Спомени - Даме Груев

III

Гоце Делчев и Дели Иванов во Штип. - Просветна агитација. - Груев во Софија и во Солун. - Неговата средба со егзархот. - Интернирањето на Груев во Битола и неговата активност како раководител на битолскиот револуц. округ. - Првата чета. - Неговото апсење во Битола - По две години затвор Груев оди на заточение во Подрум.

Тогаш во Штип дојдоа Гоце Делчев и Дели Иванов. Во делото веќе имавме посветено неколкумина од еснафите. По Божиќ се посветија во делото и други луѓе. Делчев веднаш ми остави силен впечаток со својата отвореност и чесност. При првите обиди да приклучува нови луѓе, тој беше дури и претерано отворен, па мораше да го контролираме, за да не ја искаже нашата слабост, слабоста на Организацијата. Тој постојано се стремеше да ја каже сета вистина, бидејќи сметаше оти секој треба да ја прифати идејата исто онака како што и тој ја прифатил. Беше многу пргав. Тој го прифати планот и се друго онака како што ги имаше затечено. Во Солун беа останале споменатите лица, што го претставуваа Централниот комитет. Поп Арсов можеби беше секретар, д-р Хр.Татарчев - претседател. Ретко се допишувавме. Во текот на велигденскиот распуст, Делчев и Дели Иванов заминаа за Кукуш, со задача да наминат во Солун, каде ги препорачав, за да проверат каква е активноста на другите. Се вратија сосем разочарани, таму работата беше подзаспана. На враќање Делчев се одбива патем во Гевгелија и во Дојран, каде го постава , почетокот на Организацијата. Се врати во Штип. Со тоа помина таа година.

Во Штип организиравме собранија на посветените во делото, што беа означувани со бројки и никакви имиња не се запишуваа. Бевме почнале со лажна бројка,- најмалу од №80, за да мисли секој дека задоцнел. Беа поделени на групи; ги собираа десетари, така што тие да не се знаат едни со други. На овие собранија се правеа разговори, охрабрувања, се даваа брошури и весници за читање, се упатуваа како да ги извршуваат своите должности. Отворивме празнично училиште, во кое се оддржуваа предавања со чисто револуционерна тенденција, како на пр.: „обединувањето на Италија“, „американското востание“, биографии на револуционери како Гарибалди, Мацини и слично, „обединувањето на двете Бугарии“, и др. Имаше голем прилив на слушатели. Следната година поставувавме на штипската сцена театарски претстави: „Иванко“, и слични револуционерни пиеси. Во сето тоа земавме учество јас, Делчев, Дели Иванов, Ѓурков (учител); држевме предавања. Отворивме огранок и во Радовиш (таму беше учителот Станков, сега во администрац. на в. „Вечерна пошта“) и во Виница (таму беше учител Алексо Чакаров, што сега го издава в. „Автономија“.

Во време на распустот заминав за Софија, да испитам како се води работата со четите, што беа почнале да преминуваат преку границата, - се подготвуваше востанието во 1895 година. Дотогаш ние внатре немавме никакви врски со надворешната организација во Кнежевството.

Се најдов со Туфекчиев, Љапчев и со Китанчев. Јас им раскажав за нашата организација внатре, што имаме и што сме сториле. Китанчев беше веќе болен, па не можевме да прикажуваме за востанието. Ова последново многу ни пречеше на планот. Веднаш разбрав со какви средства започнале, па не очекував никакви особени резултати. Преку Пловдив -Едрене - Дедеагач заминав за Солун. Зборував и со Китанчев, како да си помагаме во иднина. Нашите барања тогаш главно беа ограничени на тоа да ни се дава морална помош, и да ни го олеснат набавувањето со револуционерна публицистика.

За нас претставуваше утешен факт тоа што и емиграцијата во Кнежевството беше почнала да работи во истиот дух, во кој работевме и ние, и дека се пристапува кон дело.

Идната година останав во Солун, како инспектор на народните селски училишта, со цел да останам во Солун, за да живне работата на Централниот комитет. Се зафатив и се зазедов за тоа и организиравме комитети во сите градови. Во текот на секој распуст, божиќен, велигденски, обиколував низ градовите, и во нив посветував луѓе во делото. Тогаш Централниот комитет почна да функционира поредовно, тогаш тој се здоби со суштинско значење на „централен“. Додека бев во Штип водев преписка направо со Битола. Се служевме со хемиско мастило, со псевдоними. Комитетот веќе почна редовно да дејствува како централен. Мрежата на месните комитети се зголемуваше. Почнавме и да повикуваме доверливи лица и од некои подалечни места, за да ги посветиме во делото. Тогаш почнавмеда издаваме и хектографиран весник, што се испраќаше по сите околии. Имаше веќе и „канали“. Тоа беше во текот на 1895/96 год.; во 1896/7. Пак станав инспектор. Продолжувавме со активноста. Ѓорче Петров беше учител во Солун. Него го испративме во Софија, за претставник, всушност со значење на агент, што да ни олеснува со порачки и др.

Следната уч. година 1897/8 останав без служба. По пријава од општинскиот претседател Егзархијата ме повика на сослушување, божем поради безбожност. Јасно му реков на егзархот дека нема зошто да страхува за мојата безбожност, туку поскоро за Организацијата, за која му раскажав сe. Егзархот се држеше наклонето, не ме советуваше да се откажеме, но тогаш искажа само страхување, со избрзани акции да не предизвикаме австриска окупација на Македонија. Ние непријателски се однесуваме спрема српската пропаганда; егзархот бездруго бил убеден дека нашата активност не е без полза, бидејќи воопшто не најде ништо друго да ми забележи, освен споменатиот страв од австриската окупација. Се разделивме со добро со арно. Почетокот на „Братството“ во Солун се совпаѓа со последниот период на мојот престој со служба во Солун и со моето отпуштање. Од Солун по една година ме интернираа во Битола.

19 јануари


Поминав интерниран во Битола околу година и половина. Со помош од ѓаконот Тома (родум од Кичевско, свештеник во Битола), од Ѓорги Пашков, Аце Дорев и некои од учителите - поставивме посолидна основа на Организацијата. Имаше веќе основано месен комитет, но и тука беа подзаспале. Ги активиравме и комитетите од околиите. Се организираа и по селата. Следната година (1900) бев назначен за учител во гимназијата во Битола. Дојдоа уште двајца другари - Пасков и Герџиков. Истата зима дојде и Славејко Арсов. Герџиков и Пасков се грижеа за издавањето на хектографираниот весник. Помагаа и за неделното училиште. Се вршеше купување на материјали. Обиколував низ околијата, одев во Прилеп, Охрид, Лерин. Одев дури и додека бев интерниран. Обиколките ги вршев за нашата администрација. Јас бев сметан за раководител на битолскиот округ. Во Солун како претседател се сметаше д-р Хр. Татарчев со Пере Тошев и Хр. Матов. Последниов, кога беше во Скопје, иако беше сметан за член на Организацијата, под влијание на митрополијата повеќе покажуваше наклонетост да ја насочува активноста на Организацијата против српската пропаганда, со која беше повеќе во допир. Откако дојде во Солун, Матов порешително ги прифати чисто револуционерните цели.

Бевме веќе оформиле една чета, првата чета во Костурско. Делчев преку сето време беше одовде Вардар.

Заврши учебната година, и на 6 август 1900 бев уапсен. Повод беше убиството на поп Ставрета. Човекот што отиде да му побара пари од поп Ставре, беше доведен како комита, и беше сместен да живее кај братучед ми. Јас, како и сите затворници, бев во државниот затвор. Останав затворен две години, по кое во мај 1902 бев заточен во Подрум. Во битолскиот затвор имав право на свиждање со посетители, и бев во тек со сe што се правеше. Имав можност и да се допишувам - со шифри. Се наоѓав во голема одаја, заедно со 40-50 мина секакви затворници. Јас и од затворот раководев со битолскиот санџак. Делчев дојде привремено во Битола. Оттогаш беше задолжен и Лозанчев да зема учество во раководењето. Лозанчев беше фотограф. Пред да дојдам во Битола од Солун, Лозанчев веќе учествуваше во работата на Комитетот. Тој трошка се беше повлекол, бидејќи активноста не врвела сосем добро, па го обзело малодушност. Сега, кога бев во затворот, тој одново се зафати со раководењето со работиве. Тоа беше, како што ми се чини, втората година. Делчев замина за Костурско. Во затворот беше и Мицко, родум од с. Латово, Кичевско. Тој бил осуден како востаник од 1881г, и дотогаш беше одлежал цели 19 години во затвор. Често се среќававме. Мицко бил србоман. Јас се обидов да повлијаам врз него, и тој, откако го пуштија од затвор, дури и ни вети да стапи во нашите чети, туку не го стори тоа, очигледно под влијание на српскиот конзул или на српските учители.

Во мај месец ме испратија во Подрум. Таму ги затеков доктор Татарчев и Хр. Матов, и заедно не држеа таму. И додека бев во Подрум, знаев како врват работите. Служејќи си со хемиско мастило водев кореспонденција со Солун, Битола, Софија. Писмата за навидум беа пишувани на турски. Протерав добро во затворот, - како во Битила, така и во Подрум.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина