Спомени - Даме Груев

I

Куси биографски податоци. - Настанувањето кај Груев на идеја за дејствување за Македонија. - Неговото апсење по убиството на министерот Белчев. - Во Битола Груев преземи револуционерна агитација. - Каков социјалист бил Груев. – Груев ја основа во Солун Револуционерната организација.

18 јануари 1905 г.

Роден сум во 1871 год. во с. Смилево (Битолско). Татко ми се викаше Јован, а дедо ми - Грујо. Татко ми беше ѕидар. Најпрвин учев во селото, во кое имаше основно бугарско училиште. Учител ми беше Атанас Башев од Ресен. Потем учев од I до IV клас во Битола, а V и VI клас во Солун, од каде заминав за Белград, и таму продолжив со образованието, останувајќи таму една година и неколку месеци. Од Белград дојдов во Софија, и се запишав како студент по историја на високата школа. Тоа беше во 1889 година. Во четвртото полугодие ја напуштив Високата школа, поради познатата училишна афера со Рачо Косев, и заминав во Македонија - во Битола, каде по малу време добив назначување на егзархиски учител во своето родно село Смилево. По едногодишно учителствување тука, бев преместен за учител во Прилеп, во кој предавав во четвртото одделение на основното училиште, и во трикласното училиште. Следната година отидов во Солун, и станав коректор во печатницата на Самарџиев. И тоа траеше една година, по кое пак станав учител во Штип. И тука престојував само една година, и ме назначија за училишен инспектор во Солун. Таа служба ја вршев две години, а потем една година поминав во Солун без работа, по кое една цела година и половина бев интерниран во Битола. Одново станав учител во Битола, а по една година попаднав во турски затвор, во кој лежев првин во битолскиот затвор две години, и потем во Подрум-кале десет месеци. Од затвор излегов во март 1903 год.. Преку Солун си дојдов во Смилево, каде ме затече и Илинденското востание.

По убиството на министерот Белчев во Софија во мене се породи за првпат идејата да работам за македонското дело. Едно 3-4 месеци пред тоа студентите Македонци во Вишата школа се нафативме да се организираме во име на идејата за самообразование и заемно влијаење. Целта ни беше: по завршувањето на учењето да си се прибереме сите внатре во Македонија, во која имаше голема потреба од сили на интелигенцијата. Сред тој наш тесен, интимен круг веќе се беше родила идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија. Бидејќи српската пропаганда веќе беше почнала да дејствува во Македонија,и ние поради тоа се наштрекнавме и дојдовме на мислата дека треба да се побрза да се постави на дневен ред идејата за ослободување на Македонија, пред да успее српската пропаганда да се зајакне и да го расцепи народот. Ние самите го испитавме врз себеси дејството на таа пропаганда. Во Скопје и во Солун истовремено имаше агитатори. Ни ветија стипендија и ни ја дадоа. И тогаш јас со уште неколку Македончиња отидовме во Белград. Тука можевме да ги согледаме српските намери од тоа што мошне се трудеа да ни влејат српска идеја, и да ни го натурат српскиот јазик, што уште повеќен не разгневуваше.

Во Софија повеќе меѓусебно се запознававме. Кога се токмевме да формираме „друштво“ (во тек беше изработка на правилник - статут). Се предвидуваше целите на друштвото да бидат научни, а всушност се подготвувавме да се собереме за идна револуционерна дејност. Токму тогаш дојде до убиството на Белчев. Последуваа апсења, - ме уапсија мене и Никола Наумов поради нашето учество во социјалистичка група; а пак тоа се состоеше главно во тоа што одржувавме вечерно училиште. Не задржаа 15 дена затворени во 5-от полициски участок. Ни правеа истрага и не пуштија. Друштвото ни се растури поради тоа што јас и Наумов, за да го избегнеме служењето војска, неколку дена по нашето ослободување од затвор си заминавме во Македонија. И двајцата бевме исклучени од Високата школа, додека бевме затворени. Јас си заминав во Битола. Тогаш не постоеше ниту збор за некаква организација.

Во текот на летото во Битола се обидов да здружам неколку момчиња, со чисто револуционерна цел, сиреч идејата што ја имав во Софија, почнав да ја остварувам. Тоа отпрвин беше меѓу 5-6 мина: Лука Џеров (од Битола, беше завршил V или VI клас во солунската гимназија), Неделко Дамјанов (од Битола, учител), Дуртанчев (учител, род. Од Битола), Никола Кочов (учител од Битола) и др.

Во Софија главните членови на „Дружбата“ ни беа Хр. Поп Коцев, Д, Мирчев, Никола Дејков (секретар кај мировен судија, родум од Прилеп, сега адвокат во Луковит), Поп Арсов. Сметавме да дејствуваме главно во насоката да се бара применување на Берлинскиот договор. Мислевме да создадеме организација, по образец на Револуционерната организација во Бугарија пред ослободувањето, да дејствуваме по примерот на Ботев, Левски, Бенковски и сл.. Добро ја бевме проучиле таа организација. На пример, записите на Захариј Стојанов ни повлијаеја, па и воопшто дотогашната бугарска револуционерна публистика. Бевме се запознале и со историјата на српските движења.

Уште во текот на летото во Битолаја формиравме Дружба, а и пристапивме кон изработка на устав, но тогашниот архимандрит, сегашниот владика Козма беше научил за тоа, и успеа да разочара некои од другарите, па така се оневозможи натамошното јакнење на Дружбата.

Меѓу целите, што си ги поставуваше таа група, освен револуционерната идеја, што требаше да се всадува и шири под скришна форма, да се зајакнуваат можностите за популаризирање на идејата, и дазакрепнуваат и врските меѓу интелигенцијата, се токмевме да создадеме една околиска заемна библиотека за сите што го сакаат тоа. Туку не бидна ништо, и јас си се прибрав дома в село. Во Смилево одржував вечерно училиште за возрасни, тука тоа беше нешто сосем ново. Имаше посетители. Развивав чисто просветна дејност. Потем во Прилеп поминав пак на чисто учителска работа. Таму немаше почва за друго. Учителите беа со конзервативни идеи. Дури не можеше ништо ни да се стори со нив за идејата. Дури и повеќе, учителите се држеа настрана од мене, оти се беше прочуло дека сум бил исклучен од Високата школа во Софија, и дека сум бил заразен од социјалистички идеи. Заправо социјализмот го должам на социјалистичките средини во Софија. А пак никогаш не бев го проучувал сериозно социјализмот, ниту пак сум му бил некогаш предан со некаков фанатизам на тоа учење. Во Македонија ме задеваа како социјалист, и јас, предизвикан го бранев тоа учење, но не сум бил активен социјалист и не сум ни мислел дека за него има почва во Македонија.

Во Солун ја поминав следната година, на работа во печатницата на Самарџиев. Тука се сретнав со свои стари другари: Поп Арсов, Андон Димитров (род. од солунското с. Ајватово, сега член на битолскиот суд); д-р Христо Татарчев, Хаджи Николов (од Кукуш), Христо Батанџиев (од Гуменџе, секретар на солунската општина?). Со нив ја обновивме старата идеја. Се згрупиравме, и сложно изработивме статут-правилник. Во неговата основа ги поставивме истите начела: барање да се примени Берлинскиот договор. Така тој статут беше оформен според образецот на статутот на Револуционерната организација во Бугарија пред нејзиното ослободување. Девизата беше: примена на решенијата од Берлинскиот договор. Основавме тајна организација со „Централен комитет“, со разграноци, со членски вноски. Се предвидуваше полагање заклетва и сл.. Во правилникот не се предвидуваше ништо за српската пропаганда, но имавме на ум, кога ќе се освести народот, да се оневозможат нејзините последици. Тоа беше во текот на 1893-1894 учебна година.

Првата година посветивме во новата организација 2-3 ученици, штоја завршија гимназијата во Солун: Александар Панов, што стана учител во Прилеп, после студираше во Париз и се врати во Солун, каде почина од болест, и други двајца. И така годината заврши со тоа.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина