимназијата меѓу себе зборувавме за идното ослободување на Македонија, па си мислев дека би било добро да се здобијам со воен опит. Татко ми, кога бев во втори клас, беше директор на бугарското училиште во Серез. Наклеветен од Грците во 1885 год. тој беше испратен на заточение, божем како бунтовник, заедно со дедо ми, архимандритот Харитон, татко на мајка ми, претседател на општината во Серез. Беа осудени од воен суд во Солун, што ги осуди на 16 години затвор, што ги одлежуваа во гр. Караман, во Кониската област во Мала Азија, каде биле интернирани. Татко ми заедно со дедо ми избегале и дошле во Бугарија во 1888 год.: се населиле во Софија каде во 1889 г, дојде и мајка ми. Во 1890 година во Солун завршив VI клас и во месец септември постапив во военото училиште. Во истото училиште во 1891 год. постапи Гоце Делчев; тој беше во втората чета, а јас во првата. Се познававме од Солун. Од Солун се познавав и со Дамјан Груев - од гимназијата, исто така и со Ѓорче Петров. Во 1893 год. завршив како офицер. Тогаш социјализмот беше во мода. Бегав од училиште и во една куќа близу до старото воено училиште се наоѓав со ученици од VII кл. па читавме илегални руски автори, се одржуваа и реферати и сл..

Како офицер ме испратија во Белоградчик, во 15-ти Ломски полк. Постојано настојував да ме прведат во Софија, и во 1894 година во мај ме преместија тука.

Токму тогаш се беше формирал првиот македонски комитет, под претседателство на Китанчева. Коста Сарафов, чичко ми, може да раскаже подробно за основањето на Комитетот во Софија.

Тука веќе се запознав со делото. Претпоставував со Китанчева да започнеме со поактивна дејност. Уште во текот на зимата 1894 година почнав да собирам чета. Дење одев во касарната, а навечер ги обучував комитите во крчмата - ан „Нов свет“ (на улица Пиротска). Повеќето од нив беа Македончиња, меѓу нив имаше и еден постар, дедо Димо, арамија.

Со Китанчева велевме дека треба да покажеме знак на живот идната пролет со некакво подвижување, за да предизвикаме интервенција од големите сили, па во Македонија да се примени членот 23 од Берлинскиот договор. Китанчев се согласуваше со тоа. Низ Бугарија за тоа веќе се одржуваа и митинзи, а во Софија имаше и македонско друштво, па и другаде околу 20 друштва, Нив одеше да ги организира низ провинцијата Китанчев. Комитетот се грижеше да набавува средства, пушки, и сл.. кога ќе има потреба. Јас агитирав мегу работниците Македонци за да се подготвуваат за комити, па и меѓу офицерите, да се подготвуваат секој кој што сака. Наближи летото. Јас се најдов со офицерите - покојниот Мустафа, Начев, потем Гаруфалов, Луков, Венедиков, и му ги претставив на Китанчева откако од нивните прикажувања разбрав дека сакаат да земат учество во претстојното движење. Јас и Китанчев заедно темелно разгледувавме заедно со тие офицери, како да се изврши тоа. Претходно се испратија помали чети, првин под водство на Димо Дедото, потем на Никола Херојот и други. Јас со офицерите заминав во Ќустендил, каде имаше една чета од 200 мина. Заминавме на 16 јуни. Таму во месноста Хајдушки кладенец, над село Граница токму расправавме како да заминеме - таму беше и Китанчев, - дојде телеграма од татко ми до Китанчев, со која ме моли да си отидам во нашите места. А пак токму во тоа време имаше една чета, формирана во Дупница од Кочо Муструкот и Кољо Ризов. Беше решено да се дополнат со некој од интелигенцијата, и Китанчев укажа на мене, во согласност со телеграмата од татко ми, за да отидеме во Источна Македонија, а другите да отидат во Струмичко. Така и направивме. Четата од Дупница, 40 мина, се подготви; зедов некои и оние момчиња, што ги обучував во текот на зимата. Тргнавме и ја минавме границата на Петровден, преку Кадиин гроб (по Илиината река). Дојдовме до селото Драглишта, патем поминавме ноќно време, скришум од населението, крај селото Банско, и стасавме на Пирин Планина. Им паднавме на товар на Власите, овчари. Тие за првпат беа виделе таква чета, и тоа со луѓе од интелигенцијата; дотогаш среќавале - само арамии. Кочо Муструкот, покажувајќи им на мене, им велеше: „Досега доаѓавме по арамилак, а сега веќе доаѓаме - за народното дело гледате какви луѓе се дојдени“. Јас бев во офицерска униформа. Тука ја затековме четата на дедо Анчо - од 25-мина, та вкупно станавме 65-мина (околу 8 или 9 јули).Решававме што да правиме понатаму. Мене ми беше мошне тешко да ги наговорам тие луѓе за извршување на патриотски подвизи. Поголем дел од нив си имаа на ум само да кренат некоја мала тупурдија, па и ќесето да не им остане празно, пак и да не загинат, ами да си се вратат во Бугарија. Јас им докажував дека многу поголемо значење има ако го нападнеме град Мелник, па дури и само пет чивтиња да фрлиме, туку во градот да ги испукаме. Ми требаше долго време да ги кандисам при овој напад да се воздржуваат од секаков грабеж, за да остане акцијата чисто патриотска, политичка. Потем, за да ги заполтам, им реков дека отпосле, на враќање некаде може да се допушти и пљачка. Турците узнаа дека има дојдено некаква чета, и беа презеле мерки, така што тешко можеше да се влезе во градот Мелник. Зада им го отргнеме вниманието, се упативме накај Неврокоп. Турците во Мелник се успокоија и им јавија на своите во Неврокоп да не пречекаат. Ние се вративме пак кон Мелник. Преку ќумурџиите узнавме дека Турците се опуштиле, и не го вардат местото - премините. Со брз марш на 12 јули в зори стасавме во градот, откако ја зазедовме теснината, за да не може однадвор да им дојде помош на Турците. Уште оддалеку поставивме стражи. Ја зазедовме околиската управа. И стражарот во стражарската просторија беше задремал, па и заптиите, 7-8 мина, и тие спиеја, така што со сите нив лесно излеговме накрај. Потоа друг дел отиде на поштата, за да го расипат телеграфот. Аскерот, околу 200-мина, беше сместен во касарната во долниот дел на градот. Поштата ја зазедовме, при што како жртва падна само телеграфистот.

Ги запаливме поштата и околиската управа. Внатре имаше 24 товари муниција, па дојде до силен грмеж. Пожарникарите, што си помислиле дека е „јанг`н“ доаѓаат да го гаснат пожарот. Блиску до околиската управа се наоѓаше и затворот; ги искршивме вратите од затворот, и затворениците побегнаа. Пукаме по пожарникарите, - паѓаат мнозина. Други излегуваат со стомни за вода, со фесови; момчињата не можеа да ги распознаваат, па загинаа три-четири мина Грци (таму е грчко маало). Зафативме пусија сред улицата, и по соседните турски куќи; семејствата ги одделивме под стража на друга страна, а ние се сместивме крај прозорците. Дојде војската. Еден - два плотуна од наша страна и паднаа неколцина; пак се вратија, пак плутон - ура! Турците си помислија дека се опколисани; отстапија, војската се растури низ полето. Некои од Турците почнаа да пукаат од прозорците на куќите, и ние тогаш заповедавме да се запалат некои куќи, па изгореа околу 37 турски куќи.

Во почетокот, уште кога се наоѓавме во околиската управа, благајникот што живеел спроти зградата на управата, излезе уплашено, си ги трие очите, се кажа кој е и беше убиен веднаш. Меѓутоа, не се зедоа никакви пари. Мудурот го немаше. Собравме некои поистакнати луѓе, им кажавме за целта на нашиот напад - слободата на Македонија. Беше опасно да се останува внатре, едно поради тоа да не го заземат озгора патот, па да не можеме потем да излеземе, пак и момчињата да не започнат со пљачкосување, затоа што и војводите беа арамии, сакаа да го фатат грчкиот владика, за да земат пари, но ги спречив.

Кон пладнина излеговме од градот со два товара храна и вино. Се искачивме на врвот Кукла, многу убаво место за борба. Таму се разместивме за отпочинување. Имаше 2 лесно ранети момчиња. Утредента се предвидуваше дека ќе пристигне потера. Кочо Муструкот ни рече дека тој ќе се оддели со 16 момчиња, и дека ќе се видиме пак по некое време. Тој виде дека со нас нема арамилак. Тој потем го нападна гркоманскиот манастир и таму ограби калуѓери, им зеде до 40 лири. Ние, 45-мина, продолживме со патот. Потерата не навтаса над селото Влаи. Имаше околу 1 баталјон војска. Се боревме сиот тој ден - 16 јули. Местото беше карпесто, не можеа сосем да не опколисаат. Не загина никој. Во ноќната темнина се извлековме, и ја оправивме накај Бугарија. Останавме со 50-60-100 патрони на една пушка. Кај Предел, на синорот меѓу Разлошко и Џумајско, Турците ни беа поставиле пусија. Дојде до престрелка, но жртви немавме. Утредента, откако се закачивме по падините на Рила, имавме уште две судрувања со турски пусии, но можевме да ги заобиколиме. Кај последната пусија одзедовме шинели, фесови и бел леб. Избегаа, бидејќи им удривме од тил. Границата ја префрливме со тие трофеи, со турски шинели в фесови.

Се вративме на 22 јули. Границата ја поминавме на Ајгидик, и пак излеговме на Илиина река. Не пречека отец Пајсиј од Рилскиот манастир, а пак тој беше и на нашето испраќање. При заминувањето, јас си бев дал оставка како и другите другари, во плико, а пак посебно си бев зел и едно месечно отсуство. Дали владата знаела за таа работа не ми беше познато, меѓутоа, се досетувавме, бидејќи на Хајдушки кладенец најдовме сандаци со владина муниција. Четата беше вооружена со мартинки.

Во Софија останав во месец август. Китанчев си мислел дека акцијата ќе има посериозен карактер, дека ќе трае подолго. Пак и владата ја прекина својата поддршка, па и тој беше донекаде очаен. Туку сепак тој не прими одушевено, затоа што сепак бевме извршиле релативно најдобра работа.

Владата веќе не нe гледаше со добро око; и беше неудобно да не прими пак во служба. Мене ме обзеде мечта да се запишам во Петербургската академија на генералниот штаб. Со помош од Комитетот, што ми даде 200 франка отидов во Петербург во септември 1895 година и постапив во академијата како вонреден слушател. Таму брат ми Петко учеше инжинерија. Таму се задржав 4 месеци. Еден ден дојде воениот министер Вановски, да направи ревизија, и се виде дека сум бил примен во академијата врз посебни основи (Обручев, началникот на главниот штаб на армијата, ме беше примил по препорака на дедо Климент), така што не можам да продолжам, затоа морало да примам руско државјанство и да бидам вклучен во некој руски полк. Јас не примив руско државјанство. Во Петербург ја носев својата униформа од 1 -ви Софиски полк. Таму на двапаати ги собрав студентите Бугари, за да ги запознаам со нашие работи, Одржав подробен реферат. Претседател беше Белинов.

Другарите ми напишаа дека по смртта на Китанчев работите во Комитетот не врвеле, па да се вратам во Софија, за да видам што да се прави понатаму токму тоа ми дојде навреме. Си го зедов куферчето в раце и преку Берлин стасав во Виена. Тука беше брат ми, учеше за доктор.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина