Make your own free website on Tripod.com
Спомени - Ѓорќе Петров

XIII.

Недовербата кон офицерите од новиот В.К. се засилува. — Планот да се испратат во внатрешноста се осуетува. — После апсењето на Ц.К. во Солун се прави нов обид од В.К. да се наложи ма В.О. — Капетан Софрониј Стојанов во Солун. — Настроение против Г`орчета Петров и обид да го убијат. — Б. Сарафов откажува да му го отстапи своето место во В.К. на генерал Цончев. — Отворена борба меѓу нив. И двете партии усилено агитираат една против друга. — Победата наклонува во полза на Цончев.

12 јуни.

Неколку месеци по установувањето на комитетот (4-5 месеци), од кога офицерите се беа осетиле господари на ситуацијата, ги свикаа тука од провинцијата и Софија своите сочуственици офицери, до дваесетина души на чело со Цончев и Јанков, да им реферисаат, се гледа, што извршиле и да си ја определат својата понатамошна тактика. Тие се беа сретнувале на советување без нас, и изгледа, им се беа поплакале од нашата отпорност.

Обидот со Бозуков, моето упорно држање тука со полното разочарување на Делчев од нивната лојалност, изгледа, ги беа затресле, така да тие сакаа, изгледа, да земат нови решенија та некако да можат да подејствуваат за да отстапиме. Вака си го толкував јас, зошто пред да се соберат офицерите, комитетските офицери си беа позволиле да ја лансираат пред нас идејата, дека во Ц.К. требало да влезат двајца офицери и во сите окрузи така исто да влезат офицери.

На едно од нивните собранија бевме повикани да присуствуваме, јас и Делчев. Ова беше истото собрание, во кое што Сарафов ги рече овие зборови, дека секој поручник може да исполнува со достоинство министерска служба. На собранието беа си ја дале улогата божем на арбитар но нашите недоразуми и тоа со цел ние да поотстапиме. Доколку ми доаѓа на памет, со ова собрание, откако се пооплакавме ние од своите другари офицери, тие излегоа со нови сакања — да влезат двајца офицери во Ц.К. и да влезат 14 до 16 души офицери in corpore во внатрешноста и да се распределат по окрузите, да го завземат раководството на организацијата, Спорови долги. Не можевме да примиме, зошто ги гледавме нивните намеренија. Јанков и Гарофалов во разговор си ги открија неосетно картите — раководството на организацијата да прејди наполно во рацете па воените, а на нашите цивилни луѓе да им се остави интендантскиот дел. Подофицерите ќе илезеа како потчинети на офицерите и мрежата ќе беше полна. Ние отворено им кажавме, оти сме ја разбрале тенденцијата и не го примаме ова и ќе се бориме. Тие откажуваа, дека има таква тенденција, но бидејќи Јанков се распламна и ја искажа, тие беа збунети и се нафрлија и на Јанков. Но разговорите со нив јавно се искажа нивното поведение, дека внатрешните наши дејци учители се невредни луѓе па треба да бидат заменети со воени луѓе. Офицерите ја најдуваа веќе излишна понатамошната совесна подготовка на народот; сметаа, дека во овој поглед доста е направено, а нивниот главен надеж бил на оружаните сили, што ќе навлрезат оттука. Истото ова го сакаше и В.К. пред нив. Идејата за заедничко востание, што им ја истакнував јас во општи црти, тие ја примаа, но идејата за сенародно востание нме им беше пријатна, го сметаа населението внатре невредно, неспособно да се бори, како што мислеше и стариот В.К. по ова прашање. Веќе кај нив беше узреало прашањето, дека востанието треба оттука да се подигне, а моето настојување, дека востанието треба да биде краен резултат на долгогодишната револуционерна работа и деломична борба, тие си го толкуваа со нашата желба вечно да работиме, а никогаш да не свршиме. Кај нив патот беше јасен и краток — чисто по генерал Николаевски: собери пари, купи пушки, собери луѓе, навлези внатре и биди доволен, каква и да е помош да ти се даде. Кратко и јасно!

Во идеите по ова прашање не се разбравме; секој си остана на своето. Тие, иако недоволни, се преправаа дека нема да прибегнат до агресивност за применување на своите планови. Ние си останавме пак со увереноста, дека се тие готови на секакви лудости, а тие — дека ние сме непоправиви песимисти, ако тоа им беше во увереност. Нивниот предлог да влезат офицери внатре, ние по принцип не го отфрлавме, не можевме да го сториме тоа. Но им ја истакнавме сета извештаченост и несообразност на нивниот систем. Делчев не го оспоруваше никому правото да оди внатре, но истовремено си го задржуваше правото да се однесува со секого, како што знае тој. „Одете, — велеше тој — кој ве запира?“ Но ова офицерите не сакаа, ами сакаа согласие. И ја не им го отфрлав правото да одат во внатрешноста, Но не се согласував да одат наеднаш во групи, бидејќи тоа може да стане причина на раздор и ќе предизвика отпор кај внатрешните дејци. Се согласував да одат незабележено еден по еден, да бидат таму на расположение на Ц.К., за да можат да се слеат помеѓу местните работници, да се вдушат и по ерархиски ред да го завземат оноа положение во организацијата, што го заслужуваат со својата дејност. Остана statuquo-ante и да продолжиме, а офицерите секретно да зборуваат за иднината. Тие однапред определиле лица, кои отказаа штом им казав под кои условија ќе ги примам.

Славчо Ковачев сакаше да оди, ги готвеа Камбуров, Саракинов и др. Дури и оние што заминаа со моите условија, јас го запазив правото да се произнесам за личностите, бидејќи не сите ми се гледаа годни. Бидејќи работите внатре беа доста напреднале, сериозно се плашев неуравновесени луѓе да не влезат внатре, за да не би при една афера во некоја околија востание. Еден од мотивите за да упорствувам против одењето на офицерите in corpora беше, што со ова веќе се предрешаваше оттука прашањето за востанието без сметка за припременоста внатре. Односно офицерите, што сакаа да влезат во Ц.К., го префрливме прашањето на другарите во Солун, тие да се произнесат. Тие се произнесоа по прашањето. Испратија од нив, ми се чини, специјален пратеник, офицер да агитира пред Ц.К., зошто моето упорство ми го оддаваа на моето доктринерство, а на Делчев — на славољубивост, велејќи јавно оти Делчев сака да станува главнокомандувашт во востанието. Повек`е негодуваа на Делчев, имено зошто вака го подозираа. Тука недоволството против него доведе и до обидување да го смират Делчев со бој во комитетот, што стана попосле.

Прашањето за навлегувањето на офицерите умре само по себе, зошто нивните каидидати не ги примија нашите услови. А да навлезат без наша согласност уште не се решаваа. За офицерите во Ц.К. после долги споразуми, за да не доаѓа работата до раздор, другарите во Солун и покрај нашето искуство оттука се согласија да примат еден офицер со советодавен глас, запазувајќи ни го правото нам со Делчева тука да го избереме офицерот. По взаемна согласност тука со офицерите од комитетот се сопревме на капетан Димитар Венедиков, како поумерен меѓу нив и посвесен. Инструкциите, што му ги дадоа тие, изгледа, не беа го задоволиле, та посака и јас да го осветлам за положбата внатре и за улогата, што му се паѓа да ја игра таму. Најпосле и тој откажа да појде, зошто најде, дска се најдува кеѓу два камена, се убеди, дека улогата е нњблагодарна, бесполезна. Неговите другари го обвинуваа за нерешителност. Потоа ова прашање замолкна, зошто неразбирањата меѓу офицерите и нас се беа зголемиле.

Додека Ц.К. во Солун беше уапсен во целиот свој состав, тукашниот комитет реши да го исползува моментот, катастрофата, што ја постигна организацијата, така да одново го покрена прашањето и за офицери во Ц.К. и за мандат на тукашниот В.К. да работи по своја присмотра и покрај мене тука. Делчев тогаш беше во внатрешноста. Ваму беше настапило разочарување; Ц.К. го немаше. Ослободениот член Хаџи Николов ги пуштил уздите, беше решил за да се направи востание по секоја цена. Пишал окружно до околиите да прават востание, „беше таа веќе“, а тука пратил на В.К. полномошно за да подигне востание и покрај мене. Пратил и бели бланки со печатот на Ц.К. до тукашниот В.К., со тие бланки, исполнети со полномошно, да се пратат офицери по околиите, како што ќе најдат за арно.

Јас бев сам тука; немаше наши верни луѓе тука, а јас се најдував во отворена борба со офицерите од комитетот. Поради катастрофата во Солун, тие зедоа сила, но во истото време моето упорство ги беше затресло, за да не би им се тука разнишала положбата како комитет во Бугарија. Разбрканата положба во внатрешноста не им даваше кураж за да се фрлат во авантура. Јас им бев секако потребен.

После катастрофата во Солун оттука го испратиле капетан Софрониј Стојанов да влезе како член во Ц.К. Овој од Солун им известил, дека таму е мачно да се стои и дека во внатрешноста положбата е разбркана. А нивното решение, да изведат востание, се крепеше на готовата почва — да се качат на коњ и да тргнат. Полномошната им дојдоа, но никој од офицерите не се решаваше да појде во Солун во Ц.К. да навлезат со чети, да дигнат востание, изгледа, исто така не можеа да се решат. Пред ова неизвесност на положбата тука и внатре ги собраа сите свои блиски пријатели оттука и провинцијата, офицери околу 30-40 души, за да определат, што да прават. Како најлесно брзо зеле решение, дека мене треба да ме мавнат од Бугарија или да ме убијат. Четворица со ред си ги предложиле услугите да појдат за да ме убијат, додека неуспеат. Славчо Ковачев бил прв. За да можат да си ја осигураат положбата тука јас пречев, бидејќи ја претставував моралната сила на Ц.К. Нивното решение ми дојде до уши. Добив непосредни претњи за убиство, ако не си појдам во внатрешноста. Имаше следење а еден ден Славчо Ковачев дојде свечено дома да ме убива затоа што тие полномошна, што ги беше издејствувал од X. Николов Софрониј Стојанов, беа задоцниле, а тие помислиле, дека јас сум ги запрел. Јас отворено му реков, дека знам, зошто дошол; му кажав дека не сум добил такви полномошна. Се заврти на разговор и после појдовме на гостилница и пиевме бира. Борис го беше боцкал за да ме заплаши, но не` сакал до крајност да појдат да ме убијат. Положбата им беше — ни со мене, ни без мене. Не беа самоуверени во својот ум. Ова се вршеше во есента и зимата втората година. Овај кураж го зедоа после првиот конгрес. На конгресот јас ги подржував и Делчев исто; се` си мислевме, дека ќе се поправат работите, сметавме на себе, а не сакавме да излезе во јавност раздорот, за да не клапне делото.

Во оние собранија од 30-40 души (без Цончев и без потполковникот Николов, но во споразум со овие) беа решавале тогшните офицери од комитстот да се откажат од комитетот и сите со чети да навлезат во внатрешноста да ја превземат организацијата, а Цончевите другари да го земат комитетот во свои раце.

Јас, силно притиснат и заплашуван тука, останав без пари (тие беа забраниле да ми се даваат), останав сам тука, отидов во Трноно при Тодора Крбларов на одмор. Ова Борис пред Вас го нарекол интернирање. Навистина беше ми се досадило тука секоја вечер да ме чуваат мои верни момчиња — мојата куќа и да слушам обвинувања и од општеството, дека јас сум бил причина за раздорите итн. итн.

И при сето тоа што го решиле тука офицерите, цели месеци поминаа и ништо не превзедоа, се плашеа од внатрешните дејци и од Делчев, кој што беше во внатрешноста. Малку време требаше да останат сами на себе, за да ги изгубат конците на своите умишта. Започнаа раздорите меѓу нив.

Своето решение за Цончев офицерите му го соопштиле со официелно писмо, — го поканиле Цончев да си даде оставка и да влезе во комитетот. Положбата им беше безизлезна: нашата поткрепа беше ја изгубиле, а многу се ангажирале со делото, така им требаше Цончев со својот авторитет тука да ја закрепи положбата, а тие да влезат внатре. Уште истиот ден, кога му го испратиле писмото на Цончев, Симеон Радев и други пријатели на Бориса нагрнуваат на Бориса и го убедуваат местото во комитетот да не си го отстапува на Цончев. Или во името на лично пријателство, или во името на взаемни итереси, кој к`е ги знае, добро го надзборувале, ветувајќи му, изгледа, подршка тука, за да може да помине и без нас Борис, кој ШТо се колебал, изгледа, се разкајал. Тогаш од В.К. му пишуваат второ писмо на Цинчев и го молат сега за сега да ја одложи својата оставка. Си личеше по тоа време, дека има веќе разлика во офицерите. Едни на Борис пријатели, и други на Цончев. Посериозните не беа доволни од лудориите на Бориса, особено на Славчета Ковачев. Овие, имено посериозните, во името на тајниот мандат, со кој што Борис и С-ие влегоа во комитетот, недоволни сега, имале морално право да го поканат Бориса да му отстапи на Цончев. Борис, задолжен за се` на овие луѓе, се сметал задолжен да отстапи, сигурно после долга борба. Во решителниот момент на колебливост Симеон Радев и др. му даваат кураж, ја поткрепуваат неговата самољубивост („Ти ни го соживе комитетот, ти си направил се`, ти си популарен сега во цел свет; зошто сега ти да му отстапиш на еден Цончев?“ итн.). И така вопреки навалувањето на Николов, Јанков, Протугеров, Стоенчев и др. Борис се попишмани и остана.

Штом Сарафовци му го пратија првото писмо на Цончев, потполковникот Николов истрча во Видин да го наговорува Цончев да дојде и да го превземи делото. Цончев побрзува и си ја дава оставката и доаѓа во Софија. Борис, како што се рече, беше расколебан, но офицерите не очајавале, верувајќи, дека Борис нема да оди до крајност и дека к`е отстапи, штом век`е Цончев се јавува во Софија. Треба да се спомене, дека заедно со првото писмо, Борис распратил окружно до друштвата, во кое што соопштил, дека к`е си даде оставка и дека Цончев ќе го превземе делото, поради кое што сакал да се свика извонреден конгрес. Во време на овие борби меѓу цончевисти и сарафисти, Делчев уште не беше се вратил од Македонија, а јас бев тука, бидејќи во Трново останав само околу пет недели.

Еден ден Борис ги свикува сите свои и цончеви пријатели, до 40 души, меѓу кои што и Цончев, и им изјавува, дека тој со своите другари останува и занапред во комитетот. Им изјавува, дека кој сака да го подржува, а кој нема, тој ќе знае да се расправи со такви, и ги поканува уште во моментот да ја напуштат стајата, ако има такви. Се зафаќа остра борба; речиси сите, засегнати, стануваат и го напуштаат собранието и се објавуваат непријатели на Сарафов. Борис останува сам со Ковачев и Давидов. Офицерите беа возмутени дека генералот е изигран од Сарафов, дека е засегната неговата чест итн. Од овој час се определуваат веќе јасно двете партии, на Сарафов и на Цончев. Последнава се зафати преку агитација, односно преку дружествата да го обори Сарафова. Цончев си поставува задача преку свои делегати да свика конгрес и да го обори Бориса. Овој пак истото го превзема против Цончев, — да си донеси делегати на конгресот.

Веднаш после нивното скарување на собранието, обете страни пред мене се критикуваа безобзирно. Борис јавно го обвинуваше Цончева, дека овој сака да ја превземе организацијата, дека има врски со дворецот и дека дури после ова собрание направо отишол во дворецот да рефериса за резултатот. Јас погледнав на ова расцепување со вистинско недоволство, зошто сите дивотии на борисовци јас ги сметав за детињарија, не се засегав лично, бев сигурен, дека Внатрешната организација е доста јака за да му се одупре на нивното навлегување. Ги сметав нашите взаемни односи просто застрашени од внатрешната бура, дека оваа бура ќе помине и дека Борис пак ќе го посака нашето содејствие во името на делото. Во ова верував длабоко. На разделување со Бориса јавно му реков, оти се надевам дека лудориите ќе поминат и пак ќе се ставиме заедно.

При ова настроение со вистинско недоволство го дочекав раздорот, бидејќи, воглавно мојата желба, — да се спроведе револуционерната идеја во бугарското општество тука, беше веќе почнала да триумфира а се плашев, дека ако овие луѓе, што ја спроведуваа оваа идеја, а тие беа се` истите офицери, што се караа, се компромитираат со меѓусебни караници, оти к`е настрада и идејата, затоа бев готов на сите жртви од своја страна само и само да одат работите во нивни раце. Јас бев овде гостин дојден да ги исползувам за делото тукашните услови и за себе не се грижев. Знаев, дека штом јас овде ќе станам излишен, штом се осетам таков јас к`е најдам отворени гради во Македонија, каде што секогаш сум бил со духот во својот дом. Тука јас никогаш не се осеќав така домашен така што потполно да се слеам со тукашниот живот.

Кога се обидуваа едните и другите да се зближат со нас со цел да ја надвијат спротивната страна, јас им советував да се зближат меѓусебно, Цончев и Борис да останат во комитетот, ветувајќи дека к`е ги подржувам, стига тие да се откажат од манијата да ја завојуват Внатрешната организација и да го форсираат востанието. Но изгледаше, дека тие со сетиот жар на засегната офицерска честољубивост беа веќе непомирливи врагови и дека не може да стане зближење меѓу нив.

Општото настроение на комитетските кругови и донекаде во провинцијата, кое што ќе се пројавеше во претстоеќиот конгрес, изгледаше дека клони во полза на Цончев, во него поблагоразумните елементи гледаа поголема гаранција против лудориите на Бориса и Славчета.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина